ДОНЕСЕНИ 8 РЕШЕНИЈА и 2 ЗАКЛУЧОКА
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер на својата петтата седница (во нов состав) одржана на 20 мај 2011 година, донесе 8 решенија и 2 заклучока.

*****

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата изјавена од С.С.И. од Струмица, поднесена против Заклучокот на Апелациониот суд од Скопје, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член  32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер („Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006,86/2008 и 6/2010) на седницата одржана на 20 мај  2011 година, го донесе следното

Р Е Ш Е Н И Е

Жалбата изјавена од С.С.И. од Струмица, поднесена против Заклучокот на Апелациониот суд од Скопје 03-VI Су.бр.58/11-1 од 01.03.2011 година, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер:
 “1. Дали на светот постои држава  во која за ист прекршок можат да се изречат безброј санкции…
2. Ако глобата е платена (чл.49 точка 5 од ЗП)-зошто судот измислува нови санкции“ СЕ ОДБИВА.

О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер согласно член 28 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006,86/2008 и 6/2010), ја разгледа Жалбата бр.07-8 од 28.03.2011 година, изјавена од С.С.И., поднесена против Заклучокот на Апелациониот суд од Скопје 03-VI Су.бр.58/11-1 од 01.03.2011 година, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер  ја ОДБИ како неоснована, и  утврди дека Заклучокот на првостепениот орган е правилен и врз закон заснован.
По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот, Комисијата го констатира следното.
С.С.И. од Струмица на 24.12.2010 година, поднел Барање за пристап до информации од јавен карактер до Апелациониот суд во Скопје и побарал во фотокопија по пошта да му ја достават следната информација:
“1. Дали на светот постои држава во која за ист прекршок можат да се изречат безброј санкции…
2. Ако глобата е платена (чл.49.точка 5 од ЗП)-зошто судот измислува нови санкции “.
Апелациониот суд Скопје на ова Барање одговорил во законски предвидениот рок со Известување 03 VI Суи. Бр.642/10 од 30.12.2010 година.
Незадоволен од добиеното Известување, барателот поднесе Жалба до Комисијата, заведена под бр.07-8 на 21.01.2011 година.
Во Жалбата, жалителот останува при поднесените барања и бара да му се достават бараните информации. Предлага Комисијата да го задолжи имателот да му ги достави бараните информации и да донесе управен акт.
Комисијата со допис бр.07-8 од 24.01.2011 година, ја препрати Жалбата до Апелациониот суд Скопје и побара во рок од 3 дена да се произнесе по истата и да ги достави до Комисијата сите списи во врска со предметот.
Апелациониот суд од Скопје во врска со ова барање на Комисијата, достави Одговор на Жалба заведен под бр.03 VI Суи.58/2011 од 01.02.2011 година а во Комисијата заведен под бр.07-8 од 02.02.2011 година.
По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот Комисијата донесе Решение бр.07-08 од 17.02.2011 година со кое Жалбата ја уважи и предметот го врати на повторно постапување.
 Апелациниот суд Скопје постапувајќи по Решението на Комисијата бр.07-8 од 17.02.2011, донесе Заклучок за прекинување на постапката, заведен под бр. 03 VI Суи.58/2011-1 од 01.03.2011 година.
Незадоволен од донесениот Заклучок, С.С.И. од Струмица на 28.03.2010 година, поднесе Жалба до Комисијата, заведена под бр.07-8.
Во Жалбата наведува “Доставена информација е далеко од одредбите на ЗСПИЈК. Признавањето дека ОСГ и АСС(Основниот суд Гевгелија и Апелациониот суд Скопје) создале информации со кои не располага, согласно со одредбите на ЗСПИЈК, за барателот не е информација…. Информација за Барателот е, зошто имателот на информации дозволил создавање на информации спротивно од прописите, и кога се веќе тие создадени, зошто тој не ги почитува одредбите на Законот за општата управна постапка, за да ги укине или поништи, туку создаде нова информација која не е согласна со македонските прописи…..“
Комисијата со допис  бр. 07-8 од 30.03.2011 година ја препрати Жалбата до Апелациониот суд Скопје и побара во рок од 3 дена да се произнесе по истата и да ги достави до Комисијата сите списи во врска со предметот.
Апелациониот суд од Скопје во врска со ова барање на Комисијата, достави Одговор на Жалба заведен под бр.03 VI Суи.58/2011-2 од 04.04.2011 година а во Комисијата заведен под бр.07-8 од 06.04.2011 година.
Во Одговорот се наведува “Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по напатствијата дадени од страна на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, со Решение бр.07-8 од 17.02.2011 година, на ден 01.03.2011 година донесе Заклучок бр.03 VI Суи.58/2011-1, со кој ја прекина постапката по барањето за слободен пристап до информации од јавен карактер…..со кое бара одговор на прашањата “Дали на светот постои држава во која за ист прекршок можат да се изречат безброј санкции“… и “Ако глобата е платена (чл.49.точка 5 од ЗП)-зошто судот измислува нови санкции….Апелациониот суд Скопје, смета дека вака изнесените причини од страна на барателот на информации од јавен карактер, во својата жалба, се неосновани, и овој суд останува во целост кон наводите дадени во донесениот Заклучок бр. 03 VI Суи.58/2011-1 од 01.03.2011 година.“
Комисијата му укажува на барателот дека поднесените барања за слободен пристап треба да бидат во согласност со член 16 од Законот. Во барањето барателот е должен да ја наведе информацијата со која сака да се запознае и на каков начин сака да се запознае.
Според наведениот закон, информација од јавен карактер е информација во која било форма што ја создал или со која располага имателот на информацијата согласно со неговите надлежности.
Барателот може да бара информација или документ но не може да поставува прашања или да бара да му се подготви нова информација доколку тоа не произлегува од надлежноста на имателот.
Врз основа на изнесеното, одлучено е како во диспозитивот на ова Решение.
Ова Решение е конечно во управната постапка и против него нема место за жалба.
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против ова Решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.

*****

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата изјавена од Македонското здружение на млади правници-Скопје, поднесена преку полномошник Ј.А., адвокат од Скопје, против Министерството за култура, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008 и 6/2010) на седницата одржана на  20 мај 2011 година, го донесе следното

Р Е Ш Е Н И Е

Жалбата изјавена од Македонското здружение на млади правници-Скопје, поднесена преку полномошникот Ј.А., адвокат од Скопје, против Министерството за култура, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер СЕ УВАЖУВА и СЕ ЗАДОЛЖУВА Министерството на барателот да му ја достави бараната информација “Копија од Проценка на влијанието на регулативата на Предлог законот за авторското право и сродните права од 2010 година“, најдоцна до  13 јуни 2011 година, на начин и во форма наведени во Барањето.

