ДОНЕСЕНИ 6 РЕШЕНИЈА И 2 ЗАКЛУЧОКА

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер на својата 160 седница одржана на 29 декември 2010 година, донесе 6 решенија и 2 заклучока.

**********

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата изјавена од Македонското здружение на млади правници од Скопје, поднесена преку полномошникот Ж.Х.З., адвокат од Скопје против Министерството правда, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и член 19 од Законот за изменување и дополнување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на Република Македонија“ бр.6/2010), на седницата одржана на 29 декември 2010 година, го донесе следното

Р Е Ш Е Н И Е

Жалбата изјавена од Македонското здружение на млади правници од Скопје, поднесена преку полномошникот Ж.Х.З., адвокат од Скопје против Министерството правда, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер СЕ УВАЖУВА и СЕ ЗАДОЛЖУВА Министерството на барателот да му ја достави бараната информација “Колку решенија за одобрување на бесплатна правна помош се издадени од страна на Министерството за правда, за каква правна помош се и копија од истите?“, најдоцна до 20.01.2011 година, на начин и во форма наведени во Барањето.

О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, согласно член 28 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и член 15 од Законот за изменување и дополнување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, ја разгледа Жалбата заведена во Комисијата под број 07-456 од 24.11.2010 година, изјавена од Македонското здружение на млади правници од Скопје, поднесена преку полномошникот Ж.Х.З., адвокат од Скопје против Министерството правда, ЈА УВАЖИ и ГО ЗАДОЛЖИ министерството на барателот да му ја достави бараната информација, најдоцна до 20.01.2011 година, на начин и во форма наведени во Барањето.
По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот, Комисијата го констатира следното.
Македонското здружение на млади правници од Скопје, како што е наведено во Жалбата, на 08.10.2010 година, со препорачана пратка по пошта поднело Барање за пристап до информации од јавен карактер до Министерството за правда и побарало по пошта да му достават фотокопија од следната информација.
“Колку решенија за одобрување на бесплатна правна помош се издадени од страна на Министерството за правда, за каква правна помош се и копија од истите?“.
Министерството за правда на ова Барање не одговорило во законски предвидениот рок и форма, согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер по што се смета дека Барањето е одбиено и е поднесена Жалба до Комисијата.
Комисијата со допис бр.07-456 од 25.11.2010 година, ја препрати Жалбата до Министерството за правда и побара во рок од 3 дена да се произнесе по истата и до Комисијата да ги достави сите списи во врска со предметот.
Министерството за правда не одговори ниту на овој допис на Комисијата.
По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот Комисијата утврди дека Министерството за правда не постапило согласно одредбите на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, не одговорило на Барањето на барателот во законски предвидениот рок и форма, а не одговори ниту на дописот од Комисијата.
Од наведените причини одлучено е како во диспозитивот на ова Решение.
Ова Решение е конечно во управната постапка и против него нема место за жалба.

УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против ова Решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.

**********

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата изјавена од М.К. од Скопје, против Академијата за судии и јавни обвинители, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и член 19 од Законот за изменување и дополнување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер(“Службен весник на Република Македонија“бр.6/2010), на седницата одржана на 29 декември 2010 година, го донесе следното

Р Е Ш Е Н И Е

Жалбата изјавена од М.К. од Скопје, поднесена против Академијата за судии и јавни обвинители, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер бр.03-577/2 од 19.10.2010 “Соодветни подзаконски акти во врска со член 52 ст.4 од Законот за судовите (Сл.в.на РМ бр.58/06; 35/08), односно во врска со делумниот цитат „да учествува во определени научни проекти“ СЕ УВАЖУВА и предметот се враќа на повторно постапување пред првостепениот орган.

