ДОНЕСЕНИ 3 РЕШЕНИЈА
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер на својата четвртата седница (во нов состав) одржана на 20 април 2011 година, донесе 3 решенија.

*****

Kомисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата изјавена од Б.П. од Велес, поднесена  против Општина Велес–Сектор за урбанизам, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, бр.86/2008, бр.6/2010),  на седницата одржана на 20 април 2011 година, го донесе следното

Р Е Ш Е Н И Е

Жалбата изјавена од Б.П. од Велес, поднесена  против Општина Велес–Сектор за урбанизам, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер се УВАЖУВА и се ЗАДОЛЖУВА Општината на барателот да му ја достави бараната  информација “Да ми се овозможи увид во документацијата и да ми се издадат фотокопии на проектот и сите списи за изградба на поткровни станови на зграда на улица Благој Ѓорев 69/2-3, Велес, од градителот-инвеститор С.Д., со место на живеење ….. во Велес “, најдоцна до 16.05.2011 година, на начин и во форма наведени во Барањето. 

О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, согласно член 28 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, бр.86/2008, бр.6/2010), ја разгледа Жалбата бр.07-57 од 16.02.2011 година, изјавена од Б.П. од Велес, поднесена  против Општина Велес – Сектор за урбанизам, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, ја УВАЖИ и ја ЗАДОЛЖИ Општината на барателот да му ја достави бараната информација најдоцна до 16.05.2011 година, на начин и во форма наведени во Барањето.
По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот, Комисијата го констатира следното:
Б.П. од Велес на 01.02.2011 година поднел Барање за пристап до информации од јавен карактер до Општина Велес – Сектор за урбанизам, заведено во Општина Велес под бр. 25-455/1, со кое ја побарал следната информација:
“Да ми се овозможи увид во документацијата и да ми се издадат фотокопии на проектот и сите списи за изградба на поткровни станови на зграда на улица Благој Ѓорев 69/2-3, Велес, од градителот-инвеститор С.Д., со место на живеење …… во Велес“.
Во врска со наведеното Барање, Општина Велес на барателот му доставила Одговор на барање бр. 25-455/2 од 04.02.2011 година, во кој наведува дека не е во можност да му обезбеди увид во бараните документи.
Незадоволен од добиениот Одговор Б.П. од Велес поднесе Жалба до Комисијата. Во Жалбата Б.П. наведува дека пред да ја поднесе истата, лично се обратил до службеното лице кое посредува со информациите на  Општина Велес и му укажал дека не постапиле согласно горенаведениот Закон. По разговорот со службеното лице на Б.П. му било понудено да изврши увид во бараните документи, кој бил извршен на 09.02.2011 година, а на 11.02.2011 година му било понудено да добие фотокопии од половината од бараните документи. Поради тоа што не добил фотокопии од сите барани документи, Б.П. поднесе Жалба до Комисијата.
Комисијата, со допис бр.07-57 од 17.02.2011 година, ја препрати Жалбата до Општина Велес – Сектор за урбанизам и побара во рок од 3 дена Општината да се произнесе по истата и да ги достави сите списи во врска со предметот.