О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, согласно член 28 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008 и 6/2010), ја разгледа Жалбата заведена во Комисијата под број 07-351 од 05.01.2011 година, поради неспроведување на Решението на Комисијата, изјавена од Македонското здружение на млади правници-Скопје, поднесена преку полномошник Ј.А., адвокат од Скопје, против Министерството за култура, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, ЈА УВАЖИ и ГО ЗАДОЛЖИ Министерството на барателот да му ја достави бараната информација најдоцна до 13 јуни  2011 година, на начин и во форма наведени во Барањето.
По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот, Комисијата го констатира следното.
Како што се наведува во Жалбата, Македонското здружение на млади правници-Скопје, на 13.07.2010 година, со препорачана пратка, по пошта поднело Барање за пристап до информации од јавен карактер до Министерството за култура и побарало во фотокопија по пошта да му ја достават следната информација.
“Копија од Проценка на влијанието на регулативата на Предлог законот за авторското право и сродните права од 2010 година “.
Министерството за култура, како што е наведено во Жалбата, на Барањето не одговорило во законски предвидениот рок, по што се смета дека барањето е одбиено и е поднесена Жалба до Комисијата,  заведена под бр.07-351 од 06.09.2010 година.
Комисијата со допис бр.07-351од 10.09.2010 година, ја препрати Жалбата до Министерството за култура и побара во рок од 3 дена да се произнесе по истата и да ги достави до Комисијата сите списи во врска со предметот.
Министерството за култура не одговори на овој допис на Комисијата.
По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот Комисијата на 04.11.2010 година донесе Решение бр.07-351 со кое Жалбата на Македонското здружение на млади правници се уважува и се задолжува Министерството на барателот да му ја достави бараната информација.
Министерството за култура не постапило ни по Решението на Комисијата, поради што Македонското здружение на млади правници преку полномошникот Ј.А., адвокат од Скопје, на 05.01.2011 година повторно достави Жалба до Комисијата поради неовозможување на пристап до информација.
Комисијата со допис број 07-351 од 12.01.2011 година ја препрати Жалбата до Министерството за култура и побара во рок од 3 дена да се произнесе по истата и да ги достави до Комисијата сите списи во врска со предметот.
Министерството за култура не одговори на овој допис на Комисијата.
Од наведените причини одлучено е како во диспозитивот на ова Решение.
Ова Решение е конечно во управната постапка и против него нема место за жалба.
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против ова Решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.

*****

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата изјавена од В.К., адвокат од Скопје, против Решението на Основен суд Скопје 1 Скопје, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на РМ“ бр.13/2006.86/2008 и 6/2010),  на седницата одржана на  20 мај 2011 година, го донесе следното

Р Е Ш Е Н И Е

Жалбата изјавена од В.К., адвокат од Скопје, поднесена против Решението Пји бр.3/11 од 17.03 2011 година на Основен суд Скопје 1 Скопје, се УВАЖУВА, оспореното Решение Пји.бр.3/11 од 17.03.2011 година на Основниот суд Скопје 1 Скопје се ПОНИШТУВА и се ЗАДОЛЖУВА Основниот суд Скопје 1 Скопје на барателот да му ја достави бараната информација “Заверен препис од Пресудата К.бр.1534/06 од 30.04.07 со клаузула на правосилност, најдоцна до 13 јуни 2011 година, на начин и во форма наведени во Барањето.

О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, согласно со член 28 од од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на РМ“ бр.13/2006.86/2008 и 6/2010) ја разгледа Жалбата заведена во Комисијата под бр.07-75 од 01.04.2011 година, изјавена од В.К., адвокат од Скопје, Решението Пји бр.3/11 од 17.03.2011 година на Основниот суд Скопје 1-Скопје, Барањето за пристап до информации од јавен карактер и другите списи во врска со предметот, ја УВАЖИ, оспореното Решение на Основниот суд Скопје 1 Пји.бр.3/11 од 17.03.2011 година го ПОНИШTИ и го ЗАДОЛЖИ Основниот суд Скопје 1 Скопје, на барателот да му ја достави бараната информација “Заверен препис од Пресудата К.бр.1534/06 од 30.04.07 со клаузула на правосилност“, најдоцна до 13 јуни 2011 година, на начин и во форма наведени во Барањето.
По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот, Комисијата го консттира следното.
В.К., адвокат од Скопје, на 10.03.2011 година, до Основен суд Скопје 1-Скопје, доставил Барање за пристап до информации од јавен карактер и побарал “Заверен препис од Пресудата К.бр.1534/06 од 30.04.07 со клаузула на правосилност“. На ова Барање Судот одговорил во законски предвидениот рок и донел Решение за одбивање на пристапот, Пји.бр.3/11 од 17.03.2011 година.
Незадоволен од наведеното Решение, В.К., адвокат од Скопје, поднесе Жалба до Комисијата, преку Основниот суд Скопје 1 Скопје.
Основниот суд Скопје 1 Скопје на 01.04.2011 година, до Комисијата ја достави Жалбата и сите списи во врска со предметот.
Во образложението на Решението имателот на информацијата наведува дека: “…Судот постапувајќи по предметното барање утврди дека на барателот не може да му се дозволи заверен препис од Пресудата К.бр.1534/06 од 30.04.07г. со клаузула на правосилност од причина што судот согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, не издава заверени преписи на пресуди кои странките и нивните полномошници можат да ги добијат согласно Законот за кривична постапка, туку доставува само информации од јавен карактер……
Поради горе наведеното, судот одлучи како во диспозитивот  на решението согласно член 26 став 1 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на РМ“ бр.13/06), а во врска со член 2 став 1 и 2 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.“
Во однос на наведеното образложение дека судот “…не издава заверени преписи на пресуди кои странките и нивните полномошници можат да ги добијат согласно Законот за кривична постапка, туку доставува само информации од јавен карактер….“,Комисијата укажува на следното.
Во Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер не постои одредба со која на барателите им се забранува да побараат пристап до одредена информација, доколку истото право можат да го остварат согласно процесните закони. Барателот има право сам да одлучи согласно кој закон ќе побара да го оствари неговото право на пристап до информации од јавен карактер.
Судот како имател на информации од јавен карактер, согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер “за својата работа е должен да овозможи информираност на јавноста“.  Целта на Законот е да обезбеди јавност и отвореност во работењето на имателите на информации и да им овозможи на физичките и правните лица да го остварат правото на слободен пристап до информации од јавен карактер загарантирано со Уставот на Република Македонија, а операциониализирано во Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, во конкретниот случај без оглед на тоа дали тие се странка или полномошник во постапката. Можноста на граѓаните да бараат и да добиваат информации од имателите на информации е од суштинско значење за транспарентноста и одговорноста кои се неопходни во едно демократско општество. Имателите на информации треба да имаат цел да го сменат начинот на работа. Со донесувањето на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер “потребата да се знае“ – кога граѓаните мораа да наведат кои се причините за бараната информација се менува во “право да се знае“ – каде граѓаните имаат право да се информираат за работата на  имателите на информации, а при тоа да не ги наведуваат причините и потребите за бараната информација.
Во однос на наводите во решението дека “…не издава заверени преписи на пресуди кои странките и нивните полномошници можат да ги добијат согласно Законот за кривична постапка, Комисијата укажува дека во Законот за кривична постапка, во член 373 точка 5 е регулрано на кого Судот ќе достави заверен препис од пресудата со упатство за правно средство. Во ниту еден член од Законот не е регулирано дека судот не смее на друг да дава фотокопија од пресудата, а во демократските правни системи се што не е изрично забрането е дозволено.
Во прилог на укажувањата на Комисијата дека Судот треба да овозможи пристап до бараната Пресуда на начин наведен во диспозитивот на ова Решение, се и следните аргументи.
Согласно член 363 став 2 од Законот за кривична постапка “Пресудата се изрекува и јавно објавува во името на граѓаните на Република Македонија“ (“Службен весник на РМ“ бр.15/05).
Согласно член 370 став 1 од истиот закон “Откако судот ја изрекол пресудата, председателот на Советот веднаш ќе ја објави. Ако судот не е во можност да ја изрече пресудата истиот ден по завршувањето на главниот претрес, ќе го одложи објавувањето на пресудата најмногу за три дена и ќе го определи времето и местото на објавувањето на пресудата.“
Имајќи го во предвид погоре изнесеното, односно дека Пресудата се изрекува и јавно објавува во име на граѓаните на Република Македонија и дека изработената пресуда мора наполно да и одговара на пресудата што е објавена, Комисијата смета дека нема законски пречки бараната пресуда да му се достави на барателот.
Овој став Комисијата го потврди и врз база на досегашните искуства на земјите во регионот каде што Законот за слободен пристап подолго се применува, како на пример во Словенија каде што пресудите на судовите јавно се објавуваат, како и на праксата на Европскиот суд за човекови права во Сразбур каде што пресудите на овој суд се објавуваат на неговата веб страна.
Судот во образложението на Решението се повикува на член 26 став 1 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на РМ“ бр.13/06,86.08 и 6/10), а во врска со член 2 став 1 и 2 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Според наведениот член, имателот може во целост или делумно да го одбие барањето, ако утврди дека бараната информација потпаѓа под исклучоците наведени во член 6 став 1, а притоа имајќи го предвид и членот 6 став 3 на член 26.
Но Судот ниту во диспозитивот ниту во образложението на Решението не наведува дека се работи за исклучок од слободниот пристап ниту пак наведува дека го спровел тестот на штетност што согласно член 4 став 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на РМ“ бр.6/2010 година) имателите се должни да го спроведат доколку се повикуваат на исклучоците од Законот.
Доколку Судот сметал дека поднесеното Барање не е Барање согласно Законот за слободен пристап до информаии од јавен карактер, требало да постапи согласно член 17 од наведениот Закон и да донесе Решение за отфрлање на барањето, а не Решение за одбивање на барањето.
Според член 17 точка 2 од наведениот Закон, “Службеното лице определено за посредување со информации од јавен карактер е должно на барателот да му даде соодветна помош при дополнувањето на барањето“.
Решение за одбивање на Барањето согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер се носи само доколку имателот на информации утврди дека бараната информација претставува исклучок од слободниот пристап, согласно член 6 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Во конкретниот случај  нема основ за одбивање на пристапот.
Комисијата утврди дека постапувањето на Основен суд Скопје 1 Скопје по конкретниот предмет е спротивно на одредбите на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и спротивно на начелата на јавност, отвореност, транспарентност, економичност на имателите на информации. Целта на горенаведениот Закон е граѓаните да го остварат своето право на пристап до информации од јавен карактер на брз и едноставен начин.
Поради горенаведените причини одлучено е како во диспозитивот на Решението.
    Ова Решение е конечно во управната постапка и против него нема место за жалба.
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против ова решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.                