О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, согласно член 28 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и член 15 од Законот за изменување и дополнување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, ја разгледа Жалбата заведена во Комисијата под број 07-459 од 26.11.2010 година, изјавена од М.К. од Скопје, поднесена против Академијата за судии и јавни обвинители, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, ЈА УВАЖИ и  предметот го врати на повторно постапување пред првостепениот орган.
По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот, Комисијата го констатира следното:
Како што е наведено во Жалбата, М.К. од Скопје на 19.10.2010 година, поднел две Барања за пристап до информации од јавен карактер до Академијата за судии и јавни обвинители, заведени во Академијата под бр.03-577/1 и 03-577/2 и побарал во фотокопија по пошта и е-маил да  му ги достават следните  информации:
По Барањето 03-577/1 да му достават акт „Статутот на Академијата за обуки на судии и јавни обвинители“.
По Барањето 03-577/2 да му достават „Соодветни подзаконски акти во врска со член 52 ст.4 од Законот за судовите (Сл.в.на РМ бр.58/06; 35/08), односно во врска со делумниот цитат „да учествува во определени научни проекти“.
Академијата за судии и јавни обвинители на 20.10.2010 година до барателот одговорила со допис – Доставување на информации од јавен карактер бр.03-577/3. Во овој допис е наведено дека „…во прилог Ви го доставуваме бараниот акт, односно Статут…објавен во „Службен весник на Република Македонија“ број 99/2006. Новиот Статут…кој треба да се усвои согласно новиот Закон за Академија за судии и јавни обвинители е во фаза на подготовка“.
Незадоволен од тоа што му е одговорено само на Барањето 03-577/1, но не и на Барањето 03-577/2, М.К. поднесе Жалба до Комисијата.
Комисијата со допис бр.07-459 од 01.12.2010 година, ја препрати Жалбата до Академијата за судии и јавни обвинители и побара во рок од 3 дена да се произнесе по истата и до Комисијата да ги достави сите списи во врска со предметот.
 Во врска со ова Барање, Академијата за судии и јавни обвинители достави Одговор на Жалбата бр. 03-577/6 од 13.12.2010 година, а во Комисијата заведен под бр.07-459 на 15.12.2010 година. Во Одговорот е наведено: “Постапувајќи по ваквите барања Акеадемијата, по увид од цитираната законска одредба од Законот за судовите, констаираше дека истата се однесува на регулирање на правото на судиите да бидат едукатори во Академијата за обука на судии и јавни обвинители, како и правото да учествуваат во определени научни проекти. Со оглед дека од една страна прашањето на критериумите по кои судиите можат да бидат едукатори и постапката на утврдување на листата на едукатори во Академијата е регулирана со Статутот, како и имајќи го предвид фактот дека ниту Статутот ниту друг подзаконски акт на Академијата подробно не го уредува прашањето за учеството на судиите во определени научни проекти, а од друга страна усвоен е нов Закон за Академија за судии и јавни обвинители кој во член 3 став 3 алинеја 7 пропишува дека Академијата може да организира и учествува во истражувачки проекти што подразбира и вклучување на судиите во рамките на таа дејност, до барателот на информацијата доставен е постојниот Статут на Академијата со напомена дека новиот Статут е во подготовка. Врз основа на новиот Статут ќе се изготват и сите останати општи акти на Академијата со кои ќе се уредат сите сегменти од нејзиното работење“.
По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот Комисијата утврди дека Академијата за судии и јавни обвинители по Барањето 03-577/2 во Одговорот на Жалба до Комисијата исцрпно образложила зошто не можат да му се достават соодветните акти на барателот, но сепак Комисијата смета дека Академијата не постапила согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, односно не донела заклучок со кој ја прекинува постапката бидејќи не располага со бараната информација.
Комисијата укажува на следното.
Во конкретниот случај, доколку Академијата за судии и јавни обвинители не располага со бараната информација, должна е да постапи согласно член 14 од Законот за изменување и дополнување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, кој гласи: “Во членот 26 став 2 зборовите “барателот писмено се известува“ се заменуваат со зборовите “имателот на информацијата со заклучок ќе ја прекине постапката“.
По ставот 2 се додава нов став кој гласи “Против заклучокот од ставот 2 на овој член, барателот може да поднесе жалба до Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер“.
Од тука произлегува дека согласно член 14 од наведените измени, ако барањето се однесува на информација со која имателот не располага или ако бараната информација е објавена согласно со членовите 18 и 23 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, имателот на информацијата со Заклучок ќе ја прекине постапката.
Од наведените причини одлучено е како во диспозитивот на ова Решение.
Ова Решение е конечно во управната постапка и против него нема место за жалба.

УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против ова Решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.

**********

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата изјавена од В.У. од Скопје против Известувањето од Врховен суд на Република Македонија, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и член 19 од Законот за изменување и дополнување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на Република Македонија“ бр.6/2010), на седницата одржана на 29 декември 2010 година, го донесе следното

                                                     Р Е Ш Е Н И Е

Жалбата изјавена од В.У. од Скопје против  Известувањето од Врховен суд на Република Македонија, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер “Одлуките со кои извршивте спојување на барањата заведени под ист број Псррг бр.215/2010 г. и на барањата заведени под ист број Псрру бр.36/2010 г“ СЕ УВАЖУВА и предметот се враќа на повторно постапување пред првостепениот орган.

