ДОНЕСЕНИ 4 РЕШЕНИЈА И 3 ЗАКЛУЧОЦИ

 Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, на 136-та седница одржана на 01 јули 2016 година, донесе 4 решенија и 3 заклучоци.

* * * * *
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, постапувајќи по Жалбата и Дополнувањето на Жалба изјавени од Г.Р. од Скопје, поднесени против Решението на КПУ Затвор Скопје, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008, 6/2010, 42/2014, 148/2015 и 55/2016), на седницата одржана на 1 јули 2016 година, го донесе следното
Р Е Ш Е Н И Е
Жалбата и Дополнувањето на Жалба изјавени од Г.Р. од Скопје, поднесени против Решението на КПУ Затвор Скопје бр.0405-2112/4 од 19.05.2016 година, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, СЕ УВАЖУВААТ и предметот се враќа на повторно постапување пред првостепениот орган.
Решението на КПУ Затвор Скопје бр.0405-2112/4 од 19.05.2016 година се поништува.
О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, согласно член 28 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008, 6/2010, 42/2014, 148/2015 и 55/2016), ги разгледа Жалбата од 25.05.2016 година и Дополнувањето на Жалба од 27.05.2016 година, заведени во Комисијата под бр.08-147, изјавени од Г.Р. од Скопје, поднесени против Решението на КПУ Затвор Скопје бр.0405-2112/4 од 19.05.2016 година, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, ГИ УВАЖИ и предметот го врати на повторно постапување пред првостепениот орган. Решението на КПУ Затвор Скопје бр.0405-2112/4 од 19.05.2016 година го поништи.
По разгледувањето на Жалбата, Дополнувањето на Жалба и другите списи во врска со предметот, Комисијата го утврди следното:
Како што се наведува во Жалбата, Г.Р. од Скопје, на 22.04.2016 година поднел Барање за пристап до информации од јавен карактер до КПУ Затвор Скопје, заведено во КПУ Затвор Скопје под бр.04-2112/1 на 22.04.2016 година, со кое побарал да му бидат доставени препис, или фотокопија од следните информации:
„-Правилник за систематизација на вработените во КПУ Затвор Скопје бр.01-223/1 од 23.02.2016 година,
– Правилник за внатрешна организација на КПУ Затвор Скопје бр.01-222/1 од 23.02.2016 година и
– Известување бр.12/6-1082 од 25.02.2016 година од Министерството за информатичко општество и администрација“.
На 04.05.2016 година, Г.Р. од Скопје до КПУ Затвор Скопје доставил Дополнување на барање бр.04-2112/2, со кое бара „бараната информација да ми се достави во електронска форма во PDF files на следнава електронска пошта: nsk-vpum@hotmail.com.mk“.
Постапувајќи по Барањето и по Дополнувањето на барање, КПУ Затвор Скопје до барателот доставил Решение бр.0405-2112/4 од 19.05.2016 година, со кое Барањето за пристап до информации од јавен карактер „делумно се одбива“. Во Решението е наведено дека во делот на Барањето кој се однесува на „ Известување бр.12/6-1082 од 25.02.2016 година од Министерството за информатичко општество и администрација“, по извршен увид во архивата КПУ Затвор Скопје констатирал дека таков документ „нема заведено во истата согласно Законот за архивско работење…“ и дека „…во однос на ова барање установата нема да постапи“. Што се однесува до останатиот дел од Барањето, КПУ Затвор Скопје изразува резерви и сомневање во наведената електронска пошта на барателот во Дополнувањето на барањето, сметајќи дека не станува збор за личен е-маил на барателот и дека со доставување на наведената е-маил адреса на информациите кои се однесуваат „…особено во делот на затворската полиција (структура, организација, поставеност, пополнетост на работни места, работни цели и задачи и сл.)“, истите би останале незаштитени „…ако се земе во предвид функцијата на установата, со што би можеле да настанат негативни и штетни последици како за институцијата, така и за вработените во институцијата во целост. За таа цел, установата со Писмениот одговор до барателот на информацијата (Г.Р. – Виш надзорник за внатрешно и надворешно обезбедување во Затворската полиција при КПУ Затвор Скопје) ќе изврши и покана за увид „како поповолен начин за барателот и установата…“.
Во прилог на Решението, до барателот е доставен „Одговор на Барање со Покана“ бр.0405-2112/5 од 19.05.2016 година, во кој е наведено дека КПУ Затвор Скопје „Ве поканува секој работен ден од 08,30 часот до 16,30 часот во просториите на установата да извршите увид“ во бараните информации.
Незадоволен од добиеното Решение и од Одговорот на Барање со Покана, Г.Р. од Скопје до Комисијата поднесе Жалба и Дополнување на жалба.
Комисијата, со допис бр.08-147 од 30.05.2016 година, ја препрати Жалбата до КПУ Затвор Скопје и побара во рок од 3 дена да се произнесе по истата и до Комисијата да ги достави сите списи во врска со предметот.
На 08.06.2016 година КПУ Затвор Скопје достави до Комисијата Одговор на жалба бр.0302-2653/3 од 06.06.2016 година, заведен во Комисијата под бр.08-147. Во Одговорот на жалба, КПУ Затвор Скопје останува на наводите во оспореното Решение.