*****

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата изјавена од П.Б. од Скопје, поднесена против Министерството за внатрешни работи-СВР за Град Скопје- Отсек за сообраќајни, технички работи, возачи и моторни возила, врз основа на член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, (“Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008, и 6/2010) а во врска со член 239 од Законот за општата управна постапка, на седницата одржана на 20 мај 2010 година, го донесе следното

                                     Р Е Ш Е Н И Е

Жалбата изјавена од П.Б. од Скопје,  поднесена против Министерството за внатрешни работи-СВР за Град Скопје- Отсек за сообраќајни, технички работи, возачи и моторни возила,  СЕ ОТФРЛА.
                          
О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, врз основа на член 28 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер(“Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008, и 6/2010), ја разгледа Жалбата бр.07-119 од 28.04.2011 година, изјавена од П.Б. од Скопје, поднесена против Министерството за внатрешни работи-СВР за Град Скопје-Отсек за сообраќајни, технички работи, возачи и моторни возила, преку Министерството за внатрешни работи -СВР за Град Скопје – Отсек за сообраќајни, технички работи, возачи и моторни возила до Комисијата, и  ЈА ОТФРЛИ како недопуштена.
По разгледувањето на наведената Жалба Комисијата го утврди следното.
Барателот поднел писмено барање до Министерството за внатрешни работи-СВР за Град Скопје- Отсек за сообраќајни, технички работи, возачи и моторни возила, меѓутоа во истото не се повикал на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Министерството за внатрешни работи-СВР за Град Скопје- Отсек за сообраќајни, технички работи, возачи и моторни возила, одговорило на наведеното барање, но и тоа во одговорот не се повикало на одредбите на наведениот Закон, туку во Известувањето се повикало на Законот за заштита на личните податоци.
Оттука, произлегува дека ниту барањето ниту одговорот на барањето се согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Од тие причини Жалбената постапка не може да се спроведе согласно наведениот Закон.
Исто така, согласно член 27 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, “Право на правна заштита во согласност со овој закон има барателот кој поднел писмено барање за пристап до информација.“
       Од наведените причини одлучено е како во диспозитивот на ова Решение.
Ова Решение е конечно во управната постапка и против него нема место за жалба.
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против ова Решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.

*****

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата изјавена од Еколошкото друштво Еко-мисија претставувано од претседателот на Собранието П.Б. од Скопје, поднесена против Решението на Основниот суд Скопје 1 – Скопје, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008, 6/2010) на седницата одржана на 20 мај 2011 година, го донесе следното

                                                  Р Е Ш Е Н И Е

Жалбата изјавена од Еколошкото друштво Еко-мисија претставувано од претседателот на Собранието П.Б. од Скопје, поднесена против Решението на Основниот суд Скопје 1 – Скопје, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер СЕ УВАЖУВА, Решението на Основниот суд Скопје 1 – Скопје Пји.бр.15/10 од 25.03.2011 година се поништува  и СЕ ЗАДОЛЖУВА Судот на барателот да му ја достави бараната информација “Бидејќи на рочиштето од 23.03.2010 по предметот 12 Прк.бр.4660/09-о судијата ми го одби барањето да добијам примерок од записникот што (како странка во постапката) го потпишав на тоа исто рочиште, ве молам да ми доставите фотокопија од членот од законот (или подзаконскиот акт) со кој тоа е регулирано, т.е. дека странката во прекршочната постапка нема право да добие примерок од записникот што го потпишала“, најдоцна до 13.06.2011 година, на начин и во форма наведени во Барањето.