                                                О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, согласно член 28 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и член 15 од Законот за изменување и дополнување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, ја разгледа Жалбата заведена во Комисијата под број 07-465 од 27.11.2010 година, изјавена од В.У. од Скопје против Известувањето од Врховен суд на Република Македонија СПИ бр 11/2010 година, ЈА УВАЖИ и предметот го врати на повторно постапување пред првостепениот орган.
По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот, Комисијата го констатира следното.
В.У. од Скопје, како што е наведено во Жалбата, на 09.11.2010 година поднел Барање за пристап до информации од јавен карактер до Врховниот суд и побарал да му достават фотокопија од следната информација:
“Одлуките со кои извршивте спојување на барањата заведени под ист број Псррг бр.215/2010 г. и на барањата заведени под ист број Псрру бр.36/2010 г.“.
Врховниот суд во врска со ова Барање на 25.11.2010 година, до В.У. доставил Известување заведено под бр. СПИ бр. 11/2010. Во Известувањето е наведено дека “До Врховниот суд на Република Македонија поднесовте барање за пристап до информации од јавен карактер во кое наведувате дека на ден 13.10.2010 година имате доставено повеќе барања од кои две се заведени под ист број Псррг 215/2010, како и тоа дек на ден 02.102010 година имате поднесени неколку барања од кои две се заведени под ист бр. Псрру бр.36/2010 година. Воедно, барате да Ви се достават одлуки со кои е извршено спојувањето на пртходно наведените барања….Предметите Псррг 215/2010 и Псрру бр.36/2010 г.“. се земени во работа и по однос на Вашето барање за раздвојување на барањата за заштита на праворто за судење во разумен рок, ќе оддлучува совет кој ќе постапува по тие предмети, со соодветна мериторна одлука“
Незадоволен од наведеното Известување В.У. од Скопје поднесе Жалба до Комисијата, заведена под број 07-465 на 27.11.2010 година.
Комисијата со допис бр.07-465 од 01.12.2010 година, ја препрати Жалбата до Врховниот суд и побара во рок од 3 дена да се произнесе по истата и до Комисијата да ги достави сите списи во врска со предметот.
Врховниот суд достави Известување СПИ бр. 11/2010-1 од 03.12.2010 година, заведено во Комисијата под бр. 07-465 на 10.12.2010 година. Во известувањето Врховниот суд наведува дека “постапувајќи по барањето за пристап до информации од јавен карактер, Врховниот суд со писмо заведено под…. до подносителот достави писмен одговор….“
Во Известувањето до Комисијата, Врховниот суд го навел истиот одговор што го доставил и до барателот.
 По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот Комисијата утврди дека Врховниот суд постапил по барањето на барателот и образложил зошто не може да му ги достави соодветните одлуки, односно истите судот се уште не ги донел бидејќи се уште не одлучувал мериторно, но сепак Комисијата смета дека Врховниот суд не постапил согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, односно не донел Заклучок со кој ја прекинува постапката.
Во конкретниот случај, доколку Врховниот суд не располага со бараната информација, должен е да постапи согласно член 14 од Законот за изменување и дополнување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, кој гласи: “Во членот 26 став 2 зборовите “барателот писмено се известува“ се заменуваат со зборовите “имателот на информацијата со заклучок ќе ја прекине постапката“.
По ставот 2 се додава нов став кој гласи “Против заклучокот од ставот 2 на овој член, барателот може да поднесе жалба до Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер“.
Од тука произлегува дека согласно член 14 од наведените измени, ако барањето се однесува на информација со која имателот не располага или ако бараната информација е објавена согласно со членовите 18 и 23 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, имателот на информацијата со Заклучок ќе ја прекине постапката.
Од наведените причини одлучено е како во диспозитивот на ова Решение.
Ова Решение е конечно во управната постапка и против него нема место за жалба.

УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против ова Решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.

**********

Kомисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата изјавена од Б.П. од Велес, поднесена  против Решението на Основен суд Велес, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на РМ“ бр.13/2006) и член 19 од Законот за изменување и дополнување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на Република Македонија бр.6/2010“), на седницата одржана на 29 декември 2010 година, го донесе следното

                                                    Р Е Ш Е Н И Е

Жалбата изјавена од Б.П. од Велес, поднесена  против Решението на Основен суд Велес, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер “Да ми се издаде фотокопија од оригиналниот договор (на јазикот на кој што е напишан) за пренос на побарување склучен меѓу субјектите; МХК Злетово АД Велес на улица Моша Пијаде б.б., Р.Македонија и АСТС Груп С.А. со седиште Микроџакет 401630 во Панама, Република Панама“, СЕ УВАЖУВА, Решението на Основниот суд Велес Су.бр.683/10-1 од 05.11.2010 година се поништува  и предметот се враќа на повторно постапување пред првостепениот орган.