По разгледувањето на Жалбата, Дополнувањето на жалбата и другите списи во врска со предметот, Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер утврди дека КПУ Затвор Скопје не постапил согласно одредбите од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Во врска со наведеното Комисијата укажува на следното:
Доколу КПУ Затвор Скопје сметал дека одредени информации од Барањето претставуваат исклучоци наведени во член 6 став 1 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, должен бил да донесе Решение за одбивање на пристапот до бараната информација, со образложение во кое ќе ги наведе причините за одбивањето. Со оглед на тоа што во Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер не се предвидени апсолутни исклучоци од истиот, пред да го одбие пристапот должен е да го направи тестот на штетност, што согласно член 6 став 3 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер е задолжителна постапка која ја спроведува имателот, со која ги проверува последиците врз интересот кој се заштитува, односно јавниот интерес што би се постигнал со објавувањето на информацијата“. Спроведениот тест на штетност се наведува во образложението на Решението за одбивање на пристапот до бараната информација.
Доколку, пак, КПУ Затвор Скопје утврдил дека документот, или негов дел, содржи информации од членот 6 став 1 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер што можат да се одвојат од документот, без притоа да се загрози неговата безбедност, согласно член 7 од истиот Закон, требала да ги одвои тие информации од документот и да го извести барателот за содржината на останатиот дел од документот, односно на барателот да му овозможи делумен пристап до бараната информација.
КПУ Затвор Скопје исто така не постапил согласно одредбите од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и во делот на Барањето кој се однесува на „Известување бр.12/6-1082 од 25.02.2016 година од Министерството за информатичко општество и администрација“, за кој КПУ Затвор Скопје констатирал дека таков документ нема заведено во неговата архива,. Согласно член 26 став 2 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер „Ако барањето се однесува на информација со која не располага имателот, или ако бараната информација веќе е објавена во согласност со членовите 18 и 23 од овој закон, имателот на информацијата со заклучок ќе ја прекине постапката“.
Што се однесува до изразените резерви и сомневања од страна на КПУ Затвор Скопје во наведената електронска пошта на барателот во Дополнувањето на барањето, Комисијата укажува дека имателот на информациите бил должен да постапи согласно член 17 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
При повторното постапување по предметот, КПУ Затвор Скопје е должен да постапи согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и укажувањата на Комисијата.
Поради погоре наведеното, Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер одлучи како во диспозитивот на ова Решение.
Ова Решение е конечно во управната постапка и против него нема место за жалба.
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против ова Решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.
* * * * *
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата изјавена од М.К. од Куманово, поднесена против Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија – Подрачна единица Филијала Куманово, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер („Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008, 6/2010, 42/2014, 148/2015 и 55/2016 година), а во врска со член 239 од Законот за општата управна постапка, на седницата одржана на 1 јули 2016 година, го донесе следното
Р Е Ш Е Н И Е
Жалбата изјавена од М.К. од Куманово, поднесена против Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија – Подрачна единица Филијала Куманово, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, СЕ ОТФРЛА.
О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, согласно член 28 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер („Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008, 6/2010, 42/2014, 148/2015 и 55/2016 година), ја разгледа Жалбата заведена во Комисијата под бр.08-166 на 02.06.2016 година, изјавена од М.К. од Куманово, поднесена против Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија – Подрачна единица Филијала Куманово, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер И ЈА ОТФРЛИ како недопуштена.
Комисијата по разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот го констатира следното:
Како што се наведува во Жалбата, М.К. од Куманово истата ја поднесува поради недобиен одговор по поднесено Барање за пристап до информации од јавен карактер до Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија – Подрачна единица Филијала Куманово. Притоа во Жалбата наведува дека „…причината поради која не е добиена информацијата е всушност информација на жалбената Комисија за свој одговор на второстепено мое барање…“. Во прилог на Жалбата до Комисијата не е доставена фотокопија од наведеното Барање.
Комисијата, со допис бр.08-166 од 07.06.2016 година, ја препрати Жалбата до Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија – Подрачна единица Филијала Куманово и побара во рок од 3 дена да се произнесе по истата и да ги достави сите списи во врска со предметот.
Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија – Подрачна единица Филијала Куманово на 22.06.2016 година до Комисијата достави одговор бр.358-12 од 14.06.2016 година, заведен во Комисијата под бр.08-166. Во одговорот е наведено дека „подносителот на жалбата М. К. од Куманово…, по извршената проверка во нашата архива нема поднесено Барање за слободен пристап до информации од јавен карактер. Именуваниот е повикан со покана, а исто така и по телефон, да дојде во просториите на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија – Филијала Куманово…ќе му биде овозможен слободен пристап до сите информации од јавен карактер од областа на пензиското и инвалидското осигурување“. Во прилог на одговорот е доставена наведената Покана бр.03-1358/2 од 09.06.2016 година.
По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот, Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер утврди дека М.К. од Куманово поднел Жалба до Комисијата во која наведува дека истата ја поднесува поради неодобиена информација по Барање за слободен пристап до информации од јавен карактер доставено до Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија – Подрачна единица Филијала Куманово. Од списите по предметот, како и од доставената Жалба, Комисијата утврди дека барателот нема поднесено барање за пристап до информации до Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија – Подрачна единица Филијала Куманово, туку дека Жалбата ја поднесува по неодговорено Барање од Второстепената комисија на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија – Подрачна единица Филијала Куманово, кое не претставува Барање поднесено согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Согласно член 27 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, право на правна заштита во согласност со овој закон има барателот кој поднел Барање за пристап до информација на начин утврден во членот 12 став 1 од овој закон.
