ДОНЕСЕНИ 2 РЕШЕНИЈА

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, на 72–та седница одржана на 5 февруари 2014 година, донесе 2 решенија

 

* * * * *

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата  изјавена од Здружението на граѓани-Центар за граѓански комуникации (ЦГК) од Скопје, поднесена преку полномошникот С.Ф., вработена во Здружението, против Одговорот на Општина Илинден – Скопје, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008 и 6/2010), на седницата одржана на 5 февруари 2014 година, го донесе следното

Р Е Ш Е Н И Е

Жалбата изјавена од Здружението на граѓани-Центар за граѓански комуникации (ЦГК) од Скопје, поднесена преку полномошникот С.Ф., вработена во Здружението, против  Одговорот на Општина Илинден – Скопје број 05-68/2 од 10.01.2014година, по предметот Барање за пристап до информации од јавен  СЕ УВАЖУВА и СЕ ЗАДОЛЖУВА Општина Илинден на барателот да му достави по пошта фотокопија од бараната информација:
„Ве молиме да ни ги доставите следните информации од спроведената постапка за јавна набавка бр.05-2139/2013:
-цената која ја плаќате за стручен надзор изразена како процентуална вредност или во денари (со или без ДДВ) и
-вредноста на објектот/предметот на надзор? “ најдоцна до 21.02.2014 година, на начин и во форма наведени во Барањето.