                                           О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, согласно член 28 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008, 6/2010), ја разгледа Жалбата заведена во Комисијата под број 07-365 од 14.04.2011 година, изјавена од Еколошкото друштво Еко-мисија претставувано од претседателот на Собранието П.Б. од Скопје, поднесена против Решението на Основниот суд Скопје 1 – Скопје, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, ЈА УВАЖИ, Решението на Основниот суд Скопје 1 – Скопје Пји.бр.15/10 од 25.03.2011 година го поништи  и ГО ЗАДОЛЖИ Судот на барателот да му ја достави бараната информација најдоцна до 13.06.2011 година, на начин и во форма наведени во Барањето.
По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот, Комисијата го констатира следното.
П.Б. од Скопје на 22.09.2010 година доставил Барање за пристап до информации од јавен карактер до Основниот суд Скопје 1 – Скопје и побарал да му достават фотокопија од следната информација.
“Бидејќи на рочиштето од 23.03.2010 по предметот 12 Прк.бр.4660/09-о судијата ми го одби барањето да добијам примерок од записникот што (како странка во постапката) го потпишав на тоа исто рочиште, ве молам да ми доставите фотокопија од членот од законот (или подзаконскиот акт) со кој тоа е регулирано, т.е. дека странката во прекршочната постапка нема право да добие примерок од записникот што го потпишала“.  
Основниот суд Скопје 1 – Скопје на ова Барање одговорил со Одговор на барање Пји.бр.15/10 од 27.09.2010 година.
Незадоволен од добиениот одговор П.Б. од Скопје, на 06.10.2010 година, поднесе Жалба до Комисијата, која постапи по овој предмет и на 25.11.2010 година донесе Решение бр. 07-365 со кое Жалбата ја уважи, и го задолжи Судот на барателот да му ја достави бараната информација најдоцна до 10.12.2010 година, на начин и во форма наведени во Барањето.
Наместо да го спроведе наведеното Решение на Комисијата, Основниот суд Скопје 1 на 10.12.2010 година донел Решение Пји.бр.15/10, со кое го одбил пристапот до бараната информација. Во образложението на Решението, меѓу другото е наведено дека „…Судот согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер доставува само информации од јавен карактер, а не дава информации за конкретни процесни дејства на странки и сведоци кои тие можат да ги остварат согласно процесните закони…“.
Незадоволно од наведеното Решение Еколошкото друштво Еко-мисија, претставувано од претседателот на Собранието П.Б., на 28.12.2010 година  поднесе Жалба до Комисијата, заведена под бр.07-365.
По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот Комисијата на 01.02.2011 година донесе Решение бр.365 со кое Жалбата ја уважи, Решението на Основен суд Скопје 1 Скопје Пји.бр.15/10 од 10.12.2010 година го поништи и го задолжи Судот на барателот да му ја достави бараната информација најдоцна до 18.02.2011 година, на начин и во форма наведени во Барањето.
Еколошкото друштво Еко-мисија, претставувано од претседателот на Собранието П.Б. од Скопје, на 21.03.2011 година до Комисијата достави Жалба поради неовозможување пристап до информација, односно поради неспроведување на гпренаведеното  Решение на Комисијата.
Комисијата, со допис бр.07-365 од 22.03.2011 година, ја препрати Жалбата до Основниот суд Скопје 1 – Скопје и побара во рок од 3 дена да се произнесе по истата и до Комисијата да ги достави сите списи во врска со предметот.
Основниот суд Скопје 1 – Скопје не одговори на ова барање на Комисијата.
Наместо да одговори на барањето на Комисијата, Основен суд Скопје 1 – Скопје на 25.03.2011 година донел Решение Пји.бр.15/10 со кое повторно го одбил пристапот до бараната информација.
Еколошкото друштво Еко-мисија, претставувано од претседателот на Собранието П.Б. од Скопје, на 14.04.2011 година до Комисијата достави Жалба против горенаведеното Решение на Основниот суд Скопје 1 Скопје. Во прилог на Жалбата достави фотокопија од наведеното Решение.
Во образложението на Решението Судот се повикува на исклучок од слободниот пристап до информации, односно на член 6 став 1 точка 5 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, наведувајќи дека станува збор за „информација стекната или составена за истрага, кривична или прекршочна постапка, за спроведување на управна и на граѓанска постапка, а чие давање би имало штетни последици за текот на постапката“. Во врска со наведениот основ за одбивање на пристапот, Судот наведува дека пред да го донесе Решението спровел тест на штетност и утврдил дека „доставувањето на одговор на Барањето штетно би се одразило на прекршочните постапки и на предметот ПРК.бр.4660/09-о“. Во тој контекст Судот наведува дека имал предвид дека се работи за „прекршочна постапка во која се појавуваат две страни : подносител на барање и обвинет. Доставување на фотокопија од членови од одреден закон…претставува давање на поука и правно образложение за дејства преземени од страна на судот. Доставување…само на една од страните од постапката би претставувало повреда на начелото на рамноправност во постапката…согласно Законот за судови…Ви укажуваме дека согласно Уставот на РМ судот е самостоен и независен во донесување на своите одлуки и само повисоките судови во однос на постапката и на проценката на првостепените судови можат да даваат насоки и задолженија, па во тој контекст никој, па ниту Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер не може да дава свои мислења и ставови во однос на тоа што за судот претставува повреда на начелото на рамноправност во постапката“.
По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот Комисијата утврди дека Основниот суд Скопје 1 – Скопје продолжува со неприменување на одредбите од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и неспроведување на Решенијата на Комисијата.
Комисијата смета дека аргументите наведени во образложението на оспореното Решение на Основниот суд Скопје 1 – Скопје не се доволни за одбивање на пристапот до бараната информација.
Образложението на оспореното Решение во кое Судот се повикува на член 6 став 1 точка 5 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер е неосновано од следните причини:
Информацијата која ја бара барателот (фотокопија од член од закон или подзаконски акт со кој е регулирана одредена материја) не е информација стекната или составена за истрага, кривична или прекршочна постапка, за спроведување на управна и на граѓанска постапка. Од тие причини и пристапот не може да се одбие согласно наведениот член, ниту пак може да се спроведе тестот на штетност.
Исто така, со Барањето за слободен пристап до информации од јавен карактер барателот не бара од Судот “поуки и правни образложенија за дејства преземени од страна на судот“, туку бара “фотокопија од членот од законот (или подзаконскиот акт)“, согласно кој Судот одбил да му даде фотокопија од Записник од прекршочна постапка. Барателот не бара од Судот образложение зошто така постапил, или зошто презел такви дејства, туку бара информација според кој член постапил судот во конкретниот случај.  Доколку ваков член постои, значи не може да се даде бараната информација, доколку пак таков член не постои (за што Судот не дава конкретен одговор) Судот бил должен веднаш да ја даде бараната информација.
Според Комисијата, овозможувањето на пристап до наведената информација не претставува повреда на начелото на рамноправност во постапката, ниту пак ќе предизвика штетни последици по однос на прекршочната постапка и угледот на судот. Странките во постапката имаат право за знаат врз основа на кој Закон и кој член постапувал Судот по одреден предмет. Дали тоа ќе го побара едната, другата или двете странки во постапката, зависи од нивната потреба. Барањето на наведената информација само од едната странка не претставува повреда на начелото на рамноправност на странките.  
Комисијата утврди дека постапувањето на Основен суд Скопје 1 по конкретниот предмет е спротивно на одредбите на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и спротивно на начелата на јавност, отвореност, транспарентност, економичност на имателите на информации. Целта на горенаведениот Закон е граѓаните да го остварат своето право на пристап до информации од јавен карактер на брз и едноставен начин. Во случајов барателот не ја добил бараната информација ниту после повеќе од седум месеци од денот на доставувањето на барањето.
Комисијата се согласува дека согласно Уставот на Република Македонија судот е самостоен и независен во донесувањето на своите одлуки и само повисоките судови во однос на постапката и на проценката на првостепените судови можат да даваат насоки и задолженија. Комисијата воопшто не навлегува во постапката на одлучувањето на судот и донесување на неговите судски одлуки по одредени предмети.
Во случајов Судот се јавува во својство на имател на информација од јавен карактер и согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер е должен да ги спроведува одредбите на истиот, а една од надлежностите на Комисијата е да се грижи за спроведување на одредбите на наведениот Закон. Од тие причини Комисијата има право и должност, доколку утврди дека бараната информација е од јавен карактер, со Решение да го задолжи имателот, во утврден рок, да ја достави до барателот.
Во конкретниов случај Комисијата утврди дека член од закон или подзаконски акт, согласно кој Судот одбил на барателот да му даде фотокопија од Записникот (доколку постои), е информација од јавен карактер.
Од наведените причини одлучено е како во диспозитивот на ова Решение.
Ова Решение е конечно во управната постапка и против него нема место за жалба.
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против ова Решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.