Во конкретниот случај, барателот нема поднесено Барање за пристап до информации од јавен карактер согласно член 16 од Законот за слободен пристап до информации до јавен карактер.
Поради наведеното, а согласно член 239 од Законот за општа управна постапка, Комисијата го донесе ова Решение.
Ова Решение е конечно во управната постапка и против него нема место за жалба.
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против ова Решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.
* * * * *
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, постапувајќи по Жалбата изјавена од ДТУ Трготекстил заеднички служби АД увоз-извоз Скопје, поднесена против Решението на Министерството за финансии – Управа за имотно-правни работи Скопје, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008, 6/2010, 42/2014, 148/2015 и 55/2016), на седницата одржана на 1 јули 2016 година, го донесе следното
Р Е Ш Е Н И Е
Жалбата изјавена од ДТУ Трготекстил заеднички служби АД увоз-извоз Скопје, поднесена против Решението на Министерството за финансии бр.03-1101/3 од 19.05.2016 година, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер:
„Ве замолуваме согласно одредбите од Законот за пристап до информации во најкраток можен рок на нашата адреса…поштенски фах 238 при поштата во Скопје ни доставите во оригинал по еден примерок од Вашите решенија за приватизација на градежно земјиште за КП 11933 КО Центар 1 Скопје и тоа:
– У.бр.26-661/11 од 24.01.2011 година
– У.бр.26-660/11 од 23.03.2015 година
– У.бр.26-660/11 од 23.03.2015 година
– У.бр.26-658/11 од 10.06.2015 година
– У.бр.26-658/11 од 10.06.2015 година
– У.бр.26-661/11 од 24.01.2011 година
– У.бр.26-666/11 од 22.06.2015 година
– У.бр.26-657/11 од 24.06.2015 година
У.бр.26-662/11 од 20.07.2015 година“, СЕ УВАЖУВА и СЕ ЗАДОЛЖУВА Министерството за финансии – Управа за имотно-правни работи Скопје на барателот да му ја достави бараната информација во рок од 15 дена од денот на доставувањето на Решението, на начин и во форма наведени во Барањето, водејќи сметка за заштита на личните податоци.
Решението на Министерството за финансии бр.03-1101/3 од 19.05.2016 година се поништува.
О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, согласно член 28 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008, 6/2010, 42/2014, 148/2015 и 55/2016), ја разгледа Жалбата заведена во Комисијата под бр.08-81 од 03.06.2016 година, изјавена од ДТУ Трготекстил заеднички служби АД увоз-извоз Скопје, поднесена против Решението на Министерството за финансии бр.03-1101/3 од 19.05.2016 година, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер ЈА УВАЖИ и ГО ЗАДОЛЖИ Министерството за финансии – Управа за имотно-правни работи Скопје на барателот да му ја достави бараната информација во рок од 15 дена од денот на доставувањето на Решението, на начин и во форма наведени во Барањето, водејќи сметка за заштита на личните податоци.
Решението на Министерството за финансии бр.03-1101/3 од 19.05.2016 година се поништува.
Комисијата, по разгледувањето на Жалбата и другите списи по предметот го констатира следното:
ДТУ Трготекстил заеднички служби АД увоз-извоз Скопје, на 22.01.2016 година поднело Барање за пристап до информации од јавен карактер до Министерството за финансии – Управа за имотно-правни работи Скопје, заведено во Министерството за финансии под бр.26-159/1, со кое ги побарало следните документи:
„Ве замолуваме согласно одредбите од Законот за пристап до информации во најкраток можен рок на нашата адреса…поштенски фах 238 при поштата во Скопје да ни доставите во оригинал по еден примерок од Вашите решенија за приватизација на градежно земјиште за КП 11933 КО Центар 1 Скопје и тоа:
– У.бр.26-661/11 од 24.01.2011 година
– У.бр.26-660/11 од 23.03.2015 година
– У.бр.26-660/11 од 23.03.2015 година
– У.бр.26-658/11 од 10.06.2015 година
– У.бр.26-658/11 од 10.06.2015 година
– У.бр.26-661/11 од 24.01.2011 година
– У.бр.26-666/11 од 22.06.2015 година
– У.бр.26-657/11 од 24.06.2015 година
– У.бр.26-662/11 од 20.07.2015 година “.
Постапувајќи по наведеното Барање, Министерството за финансии до барателот доставило Известување бр.26-159/3 од 04.02.2016 година. Во него, меѓу другото, е наведено дека станува збор за „… предметното земјиште од КП 11933 КО Центар 1, поднесени се 13 барања за приватизација од правни и физички лица, од кои 11 се правосилни. Во постапката при донесување на решенијата за приватизација, кои содржат лични податоци на подносителите на барањата…и елаборат со список на сопственици…“. Во исто време до барателот е доставено и Решение бр.03-1101/1 од 15.02.2016 година, со кое го одбило пристапот до бараните документи, со Образложение дека истите содржат „..лични податоци за барателите кои ги имаат поднесено барањата за приватизација на градежното земјиште“, дека станува збор за „…списи-решенија по предмети во управна постапка…“ и, согласно член 6 став 1 точка 2 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, претставуваат исклучок од слободниот пристап до информации од јавен карактер.