О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, согласно член 28 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, ја разгледа Жалбата заведена во Комисијата под број 07-13 на  22.01.2014 година, изјавена од Здружението на граѓани-Центар за граѓански комуникации (ЦГК) од Скопје, поднесена преку полномошникот С.Ф., вработена во Здружението, против Општина Илинден – Скопје, поднесена против Одговорот на Општина Илинден – Скопје број 05-68/2 од 10.01.2014 година, заведен во Здружението под број 0302-39/1 на 17.01.2014 година, ЈА УВАЖИ и ЈА ЗАДОЛЖИ Општина Илинден на барателот да му ја достави бараната информација најдоцна до21.02.2014 година, на начин и во форма наведени во Барањето.
По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот, Комисијата го констатира следното.
Центар за граѓански комуникации (ЦГК) од Скопје, преку полномошникот С.Ф., вработена во Здружението, на 27.12.2013 година поднел  Барање за пристап до информации од јавен карактер број 0302/3511 до Општина Илинден – Скопје, заведено во Општината на 09.01.2013 година под број 10-68 со кое побарал Општината да му овозможи пристап до бараната информација:
 “Ве молиме да ни ги доставите следните информации од спроведената постапка за јавна набавка бр.05-2139/2013:
-цената која ја плаќате за стручен надзор изразена како процентуална вредност или во денари (со или без ДДВ) и
-вредноста на објектот/предметот на надзор? “ .
Општина Илинден доставила Одговор до барателот заведен под бр.05-68/2 на 10.01.2012 година. Во Одговорот се наведува дека:“…Ве известуваме дека  согласно Листата на информации од јавен карактер донесена од страна  на Советот на Општина Илинден бр.07-1704/13 од 28.09.2010 година бараната информација не се смета како информација од јавен карактер. “
Незадоволен од добиениот одговор, Центар за граѓански комуникации (ЦГК) од Скопје, преку полномошникот С.Ф., вработена во Здружението, поднесе Жалба до Комисијата, заведена под бр.07-13 од 22.01.2014 година.
Комисијата со допис бр.07-13 од 24.01.2014 година ја препрати Жалбата до Општина Илинден и побара во рок од 3 дена Општината да се произнесе по истата и да ги достави сите списи во врска со предметот.
Во врска со ова Барање на Комисијата, Општина Илинден достави Одговор на Жалба бр.05-68/5 од 29.01.2014 година, заведен во Комисијата под бр.07-13 на 30.01.2014 година. Во Одговорот е наведено дека: “…Како што може да се види од Листа на информации од јавен карактер донесена од страна  на Советот на Општина Илинден бр.07-1704/13 од 28.09.2010 година доставена во прилог, како информации од областа на Одделението за финансиски прашања се сметаат отворени повици и тендерската документација за јавни набавки. Во врска со ова Ве известуваме дека јавната набавка со бр.05-2139/2013 се состои од пет дела и од страна на барателот на информацијата во рамките на барањето не е наведено конкретно и не е јасно за кој дел од набавката и за кој објект се бара информацијата.“
По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот Комисијата го утврди следното.
Општина Илинден не постапила согласно одредбите од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Во Одговорот до барателот, Општината како причина за неовозможување на пристапот до бараната информација наведува дека бараните информации не се наоѓаат на Листата на информации од јавен карактер, како и тоа дека во Барањето не е наведено конкретно и не е јасно за кој дел од набавката и за кој објект се бара информацијата.
Во врска со наведеното Комисијата и укажува на Општина Илинден дека, Листата на информации од јавен карактер на Општината не може да биде основ за одбивање на пристапот. Листата на информации со која располагаат имателите  е од променлив карактер и имателите се должни, согласно член 9 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, постојано да ја ажурираат.
Основ за одбивање на пристапот може да бидат само исклучоците наведени во член 6 од наведениот Закон.
Согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, нема апсолутен исклучок од слободниот пристап до информации. Тоа значи дека, доколку имателот на информацијата утврди дека бараната информација потпаѓа под некој исклучок наведен во член 6 од Законот, должен е да постапи согласно став 3 од наведениот член, односно должен е да го спроведе тестот на штетност. Доколку утврди дека, со објавувањето на информацијата последиците врз интересот кој се заштитува се помали од јавниот интерес утврден со закон што би се постигнал со објавувањето на информацијата, ќе одобри пристап до информацијата, во спротивно ќе донесе Решение за одбивање на барањето.
Во конкретниов случај Општина Илинден се повикува на тоа дека информацијата не се наоѓа на Листата на информации од јавен карактер што е сосема погрешно.
Општина Илинден, погрешно го применила Законот и се повикала на тоа дека бараната информација не се наоѓа на Листата на информации од јавен карактер, наместо да донесе Решение за одбивање на пристапот доколку се работи за исклучок наведен во член 6 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Што се однесува до наводите на Општината, дека во барањето не е наведено конкретно и не е јасно за кој дел од набавката и за кој објект се бара информацијата, Комисијата укажува дека службеното лице определено за посредување со информации од јавен карактер согласно член 17 точка 2 е должно на барателот да му даде соодветна помош доколку сметало дека барањето е нејасно и да му укаже на последиците доколку не постапи согласно одредбите од погоре наведениот член.
Комисијата смета дека Барањето е јасно и дека барателот навел конкретно за која јавна набавка се работи  како и тоа дека ја бара цената која ја плаќа Општината и вредноста на објектот од спроведената набавка.
     Согласно  член 14 од Законот за јавни набавки (“Службен весник на РМ“  бр.17/2012-Пречистен текст) Бирото за јавни набавки ги врши следниве работи:“… води единствена евиденција на договорите за јавни набавки и истата ја одржува и ажурира и ја прави достапна до јавноста преку ЕСЈН („Електронски систем за јавни набавки).
     Согласно член 51 од погоре наведениот Закон :“ Договорниот орган обезбедува транспарентност при доделувањето на договорите за јавни набавки, спроведувањето на конкурсите за избор на идејно решение и при склучувањето на рамковни спогодби, со објавување на претходно индикативно известување, оглас за доделување на договор за јавна набавка, известување за склучен договор и/или известување за поништување на постапката за доделување на договор за јавна набавка согласно со овој закон.“
Исто така, согласно член 55 од истиот Закон, :“Договорниот орган задолжително објавува известување за склучен договор на ЕСЈН во рок од 30 дена по:
– спроведувањето на отворената постапка, ограничената постапка, конкурентниот дијалог или постапката со преговарање со и без претходно објавување на оглас, со доделување на договор за јавна набавка или склучување на рамковна спогодба и спроведувањето на конкурс за избор на идејно решение со прогласување на најдобро рангиран учесник и Јавно отворање на понудите.“
    Од погоре наведеното произлегува дека договорите за јавни набавки  се достапни на јавноста во Електронскиот систем на јавни набавки на Бирото за јавни набавки и не е спорно да се даде цената платена за стручен надзор и вредноста на објектот бидејќи се работи за договорен орган кој склучил Договор за јавна набавка со најповолен понудувач.
    Општините се финансираат од Буџетот на Државата и од даноците на граѓаните и граѓаните имаат право да знаат како и зошто се трошат нивните пари.
Од наведените причини одлучено е како во диспозитивот на ова Решение.
Ова Решение е конечно во управната постапка и против него нема место за жалба.
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против ова Решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.

**********

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата изјавена од Македонското здружение на млади правници, поднесена против Заклучокот на Министерството за правда, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008 и 6/2010), а во врска со член 242 од Законот за општата управна постапка, на седницата одржана на 05 февруари 2014 година, го донесе следното

Р Е Ш Е Н И Е

Жалбата изјавена од Македонското здружение на млади правници, поднесена против Заклучокот на Министерството за правда, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, СЕ УВАЖУВА.
СЕ ПОНИШТУВА оспорениот Заклучок бр.19-1200/2 од 09.04.2012 година на Министерството за правда и предметот се враќа на повторно постапување пред првостепениот орган.