                                            О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер согласно член 28 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и член 15 од Законот за изменување и дополнување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, ја разгледа Жалбата бр.07-444 од 15.11.2010 година, изјавена од Б.П. од Велес, поднесена  против Решението на Основен суд Велес, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, ја УВАЖИ, Решението на Основниот суд Велес Су.бр.683/10-1 од 05.11.2010 година го поништи  и предметот го врати на повторно постапување пред првостепениот орган.
По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот, Комисијата го констатира следното.
Како што се наведува во Жалбата, Б.П. од Велес на 08.10.2010 година поднел Барање за пристап до информации од јавен карактер до Основниот суд Велес и побарал, во фотокопија, по пошта, да му ја достават следната информација:
“Да ми се издаде фотокопија од оригиналниот договор (на јазикот на кој што е напишан) за пренос на побарување склучен меѓу субјектите: МХК Злетово АД Велес на улица Моша Пијаде б.б., Р.Македонија и АСТС Груп С.А. со седиште Микроџакет 401630 во Панама, Република Панама“.
Основниот суд Велес, како што е наведено во Жалбата, по ова Барање донел Решение за одбивање пристап до информација СУ.бр.683/10-1 и на барателот му го доставил на 09.11.2010 година. Во образложението на Решението е наведено дека “…Бараната информација претставува доказ во судски предмет, па доказите не можат да бидат информации од јавен карактер, затоа што нив не ги создава судот (иако додека трае постапката располага со нив) и за нив судовите не може да се сметаат како иматели на информации…доколку се работи за заверка на потпис на приватни исправи, преводи и слично, како што е овде случај, постои исклучок од правото на слободен пристап до информацијата, бидејќи исполнет е условот од чл.6 ст.1 т.2 од ЗСПИЈК…затоа што склучувањето на предметниот договор е приватна исправа помеѓу две правни лица, кои побарале заверка на преводот на истата, чие откривање би значело повреда на заштита на лични податоци…“.
Незадоволен од содржината на образложението на Решението, Б.П. од Велес поднесе Жалба до Комисијата, заведена под број 07-444 од 15.11.2010 година.
Комисијата, со допис бр.07-444 од 16.11.2010 година, ја препрати Жалбата до Основниот суд Велес и побара во рок од 3 дена Судот да се произнесе по истата и да ги достави сите списи во врска со предметот.
Основен суд Велес во врска со ова барање на Комисијата достави Произнесување по жалба СУ.бр.683/10-3 од 26.11.2010 година, а во Комисијата заведено под бр.07-444 на 29.11.2010 година. Во Произнесувањето по жалба Судот наведува дека останува на „…причините заради кои барањето е одбиено…“.
По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот, Комисијата го утврди следното.
Основниот суд Велес во образложението на Репението ги цитира член 2 и 3 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и заклучува: “оттука при вака дефинираното значење на термините “имател на информации“и “информација од јавен карактер “
“значи дека имател во конкретниот случај е оној од наброените субјекти кој во било која форма ја создал информацијата и со неа располага.“ Судот од една страна наведува дека имател на информацијата е оној што располага со информацијата а од друга страна наведува дека “судот го имаше во вид фактот дека бараната информација претставува доказ во судски предмет“, што е спротивно едно на друго.
Според Законот за слободен пристап “информација од јавен карактер е информација во било која форма што ја создал или со која располага имателот согласно со неговите надлежности“
Според наведеното, Судот располага со бараната информација.
Неспорно е дека Основен суд Велес постапува согласно законите кои произлегуваат од неговите надлежности. Меѓутоа, по барањата во кои е наведено дека се работи за барања за слободен пристап до информации од јавен карактер Судот е должен да постапува согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и Законот за изменување и дополнување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. (“службен весник на РМ“ бр.13/2006 и 6/2010)
Што се однесува до наводите во образложението на Решението дека “Бараната информација претставува доказ во судски предмет,…..и повикувањето на член 6 став 2 од Законот за слободен приста до информации од јавен карактер, како причина за одбивање на пристапот до бараната информација, Комисијата укажува на следното.
Имателот на информации може во целост или делумно да го одбие пристапот до бараната информација, доколку утврди дека таа спаѓа во исклучоците предвидени во член 6 став 1 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Меѓутоа, пред да донесе решение за одбивање на пристапот, Судот бил должен да постапи согласно член 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и да го спроведе задолжителниот тест на штетност, за да утврди дали со објавувањето на бараната информација последиците врз интересот кој се заштитува се помали од јавниот интерес утврден со закон. Доколку утврди дека со објавувањето на бараната информација последиците врз интересот кој се заштитува се поголеми од јавниот интерес, што би се постигнал со објавувањето на информацијата, ќе го одбие пристапот со Решение. Во спротивно и покрај тоа што информацијата може да се подведе под исклучоците предвидени во член 6 од Законот, ќе одобри пристап до истата.
Судот, по спроведувањето на задолжителниот тест на штетност, бил должен да го заме предвид и член 7 од  Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, според кој :
“Ако документот или негов дел содржи информации од членот 6 став 1 на овој закон што можат да се одвојат од документот без притоа да се загрози неговата безбедност, имателот на информации ги одвојува тие информации од документот и го известува барателот за содржината на останатиот дел од документот.“
Со оглед на тоа што во образложението Судот се повикува на личен податок како причина за одбивање на пристапот, Комисијата смета дека можел да му достави анонимизиран договор, со бришење на личните податоци на странките во Договорот
При повторното постапување и одлучување по Барањето Основниот суд Велес треба да ги има предвид укажувањата на Комисијата, наведени во Образложението на Решението.  
Врз основа на изнесеното, одлучено е како во диспозитивот на ова решение.
Ова Решение е конечно во управната постапка и против него нема место за жалба.

УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против ова Решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.

**********

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата изјавена од Фондацијата Институт отворено општество-Македонија, поднесена преку полномошникот Ж.Х.З., адвокат од Скопје, против Заклучокот на Владата-Генерален секретаријат, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер(“Службен весник на РМ“ бр.13/2006) и член 19 од Законот за изменување и дополнување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер(“Службен весник на РМ“бр.6/2010 година), на седницата одржана на 29 декември 2010 година, го донесе следното

Р Е Ш Е Н И Е

Жалбата изјавена од Фондацијата Институт отворено општество-Македонија, поднесена преку полномошникот Ж.Х.З., адвокат од Скопје, против Заклучокот на Владата-Генерален секретаријат, бр.14-6149/2 од 21.10.2010 година, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер СЕ УВАЖУВА, оспорениот Заклучок се поништува и се ЗАДОЛЖУВА  Владата на Република Македонија-Генерален секретаријат, да го препрати барањето веднаш, а најдоцна во рок од 3 дена до имателот  кој располага со бараната информација, од денот на доставувањето на Решението и за тоа да го извести барателот.

О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер согласно член 28 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и член 15 од Законот за изменување и дополнување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, ја разгледа Жалбата број 07-429 од 11.11.2010 година, изјавена од Фондацијата Институт отворено општество-Македонија, поднесена преку полномошникот Ж.Х.З., адвокат од Скопје, против Заклучокот на Владата – Генерален секретаријат бр. бр.14-6149/2 од 21.10.2010 година, ЈА УВАЖИ и ја задолжи Владата на Република Македонија-Генерален секретаријат, да го препрати барањето веднаш, а најдоцна во рок од 3 дена до имателот  кој располага со бараната информација, од денот на доставувањето на Решението и за тоа да го извести барателот.
По разгледување на Жалбата и другите списи во врска со предметот, Комисијата го констатира следното.
Фондацијата Институт отворено општество-Македонија, како што е наведено во жалбата, на 06.10.2010 година, поднела Барање за пристап до информации од јавен карактер до Владата на Република Македонија- Генерален секретаријат и побарала по пошта да и достават фотокопија од следната информација:
“Извештај на Владата на РМ поднесен во DGEAC (Directorate General for Education and Culture) за активностите на Министерството за образование и наука и Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, околу надминување на суспензијата на фондовите од Програмите на заедниците на ЕУ, а наведен во „Месечниот преглед за напредокот на РМ-Август 2010 на веб страната на СЕИ“ .
Владата на Република Македонија – Генерален секретаријат, по ова Барање донела Заклучок бр.14-6149/2 од 21.10.2010 година, со кој ја запрела постапката по Барањето „бидејќи Генералниот секретаријат не располага со бараната информација“.
Незадоволна од Заклучокот и образложението на добиениот Заклучок, Фондацијата Институт отворено општество-Македонија, преку полномошникот Ж.Х.З., поднесе Жалба до Комисијата, заведена под бр. 07-429 на 11.11.2010 година.
Во прилог на Жалбата достави Копија од “Месечниот преглед за напредокот на РМ-август 2010 година објавен на веб страната на СЕИ“.
Во доставениот Месечен преглед за напредокот на процесот на Европските интеграции на Република Македонија за месец август 2010 година кој бил наведен на веб страната на СЕИ на страна 21 е наведено дека: “Министерството за образование и наука подготви и поднесе извештај до  DGEAC за превземените активности на Министерството и националната агенција за европски образовни програми и мобилност (НАЕОПМ), насочена кон отстранување на суспензијата на фондовите и подготвителните мерки за учеството на програмите на Унијата“, што го утврди и Комисијата со проверка на истиот.
Комисијата со допис број 07-429 од 12.11.2010 година ја препрати Жалбата до Владата на Република Македонија-Генерален секретаријат и побара во рок од три дена да се произнесе по истата и да ги достави сите списи во врска со предметот.
Владата на Република Македонија-Генерален секретаријат не одговори на овој допис на Комисијата.
По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот, Комисијата  го утврди следното.
Владата на Република Македонија-Генерален секретаријат, во законски предвидениот рок, постапила согласно член 26 став 2 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и член 14 од Законот за изменување и дополнување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и, бидејќи, како што навела во образложението на Заклучокот, не располагала со бараната информација, донела Заклучок со кој ја запрела постапката по Барањето.
Но при постапувањето по Барањето, Генералниот секретаријат не го земал во предвид член 10 од Законот за изменување и дополнување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер(“Службен весник бр. 6/2010), според кој “Ако имателот на информацијата што го примил барањето не располага со бараната информација, веднаш, а најдоцна во рок од 3 дена од денот на приемот на барањето е должен да го препрати барањето до имателот на информацијата кој според содржината на барањето е имател на информацијата и за тоа да го извести барателот.
Во конкретниот случај, од содржината на Барањето, и од доставениот “Месечен преглед за напредокот на РМ-август 2010 година на веб страната на СЕИ се гледа дека се работи за информација која ја поседува Министерството за образование, па Генералниот секретаријат бил должен  да го препрати барањето според неговата содржина до имателот на информацијата.
Од наведените причини  е одлучено како во диспозитивот на ова Решение.
Ова Решение е конечно во управната постапка и против него нема место за жалба.
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против ова Решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.

