Основното образование е дел од единствениот воспитно-образовен систем на Република Македонија, а неговата дејност е уредена со Законот за основно образование.
Основната мисија на првиот образовен степен во Република Македонија е да воспитува, образува и насочува. Во стратешките цели како приоритет е зацртано подобрување на квалитетот на наставата со користење нови наставни форми и методи што треба да резултира со мисловно ангажирани и мотивирани ученици подготвени за високи постигнувања.
Со најновите измени во законскиот акт, основното образование е задолжително за сите деца од 6 до 15 години, трае девет години и се организира во три периоди и тоа: од I до III одделение, од IV до VI одделение и од VII до IX одделение.
Основните училишта за учениците од I до III одделение организираат прифаќање и заштита на учениците еден час пред започнување на часовите за редовната настава. За учениците од IV до V одделение, пак училиштата организираат продолжен престој во кој учениците се вклучуваат по барање на родителите. За време на продолжениот престој учениците учат, ги работат домашните задачи, работат други училишни обврски и учествуваат во културно-уметнички и други активности, регулирани со годишните програми за работа на училиштата. Во основните училишта се организира и верско образование како изборен предмет, но затоа пак се збранува политичко и верско организирање и дејствување, како и истакнување на партиски и верски обележја.
Воспитно-образовната работа во основните училишта се изведува на македонски јазик и кирилско писмо, додека пак за припадниците на националностите воспитно-образовната работа се изведува на јазикот и писмото на националностите на начин утврден со Законот за основно образование.