ДОНЕСЕНИ 3 РЕШЕНИЈА И 3 ЗАКЛУЧОЦИ

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер на својата тринаесеттата седница одржана на 1 декември 2011 година, донесе 3 решенија и 3 заклучоци.

**********

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата изјавена од П.Б. од Скопје, поднесена против Министерство за животна средина и просторно планирање, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008 и 6/2010), на седницата одржана на 1 декември 2011 година, го донесе следното

Р Е Ш Е Н И Е

Жалбата изјавена од П.Б. од Скопје, поднесена против Министерство за животна средина и просторно планирање, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер СЕ УВАЖУВА и СЕ ЗАДОЛЖУВА Министерството на барателот да му ја достави бараната информација “Фотокопија од записниците од првата и втората седница на Националниот совет за заштита на природата“,  најдоцна до 16.12.2011 година, на начин и во форма наведени во Барањето.

О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, согласно член 28 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на Република Македонија“  бр.13/2006, 86/2008 и 6/2010), ја разгледа Жалбата бр.07-359 од 17.10.2011 година, изјавена од П.Б. од Скопје, поднесена против Министерство за животна средина и просторно планирање, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, ЈА УВАЖИ и го ЗАДОЛЖИ Министерството на барателот да му ја достави бараната информација најдоцна до 16.12.2011 година, на начин и во форма наведени во Барањето.
По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот, Комисијата  го констатира следното.
П.Б. од Скопје, на 05.09.2011 година, поднел Барање за пристап до информации од јавен карактер до Министерството за животна средина и просторно планирање, заведено во Министерството под бр.7763/1 и побарал во фотокопија по пошта да му ја достават следната информација.
“Фотокопија од записниците од првата и втората седница на Националниот совет за заштита на природата.“
Министерството за животна средина и просторно планирање на ова Барање не одговорило во законски предвидениот рок согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, по што се смета дека барањето е одбиено и е поднесена Жалба до Комисијата.
Комисијата со допис број 07-359 од 20.10.2011 година, ја препрати Жалбата до Министерството за животна средина и просторно планирање и побара во рок од 3 дена да се произнесе по Жалбата и да ги достави сите списи во врска со предметот.
Министерството за животна средина и просторно планирање не одговори на ова барање на Комисијата.
По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот Комисијата го утврди следното.
Министерството за животна средина и просторно планирање не постапило согласно одредбите од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер не одговорило на барањето на барателот во рокот предвиден во Законот, а не одговори ниту на дописот на Комисијата.
Поради погоре изложеното, Комисијата одлучи како во диспозитивот на ова Решение.
Ова Решение е конечно во управната постапка и против него нема место за жалба.
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против ова Решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.

**********

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата изјавена од М.К. од Скопје, поднесена против Медија принт Македонија ДОО Скопје, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008 и 6/2010),  а во врска со член 239 од Законот за општата управна постапка, на седницата одржана на 1 декември 2011 година, го донесе следното

Р Е Ш Е Н И Е

Жалбата изјавена од М.К. од Скопје, поднесена против  Медија принт Македонија ДОО Скопје, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, СЕ ОТФРЛА.
                          
О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, врз основа на член 28 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008, и 6/2010), ја разгледа Жалбата бр.07-369 од 17.11.2011година, изјавена од М.К. од Скопје, поднесена против Медија принт Македонија ДОО – Скопје, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер и  ЈА ОТФРЛИ како недопуштена.
Комисијата ја разгледа Жалбата и го констатира следното.
М.К. од Скопје, како што е наведено во Жалбата на 24.09.2011 година, преку препорачана поштенска пратка, поднел Барање за пристап до информации од јавен карактер до Медија принт Македонија ДОО – Скопје, на кое не добил одговор.
Незадоволен од непостапувањето на Медија принт Македонија ДОО – Скопје по Барањето, М.К. од Скопје, поднесе  Жалба до Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер.
По разгледување на Жалбата Комисијата го утврди следното.
Во Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, (“Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008, и 6/2010) во членот 3 алинеја 1 таксативно се наброени имателите на информации од јавен карактер. Согласно наведениот член „иматели на информации“ се: органите на државната власт и други органи и организации утврдени со закон, органите на општините, градот Скопје и општините во градот Скопје, установите и јавните служби, јавните претпријатија и правни и физички лица што вршат јавни овластувања утврдени со закон.
Комисијата утврди дека Медија принт Македонија е компанија со 100% приватна сопственост, формирана од Германска медиумска група која ја сочинуваат Друштва со ограничена одговорност кои не вршат јавни овластувања.
Од наведеното произлегува дека Медија принт Македонија не е имател на информации од јавен карактер, согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
       Поради горенаведеното, Комисијата одлучи како во диспозитивот на ова Решение.
Ова Решение е конечно во управната постапка и против него нема место за жалба.
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против ова Решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.