Незадоволно од Решението на Министерството за финансии, ДТУ Трготекстил заеднички служби АД увоз-извоз Скопје поднесе Жалба до Комисијата.
Комисијата, со допис бр.08-81 од 07.03.2016 година, ја препрати Жалбата до Министерството за финансии – Управа за имотно-правни работи Скопје и побара во рок од 3 дена да се произнесе по истата и да ги достави сите списи во врска со предметот.
Министерството за финансии до Комисијата на 16.03.2016 година достави Одговор на жалба бр. 03-1101/2 од 16.03.2016 година, заведен во Комисијата под бр. 08-81. Во Одговорот на жалба е наведено дека имателот на информации останува на наводите во Известувањето бр.26-159/3 од 04.02.2016 година и во оспореното Решение бр.03-1101/1 од 15.02.2016 година.
По разгледувањето на Жалбите и другите списи во врска со предметот, Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер на 27.04.2016 година донесе Решение бр.08-81 со кое Жалбата ја уважи и предметот го врати на повторно постапување пред првостепениот орган, а Решението на Министерството за финансии бр.03-1101/1 од 15.02.2016 година го поништи.
Постапувајќи по Решението на Комисијата, Министерството за финансии донело Решение бр.03-1101/3 од 19.05.2016 година, со кое го одбило Барањето за пристап до информации од јавен карактер на ДТУ Трготекстил заеднички служби АД увоз-извоз Скопје бр.26-159/1 од 22.01.2016 година. Во образложението на Решението е наведено дека Барањето е одбиено согласно член 6 став 1 точка 2 и точка 5 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, бидејќи се однесува на информација која „…се однесува на личен податок…“ и е стекната или составена за „…управна постапка…“. Во оспореното Решение е потенцирано дека Министерството за финансии „спроведе постапка на тест на штетност, при што се утврди дека давањето на бараната информација е спротивно со член 77 од Законот за општата управна постапка, според кој само лице кое ќе го стори веројатен својот правен интерес има право на увид во списите на предметот…право на увид во списи-решенија по предмети во управна постапка се врши со примена на одредбите од Законот за општата управна постапка, а не согласно одредбите од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер“.
Незадоволно од добиеното Решение, ДТУ Трготекстил заеднички служби АД увоз-извоз Скопје поднесе Жалба до Комисијата.
Комисијата, со допис бр.08-81 од 07.06.2016 година, ја препрати Жалбата до Министерството за финансии и побара во рок од 3 дена да се произнесе по истата и да ги достави сите списи во врска со предметот.
На 15.06.2016 година Министерството за финансии до Комисијата достави Одговор на жалба бр.03-1101/5 од 15.06.2016 година, заведен во Комисијата под бр.08-81. Во Одговорот на жалба е наведено дека Министерството за финансии целосно останува на наводите во оспореното Решение.
По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот, Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер утврди дека Министерството за финансии – Управа за имотно-правни работи Скопје не постапила согласно одредбите од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и не ја доставила бараната информација до барателот, на начин и во форма наведени во Барањето.
Министерство за финансии – Управа за имотно-правни работи Скопје, како првостепен орган во постапката по Барање за слободен пристап до информации од јавен карактер, била должна да постапува согласно одредбите од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер („Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008, 6/2010, 42/2014 и 148/2015) како „lex specialis” во областа на слободниот пристап до информации од јавен карактер, а не да се повикува на одредби од Законот за општата управна постапка. Одредени одредби од Законот за општата управна постапка можат да се применуваат во постапката по барања за пристап до информации од јавен карактер само во случај кога тоа не е регулирано со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Во член 12 став 3, член 16 став 4 и во член 24 став 1 и став 2 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, предвиден е увидот, како право на пристап до информации.
Во случајот, Министерството за финансии – Управа за имотно-правни работи Скопје ја создала бараната информација и била должна истата да ја посредува до барателот, односно да постапи согласно член 20 и член 21 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Комисијата утврди дека бараните информации претставуваат информации од јавен карактер, односно истите се донесени во претходна постапка, а не се стекнати, или создадени за спроведување на управна и на граѓанска постапка. Доколку истите содржат лични податоци, имателот на информации бил должен да ги прекрие и до барателот да ја достави останатата содржина од бараните документи.
Согласно член 3 точка 2 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер „информација од јавен карактер е информација во која било форма што ја создал или со која располага имателот на информацијата согласно со неговите надлежности“, а според член 10 став 1 точка 5 од истиот Закон „имателот на информации е должен да ја информира јавноста за податоци од неговите надлежности утврдени со закон“.
Исто така, имателот на информации требало да го земе предвид член 3 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, според кој „барател на информација е секое правно и физичко лице без дискриминација по која било основа“, а не да бара правен основ за поднесување барање согласно Законот за општата управна постапка. Согласно член 12 точка 2 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер „секој барател врз основа на барање има право на пристап до информација од имателот на информации со кои располага, и тоа со увид, препис, фотокопија или електронски запис“.
Согласно член 39 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер „Глоба во износ од 1000 до 2000 евра во денарска противвредност за прекршок ќе му се изрече на функционерот или раководното лице кај имателот на информацијата доколку не постапи во согласност со членовите 2 став (2) и 6 став (3) на овој закон.