Б.П. од Велес до Комисијата достави Дополнување на Жалба, заведено под бр. 07- 57 на 21.02.2011 година. Во него тој наведува дека на 14.02.2011 година од Општина Велес добил Одговор бр.25-455/4, во чиј прилог му бил доставен и Записник бр. 25-455/3 од 14.02.2011 година „за позитивен одговор“ при постапување по неговото Барање. Исто така, во Дополнувањето на жалбата е наведено дека „во записникот се доставени само наведените списи…со избришан идентитет, избришани цели реченици и избришан текст за право на жалба…“.
Службеното лице во Комисијата, кое постапува по предметот, по претходен телефонски договор, на 21.02.2011 година до Општина Велес го достави и Дополнувањето на жалба и побара од Општината веднаш да се произнесе по Жалбата и по Дополнувањето на жалбата и до Комисијата да ги достави сите списи во врска со предметот.
Општина Велес до Комисијата достави Одговор бр. 25-455/6 од 23.03.2011 година, заведен во Комисијата под бр. 07-57 на 28.03.2011 година. Во Одговорот е наведено дека „Постапувајќи по барањето на лицето Б.П. од Велес…на ден 09.02.2011 година му овозможи увид во целокупната документација на предметот со која располага. На увидот именуваниот бараше копии речиси од целокупната документација која ја има издадено Општина Велес, но и од документацијата која ја имаат издадено другите субјекти надлежни да постапуваат кон тој предмет. Со цел да не се повредат правата на другите субјекти од односниот предмет, Општина Велес изврши дополнителни консултации со надлежни институции со цел да утврди дали е дозволено на именуваниот да му се издадат и копии од документите кои ги нема издадено Општина Велес…насоките и препораките на консултантите беа да се издадат само документи кои ги има издадено Општина Велес. Од овие причини, Општина Велес смета дека по однос на барањето…постапила согласно ЗСПИЈК…“ и и предлага на Комисијата жалбата да ја одбие како неоснована.
По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот, Комисијата го утврди следното.
Општина Велес, по Барањето од Б.П. од Велес, не постапила согласно одредбите од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Општина Велес во погоренаведените одговори до Комисијата прво навела дека располага  со „документацијата која ја имаат издадено другите субјекти надлежни да постапуваат кон тој предмет“, а потоа не му ја дала на барателот, сметајќи дека треб
а да му ги даде само документите кои ги создала Општината „со цел да не се повредат правата на другите субјекти од односниот предмет…“.
Во врска со наведеното, Комисијата и укажува на Општина Велес дека согласно член 3 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на РМ“ бр.13/2006) и член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на Република Македонија бр.6/2010“) “информација од јавен карактер е информација во било која форма што ја создал или со која располага имателот согласно со неговите надлежности“.
 Во случајов, Општина Велес на барателот му дала само дел од бараните информациии, кои таа ги создала. Фотокопии од информациите со кои располага, а ги создал некој друг имател, не доставила до барателот.
Од наведеното произлегува дека Општина велес постапила спротивно на одредбите од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, односно спротивно на член 3 од наведениот Закон.
Врз основа на изнесеното, одлучено е како во диспозитивот на ова решение.
Ова Решение е конечно во управната постапка и против него нема место за жалба.
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против ова Решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.