**********

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата изјавена од М.К. од Скопје, поднесена против Клириншка куќа клириншки интербанкарски системи А.Д – Скопје, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008 и 6/2010),  а во врска со член 239 од Законот за општата управна постапка, на седницата одржана на 1 декември 2011 година, го донесе следното

Р Е Ш Е Н И Е

Жалбата изјавена од М.К. од Скопје, поднесена против  Клириншка куќа клириншки интербанкарски системи А.Д – Скопје, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, СЕ ОТФРЛА.
                          
О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, врз основа на член 28 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008, и 6/2010), ја разгледа Жалбата бр.07-370 од 17.11.2011година, изјавена од М.К. од Скопје, поднесена, против Клириншка куќа клириншки интербанкарски системи А.Д – Скопје, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер и  ЈА ОТФРЛИ како недопуштена.
Комисијата ја разгледа Жалбата и го констатира следното.
М.К. од Скопје, како што е наведено во Жалбата поднел Барање за пристап до информации од јавен карактер до Клириншка куќа клириншки интербанкарски системи А.Д – Скопје, со кое побарал “Статут на Клириншка куќа клириншки интербанкарски системи А.Д – Скопје“.
Клириншка куќа клириншки интербанкарски системи А.Д – Скопје, во врска со наведеното барање, го известила барателот дека, не подлежи на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Незадоволен од наведеното известување, М.К. од Скопје, поднесе  Жалба до Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер.
По разгледување на Жалбата Комисијата го утврди следното.
Во Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, (“Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008, и 6/2010) во членот 3 алинеја 1 таксативно се наброени имателите на информации од јавен карактер. Согласно наведениот член „иматели на информации“ се: органите на државната власт и други органи и организации утврдени со закон, органите на општините, градот Скопје и општините во градот Скопје, установите и јавните служби, јавните претпријатија и правни и физички лица што вршат јавни овластувања утврдени со закон.
Комисијата утврди дека Клириншка куќа клириншки интербанкарски системи А.Д – Скопје, е компанија која како акционерско друштво ја основале банките во Република Македонија, кои не вршат јавни овластувања и не се иматели на информации, согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Од наведеното произлегува дека Клириншката куќа клириншки интербанкарски системи А.Д – Скопје, не е имател на информации од јавен карактер, согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
       Поради горенаведеното, Комисијата одлучи како во диспозитивот на ова Решение.
Ова Решение е конечно во управната постапка и против него нема место за жалба.
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против ова Решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.

**********

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата изјавена од Фондацијата Институт отворено општество-Македонија поднесена преку полномошникот А.М., адвокат од Скопје, против Министерство за животна средина и просторно планирање, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008 и 6/2010), а во врска со член 223 од Законот за општата управна постапка, на седницата одржана на 1 декември 2011 година, го донесе следниот

З  А  К  Л  У  Ч  О  К

СЕ ЗАПИРА постапката по Жалбата изјавена од Фондацијата Институт отворено општество-Македонија поднесена преку полномошникот А.М., адвокат од Скопје, против Министерство за животна средина и просторно планирање, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер “Фотокопија од информација за тоа колку одлуки за прекршок на ниво на Република Македонија се донесени одделно и во рамките на секоја Комисија за одлучување по прекршок при министерството врз основа на кој закон – и се предвидени прекршоците (бараната информација треба да се однесува за 2009, 2010 и првото полугодие за 2011 година)“, поради тоа што на барателот му е одговорено на барањето.