Согласно член 44 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер „Глоба во износ од 300 до 500 евра во денарска противвредност за прекршок ќе му се изрече на службеното лице за посредување со информации кај имателот на информацијата доколку во предвидениот рок неосновано не ја посредува информацијата согласно со членот 21 од овој закон.“
Поради наведеното, Комисијата одлучи како во диспозитивот на ова Решение.
Ова Решение е конечно во управната постапка и против него нема место за жалба.
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против ова Решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.
* * * * *
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, постапувајќи по Жалбата изјавена од Д.Ј. од Скопје, поднесена против Министерството за труд и социјална политика, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006,86/2008, 6/2010, 42/2014, 148/2015 и 55/2016), на седницата одржана на 01 јули 2016 година, го донесе следното
Р Е Ш Е Н И Е
Жалбата изјавена од Д.Ј од Скопје, поднесена против Министерството за труд и социјална политика, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер: „Целиот предмет на увид под бр.3109-УП 1-2693/14 од 14.10.2014 година„ СЕ УВАЖУВА и СЕ ЗАДОЛЖУВА Министерството за труд и социјална политика на барателот да му овозможи увид во бараниот предмет.

О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, согласно член 28 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на РМ“ бр.13/2006, 86/2008,6/2010, 42/2014 и 148/2015), ја разгледа Жалбата заведена во Комисијата под бр.08-869 на 18.05.2015 година, изјавена од Д.Ј. од Скопје, поднесена против Министерството за труд и социјална политика, ја УВАЖИ и го ЗАДОЛЖИ Министерството за труд и социјална политика на барателот да му овозможи увид во бараниот предмет.
Комисијата по разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот го констатира следното:
Како што се наведува во Жалбата, Д.Ј. од Скопје истата ја поднесува затоа што Министерството за труд и социјална политика не му овозможило увид во бараниот предмет.
Имено, Д.Ј. од Скопје,на 24.05.2015 година поднел Барање за пристап до информации од јавен карактер до Јавната установа Меѓуопштински центар за социјална работа на град Скопје-Одделение за остварување на правата од социјална и детска заштита на подрачјето на Општина Гази Баба, заведено во Јавната установа под Уп.бр.3109-2693/14, со кое побарал препорачано по пошта да му биде доставена фотокопија од информацијата:
„Целиот предмет на увид под бр.3109-УП 1-2693/14 од 14.10.2014 година.„
Постапувајќи по Барањето, Јавната установа Меѓуопштински центар за социјална работана град Скопје до барателот Д.Ј. доставила Известување по Барање бр.3109-уп1-2643/14, со прилог: Решение бр.10-4758/2015 од 30.06.2015; Решение бр.3109 уп 1-2643/2014 од 04.05.2015; Записник за извршен увид од страна на Центарот во домот на барателот УП 1 3109-2643 од 15.04.2015 година, Изјава на записник бр.31-235/2 од 20.10.2015 година и Барање за остварување на правата ППР.
Незадоволен од доставениот одговор, Д.Ј. поднел Жалба (Претставка) преку Инспекцискиот совет на Република Македонија до Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер.
Комисијата, со допис бр.08-869 од 15.10.2015 година, ја препрати Жалбата до ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа-Скопје и побара во рок од три дена да се произнесе по истата и да ги достави сите списи во врска со предметот.
На 20.10.2015 година, Д.Ј. до Комисијата достави Дополнение на жалба, во кое изразува незадоволство од извршениот увид по предметот 3109-уп.1-2643/14 извршен на 20.10.2015 година. Во Дополнението на жалбата, Д.Ј. наведува дека при увидот во предметот недостасувале списи, поточно “Записникот на службеничката Ј.Л. потпишан отприлика во ноември 2014, изјавите на неговите деца и Записникот од полициската станица во Автокоманда“, и наведува дека бара да изврши увид во списите и да му се достави фотокопија од истите.
Комисијата, со допис бр.08-869 од 22.10.2015 година, го препрати Дополнението на жалбата до ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа на град Скопје и побара во рок од три дена да се произнесе по истата и да ги достави сите списи во врска со предметот.
ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа на град Скопје на 04.11.2015 година до Комисијата достави Одговор на жалба бр.31-235/3 од 20.10.2015 година. Во Одговорот ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа на град Скопје неведува дека “Д.Ј. извршил увид во списите по предметот и побарал фотокопија од списите: Листа на следење на работата со корисникот на социјална заштита; Наод, Оцена и мислење за неспособност за работа од стручна комисија за давање на наод, оцена и мислење за неспособност за работа; Службена белешка на стручен работник и Системски запис за висина на пензија на неговиот татко В.Ј.. Во прилог, Меѓуопштинскиот центар за социјална работа-Скопје и достави фотокопија од Записникот за извршен увид и Изјава од Д.Ј. дека му е дозволено да направи увид во предметот за оставрување на право на Постојана Парична Помош, во која е нотирано дека му е доставена фотокопија од документите кои ги побарал, наведени погоре.
ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа-Скопје на 13.11.2015 година до Комисијата достави Известување бр.31-уп1-249/1 од 05.11.2015година, со кое известува дека:„По заведен Управен спор од страна на лицето Д.Ј., а против Решение на Министерот за труд и социјална политика на РМ, Службата за права од парична помош по службена должност предметот со сите списи во истиот го прати во Министерство за труд и социјална политика, а по претходно нивно барање за достава на истиот бр.10-4758/2015. Од причина што предметот со сите списи е доставен до Министерство за труд и социјална политика на ден 27.10.2015 година, а Вашето Барање е примено на 02.11.2015 година не сме во можност да Ви го доставиме, како што барате.“
По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот, Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер утврди дека ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа на град Скопје не постапила согласно одредбите од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Во член 18 став 1 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер се наведува „Ако имателот на информации што го примил Барањето не располага со бараната информација веднаш, а најдоцна во рок од три дена од денот на приемот на барањето, е должен да го препрати барањето до имателот на информации кој според содржината на барањето е имател на информацијата и за тоа ќе го извести барателот.“
Согласно наведеното, ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа на град Скопје била должна да го препрати Барањето до имателот на информации кој во тој момент располагал со бараната информација, во конкретниот случај, како што наведува, тоа е Министерството за труд и социјална политика и за тоа да го извести барателот на информацијата, Д.Ј..
Поради наведеното, Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите, на 11 декември, 2015 година донесе Решение бр.08-869 со која Жалбата изјавена од Д.Ј. ја уважи и ја задолжи Јавната установа Меѓуопштински центар за социјална работа Скопје, во рок од 3 дена да го препрати Барањето до Министерството за труд и социјална политика и за тоа да го извести барателот.
На 18.12.2015 година, ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа на град Скопје со Допис бр.08-31-уп1-249/6 од 17.12.2016 година, заведен во Комисијата под бр.08-869 ја извести Комисијата дека постапиле по Решението на Комисијата бр.08-869 од 11.12.2015 година и го препратиле барањето до Министерството за труд и социјална политика.
На 17.05.2016 година, Јавната установа Меѓуопштински Центар за социјална работа на град Скопје до Комисијата по меил достави Допис бр.“1-Уп-249/5 од 17.12.2015 година, заведен во Комисијата под број 08-869, со кој ја извести Комисијата дека постапила по Решението на Комисијата и го препратила Барањето до Министерството за труд и социјална политика. Наведениот Дописот е примен во Министерството на 18.12.2015 година, што е потврдено со приемен печат од Министерството.
На 18.05.2016 година, Д.Ј. од Скопје поднесе Жалба до Комисијата во која наведува дека се уште нема одговор од Министерството ниту списите му се дадени на увид, односно не му е овозможен увид.
Комисијата со допис бр.08-869 од 19.05.2016 година ја препрати Жалбата до Министерството за труд и социјална политика и побара во рок од три дена да се произнесе по истата и да ги достави сите списи во врска со предметот.
Службеното лице што постапува по предметот, неколку пати телефонски комуницираше со службеното лице на Министерството за труд и социјална политика и му укажа, дека согласно Законот, се должни да му овозможат увид во бараната информација со оглед на тоа што Барањето од Барателот е препратено до Министерството за труд и социјална политика со Допис бр.31-уп1 249/5 од 17.12.2015 година, примено и потврдено со приемен печат од Министерството на 18.12.2015 година.
Министерството за труд и социјална политика на 15.06.2016 година до Комисијата достави Одговор на Ваше барање, заведен под бр.10-4025/2016 година од 01.06.2016 година, заведен во Комисијата под бр.08-869.
Во Одговорот е наведено:“ Во врска со барањето доставено од Ваша страна кое се однесува на лицето Д.Ј. од Скопје, Ве информираме дека Министерството за труд и социјална политика има донесено решение 10-4758/2015 од 23.05.2016 година, согласно насоките изнесени во пресуда на Управен суд на Република Македонија и истото е доставено до Јавната установа Меѓуопштински Центар за социјална работа на град Скопје на нивна понатамошна надлежност.“
Во наведениот одговор Министерството за труд и социјална политика наведува дека има донесено решение 10-4758/2015 од 23.05.2016 година, согласно насоките изнесени во пресуда на Управен суд на Република Македониј, но ништо не наведува за предметот за кој барателот бара увид.
Во врска со наведеното, Комисијата укажува дека постапувањето по препратеното Барање од Д.Ј. на Министерството за труд и нсоцијална политика не е во согласност со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Комисијата со Дописот за произнесување по Жалба побара од Министерството да се произнесе поради што на барателот не му е овозможен увид во бараниот предмет, а не како постапила во врска со доставената пресуда од Управниот суд на Република Македонија. По добивањето на предметот од Управниот суд, Министерството било должно да го повика барателот и да му овозможи увид во бараниот предмет.
За сите прашања кои не се регулирани со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер се применуваат одредбите на Законот за општата управна постапка. Според наведениот Закон, постапката треба да се води економично, итно и без одлагање, со што помалку трошоци и губење на време за странката и другите лица што учествуваат во постапката, прибавување на се што е потребно за правилно утврдување на фактичката состојба и донесување на законито и правилно решение.
Во конкретниот случај изгубено е многу време (барањето е поднесено на 24.05.2015 година), направени се трошоци за барателот, кој се уште не ја добил бараната информација.
Согласно член 44 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер „Глоба во износ од 300 до 500 евра во денарска противвредност за прекршок ќе му се изрече на службеното лице за посредување со информации кај имателот на информацијата доколку во предвидениот рок неосновано не ја посредува информацијата согласно со членот 21 од овој закон“.
