ДОНЕСЕНИ 13 РЕШЕНИЈА И 1 ЗАКЛУЧОК
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер на својата 147 седница одржана на 23 јуни 2010 година, донесе 13 решенија и 1 заклучок.
**********
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата изјавена од С.Г.П. од Скопје, поднесена против Врховен суд на Република Македонија, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, на седницата одржана на 23 јуни 2010 година, го донесе следното
Р Е Ш Е Н И Е
Жалбата изјавена од С.Г.П. од Скопје, поднесена против Врховен суд на Република Македонија, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, СЕ УВАЖУВА.
Се ЗАДОЛЖУВА Врховниот суд на Република Македонија, доставата на бараната информација да ја изврши согласно одредбите на Законот за општата управна постапка, најдоцна до 16 јули 2010 година.
О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи согласно член 28 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, а во врска со Пресудата на Управен суд У.бр.3088/2009 од 15.04.2010 година, заведена во Комисијата под број 07-88/2 од 28.05.2010 година, ја разгледа Жалбата бр.07-930/1 од 16.07.2008 година, изјавена од С.Г.П., адвокат од Скопје, поднесена против Врховниот суд на Република Македонија, ЈА УВАЖИ и го ЗАДОЛЖИ Врховниот суд на Република Македонија доставата на бараната информација да ја изврши согласно одредбите на Законот за општата управна постапка, најдоцна до 16 јули 2010 година.
При повторното разгледување на Жалбата и списите во врска со предметот Комисијата го констатира следното.
С.Г.П. од Скопје на 11.06.2008 година, поднела Барање за пристап до информации од јавен карактер до Врховниот суд на Република Македонија и побарала во фотокопија по пошта Судот да и ја достави следната информација.
“Мислење од Одделот за граѓански дела 03 бр.609/06 од 19.04.2006 година и Мислење ДОВ бр.14/06 од 26.12.2006 година, на Општа седница на Врховен суд на Република Македонија“.
С.Г.П. на 16.07.2008 година, до Комисијата достави Жалба во која наведува дека судот не одговорил на нејзиното барање во рокот предвиден во Законот, по што се смета дека Барањето е одбиено и е поднесена Жалба.
Комисијата со допис бр.07-930/2 од 22.07.2008 година, ја препрати Жалбата до Врховен суд на Република Македонија и побара во најкраток можен рок (веднаш) Судот да се произнесе по истата и да ги достави до Комисијата сите списи во врска со предметот.
Врховниот суд на Република Македонија, со допис СПИ бр.1/08 од 24.07.2008 година, а во Комисијата заведен под бр.07-930/3 од 28.07.2008 година, достави одговор на Жалбата. Во прилог на Одговорот достави допис СПИ бр.1/08 од 26.06.2008 година, насловен до С.Г.П. (на адреса наведена во Барањето), во кој се наведува: “Во прилог, Ви се доставува Решението на Врховниот суд на Република Македонија, донесено по поднесеното барање од Ваша страна, согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер“.
Во прилог, на овој допис судот до Комисијата достави и фотокопија од Решението СПИ бр.1/08 од 26.06.2008 година, и фотокопија од доставна книга за пошта на Врховниот суд од која може да се утврди кога писменото е предадено во поштата, но од истата не може да се утврди дали и кога примателот го примил истото, односно нема доказ – повратница за извршена уредна достава.
Од погоре изнесеното Комисијата утврди дека Врховниот суд неправилно ги применил одредбите на Законот за општата управна постапка, во однос на достава преку пошта.
Во конкретниов случај, Врховниот суд на Република Македонија, согласно одредбите на горенаведениот Закон доставата требало да ја изврши на пропишаниот начин преку пошта со препорачана пратка на начин што ќе обезбеди уредна достава, со потврда на приемот на пратката од примателот со потпис и датум на доставница или повратница, од која се утврдува датум на прием на писменото и обезбедува доказ за извршена уредна достава.
При повторното постапување и одлучување по Жалбата Комисијата го имаше предвид правното мислење и укажување на Управниот суд, наведени во Образложението на Пресудата и донесе Решение како во диспозитивот.