**********

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата изјавена од В.Ј. од Скопје, против Заклучокот на Агенцијата за катастар на недвижности-Одделение за премер и катастар Битола, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер („Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006) и член 19 од Законот за изменување и дополнување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер(„Службен весник на Република Македонија“ бр.6/2010), на седницата одржана на 29 декември 2010 година, го донесе следното

Р Е Ш Е Н И Е

Жалбата изјавена од В.Ј. од Скопје, против Заклучокот на Агенцијата за катастар на недвижности – Одделение за премер и катастар Битола бр.03-448/1 од 15.11.2010 година, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер СЕ ОДБИВА.

О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, согласно член 28 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и член 15 од Законот за изменување и дополнување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, ја разгледа Жалбата бр. 07-362 од 23.11.2010 година, изјавена од В.Ј. од Скопје, против Заклучокот на Агенцијата за катастар на недвижности-Одделение за премер и катастар Битола бр.03-448/1 од 15.11.2010 година, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, ЈА ОДБИ како неоснована и утврди дека Заклучокот на првостепениот орган е правилен и врз закон заснован.
По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот, Комисијата  го констатира следното.
В.Ј. на 17.08.2010 година поднел Барање за пристап до информации од јавен карактер до Агенцијата за катастар на недвижности-Одделение за премер и катастар-Битола заведено под бр.03-448/1 и барал по пошта да добие „известување за точноста на податоците“:
„Дека од старата КП 4729/2 на В.Ј. куќа 124 м2 и двор 246 м2, во 1961 г. со договор за купопродажба Ов.бр.780/61 сп.пр.306/61 е продаден станбен дел 34 м2 и двор 126 м2 на Ј.В. и Ц. Со договор за поклон Ов.бр. 2820/11.11.61 станбен дел од 90 м2 и двор 120 м2 на ул. Владимир Назор бр.2 е поклонет на П.Ј. и со сп.пр.168/67 од П. дадена на Н.С..“
Агенцијата за катастар на недвижности-Одделение за премер и катастар-Битола, како што е наведено во Жалбата, на ова Барање не одговорилo во законски предвидениот рок и форма согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, по што се смета дека барањето е одбиено и е поднесена Жалба до Комисијата, заведена под број 07-362 на 29.09.2010 година.
Комисијата со допис бр.07-362 од 29.09.2010 година, ја препрати Жалбата до Агенцијата за катастар на недвижности-Одделение за премер и катастар-Битола и побара во рок од 3 дена да се произнесе по истата и да ги достави до Комисијата сите списи во врска со предметот.
Агенцијата за катастар на недвижности-Одделение за премер и катастар-Битола не одговори на овој допис на Комисијата.
В.Ј. од Скопје на 07.10.2010 година до Комисијата достави Поднесок кон жалба бр. 07-362, во кој е наведено дека од Агенцијата за катастар на недвижности-Одделение за премер и катастар-Битола, на 28.09.2010 година, “добив информација под бр. 03-448/1. после поминатиот законски рок со податок за непостоечка намена во шифрарникот како куќа“. Незадоволен од добиениот одговор, В.Ј. побара од Комисијата да постапи по Жалбата и Поднесокот кон жалба.
Комисијата со допис бр.07-362 од 08.10.2010 година, го препрати Поднесокот кон Жалбата до Агенцијата за катастар на недвижности-Одделение за премер и катастар-Битола и побара во рок од 3 дена да се произнесе по истата и да ги достави до Комисијата сите списи во врска со предметот.
Агенцијата за катастар на недвижности-Одделение за премер и катастар-Битола на овој допис на Комисијата одговори на 04.11.2010 година со допис бр.13-545/1. Во дописот е наведено „На барањето поради годишните одмори е одговорено на 28.09.2010 година и доставен му е целокупен преглед на движењето на парцелата за делот кој го бара според состојбата во катастарската евиденција. Странката изрично бара да се потенцира во одговорот дека станува збор за станбен простор како што било наведено во Договорот Ов.бр.2820/61. Во Катастарот во Битола во тој период постоеше евиденција само за земјиште, а не и за етажна сопственост (станови, деловни простории итн.) …така да на странката и е презентиран податок со кој се располагаше“.