*****

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата изјавена од Б.З. поднесена против Казнено поправната установа Затвор Скопје – Скопје, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008, 6/2010), на седницата одржана на 20 мај 2011 година, го донесе следното

Р Е Ш Е Н И Е

Жалбата изјавена од Б.З. поднесена против Казнено поправната установа Затвор Скопје – Скопје, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер СЕ УВАЖУВА, Решението на Казнено поправната установа Затвор Скопје – Скопје бр.04-1556/1 од 15.04.2011 година, се поништува и СЕ ЗАДОЛЖУВА Казнено поправната установа Затвор Скопје – Скопје на барателот да му ја достави бараната информација “Правилник за систематизација на работните места во КПУ ЗАТВОР – СКОПЈЕ кој е усогласен со Законот за извршување на санкциите (“Службен весник на РМ“ бр.57/2010) согласно кој вработените во КПУ И ВПУ добиваат статус на државни службеници“, најдоцна до 13.06.2011 година, на начин и во форма наведени во Барањето.

О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, согласно член 28 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008, 6/2010), ја разгледа Жалбата заведена во Комисијата под број 07-79 од 06.04.2011 година, изјавена од Б.З., поднесена против, Решението на Казнено поправната установа Затвор Скопје – Скопје по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, ЈА УВАЖИ, Решението на Казнено поправната установа Затвор Скопје – Скопје бр.04-1556/1 од 15.04.2011 година, го поништи и ја ЗАДОЛЖИ Казнено поправната установа Затвор Скопје – Скопје, на барателот да му ја достави бараната информација најдоцна до 13.06.2011 година, на начин и во форма наведени во Барањето.
Комисијата ги разгледа Жалбата и другите списи во врска со предметот, го констатира следното.
Б.З. на 16.03.2011 година, поднела Барање за пристап до информации од јавен карактер до Казнено поправната установа Затвор Скопје – Скопје, заведено под бр.04-1164/1, со кое побарала  фотокопија од следната  информација.
“Правилник за систематизација на работните места во КПУ ЗАТВОР – СКОПЈЕ кој е усогласен со Законот за извршување на санкциите (“Службен весник на РМ“ бр.57/2010) согласно кој вработените во КПУ И ВПУ добиваат статус на државни службеници“.
Место да ја достави бараната информација до барателот, Казнено поправната установа Затвор Скопје – Скопје, одговорила на ова Барање со допис бр.04-1164/2 од 22.03.2011 година. Во Одговорот наведува дека бараната информација сеуште е во работна форма и истата во соработка со Министерството за правда ќе биде предмет за нови измени и дополненија. “По конечност на правилникот за систематизација на работните места ќе Ви биде удоволено Вашето законско право“.
Незадоволна од наведениот Одговор, Б.З. преку имателот на информацијата, достави Жалба до Комисијата.
Казнено поправната установа Затвор Скопје – Скопје, ја препрати Жалбата која во Комисијата е заведена под бр.07-79 на 06.04.2011 година.
Kомисијата со допис бр.07-79 од 12.04.2011 година, му укажа на Затворот Скопје, дека е должен да се произнесе по Жалбата и до Комисијата да ги достави сите списи во врска со предметот.  
Затворот Скопје, во прилог на допис бр.04-1556/2 од 15.04.2011 година, а во Комисијата заведен под бр.07-79 на 19.04.2011 година, ги достави списите во врска со предметот но не се произнесе по Жалбата.
Од увидот во списите Комисијата утврди дека по поднесувањето на Жалбата Казнено поправната установа Затвор Скопје, на 15.04.2011 година, донела Решение бр. 04-1556/1 со кое Жалбата се уважува во делот на формата за одговор на барањето, а времено се одбива барањето за пристап до информации од јавен карактер – на Правилникот за систематизација на работните места.
Во Образложението на наведеното Решение се наведува  “….го одбиваме барањето согласно известувањето од Управата за извршување на санкциите со кое сме известени дека платата ќе се пресметува и од 01.03.2011 година, како и досега без промени, што всушност значи неможност за имплементацијата на Законот за државни службеници, а со тоа Правилникот за систематизација не е во сила. Поради горе наведеното и сите списи Директорот се одлучи како во диспозитивот на ова Решение“.
Оспореното Решение на 18.04.2011 година, е доставено  и до барателот Б.З., која против истото достави дополнување на Жалбата од 29.03.2011 одина, заведено во Комисијата под бр.07-79 на 06.05.2011 година.
Комисијата по разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот го утврди следното.
Образложението на оспореното Решение не може да биде основ за одбивање на пристапот до бараната информација, од следните причини.
Барателот Б.З. како што е наведено во Барањето, бара Правилник за систематизација на работните места во КПУ Затвор Скопје кој е усогласен со Законот за извршување на санкциите, согласно кој вработените во КПУ и ВПУ добиваат статус на државни службеници, а не бара информација дали наведениот Правилник може да се инплементира, согласно Законот за државни службеници, односно дали исплатата на платите за март ќе се врши согласно наведениот Правилник.
Во прилог на тврдењето дека бараната информација постои е и Барањето доставено од Затворот Скопје до Министерството за правда – Управа за извршување санкции бр.03-1312/1 од 29.03.2011 година, во кое Затворот наведува: “КПУ Затвор Скопје во врска со примената на Правилникот за систематизација на работните места бр.01-1521/1 од 13.12.2010 година, со кој се менуваат звањата на вработените согласно Законот за државни службеници и се укинува Правилникот за систематизација на работните места бр.0101-2629 од 22.09.2009 година……“.
Истото, може да се потврди и од одговорот на Управата за извршување на санкциите бр.07-469/2 од 07.04.2011 година, доставен до Билјана Зефиќ, во кој се наведува “….Правилникот за систематизација на работните места во КПУ Затвор Скопје бр.01-1521 од 13.12.2010 година и Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за систематизација на работните места во КПУ Затвор Скопје бр.01-153/1 од 01.02.2011 година се донесени од Директорот на Управата за извршување на санкциите и се доставени до Затворот Скопје“.  
Оттука произлегува дека бараната информација постои и имателот е должен да ја достави до барателот.
Од наведените причини одлучено е како во диспозитивот на ова Решение.
Ова Решение е конечно во управната постапка и против него нема место за жалба.
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против ова Решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.