Ова решение е конечно во управната постапка и против него нема место за жалба.
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против ова Решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.
**********
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата изјавена од Д.Л. од Струмица, поднесена против Управен суд, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, на седницата одржана на 23 јуни 2010 година, го донесе следното
Р Е Ш Е Н И Е
Жалбата изјавена од Д.Л. од Струмица, поднесена против Управен суд, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер СЕ ОДБИВА.
О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, согласно член 28 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, ја разгледа Жалбата заведена во Комисијата под број 07-91 од 11.05.2010 година, изјавена од Д.Л. од Струмица, поднесена против Управен суд и ЈА ОДБИ како неоснована.
Комисијата ја разгледа Жалбата и другите списи во врска со предметот и го констатира следното.
Д.Л. од Струмица на 07.04.2010 година, поднел Барање за пристап до информации од јавен карактер до Управен суд заведено под бр.03-7/1, со кое побарал Судот да му ја достави следната информација.
“Фотокопија на оригиналот на донесеното решение У.бр.3513/2007 год. Од 04.02.2010 г.“.
Во врска со ова барање Управниот суд на 19.04.2010 година, до Д.Л. доставил допис бр.03-7/4 во со кој го известува дека позитивно одговара на барањето. Во прилог на дописот му доставил фотокопија од оригиналот на донесеното решение У.бр.3513/07 од 04.02.2010 година. Во прилог на овој допис му доставил и потврда за прием на неговото барање и службена белешка за постапувањето по истото.
Д.Л. на 26.04.2010 година, до Управниот суд доставил повторно барање, заведено под бр.03-7/5, во кое наведува.
“Да. Судот ми достави фотокопија на оригиналот на донесеното решение У.бр.3513/2007 год. Од 04.02.2010 г.
Претседателот на Управниот суд Р.К. , позитивно одговори со акт број 03-7/4, ама не ми достави фотокопија на оригиналот на донесеното решение“.
Во врска со ова повторно барање, Управниот суд до Д.Л. доставил Известување бр.03-7/7 од 28.04.2010 година.
Покрај другото во Известувањето во врска со повторното барање наведува дека, согласно член 23 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер “Ве известуваме дека бараната информација Ви е предходно доставена со допис бр.03-7/4 од 19.04.2010 година. Во прилог на ова известување, Ви доставуваме потврда за прием на Вашето барање и службена белешка за постапување по истото“.
Незадоволен од наведениот одговор Д.Л. поднесе Жалба до Комисијата, во која покрај другото наведува. “Барам од Управниот суд да се произнесе дали ќе ми достави фотокопија од оригиналното решение или не“.
Комисијата со допис бр.07-91 од 17.05.2010 година, ја препрати Жалбата до Управниот суд и побара во рок од 5 дена Судот да се произнесе по истата и до Комисијата да ги достави сите списи во врска со предметот.
Во врска со ова барње на Комисијата Управниот суд достави Одговор на Жалба и во прилог ги достави сите списи во врска со предметот.
Во одговорот на жалбата Управниот суд изјавува дека наводите во жалбата се неосновани од причини наведени во одговорот на барањето и во известувањето и во целост останува на горенаведенте акти.
По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот, Комисијата утврди дека Управниот суд во врска со наведениот предмет правилно ги применил одредбите на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Управниот суд на барањата одговорил во законски предвидениот рок и форма. Службеното лице определено за посредување со информации правилно ја спровело постапката по барањето.
Од наведените причини одлучено е како во диспозитивот на ова Решение.
Ова Решение е конечно во управната постапка и против него нема место за жалба.
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против ова Решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.
**********
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата изјавена од Фондацијата Институт отворено општество – Македонија, поднесена преку полномошник Ф.С.М, адвокат од Скопје против Народниот правобранител на Република Македонија, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, на седницата одржана на 23 јуни 2010 година, го донесе следното
Р Е Ш Е Н И Е
Жалбата изјавена од Фондацијата Институт отворено општество-Македонија, поднесена преку полномошник Ф.С.М., адвокат од Скопје против Известувањето на Народниот правобранител на Република Македонија бр.03-2/8 од 03.05.2010 година, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер СЕ ОДБИВА.