О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, согласно член 28 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008 и 6/2010), ја разгледа Жалбата заведена во Комисијата под број 07-324 на 06.10.2011 година, изјавена од Фондацијата Институт отворено општество-Македонија поднесена преку полномошникот А.М., адвокат од Скопје, против Министерство за животна средина и просторно планирање и другите списи во врска со предметот и го утврди следното.
Како што е наведено во Жалбата, Фондацијата Институт отворено општество-Македонија на 26.08.2011 година, поднела Барање за пристап до информации од јавен карактер заведено под бр.11-692/20, до Министерство за животна средина и просторно планирање и побарала по пошта да и ја достават следната информација “Фотокопија од информација за тоа колку одлуки за прекршок на ниво на Република Македонија се донесени одделно и во рамките на секоја Комисија за одлучување по прекршок при министерството врз основа на кој закон – и се предвидени прекршоците (бараната информација треба да се однесува за 2009, 2010 и првото полугодие за 2011 година)“.
Министерство за животна средина и просторно планирање на ова барање не одговорило во законски предвидениот рок согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, по што се смета дека Барањето е одбиено и е поднесена Жалба до Комисијата.
Комисијата со допис бр.07-324 од 14.10.2011 година, ја препрати Жалбата до Министерство за животна средина и просторно планирање и побара во рок од три дена да се произнесе по истата и до Комисијата да ги достави сите списи во врска со предметот.
Во врска со ова Барање на Комисијата, Министерство за животна средина и просторно планирање достави Одговор бр.19-7630/4 од 26.10.2011 година, а во Комисијата заведен под бр.07-324 на 27.10.2011 година. Во Одговорот се наведува дека, е одговорено на барањето со допис бр.19-7630/2 од 14.10.2011година. Во прилог до Комисијата достави фотокопија од наведениот Одговор насловен до барателот на информацијата, но не и доказ дека истиот е доставен и примен во Фондацијата Институт отворено општество-Македонија.  
Во функција на начелото на економичност и транспарентност на постапката, службеното лице кое постапува по предметот, до барателот го достави одговорот на барањето.
Фондацијата Институт отворено општество-Македонија на 07.11.2011 година, по меил ја извести Комисијата дека е задоволна од добиениот одговор.   
Врз основа на изложеното Комисијата утврди дека барателот ја добил бараната информација со задоцнување и со посредство на Комисијата. Комисијата констатира дека во конкретниот случај битно е дека имателот постапил по Барањето, а барателот добил одговор на барањето.
Комисијата укажува дека, конкретниот имател на информации при евентуални идни барања е должен да одговара на барањата во рок и форма предвидени во Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Исто така, Комисијата укажува дека доставувањето на одговорите треба да се врши согласно одредбите од Законот за општата управна постапка.  
Поради ова, Комисијата одлучи како во диспозитивот на овој Заклучок.
Овој Заклучок е конечен во управната постапка и против него нема место за жалба.
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против овој Заклучок може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.

**********

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата изјавена од Македонското здружение на млади правници, поднесена преку претседателот на Здружението Ј.Б. од Скопје, против Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008 и 6/2010), а во врска со член 223 од Законот за општата управна постапка, на седницата одржана на 1 декември 2011 година, го донесе следниот

З  А  К  Л  У  Ч  О  К

СЕ ЗАПИРА постапката по Жалбата изјавена од Македонското здружение на млади правници, поднесена преку претседателот на Здружението Ј.Б. од Скопје, против Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер “Колку изнесува најниската пензија во Република Македонија за месец Јуни 2011 година? Колку вкупно граѓани во Р.М. се корисници на најниска пензија заклучно со Јуни 2011 година“, поради тоа што на барателот му е одговорено на барањето.