*****

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата изјавена од Фондацијата Институт отворено општество-Македонија, поднесена против Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008, 6/2010), на седницата одржана на 20 мај 2011 година, го донесе следното

                                  Р Е Ш Е Н И Е

Жалбата изјавена од Фондацијата Институт отворено општество-Македонија, поднесена против Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер СЕ УВАЖУВА, Решението на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност бр. 03-99/3 од 14.03.2011 година, СЕ ПОНИШТУВА и СЕ ЗАДОЛЖУВА Националната агенција на барателот да му ја достави бараната информација, “Фотокопија од ревидиран Прирачник за организација на работата на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, неговите анекси и формулари (нагласен на страна 309) од Ревизијата на НПАА 2011).“, најдоцна до 13.06.2011 година, на начин и во форма наведени во Барањето.

                           О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, согласно член 28 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008, 6/2010), ја разгледа Жалбата бр. 07-73 од 16.03.2011 година, изјавена од Фондацијата Институт отворено општество-Македонија, поднесена против Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, ЈА УВАЖИ, Решението на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност бр. 03-99/3 од 14.03.2011 година, го поништи и ја задолжи Националната агенција на барателот да му ја достави бараната информација  “Фотокопија од ревидиран Прирачник за организација на работата на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, неговите анекси и формулари (нагласен на страна 309) од Ревизијата на НПАА 2011)“ најдоцна до 13.06. 2011 година, на начин и во форма наведени во Барањето.
По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот, Комисијата  го констатира следното.
Фондацијата институт отворено општество – Македонија на 31.01.2011 година, доставила Барање за пристап до информации од јавен карактер до Националната агенција за европски образовни програми и мобилност и побарала од Агенцијата да и достави по пошта фотокопија од следната информација.
“Фотокопија од ревидиран Прирачник за организација на работата на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, неговите анекси и формулари (нагласен на страна 309) од Ревизијата на НПАА 2011)“.
Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, како што е наведено во Жалбата, на ова барање не одговорила во законски предвидениот рок согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, по што се смета дека барањето е одбиено и е поднесена Жалба до Комисијата, заведена под бр. 07-73 на 16.03.2011 година.
Комисијата, со допис број 07-73 од 17.03.2011 година, ја препрати Жалбата до Националната агенција за европски образовни програми и мобилност и побара во рок од 3 дена да се произнесе по Жалбата и да ги достави сите списи во врска со предметот.
Националната агенција одговори на ова барање на Комисијата со допис Произнесување по жалба бр.03-99/6 од 22.03.2011 година, во Комисијата заведен под бр.07-73 на 22.03.2011 година.
Истиот ден кога е поднесена Жалбата до Комисијата, Националната агенција за европски образовни програми и мобилност до барателот доставила Решение за одбивање на пристапот до бараната информација бр. 03-96/3 од 14.03.2011 година.
Фондацијата Институт отворено општество-Македонија, незадоволна од наведеното Решение на 24.03.2011 година, преку полномошникот Ј.Б., до Комисијата достави Дополнување на Жалбата поднесена заради молчење на администрација.
Со наведеното произнесување по Жалбата од 22.03.2011 година,  Националната агенција се произнесе и по дополнувањето на Жалбата и предлага жалбата да се одбие како неоснована
Во врска со образложението во произнесувањето “Националната агенција не одговори во предвидениот рок од 30 дена за доставување на бараната информација, поради остварување на правото на платено отсуство од работа заради бременост, раѓање и родителство на директорот….“, Комисијата укажува на следното.
Горенаведеното образложение не може да биде основ за продолжување на законскиот рок за одговор на барањето, предвиден во Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Продолжувањето на рокот за доставување на бараната информација е регулирано во член 22 од горенаведениот Закон.
    Во прилог на Произнесувањето по жалбата, Националната агенција за европски образовни програми и мобилност до Комисијата достави фотокопија од Решението за одбивање на пристапот до бараната информација бр.03-99/3 од 14.03.2011 година, и фотокопии од насловната и последната страна на Прирачникот за внатрешни процедури на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност.
    Во Образложението на оспореното Решение се наведува “…Имателот на информации утврди дека бараната информација потпаѓа под исклучоците од слободен пристап до информации врз основа на член 6 став 1 точка 1 од ЗСПИЈК. Со бараната информација се заштитува информација која е класифицирана со ограничен пристап и претставува деловна тајна… Интересот со кој се заштитува информацијата, со голема сигурност може да се претпостави дека ќе претрпи штетни последици врз работата на Националната агенција поради изведување погрешни заклучоци. Штетните последици врз интересот кој се заштитува ќе бидат поголеми од јавниот интерес со објавувањето на информацијата, поради погрешно толкување на воведените процедури……особено поради фактот што овие правила се изготвени и вметнати во Ревидираниот прирачник согласно националното законодавство како и согласно правилата и насоките од Европската комисија.“
По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот, Комисијата го утврди следното.
Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, одговорила на барањето и со задоцнување донела Решение  со кое Барањето на Фондацијата Институт отворено општество Македонија го одбива.
Во врска со образложението на оспореното Решение дека бараната информација е класифицирана и затоа претставува исклучок од слободниот пристап, Комисијата укажува на следното.
Согласно Законот за класифицирани информации, создавачот на класифицираната информација го означува на видно место степенот на нејзината класификација и означува временски период или настан до кој информацијата не може да биде рекласифицирана или декласифицирана.
Од увидот на насловната страница на Прирачникот (доставена до Комисијата во фотокопија), Комисијата утврди дека не е означен степен на нејзината класификација. Потоа, степен на класификација наведен во членот 84 од Прирачникот “деловна тајна“ не постои во Законот за класифицирани информации. Доколку Агенцијата смета дека бараната информација не е наменета за јавна употреба и со нејзиното откривање би се намалила ефикасноста на работењето, веднаш по нејзиното создавање била должна на видно место да  означи дека е “за ограничена употреба“.      
Исто така, Образложението на Решението дека, со голема сигурност може да се претпостави дека со објавувањето на бараната информација Националната агенција ќе претрпи штетни последици во работењето и дека штетните последици ќе бидат поголеми од јавниот интерес, поради погрешно толкување на воведните процедури, негативно влијание врз работните процедури утврдени во Прирачникот не е доволно за да се одбие пристапот до бараната информација.
Агенцијата не наведува кои се тие штетни последици кои “со голема сигурност може да се претпостави“ дека ќе настанат во работењето на Агенцијата. Агенцијата однапред прејудицира дека воведните процедури ќе бидат “погрешно толкувани“ и тоа ќе има негативно влијание врз работните процедури утврдени во Ревидираниот Прирачник.
Комисијата смета дека објавувањето на бараната информација нема да предизвика негативни последици, односно воопшто нема да има штетни последици во остварувањето на фунцијата на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност. Напротив, со објавувањето на бараната информација ќе се зајакне довербата на граѓаните во функционирањето на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност.
Јавноста има право да ја контролира работата на државните органи и носителите на јавни овластувања.
Националната агенција за европски образовни програми и мобилност во конкретниов случај со тоа што не обезбедила јавност и отвореност во работењето, односно не овозможила информираност на јавноста за нејзината работа што претставува основна цел на наведениот Закон, направила повреда на член 2 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер,
Поради погоре изложеното, Комисијата одлучи како во диспозитивот на ова Решение.
Ова решение е конечно во управната постапка и против него нема место за жалба.
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против ова Решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.  