О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, согласно член 28 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, ја разгледа Жалбата бр. 07-94 од 25.05.2010 година, изјавена од Фондацијата Институт отворено општество – Македонија, поднесена преку полномошник Ф.С.М., адвокат од Скопје, против Известувањето на Народниот правобранител на Република Македонија бр. 03-2/8 од 03.05.2010 година, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, и ЈА ОДБИ како неоснована.
По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот, Комисијата го констатира следното.
Фондацијата Институт отворено општество – Македонија, на 19.04.2010 одина, до Народниот правобранител на Република Македонија, поднела Барање за пристап до информации од јавен карактер бр.06-351 и побарала во фотокопија, по пошта да и ја достават следната информација.
“Колку претставки за наводно непочитување на уставните и законските права на лицата во органите, организациите и установите во кои слободата на движење е ограничена се упатени до Народниот правобранител во периодот од 21 септември 2009 до 31 декември 2009 година, како и во кој орган, организација или установа се наоѓаат лицата кои ги упатиле претставките и на кој начин е постапено по претставките согласно членовите 32 и 23 од Законот за народниот правобранител?“.
На ова Барање Народниот правобранител на Република Македонија во законски предвидениот рок, одговорил со Известување заведено под број 03-2/8 на 03.05.2010 година.
Незадоволен од наведеното Известување, барателот преку полномошник Ф.С.М, адвокат од Скопје, на 25.05.2010 година поднесе Жалба до Комисијата.
Комисијата со допис број 07-94 од 31.05.2010 година ја препрати Жалбата до Народниот правобранител на Република Македонија и побара во рок од 5 дена Народниот правобранител да се произнесе по Жалбата и да ги достави сите списи во врска со предметот.
Народниот правобранител во врска со ова барање достави Известување заведено под број 03-2/21 од 03.06.2010 година, а во Комисијата заведено под број 07-94 од 04.06.2010 година.
По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот, Комисијата го утврди следното.
Народниот правобранител на барањето одговорил во законски предвидениот рок и до барателот доставил Известување во кое покрај другото наведува “……Ве известувам дека Народниот правобранител води евиденција на претставките по области и на годишно ниво и согласно член 36 за степенот на обезбедувањето почитување, унапредување и заштита на уставните и законските права на граѓаните и за почитувањето на начелата на недискриминација и соодветна правична застапеност на припадниците на заедниците од страна на органите од членот 2 од овој закон, Народниот правобранител го информира Собранието на Република Македонија со Годишен извештај.
Од тие причини бараниот податок за примени претставки за периодот од 21 септември до 31 декември 2009 година Народниот правобранител не е во можност да ви го достави“.
Во Известувањето по барањето на Комисијата за произнесување по Жалбата и доставување на списи, покрај другото се наведува:“…Со оглед на изнесеното, Народниот правобранител уште еднаш известува дека барањето на жалителот не е ниту удоволено ниту одбиено, туку дека станува збор за информација со која како таква, институцијата Народен правобранител не располага.“
Врз основа на погоре изнесеното, Комисијата утврди дека Народниот правобранител постапил согласно член 26 став 2 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, односно го известил барателот на информацијата дека не располага со бараната информација.
Согласно член 3 алинеја 2 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер “информација од јавен карактер“ е информација во која било форма која ја создал и со која располага имателот на информацијата, односно со неа располага имателот на информацијата, согласно со неговите надлежности.“
Од горенаведеното се гледа дека, Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер предвидува пристап до информации кои постојат и не наметнува обврска за имателот на информации да создава нова информација.
Поради погоре изложеното, Комисијата одлучи како во диспозитивот на ова Решение.
Ова решение е конечно во управната постапка и против него нема место за жалба.
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против ова Решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.