Поради наведеното, Комисијата одлучи како во диспозитивот на ова Решение.
Ова Решение е конечно во управната постапка и против него нема место за жалба.
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против ова Решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.
* * * * *
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, постапувајќи по Жалбата изјавена од Д.Ј. од Скопје, поднесена против Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер („Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008, 6/2010, 42/2014, 148/2015 и 55/2016), а во врска со член 247 од Законот за општата управна постапка, на седницата одржана на 1 јули 2016 година, го донесе следниот
З А К Л У Ч О К
СЕ ЗАПИРА постапката по Жалбата изјавена од Д.Ј. од Скопје, поднесена против Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер:
„На мојата горенаведена поштенска адреса доставете ми го Името и Презимето на овластеното службено лице за посредување со информации од јавен карактер, согласно Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер, кај Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија, како и адресата, е-маилот, телефонот и телефаксот на Советот.“, поради тоа што барателот ја повлекува Жалбата.
О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, согласно член 28 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер („Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008, 6/2010, 42/2014, 148/2015 и 55/2016) ја разгледа Жалбата заведена во Комисијата под број 08-177 на 27.06.2016 година, изјавена од Д.Ј. од Скопје, поднесена против Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер и другите списи во врска со предметот и го утврди следното:
Како што се наведува во Жалбата, заведена во Комисијата под бр.08-177 на 27.06.2016 година, Д.Ј. од Скопје, на 06.03.2016 година по е-маил поднел Барање за пристап до информации од јавен карактер до Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, со кое побарал по пошта да му ја достават следната информација:
„На мојата горенаведена поштенска адреса доставете ми го Името и Презимето на овластеното службено лице за посредување со информации од јавен карактер, согласно Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер, кај Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија, како и адресата, е-маилот, телефонот и телефаксот на Советот.“
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, како што е наведено во Жалбата не ја доставилa бараната информација до барателот во законски предвидениот рок, ниту пак донелa и доставилa Решение до барателот со кое делумно или целосно го одбива Барањето, поради што Д.Ј.поднесе Жалба до Комисијата.
По разгледување на Жалбата, Комисијата утврди дека ниту на е-маил адресата на службеното лице за посредување со информации на Комисијата, Ц.Т., ниту на е-маил адресата на Комисијата има доставено Барање за пристап до информации од јавен карактер за кое е поднесена Жалбата. За наведеното, Комисијата преку е-маил на 24.06.2016 година го извести Д.Ј., и во прилог му ја достави бараната информација. Исто така, го извести Д.Ј. дека доколку е задоволен од одговорот, може да ја повлече Жалбата, или во спротивно доколку не е задоволен од одговорот треба да достави доказ дека Барањето за кое е поднесена Жалбата е доставено, односно примено во Комисијата.
На 25.06.2016 година, Д.Ј. од Скопје преку е-маил ја извести Комисијата дека е задоволен од добиениот одговор и поради тоа ја повлекува Жалбата.
Поради горенаведеното, Комисијата одлучи како во диспозитивот на овој Заклучок.
Овој Заклучок е конечен во управната постапка и против него нема место за жалба.
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против овој Заклучок може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.
* * * * *
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, постапувајќи по Жалбата изјавена од П.Б. од Скопје, поднесена против Општина Карпош, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер („Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008, 6/2010, 42/2014, 148/2015 и 55/2016), а во врска со член 223 од Законот за општата управна постапка, на седницата одржана на 01 јули 2016 година, го донесе следниот
З А К Л У Ч О К
СЕ ЗАПИРА постапката по Жалбата изјавена од П.Б. од Скопје поднесена против Општина Карпош, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер:
„Во врска со незаконското сечење на шума во Парк-шума Водно, кое се има случено пред неколку дена, а во делот под надлежност на Општина Карпош, од страна на Општината вчера било изјавено: Имено, по претходно барање кое е пристигнато до нашите служби, поточно до одделението за уредување на градежно земјиште, издадено е одобрение за расчистување на пат кој претходно беше непрооден. Се работи за катастерска парцела број 915. Расчистувањето ќе биде со цел, да се направи пристап за поминување на земјоделски машини, односно да се стаса до горенаведената парцела која се наоѓа во приватна сопственост. Станува збор за лозје, за кое приватното лице има потпишано ИПАРД договор за копачење на старо и садење на ново лозје (да биде обработливо земјиштето). Да напоменеме повторно, се работи само за расчистување на пат, кој претходно беше непрооден, а не за изградба на било каков градежен објект“, поради тоа што барателот ја добил бараната информација.