*****

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата изјавена од П.Б. од Скопје, поднесена против Агенција за храна и ветеринарство, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на РМ“ бр.13/2006, 86/2008, 6/2010), на седницата одржана на 20 мај 2011 година, го донесе следното

Р Е Ш Е Н И Е

Жалбата изјавена од П.Б. од Скопје, поднесена против Агенција за храна и ветеринарство, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, СЕ УВАЖУВА и се ЗАДОЛЖУВА Агенцијата за храна и ветеринарство на барателот да му ја достави бараната информација “Записникот бр.11-09/45 од 08.07.2010 година, (од инспекцискиот надзор во “КАМ“); резултатот од анализата на мострата на медот земена од “КАМ“; Решението што по добивањето на анализата било упатено до “КАМ“, најдоцна до 13.06.2011 година, на начин и во форма наведени во Барањето.
 
О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер согласно член 28 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и член 15 од Законот за изменување и дополнување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер ја разгледа Жалбата бр.07-314 од 01.02.2011 година, изјавена од П.Б. од Скопје, поднесена против Агенција за храна и ветеринарство, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, ја УВАЖИ и ја задолжи Агенцијата за храна и ветеринарство на барателот да му ја достави бараната информација, најдоцна до 13.06.2011 година, на начин и во форма наведени во Барањето.
По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот, Комисијата го констатира следното.
П.Б. од Скопје поднел Барање за пристап до информации од јавен карактер до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство – Управа за ветеринарство, Скопје, заведено под бр.11-2151/4 од 11.08.2010 година, со кое побарал фотокопии од следните документи кои Агенцијата за храна и ветеринарство ги издала постапувајќи по негова пријава против “КАМ“ дооел од Скопје: “Записникот бр.11-09/45 од 08.07.2010 (од инспекцискиот надзор во “Кам“); резултатот од анализата на мострата на медот земена од “Кам“; Решението што по добивањето на анализата било упатено до “Кам“.
Агенцијата за храна и ветеринарство на ова Барање одговорила во законски предвидениот рок, односно на 18.08.2010 година, со Известување. Незадоволен од наведеното Известување П.Б. поднесе Жалба до Комисијата.
Комисијата постапи по Жалбата и донесе Решение со кое ја уважи и предметот го врати на повторно постапување пред првостепениот орган.
Агенцијата за храна и ветеринарство постапила по Решението на Комисијата и донела Решение бр.11-2151/5 од 20.10.2010 година, со кое го одбива пристапот до бараната информација.
Против наведеното Решение П.Б. поднесе Жалба до Комисијата.
Комисијата постапи по Жалбата и на 25 ноември 2010 година, донесе Решение со кое ја уважи Жалбата, го поништи оспореното Решение и ја задолжи Агенцијата за храна и ветеринарство на барателот да му ја достави бараната информација најдоцна до 10.12.2010 година.
Во врска со наведеното Решение на Комисијата Агенцијата за храна и ветеринарсво со допис бр.11-5554/2 од 11.01.2011 година, го поканила П.Б. во просториите на Агенцијата и му понудила да изврши увид во предметот. Незадоволен од наведениот одговор (затоа што тој бара фотокопи), а не увид во предметот П.Б. поднесе Жалба до Комисијата заведена под бр.314 на 01.02.2011 година.  
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, согласно член 246 од Законот за општата управна постапка, ја препрати Жалбата до Агенцијата за храна и ветеринарство, со барање во рок од 3 дена од денот на доставувањето на овој допис, да се произнесете по истата и да ни ги доставите сите списи во врска со предметот.
Агенцијата за храна и ветеринарство се произнесе по Жалбата со допис бр.11-550/1 од 22.02.2011година, а во Комисијата заведен под бр.07-314 на 25.02.2011 година. Во прилог ги достави и сите списи во врска со предметот и фотокопии од бараните информации.
Во Произнесувањето покрај другото се наведува и следното. “Со оглед на фактот дека Агенцијата за храна и ветеринарство благовремено постапила по Решението бр.07-314 и му овозможила на барателот пристап до бараната информација со увид, предлагаме жалбата на лицето П.Б. поднесена на 01.02.2011 година, Комисијата да ја одбие во целост како неоснована“.
Во врска со наведеното Комисијата на Агенцијата за храна и ветеринарство и укажува на следното.
Согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, барателот има право да бара на каков начин сака да се запознае со содржината на бараната информација, односно да побара увид, препис, фотокопија или електронски запис. Имателот на информацијата ја дава во бараната форма освен ако бараната информација веќе постои во однапред пропишана форма и е достапна за јавноста и ако е поволно за барателот информацијата да се достави во поинаква форма од бараната, за што имателот на информацијата ја образложува причината за ваквиот начин на доставување.
Во конкретниов случај барателот бара фотокопии од наведените информации, а не увид, а имателот на информациите нема образложение зошто бараната информација ја доставува во поинаква форма од бараната.  
Врз основа на изнесеното, одлучено е како во диспозитивот на ова Решение.
Ова Решение е конечно во управната постапка и против него нема место за жалба.
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против ова Решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.