О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, согласно член 28 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008 и 6/2010), ја разгледа Жалбата заведена во Комисијата под број 07-319 на 06.10.2011 година, изјавена од Македонското здружение на млади правници, против Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија и другите списи во врска со предметот и го утврди следното.
Како што е наведено во Жалбата, Македонското здружение на млади правници на 12.08.2011 година, поднело Барање за пристап до информации од јавен карактер заведено под бр.0306-955/1, до Фондот за  пензиско и инвалидско осигурување на Македонија и побарало по пошта да му ја достават следната информација “Колку изнесува најниската пензија во Република Македонија за месец јуни 2011 година? Колку вкупно граѓани во Р.М. се корисници на најниска пензија заклучно со Јуни 2011 година “.
Фондот за  пензиско и инвалидско осигурување на Македонија на ова барање не одговорил во законски предвидениот рок согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, по што се смета дека Барањето е одбиено и е поднесена Жалба до Комисијата.
Комисијата со допис бр.07-319 од 10.10.2011 година, ја препрати Жалбата до Фондот за  пензиско и инвалидско осигурување на Македонија и побара во рок од три дена да се произнесе по истата и до Комисијата да ги достави сите списи во врска со предметот.
Во врска со ова Барање на Комисијата, Фондот за  пензиско и инвалидско осигурување на Македонија достави Одговор бр.02-5778/2 од 27.10.2011 година, а во Комисијата заведен под бр.07-319 на 27.10.2011 година. Во Одговорот се наведува “..искрено жалиме и се извинуваме заради настанатата техничка грешка во поштата и архивата на Стручната служба на Фондот за пензизко и инвалидско осигурување на Македонија, заради што до Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер при Фондот на ПИОМ навремено не е доставено Вашето барање“
Во прилог на наведениот Одговор достави и два прегледа со бараните податоци.
Македонското здружение на млади правници на 11.11.2011 година, по меил ја извести Комисијата дека имателот по поднесувањето на Жалбата доставил одговор на поднесеното барање со кој одговор жалителот е задоволен.   
Врз основа на изложеното Комисијата утврди дека барателот ја добил бараната информација со задоцнување и со посредство на Комисијата. Комисијата констатира дека во конкретниот случај битно е дека имателот постапил по Барањето, а барателот добил одговор на барањето.
Комисијата укажува дека, конкретниот имател на информации при евентуални идни барања е должен да одговара на барањата во рок и форма предвидени во Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.  
Поради ова, Комисијата одлучи како во диспозитивот на овој Заклучок.
Овој Заклучок е конечен во управната постапка и против него нема место за жалба.
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против овој Заклучок може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.

**********

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Барањето за пристап до информации од јавен карактер поднесено од Здружението Аналитика од Скопје, врз основа на член 14 од Законот за изменување и дополнување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на РМ“ бр.6/2010), на седницата одржана на 1 декември 2011 година, го донесе следниот

З  А  К  Л  У  Ч  О  К
за прекинување на постапката

Постапката по Барањето поднесено од Здружението Аналитика од Скопје, заведено во Комисијата под бр.07-14 од 08.11.2011 година, со кое Здружението бара фотокопија од “Извештајот за постапување по Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер што бил доставен до Комисијата од страна на Агенцијата за разузнавање за 2010 год.“, СЕ ПРЕКИНУВА.

О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е

До Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер Здружението Аналитика од Скопје, поднесе Барање за пристап до информации од јавен карактер, со кое бара во фотокопија по пошта Комисијата да му ја  достави следната информација.
“Извештајот за постапување по Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер што бил доставен до Комисијата од страна на Агенцијата за разузнавање за 2010 год.“
По разгледувањето на Барањето Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, утврди дека не располага со бараната информација, односно Агенцијата за разузнавање нема доставено до Комисијата Годишен извештај за 2010 година.
Од наведените причини Комисијата одлучи како во диспозитивот на овој Заклучок.
Овој Заклучок е конечен во управната постапка и против него нема место на жалба.
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против овој Заклучок може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.