Агенцијата за катастар на недвижности-Одделение за премер и катастар-Битола, на 16.11.2010 година до Комисијата достави фотокопија од Заклучок бр. 03-448/1 од 15.11.2010 година, за прекинување на постапката, “поради немање на истата во катастарската евиденција“.
В.Ј. од Скопје, незадоволен од наведениот заклучок и од образложението на истиот, на 23.11.2010 година до Комисијата достави Дополнение на жалба, заведена под бр. 07-362. Во ова Дополнение на жалба В.Ј. наведува: “Одделението  за катастар на недвижности Битола, во образложението на Заклучокот наведува дека евиденцијата за етажна сопственост(станбен и деловен простор) е воспоставена во 2008 годинас, со што всушност дал само делумна информација односно не е дадена информација по воспоставувањето на етажната сопственост.
Со оглед на тоа, бараме од Агенцијата за катастар на недвижности Битола информација за фактот врз основа на кој законски правен основ, на кое лице и под кој број е запишан во Катастарот на недвижности Битола, НEДВИЖНИОТ ИМОТ-СТАНБЕНИОТ ПРОСТОР кој бил предмет на Договорот Об. Бр.2820/61 од 11.11.1961 заверен во Околискиот суд на град Битола, во кој договор поклонодавател е В.Ј., а поклонопримател е П.Ј., со нововоспоставената катастарска евиенција за етажна сопственост од 2008 година.“
 Комисијата со допис бр.07-362 од 24.11.2010 година, го препрати Дополнението на Жалбата до Агенцијата за катастар на недвижности-Одделение за премер и катастар-Битола и побара во рок од 3 дена да се произнесе по истата и да ги достави до Комисијата сите списи во врска со предметот.
Агенцијата за катастар на недвижности-Одделение за премер и катастар-Битола не одговори на овој допис на Комисијата.
По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот, Комисијата го утврди следното.
Агенцијата за катастар на недвижности-Одделение за премер и катастар-Битола, во врска со поднесеното барање, одговорила со задоцнување, а потоа постапувајќи по Жалбата од 29.09.2010 година и Поднесокот кон Жалбата од 07.10.2010 година а во врска со барањето на барателот бр.03-448/1 од 17.08.2010, согласно член 14 од Законот за изменување и дополнување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер донела Заклучок со кој ја прекинала постапката по барањето, бидејќи не располагала со бараната информација,
Комисијата и укажува на Агенцијата за катастар на недвижности-Одделение за премер и катастар-Битола дека по евентуални идни барања за пристап до информации од јавен карактер должна е да постапува согласно роковите предвидени во Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Исто така, должна е да одговори на дописите на Комисијата и да и ги достави сите списи во врска со предметот.
Во однос на Дополнението на Жалбата, Комисијата му укажува на барателот на информацијата дека до Комисијата, барателите можат да поднесат Жалба против решенија и заклучоци на имателите или поради непостапување по барањата во законски предвидените рокови.
Со Дополнување на Жалба, барателот не може да бара информација која не ја навел во поднесеното барање до имателот.
Комисијата му укажува на барателот, дека, доколку информацијата што ја добил од имателот не е таа што ја навел во барањето, може согласно член 24 точка 3 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер „Ако како резултата на добиената информација, произлезе барање за дополнителна информација поврзана со документите кои ги поседува имателот на информацијата, барателот поднесува ново барање, согласно со членовите 15 и 16 од овој закон, заедно со одговорот што веќе го добил“.
Поради погоре изложеното, Комисијата одлучи како во диспозитивот на ова Решение.
Ова решение е конечно во управната постапка и против него нема место за жалба.

УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против ова Решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.  
         
**********

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Барањето за слободен пристап до информации од јавен карактер поднесено од М.К. од Скопје, врз основа на член 14 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на РМ“ бр.6/2010), на седницата одржана на  29 декември 2010 година, го донесе следниот
    
З  А  К  Л  У  Ч  О  К
за прекинување на постапката

Постапката по дел од Барањето поднесено од М.К. од Скопје, заведено во Комисијата под бр.07- 14 од 30.11.2010 година, кој се однесува на “Во соодветниот акт колку од нив се позитивно решени, а колку и кои се негативно решени.“, СЕ ПРЕКИНУВА.

О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е

До Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер М.К. од Скопје, поднесе Барање за слободен пристап до информации од јавен карактер, кое гласи.
“Да ми се изготви ажурирана листа на предмети за временски период од 2006-2010 год. со кои КЗПСПИЈК има изготвено побарување за нови вработувања или побарувања на соодветни кадри од други државни органи, за зајакнување на капацитетите на КЗПСПИЈК. Во соодветниот акт колку од нив се позитивно решени, а колку и кои се негативно решени “.
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи како имател на информации одговори на првиот дел од Барањето.
Во врска со вториот дел од барањето “Во соодветниот акт колку од нив се позитивно решени, а колку и кои се негативно решени.“, констатира дека не располага со бараната информаци и донесе Заклучок со кој постапката се ПРЕКИНУВА.
Поради ова, Комисијата одлучи како во диспозитивот на овој Заклучок.
Овој Заклучок е конечен во управната постапка и против него нема место на жалба.

УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против овој Заклучок може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.

**********

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбите заведени во Комисијата под бр.07-317 од 23.12.2010 година и бр.07-322 од 21.12.2010 година, изјавени од Фондацијата институт отворено општество – Македонија, поднесени преку полномошникот М.Р. адвокат од Скопје, против Заклучокот на Министерството за одбрана на РМ (Генералштабот на АРМ), по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, а во врска со член 130 од Законот за општата управна постапка, на седницата одржана на 29 декември 2010 година, го донесе следниот

З  А  К  Л  У  Ч  О  К

Постапките по Жалбите заведени во Комисијата под бр.07-317 на 23.12.2010 година, и бр.07-322 од 21.12.2010 година, изјавени од Фондацијата институт отворено општество – Македонија, поднесени преку полномошникот М.Р., адвокат од Скопје, против Заклучокот бр.02-7289/13 од 03.12.2010 година, на Министерството за одбрана (Генералштабот на АРМ) по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, СЕ СПОЈУВААТ ВО ЕДНА ПОСТАПКА.

О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, ja разгледа Жалбaта изјавена од Фондацијата  институт отворено општество – Македонија, заведена во Комисијата под бр. 07-317 од 23.12.2010 година, и Жалбата бр.07-322 од 21.12.2010 година, поднесени преку полномошникот М.Р., адвокат од Скопје, против Заклучокот бр.02-7289/13 од 03.12.2010 година, на  Министерството за одбрана (Генералштабот на АРМ), по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер “Дали и на кој датум Генералштабот на АРМ има расправано и предложено локација за Инвестициона изградба на службен комплекс во касарна Илинден во Скопје. Копија од записник воден при расправата или друг документ поврзан со расправата“ и Барањето “Копија од записник од расправата на Генералштабот на АРМ по која има дадено предлог за локација за Инвестициона изградба службен комплекс во касарна Илинден во Скопје“ и го утврди следното.
По разгледувањето на Жалбите Комисијата утврди дека се изјавени од ист жалител, против ист Заклучок на  Министерството за одбрана (Генералштабот на АРМ), преку ист полномошник поради што, согласно член 130 од Законот за општата управна постапка донесе Заклучок за нивно СПОЈУВАЊЕ ВО ЕДНА ПОСТАПКА.
Водејќи се од начелото на ефикасност, економичност и итност на водењето на управната постапка, а согласно член 130 од Законот за општата управна постапка Комисијата донесе Заклучок за спојување на наведените жалби во еден предмет.
Поради ова, Комисијата одлучи како во диспозитивот на овој Заклучок.
Овој Заклучок е конечен во управната постапка и против него нема место за жалба.