. О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, согласно член 28 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер („Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008, 6/2010, 42/2014, 148/2015 и 55/2016),“ ја разгледа Жалбата заведена во Комисијата под број бр.08-171 од 22.06.2016 година, изјавена од П.Б. од Скопје, поднесена против Општина Карпош, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер и другите списи во врска со предметот и го утврди следното:
Како што се наведува во Жалбата, П.Б. од Скопје, на 01.06.2016 година поднело Барање за пристап до информации од јавен карактер до Општина Карпош заведено под бр.12-5057/1 на 01.06.2016 година, со кое побарал да му достават фотокопија од следната информација:
„Во врска со незаконското сечење на шума во Парк-шума Водно, кое се има случено пред неколку дена, а во делот под надлежност на Општина Карпош, од страна на Општината вчера било изјавено: Имено, по претходно барање кое е пристигнато до нашите служби, поточно до одделението за уредување на градежно земјиште, издадено е одобрение за расчистување на пат кој претходно беше непрооден. Се работи за катастерска парцела број 915. Расчистувањето ќе биде со цел, да се направи пристап за поминување на земјоделски машини, односно да се стаса до горенаведената парцела која се наоѓа во приватна сопственост. Станува збор за лозје, за кое приватното лице има потпишано ИПАРД договор за копачење на старо и садење на ново лозје (да биде обработливо земјиштето). Да напоменеме повторно, се работи само за расчистување на пат, кој претходно беше непрооден, а не за изградба на било каков градежен објект“.
На 22.06.2016 година, П.Б. од Скопје преку е-маил ја извести Комисијата дека ја добил бараната информација од Општина Карпош и поради тоа ја повлекува Жалбата.
Врз основа на наведеното, Комисијата утврди дека Општина Карпош постапила по Барањето, но со задоцнување. Комисијата констатира дека во конкретниот случај битно е дека имателот постапил по Барањето, а барателот добил одговор на Барањето.
Согласно член 44 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер „Глоба во износ од 300 до 500 евра во денарска противвредност за прекршок ќе му се изрече на службеното лице за посредување со информации кај имателот на информацијата доколку во предвидениот рок неосновано не ја посредува информацијата согласно со членот 21 од овој закон.“
Поради горенаведеното, Комисијата одлучи како во диспозитивот на овој Заклучок.
Овој Заклучок е конечен во управната постапка и против него нема место за жалба.

УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против овој Заклучок може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.
* * * * *
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, постапувајќи по Жалбата изјавена од Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) Скопје, застапуван од С.Ф., вработена во Центарот, поднесена против Општина Неготино, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер („Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008, 6/2010, 42/2014, 148/2015 и 55/2016), а во врска со член 247 од Законот за општата управна постапка, на седницата одржана на 01 јули 2016 година, го донесе следниот
З А К Л У Ч О К
СЕ ЗАПИРА постапката по Жалбата изјавена од Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) Скопје, застапуван од С.Ф., вработена во Центарот, поднесена против Општина Неготино, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер:
„Ве молиме да ни го доставите Годишниот план за јавни набавки за 2016 година. Оваа информација ни е потребна за изработка на анализа за потребите на проектот на УСАИД за олеснување на пристапот на микропретпријатијата до јавните набавки“, поради тоа што барателот ја повлекува Жалбата.
О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, согласно член 28 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер („Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008, 6/2010, 42/2014, 148/2015 и 55/2016),“ ја разгледа Жалбата бр.0306-1928/1 од 31.05.2016 година, заведена во Комисијата под број 08-163, изјавена од Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) Скопје, застапуван од С.Ф., вработена во Центарот, поднесена против Општина Неготино, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер и другите списи во врска со предметот и го утврди следното:
Како што се наведува во Жалбата, Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) Скопје, застапуван од С.Ф., вработена во Центарот, на 15.02.2016 година поднел Барање за пристап до информации од јавен карактер бр.0302-1351/1 до Општина Неготино, со кое побарал по пошта, или е-маил, да добие фотокопија од следната информација:
„Ве молиме да ни го доставите Годишниот план за јавни набавки за 2016 година. Оваа информација ни е потребна за изработка на анализа за потребите на проектот на УСАИД за олеснување на пристапот на микропретпријатијата до јавните набавки“.
Општина Неготино, како што е наведено во Жалбата, на ова Барање не одговорила во законски предвидениот рок, ниту пак донела и доставила Решение до барателот со кое делумно или целосно го одбива Барањето, поради што Здружението на граѓани Центар за граѓански комуникации (ЦГК) Скопје, застапувано од С.Ф., вработена во Центарот, поднесе Жалба до Комисијата.
Комисијата, со допис бр.08-163 од 02.06.2016 година, ја препрати Жалбата до Општина Неготино и побара во рок од 3 дена да се произнесе по истата и да ги достави сите списи во врска со предметот.
На 15.06.2016 година, Општина Неготино до Комисијата достави Одговор на жалба бр.03-18-2/3 од 10.06.2016 година, заведен во Комисијата под бр.08-163. Во Одговорот на жалба е наведено дека „…по доставено барање за пристап до информации од јавен карактер со кое е барано да им доставиме План за јавни набавки на Општина Неготино за 2016 година…по меил на ден 09.10.2016 година на жалителот им го достави истиот“.
На 22.06.2016 година Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) Скопје достави до Комисијата е-маил со кој ја известува Комисијата дека ја добил бараната информација и поради тоа ја повлекува Жалбата.
Согласно член 44 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер „Глоба во износ од 300 до 500 евра во денарска противвредност за прекршок ќе му се изрече на службеното лице за посредување со информации кај имателот на информацијата доколку во предвидениот рок неосновано не ја посредува информацијата согласно со членот 21 од овој закон.“
Поради горенаведеното, Комисијата одлучи како во диспозитивот на овој Заклучок.
Овој Заклучок е конечен во управната постапка и против него нема место за жалба.
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против овој Заклучок може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.