О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи согласно член 28 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, а во врска со Пресудата на Управниот суд У-5.бр.1041/2012 од 31.10.2013 година, заведена во Комисијата под број 07-105 на 28.01.2014 година, ја разгледа Жалбата бр.07-105 од 23.04.2012 година, изјавена од Македонското здружение на млади правници, поднесена против Заклучокот бр.19-1200/2 од 09.04.2012 на Министерството за правда, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер и ЈА УВАЖИ.
Оспорениот Заклучок бр.19-1200/2 од 09.04.2012 година на Министерството за правда ГО ПОНИШТИ и предметот го врати на повторно постапување пред првостепениот орган.
По повторното разгледување на Жалбата и другите списи во врска со предметот, Комисијата го констатира следното.
Како што е наведено во Жалбата, Македонското здружение на млади правници од Скопје на 15.03.2012 година, поднело Барање за пристап до информации од јавен карактер до Министерството за правда и побарало во фотокопија по пошта да му ја достават следната информација.
„Листа на адвокати кои врз основа на чл. 24 ст.1 од Законот за бесплатна правна помош со поединечни решенија се определени како даватели на бесплатна правна помош во конкретни предмети“.
Министерството за правда во врска со ова Барање, согласно член 26 став 2 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, донело Заклучок за прекинување на постапката со образложение дека не води таков вид на евиденција, туку согласно член 27 од Законот за бесплатна правна помош, Министерството води Регистар на адвокати за правна помош.
Незадоволно од наведениот Заклучок Македонското здружение на млади правници од Скопје, поднесе Жалба до Комисијата.
Во Жалбата покрај другото се наведува дека Министерството за правда располага со бараната информација, а како доказ за наведеното се повикува на Известување на Министерството за правда бр.19-2831/2 од 17.08.2011година, со кое им била доставена истата информација, меѓутоа за предходен временски период.
Комисијата со допис бр.07-105 од 27.04.2012 година, ја препрати Жалбата до Министерството за правда и побара во рок од три дена да се произнесе по истата и до Комисијата да ги достави сите списи во врска со предметот.
Во врска со наведеното Барање Министерството за правда до Комисијата достави Одговор на Жалба бр.19-1200/4 од 22.05.2012 година, заведен во Комисијата под бр.07-105 на 28.05.2012 година. Во Одговорот на Жалбата Министерството за правда останува на образложението во оспорениот Заклучок, а во врска со Известувањето на кое жалителот се повикува во Жалбата го дава следниот одговор.
Министерството за правда доставило Одговор на Барање за пристап до информации од јавен карактер поднесено од Здружението на млади правници на 14.07.2011 година, поради малиот број на одобрени предмети во периодот на поднесеното барање. Меѓутоа, со оглед на фактот дека оттогаш бројот на овие предмети се зголемил обезбедувањето на бараната информација бара дополнително ангажирање од страна на Министерството, за што нема законска обврска.  
По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот Комисијата донесе Решение бр.07-105 од 19.06.2012 година, со кое Жалбата ја одби како неоснована и утврди дека Заклучокот на првостепениот орган е правилен и врз закон заснован.
Против наведеното Решение на Комисијата, Македонското здружение на млади правници, на 25.06.2012 година поднесе Тужба до Управниот суд.
Управниот суд со Пресуда У-5.бр.1041/2012 од 31.10.2013 година ја уважи Тужбата, а оспореното Решение на Комисијата го поништи.
Во образложението на Пресудата, меѓу другото, Управниот суд наведува: „Ако се има во предвид фактот дека Министерството за правда е надлежно да одлучува по Барањата за одобрување на бесплатна правна помош и истото според податоците на тужителот до денот на поднесувањето на Барањето има донесено вкупно 96 решенија по поединечни барања, може да се заклучи дека Министерството за правда не ја создава оваа информација, односно нема официјална листа на адвокати кои се доделени да дадат бесплатна правна помош, но сепак истото располага со напреднаведениот податок согласно надлежноста да одлучува по поднесените барања за бесплатна правна помош. Ако се има во предвид вкупниот број на донесените решенија, може да се заклучи дека Министерството за правда можело во законскиот рок од 30 дена определен во член 21 став 1 да ја изготви таа листа, врз основа на расположливите податоци…“.   
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, постапувајќи по Пресудата на Управниот суд повторно ја разгледа Жалбата и другите списи по предметот и го утврди следното.
При постапувањето по Барањето, Министерството за правда не постапило во согласност со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
При повторното постапување по предметот, како што се наведува во Пресудата, бидејќи според надлежностите и делокругот на работа располага со бараниот податок, Министерството за правда е должно да постапи по Барањето и да ја изготви бараната листа врз основа на податоците со кои располага.
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, при повторното постапување и одлучување по Жалбата, ги имаше во предвид укажувањата и напатствијата на Управниот суд и одлучи како во диспозитивот на ова Решение.
Ова Решение е конечно во управната постапка и против него нема место за жалба.
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против ова Решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.