ДОНЕСЕНО 1 РЕШЕНИЕ
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер на својата осумнаесета седница одржана на 28 февруари 2012 година, донесе 1 решение.

**********
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата изјавена од Д.Л. од Струмица, поднесена против Управниот суд на Република Македонија, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008 и 6/2010), на седницата одржана на 28 февруари 2012 година, го донесе следното                    
Р Е Ш Е Н И Е

Жалбата изјавена од Д.Л.  од Струмица, поднесена против Управниот суд на Република Македонија, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер СЕ ОДБИВА.

О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, согласно член 28 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008 и 6/2010),  ја разгледа Жалбата заведена во Комисијата под број 07-16 од 02.02.2012 година, изјавена од Д.Л. од Струмица, поднесена против Управниот суд на Република Македонија, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер и ЈА ОДБИ како неоснована.
По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот Комисијата го утврди следното.
Д.Л. од Струмица, како што е наведено во Жалбата, поднел Барање за пристап до информации од јавен карактер до Управниот суд на Република Македонија, заведено во судот под бр. 03-2/1 на 09.01.2012 година, и побарал по пошта да му ја достават следната информација.
“Кој е надоместокот на материјалните трошоци за обезбедување на информации од страна на судот од имателите на информации?
Информацијата ја барам во форма на управен акт, решение во кое ке се нагласи кој е тој правен пропис и во кое службено гласило е објавен за да судот наместо материјалните трошоци, бара наплата на судска такса. Без тоа решение налозите се без законско покритие…“
Управниот суд на Република Македонија, како што е наведено во Жалбата, во врска со ова Барање на барателот му доставил Одговор, заведен под број 03-2/4 од 25.01.2012 година. Незадоволен од добиениот Одговор, Д.Л.  поднесе Жалба до Комисијата.
Комисијата со допис бр.07-16 од 13.02.2012 година,  ја препрати Жалбата до Управниот суд на Република Македонија и побара во рок од три дена да се произнесе по истата и до Комисијата да ги достави сите списи во врска со предметот.
Управниот суд на Република Македонија се произнесе по Жалбата со Доставување одговор по жалба бр. 03-2/7 од 17.02.2012 година, во Комисијата заведено под бр.07-16 на 20.02.2012 година. Во Одговорот наведува: “…произлегува дека обврска за секое лице при поднесување на тужба, како и при преземање на процесно дејствие  е да плати такса согласно Законот за судски такси, со оглед да неплатената или нецелосно наплатената судска такса претставува пречка за преземање на дејствија на Судот во постапката.
Од друга страна пак, согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, Судот како имател не наплаќа за дадените информации од јавен карактер, како што е постапени и во конкретниот случај.“
Во прилог на Одговорот на жалба, Судот го достави Одговорот до барателот заведен под бр.03-2/4 од 25.01.2012, повратница за прием на Одговорот потпишана од барателот на 27.01.2012, Службена белешка бр.03-2/2 од 09.01.2012 година и Записник заведен под бр.03-2/3 од 25.01.2012 година.
По разгледувањето на Жалбата и списите во врска со предметот Комисијата го утврди следното.
Управниот суд на Република Македонија одговорил на барањето и на барателот  и му ја доставил бараната информација во рокот предвиден согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.  
Поради ова, Комисијата одлучи  како во диспозитивот на ова Решение.
Ова Решение е конечно во управната постапка и против него нема место за жалба.
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против ова Решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.