*****

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата изјавена од М.К. од Скопје, против Јавното претпријатие Македонска радиотелевизија, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, бр.86/2008, бр.6/2010), на седницата одржана на 20 април 2011 година, го донесе следното

Р Е Ш Е Н И Е

Жалбата изјавена од М.К. од Скопје, поднесена против Јавното претпријатие Македонска радиотелевизија, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер бр.03-897/1 од 31.01.2011 година се УВАЖУВА и се ЗАДОЛЖУВА Јавното претпријатие на барателот да му ја достави бараната  информација “Акт со генералии (име и презиме) на службено лице согласно со член 8 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер“ најдоцна до 16.05.2011 година, на начин и во форма наведени во Барањето.

О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, согласно член 28 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, бр.86/2008, бр.6/2010), ја разгледа Жалбата заведена во Комисијата под број 07-74 од 28.03.2011 година, изјавена од М.К. од Скопје, поднесена против Јавното претпријатие Македонска радиотелевизија, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, ЈА УВАЖИ и  го ЗАДОЛЖИ Јавното претпријатие на барателот да му ја достави бараната  информација најдоцна до 16.05.2011 година, на начин и во форма наведени во Барањето.
По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот, Комисијата го констатира следното:
Како што е наведено во Жалбата, М.К. од Скопје на 31.01.2011 година поднел Барање за пристап до информации од јавен карактер до Јавното претпријатие Македонска радиотелевизија, заведено во Јавното претпријатие под бр.03-897/1, со кое побарал по пошта да  му ја достават следната  информација:
„Акт со генералии (име и презиме) на службено лице согласно со член 8 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер“.
Јавното претпријатие Македонска радиотелевизија до барателот одговорило со допис – Известување бр.03-898/2 од 02.03.2011 година. Во Известувањето е наведено дека „Вашето барање…не сме во можност да ви го доставиме во бараната форма затоа што ЈП МРТ нема определено такво лице, односно службените лица од Секторот за правни и нормативни работи се задолжени за контакт и посредување при остварувањето на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер“.
Незадоволен од добиениот одговор во Известувањето, М.К. поднесе Жалба до Комисијата.
Комисијата, со допис бр.07-74 од 29.03.2011 година, ја препрати Жалбата до Јавното претпријатие Македонска радиотелевизија и побара во рок од 3 дена да се произнесе по истата и до Комисијата да ги достави сите списи во врска со предметот.
 Во врска со ова Барање, Јавното претпријатие Македонска радиотелевизија достави Одговор на Жалба бр. 03-898/4 од 01.04.2011 година, а во Комисијата заведен под бр.07-74 на 06.04.2011 година. Во Одговорот е наведено: “… барателот, ако не бил задоволен од добиениот одговор, можел дополнително да се обрати со барање, па доколку на истиот имателот на информација не му одговорел во дополнителниот рок од 10 дена, во тој случај можел да поднесе жалба…не се исполнети условите предвидени во член 28 став 2 од ЗСПИЈК, поради кои барателот може да изјави жалба…“.
По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот Комисијата утврди дека Јавното претпријатие Македонска радиотелевизија не постапило согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Комисијата на Јавното претпријатие Македонска радиотелевизија му укажува на следното:
Согласно чл 8 став 1 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер „Секој имател на информации за посредување определува едно или повеќе службени лица при остварувањето на правото на сободен пристап до информации“. Во член 2 алинеја 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер е прецизирано дека „Службено лице е лице вработено кај имателот на информации назначено со акт на одговорното лице, кое посредува со информациите од јавен карактер што ги создал или со кои располага имателот на информации согласно со неговите надлежности“.
Согласно член 8 став 2 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер „Имателот на информации е должен да обезбеди информирање на јавноста за службеното лице за посредување со информации“.
Од наведеното произлегува дека Јавното претпријатие Македонска радиотелевизија е должно да ја поседува бараната информација и е должно да му ја достави на барателот.
Од наведените причини одлучено е како во диспозитивот на ова Решение.
Ова Решение е конечно во управната постапка и против него нема место за жалба.
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против ова Решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.

*****

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата изјавена од Фондацијата Институт отворено општество-Македонија, застапувана од В.М., извршен директор, поднесена против Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, бр.86/2008, бр.6/2010) на седницата одржана на 20 април 2011 година, го донесе следното

Р Е Ш Е Н И Е

Жалбата изјавена од Фондацијата Институт отворено општество-Македонија, застапувана од В.М., извршен директор, поднесена против Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер СЕ УВАЖУВА, оспорениот Заклучок за запирање на постапката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност СЕ ПОНИШТУВА и СЕ ЗАДОЛЖУВА Националната агенција на барателот да му ја достави бараната информација “Акциски план изработен од МОН и Националната агенција за европски образовни програми и мобилност за унапредување на меѓусебната соработка (нагласени на страна 309 од Ревизијата на НПАА 2011)“, најдоцна до 16.05.2011 година, на начин и во форма наведени во Барањето.