*****

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата изјавена од М.К. од Скопје, поднесена против ЕВН Електростопанство на Македонија, АД за дистрибуција и снабдување со електрична енергија, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер,(“Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008 и 6/2010), а во врска со член 223 од Законот за општата управна постапка, на седницата одржана на 20 мај  2011 година, го донесе следниот

З  А  К  Л  У  Ч  О  К

СЕ ЗАПИРА постапката по Жалбата изјавена од М.К.  од Скопје, поднесена против ЕВН Електростопанство на Македонија, АД за дистрибуција и снабдување со електрична енергија, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер “Фотокопија од Статутот на ЕВН –Македонија АД Скопје“, поради тоа што на барателот му е доставена бараната информација.

О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, согласно член 28 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер ,(“Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008 и 6/2010), ја разгледа Жалбата заведена во Комисијата под број 07-83 од 11.04.2011 година, изјавена од М.К. од Скопје, поднесена против ЕВН Електростопанство на Македонија и другите списи во врска со предметот и го утврди следното.
М.К., како што е наведено во Жалбата поднел Барање за пристап до информации од јавен карактер до ЕВН Македонија заведено под бр.2809/1 на 09.03.2011 година, и побарал во фотокопија по пошта да му ја достават следната информација.
“Фотокопија од Статутот на ЕВН Македонија“.
ЕВН Македонија на ова барање не одговорило во законски предвидениот рок согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, по што се смета дека барањето е одбиено и е поднесена Жалба до Комисијата.
Комисијата со допис бр.07-83 од 12.04.2011 година, ја препрати Жалбата до ЕВН Македонија и побара во рок од три дена да се произнесе по истата и да ги достави до Комисијата сите списи во врска со предметот.
ЕВН Македонија во врска со наведеното барање, достави допис број 02-2809/2 од 15.04.2011 година, во Комисијата заведен под бр.07-83 на 19.04.2011 година, кој е насловен до М.К. во кој наведува дека, во прилог му ја доставува бараната информација. Во прилог на дописот до Комисијата достави фотокопија од Статутот.
Врз основа на изложеното Комисијата утврди дека, ЕВН Македонија, одговорило на Барањето за пристап до информации од јавен карактер поднесено од М.К., но со задоцнување.  
Комисијата констатира дека во конкретниот случај битно е дека имателот постапил по Барањето, а барателот добил одговор на барањето но по истекот на законски предвидениот рок.
Комисијата укажува дека, конкретниот имател на информации при евентуални идни барања е должен да одговара на барањата во рок и форма предвидени во Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Поради ова, Комисијата одлучи  како во диспозитивот на овој заклучок.
Овој Заклучок е конечен во управната постапка и против него нема место за жалба.
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против овој Заклучок може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.

*****

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата изјавена од С.Ж. од Македонски Брод, поднесена против Агенцијата за државни службеници, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер,(“Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008 и 6/2010), а во врска со член 65 точка 2 од Законот за општата управна постапка, на седницата одржана на 20 мај  2011 година, го донесе следниот

З  А  К  Л  У  Ч  О  К

СЕ ЗАПИРА постапката по Жалбата изјавена од Ж.С од Македонски Брод, поднесена против Агенцијата за државни службеници, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер бр.14-4673/1 од 01.10.2010 “Извештај за оценување на државните службеници за 2006 и 2007 година за вработените во Министерство за правда-Скопје“ и Барање бр.14-5836/1 од 06.12.2010 година-“1.Барање за согласност за вработување од МП-Скопје; 2.Проверка од АДС Скопје дали работното место е слободно; 3.Согласност за вработување на државните службеници 4.Дописот од МФ-Скопје; 5.Одобрение од МФ-Скопје; 6.Барање за објавување на оглас на МП-Скопје“, поради тоа што барателот не ги отстранил недостатоците во поднесокот односно Жалбата доставена до Комисијата.

О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, согласно член 28 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, (“Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008 и 6/2010), ја разгледа Жалбата заведена во Комисијата под број 07-381 од 21.12.2010 година, изјавена од Ж.С. од Македонски Брод, поднесена против Агенцијата за државни службеници и другите списи во врска со предметот и го утврди следното.
Ж.С. од Македонски Брод на 01.10.2010 година поднел  Барање за пристап до информации од јавен карактер бр.14-4673/1 и побарал “Извештај за оценување на државните службеници за 2006 и 2007 година за вработените во Министерство за правда-Скопје“.
Агенцијата за државни службеници на ова Барање доставила Одговор до барателот бр.14-4673/2 од 05.10.2010 година. Незадоволен од наведениот Одговор, Ж.С. достави Жалба до Комисијата заведена под бр.07-381 од 25.10.2010 година.
Постапувајќо по Жалбата на жалителот, на 25 ноември, 2010 година Комисијата донесе Решение бр.07-381 со кое, за дел од Барањето “Извештај за оценување на државните службеници за 2006 година за вработените во Министерство за правда-Скопје“ ја уважи Жалбата и предметот го врати на повторно постапување пред првостепениот орган.
Постапувајќи по Решението на Комисијата, Агенцијата за државни службеници донесе Заклучок за прекинување на постапката 14-4673/5 од 02.12.2010 година.
Исто така, Агенцијата за државните службеници, постапувајќи по Барањето на Ж.С., заведено под бр.14-5836/1 од 06.12.2010 година, донела Заклучок 14-5836/2 од 07.12.2010 година со кој постапката по Барањето за пристап до информации од јавен карактер, СЕ ПЕКИНУВА.
Незадоволен од донесените Заклучоци, Ж.С. на 21.12.2010 година, поднесе Жалба до Комисијата, против двата Заклучока.
Комисијата со допис бр.07-381 од 11.01.2011 година го извести жалителот Ж.С. за следното:
“Со член 14 став 1 од Законот за општата управна постапка и член 2 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за општата управна постапка се уредува правото на жалба и истиот гласи: ”Правото на жалба против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања се уредува со закон.
Комисијата утврди дека Жалбата заведена под наведениот број 07-381 од 21.12.2010 година е поднесена против 2 заклучока на Агенцијата за државни службеници. Ваквата Жалба е поднесени до Комисијата спротивно на член 14 став 1 односно член 2 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за општата управна постапка, согласно кој Жалбата се поднесува против поединечен правен акт, а не против повеќе.
    Согласно член 65 од Законот за општата управна постапка, Комисијата Ви укажува, дека сте должни во рок од 3 дена од денот на доставување на Известувањето да ги отстраните формалните недостатоци и ја уредите Жалбата согласно член 14 став 1 од Законот за општата управна постапка односно член 2 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за општата управна постапка за да може Комисијата да постапува. Тоа значи дека за секој Заклучок треба да поднесете посебна Жалба.
Жалителот не постапи по Известувањето на Комисијата што може да се утврди од доставената повратница од пошта од која се гледа дека Ж.С. го примил Известувањето на Комисијата, на истата се потпишал и ставил дата, -16.03.2011 година.
Врз основа на наведеното, а согласно член 65 точка 2 од Законот за општата управна постапка, Комисијата утврди односно констатира дека поднесокот не е ни поднесен.
Поради наведеното Комисијата одлучи  како во диспозитивот на овој заклучок.
Овој Заклучок е конечен во управната постапка и против него нема место за жалба.
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против овој Заклучок може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.