Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер во функција на ажурирање и проширување на листата, деновиве испрати циркуларно писмо на адреса на вкупно 1009 досега евидентирани иматели на информации од јавен карактер. Согласно законските надлежности и одговорности, Комисијата побара да биде известена од споменатите институции за евентуалните промени кои би се однесувале на нивниот назив, адреси, службеното(ите)  лице(а), телефоните за контакт, е-mail адресата и друго.
Со оваа акција на Комисијата опфатени се 92 инстутуции од сферата на судската власт, 70 општини на територијата на целата држава, 95 здравствени установи, 153 државни институции, 173 јавни претпријатија и установи и 426 образовни институции во Република Македонија.
Притоа, Комисијата посебно ги предупреди оние иматели на информации кои се дел од споменатиот список, а  се уште немаат наименувано службени лица и немаат контактирано со Стручната служба на Комисијата заради исполнување на останатите законски обврски, за чие непочитување се предвидени казнените одредби од ЗСПИЈК (член 39-45).
Со цел понатамошно јакнење  на слободниот пристап до информации, надлежната Комисија воедно до 1009-те  иматели на информации од јавен карактер достави вкупно 4036  прирачници: Водич за службеници и Водич за баратели. Публикациите се подготвени од експерти на ПРО МЕДИА а со финасиска поддршка на Набљудувачката мисија на ОБСЕ во Скопје, поради што Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер уште еднаш јавно им се заблагодарува.

Наслов Комисија за СПИЈК-Годишниот извештај за 2006 година доставен до Собранието 
Датум 29.03.2007

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер го подготви Годишниот извештај за 2006 година и согласнo законската обврска го достави до Собранието на Република Македонија.
Во овој документ, меѓу другото, низ конкретни бројки, табели, проценти и слично е даден пресек на активностите на Комисијата во врска со одлучувањето по поднесените жалби, барања за пристап до информации и други решени предмети. Извештајот, исто така, содржи и делови кои се однесуваат на позицијата на Законот за СПИЈК, како и за постапувањето на имателите на информации по барањата за пристап до информации од јавен карактер.
Во Извештајот е прикажан и односот меѓу Законот за СПИЈК и законите за класифицирани информации и за заштита на личните податоци и Законот за општа управна постапка.
Согласно член 37 став 4 од ЗСПИЈК, Извештајот по разгледувањето и прифаќањето од страна на Собранието на Република Македонија се објавува во средствата за јавно информирање ( билтен, интернет страница).