ДОНЕСЕНИ 1 РЕШЕНИЕ И 1 ЗАКЛУЧОК

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер на 52-та седница одржана на 23 јули 2013 година, донесе 1 решение и 1 заклучок.
 
* * * * *
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата изјавена од И.А. од Гостивар, поднесена против Македонски Телеком АД Скопје, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008 и 6/2010), а во врска со член 247 од Законот за општата управна постапка, на седницата одржана на 23 јули 2013 година, го донесе следното
 
Р Е Ш Е Н И Е
 
Жалбата изјавена од И.А. од Гостивар, поднесена против Македонски Телеком АД – Скопје, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер СЕ ОТФРЛА како недопуштена. 
 
О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е
 
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи согласно член 28 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, (“Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008 и 6/2010), ја разгледа Жалбата заведена во Комисијата под бр.07-382 од 30.05.2013 година, изјавена од И.А. од Гостивар, поднесена против Македонски Телеком АД – Скопје и другите списи во врска со предметот и  ЈА ОТФРЛИ како недопуштена.
Комисијата ја разгледа Жалбата, Барањето и другите списи во врска со предметот и го констатира следното: 
И.А. од Гостивар, како што се наведува во Жалбата, на 08.05.2013 година поднел Барање за пристап до информации од јавен карактер (не наведува до кого) бр. 07-1375/1 со кое побарал по пошта да му биде доставен препис од следната информација:
„Изјава на Председателот на Владата на РМ во однос на незаконското зголемување на цените на услугите на Македонски Телеком“.                       ”
Барателот добил Одговор заведен под бр.07-1375/2 од 20.05.2013 година, но во Жалбата не наведува од кого е наведениот одговор.
Незадоволен од добиениот одговор, И.А.  поднесол Жалба до Комисијата, заведена под бр.07-382 од 30.05.2013 година. 
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер ја препрати Жалбата до Македонски Телеком АД – Скопје со допис бр.07-382 од 03.06.2013 година, со која побара од Македонски Телеком АД – Скопје во рок од 3 дена да се произнесе по истата и да ги достави сите списи во врска со предметот.  
Македонски Телеком АД – Скопје на барањето на Комисијата одговори со Произнесување по однос на жалба бр.03-188409/2 од 26.06.2013 година, заведено во Комисијата под бр. 07-382 на 08.07.2013 година. Во Произнесувањето е наведено дека „ Од содржината на жалбата не може да се утврди што всушност бара жалителот, ниту пак е јасно до кого го упатува своето барање. Ве известувам дека посоченото Барање за пристап до информации од јавен карактер бр.07-1375/1 од 08.05.2013 година не е поднесено до Македонски Телеком АД – Скопје, ниту одговорот бр.07-1375/2 од 20.05.2013 година, на кој се повикува жалителот не е изготвен од страна на Македонски Телеком АД – Скопје“.
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер ја разгледа Жалбата и другите списи по предметот и го утврди следното:
И.А. не доставил доказ дека воопшто има доставено Барање за слободен пристап до информации од јавен карактер до Македонски Телеком АД – Скопје. Барателот на информации до Комисијата не доставил фотокопија од поштенска доставница, од која би било видно дека поштенската пратка е уредно примена и потпишана од страна на имателот на информации.
Врз основа на горенаведеното, Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер одлучи како во диспозитивот на ова Решение. 
Ова Решение е конечно во управната постапка и против него нема место за жалба.
       
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против ова Решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.
 
* * * * * 
 
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, постапувајќи по Жалбата изјавена од Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените на Република Македонија – ЕСЕ Скопје, застапувано од Г.А., Практикант на Програма “Човекови права во здравствена заштита“ во Здружението, поднесена против Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство – Скопје, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008 и 6/2010), а во врска со член 223 од Законот за општата управна постапка, на седницата одржана на 23 јули 2013 година, го донесе следниот
 
З  А  К  Л  У  Ч  О  К
 
СЕ ЗАПИРА постапката по Жалбата изјавена од Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените на Република Македонија – ЕСЕ Скопје, застапувано од Г.А., Практикант на Програма “Човекови права во здравствена заштита“ во Здружението, поднесена против Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство – Скопје по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер:  
 „Дали хирурзите во Македонија се обучени за естетските и функционалните разлики во изведувањето на процедурите мастектомија и хистеректомија (вклучително овариектомија и вагинектомија)  кои се вршат кај транс мажи (транссексуални лица кои преминуваат од женски во машки пол) во склоп на процедурата за промена на полот за разлика од мастектомијата и хистеректомијата кои се изведуваат кај жени со дијагностициран карцином?”, поради тоа што на барателот му е одговорено на Барањето. 
 
О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е
 
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, согласно член 28 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008 и 6/2010), ја разгледа Жалбата заведена во Комисијата под број 07-378 на 28.05.2013 година, изјавена од Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените на Република Македонија – ЕСЕ Скопје, застапувано од Г.А., Практикант на Програма “Човекови права во здравствена заштита“ во Здружението, поднесена против Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство – Скопје, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер и другите списи во врска со предметот и го утврди следното.         
Како што се наведува во Жалбата, Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените на Република Македонија – ЕСЕ Скопје, поднел Барање за пристап до информации од јавен карактер до Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство – Скопје, заведено во Здружението под бр.3.5-07/13-2 од 25.04.2013 година и побарало по пошта да му достават препис од информациите:  
„Дали хирурзите во Македонија се обучени за естетските и функционалните разлики во изведувањето на процедурите мастектомија и хистеректомија (вклучително овариектомија и вагинектомија)  кои се вршат кај транс мажи (транссексуални лица кои преминуваат од женски во машки пол) во склоп на процедурата за промена на полот за разлика од мастектомијата и хистеректомијата кои се изведуваат кај жени со дијагностициран карцином?”
Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство – Скопје, како што се наведува во Жалбата, на ова Барање не одговорила во законски предвидениот рок, по што се смета дека Барањето е одбиено и е поднесена Жалба до Комисијата.    
Комисијата со допис бр.07-378 од 04.06.2013 година ја препрати Жалбата до Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство – Скопје и побара во рок од 3 дена да се произнесе по истата и до Комисијата да ги достави сите списи во врска со предметот. 
Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените на Република Македонија – ЕСЕ на 18.06.2013 година до Комисијата достави Ургенција по поднесена Жалба, заведена под бр. 07-378 на 18.06.2013 година, а во Здружението под бр.3.5-30/13-7 од 18.06.2013 година
Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство – Скопје достави до Комисијата Известување бр.03-1006/2 од 05.07.2013 година а во Комисијата заведено под бр.07-378 на 08.07.2013 година. 
Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените на Република Македонија – ЕСЕ Скопје на 11.07.2013 година до Комисијата достави Известување заведено во Комисијата под бр. 07-378, наведува дека со посредство на Комисијата добило одговор по Барањето .   
Поради наведеното, Комисијата одлучи како во диспозитивот на овој Заклучок. 
Овој Заклучок е конечен во управната постапка и против него нема место за жалба.
 
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против овој Заклучок може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.