О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, согласно член 28 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, бр.86/2008, бр.6/2010), ја разгледа Жалбата заведена во Комисијата под број 07-70 од 16.03.2011 година, изјавена од Фондацијата Институт отворено општество-Македонија, застапувана од В.М., извршен директор, поднесена против Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, ЈА УВАЖИ, оспорениот Заклучок за запирање на постапката го поништи и ЈА ЗАДОЛЖИ Националната агенција на барателот да му ја достави бараната информација најдоцна до 16.05.2011 година, на начин и во форма наведени во Барањето.
По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот, Комисијата го констатира следното.
Фондацијата Институт отворено општество-Македонија, како што е наведено во Жалбата, на 31.01.2011 година, поднела Барање за пристап до информации од јавен карактер до Националната агенција за европски образовни програми и мобилност и побарала во фотокопија по пошта да и ја достават следната информација:
 “Акциски план изработен од МОН и Националната агенција за европски образовни програми и мобилност за унапредување на меѓусебната соработка (нагласени на страна 309 од Ревизијата на НПАА 2011).“
Националната агенција за европски образовни програми и мобилност на ова Барање не одговорила во законски предвидениот рок согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, по што се смета дека барањето е одбиено и на 16.03.2011 година Фондацијата поднесе Жалба до Комисијата.
Комисијата со допис бр.07-70 од 17.03.2011 година, ја препрати Жалбата до Националната агенција за европски образовни програми и мобилност и побара во рок од три дена да се произнесе по истата и да ги достави сите списи во врска со предметот.
Националната агенција за европски образовни програми и мобилност одговори на ова барање на Комисијата и на 22.03.2011 година, достави Произнесување по Жалба заведено под бр. 03-97/5 од 22.03.2011 година, во кое наведува дека Националната агенција не одговорила во предвидениот рок од 30 дена поради остварување на правото на платено отсуство од работа на директорот Љ.А., и на 09.03.2011 година е назначен Д.Д. за овластен претставник на Националната агенција.
Комисијата и укажува на Националната агенција дека наведената причина не го оправдува доцнењето на Националната агенција со постапување по барањето.
Во продолжение на Произнесувањето по Жалбата, Национална агенција наведува: “Националната агенција за европски образовни програми и мобилност во врска со поднесеното барање од 31.01.2011 година од Фондацијата Институт отворено општество-Македонија, постапи согласно член 26 став 2 од ЗСПИЈК со тоа што донесе Заклучок со кое се запира постапката по барање…Имено, Националната агенција не располага со оваа информација односно документ од причина што истиот не е потпишан.” Во прилог на произнесувањето, Националната агенција го достави наведениот Заклучок заведен под бр.03-97/2 од 14.03.2011 година и полномошното за Д.Д.
Комисијата и укажува на Националната агенција дека цитираниот Заклучок не е во согласност со одредбите на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Имено, согласно член 26 став 2 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и член 14 од Законот за изменување и дополнување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, ако имателот на информацијата не располага со бараната информација, е должен да донесе Заклучок за прекинување на постапката, а не Заклучок за запирање на постапката како што е постапено во конкретниов случај. Исто така, во образложението на цитираниот заклучок Националната агенција погрешно го применила членот 18 став 2 од  Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, наведувајќи дека Заклучокот го донела во согласност со овој член, кога истиот се однесува на рокот за добивање информација од јавен карактер во случај кога барањето се препраќа до имателот кој располага со бараната информација.
Од увидот во списите на предметот, Комисијата утврди дека Националната агенција е противречна сама на себе. Во Заклучокот за запирање на постапката наведува дека не располага со бараната информација, а во произнесувањето по жалбата, ја известува Комисијата дека бараниот документ не е потпишан. Доколку бараниот документ не е потпишан, значи
дека е во постапка на подготвување и согласно член 6 став 1 алинеја 7 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер претставува исклучок од слободниот пристап до информации од јавен карактер. Во тој случај имателот може со решение да го одбие барањето за пристап до инфомација, а не со заклучок да ја запре постапката како во случајов.
На 24.03.2011 година, Фондацијата Институт отворено општество-Македонија преку полномошник Ј.Б., адвокат од Скопје, до Комисијата достави Дополнување на Жалба во кое се наведува дека веднаш по поднесувањето на Жалбата против Националната агенција поради молчење на администрација, до Фондацијата е доставено Известување и Заклучок за запирање на постапката по барањето. Незадоволна од наведениот Заклучок, Фондацијата достави Дополнување на жалбата која беше поднесена поради молчење на администрација.
По разгледувањето на Жалбата, Дополнувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот, Комисијата утврди дека Националната агенција за европски образовни програми и мобилност не постапила согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и на барателот, Фондацијата Институт отворено општество-Македонија, не и овозможила пристап до бараната информација.
Во прилог на ваквата констатација и одлука на Комисијата да го поништи оспорениот Заклучок и да ја задолжи Националната агенција да ја достави бараната информација е следното.
Во Барањето за пристап до информации од јавен карактер, Фондацијата ја навела страната-309 и документот-Ревизијата на НПАА 2011 врз основа на што ја бара информацијата “Акциски план изработен од МОН и Националната агенција за европски образовни програми и мобилност за унапредување на меѓусебната соработка..” Во делот Програми на заедницата-Доживотно учење и Млади во акција, на Националаната програма за усвојување на правото на ЕУ-ревизија 2011, донесена на 28.12.2010 година од страна на Владата на Република Македонија, објавена на веб страницата www.sep.gov.mk, јасно е наведено дека “Во тек е реализацијата на акцискиот план изготвен од МОН и Националната агенција за европски обрзовни програми и мобилност…”
    Оттука произлегува дека, бараната информација веќе постои, и Националната агенција, како еден од изготвувачите на Акцискиот план, треба да ја има бараната информација и истата да ја достави на барателот.
Од наведените причини одлучено е како во диспозитивот на ова Решение.
Ова Решение е конечно во управната постапка и против него нема место за жалба.
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против ова Решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.