**********
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата изјавена од Фондацијата Институт отворено општество – Македонија, поднесена преку полномошник Ж.Х.З., адвокат од Скопје против Народниот правобранител на Република Македонија, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, на седницата одржана на 23 јуни 2010 година, го донесе следното
Р Е Ш Е Н И Е
Жалбата изјавена од Фондацијата Институт отворено општество-Македонија, поднесена преку полномошник Ж.Х.З., адвокат од Скопје против Решението на Народниот правобранител на Република Македонија бр.03-2/7 од 03.05.2010, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер СЕ ОДБИВА.
О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, согласно член 28 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, ја разгледа Жалбата бр. 07-97 од 25.05.2010 година, изјавена од Фондацијата Институт отворено општество – Македонија, поднесена преку полномошник Ж.Х.З., адвокат од Скопје против Решението на Народниот правобранител на Република Македонија бр.03-2/7 од 03.05.2010, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, ЈА ОДБИ како неоснована и утврди дека Решението на првостепениот орган е правилно и врз закон засновано.
По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот, Комисијата го констатира следното.
Фондацијата Институт отворено општество – Македонија, на 19.04. 2010 година, поднела Барање до Народниот правобранител на Република Македонија, заведено под бр.06-350/2 со кое побарала во фотокопија, по пошта да и ја достават следната информација.
“Барам да ми се обезбеди делумен пристап до претставките за непочитување на уставните и законските права на лицата во органите, организациите и установите во кои слободата на движење е ограничена упатени до Народниот правобранител во периодот од 21 септември 2009 до 31 декември 2009 година, вклучително и информација во кој орган, организиација или установа се наоѓаат лицата кои ги упатиле претставките и на кој начин е постапено по претставките согласно членовите 32 и 23 од Законот за народниот правобранител, како и делумен пристап до актот со кој се постапило по претставките“.
По ова Барање Народниот правобранител на Република Македонија во законски предвидениот рок на 03.05.2010 година, донел Решение за одбивање на пристапот бр.03-2/7.
Незадоволен од донесеното Решение, барателот на 25.05.2010 година поднесе Жалба до Комисијата.
Комисијата со допис број 07-97 од 31.05.2010 година ја препрати Жалбата до Народниот правобранител на Република Македонија и побара во рок од 5 дена да се произнесе по Жалбата и да ги достави сите списи во врска со предметот.
Народниот правобранител по ова барање Достави Известување заведено под број 03-2/21 од 03.06.2010 година, а во Комисијата заведен под број 07-97 на 04.06.2010 година.
По разгледувањето на сите списи во врска со предметот, Комисијата го констатира следното.
Народниот правобранител во врска со поднесеното барање, во законски предвидениот рок донел Решение со кое го одбил пристапот до бараната информација. Во образложението на оспореното Решение Народниот правобранител наведува “……Постапувајќи по Барањето Народниот правобранител оцени дека со давањето на бараните информации ќе се прекрши членот 18 од Законот за народниот правобранител со кој се предвидува должност на Народниот правобранител да ја почитува приватноста и тајноста на податоците што се однесуваат на подносителите на претставките.
Воедно, Народниот правобранител оцени дека бараните информации претставуваат личен податок чие откривање согласно член 6 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер би значело повреда на заштитата на личните податоци“.
Со оглед на тоа што барателот бараше делумен пристап до претставките за непочитување на уставните и законските права на лицата во органите, организациите и установите во кои слободата на движење е ограничена односно се работи за посебна категорија на лични податоци, а имателот го одбил барањето со образложение дека информациите се класифицирани, претседателот на Комисијата и член на Комисија извршија увид во бараните информации кај Народниот правобранител.
Врз основа на извршениот увид Комисијата утврди дека не е можен ниту делумен пристап до бараните информации бидејќи со бришење на податоците кои претставуваат исклучок од слободниот пристап, претставките фактички ќе останат без содржина.
Бараните претставки изобилуваат со посебни категории на лични податоци кои може да го откријат расното или етничкото потекло, политичко, верско или друго уверување, членство во синдикална организација и особено податоци што се однесуваат на здравствента состојба или сексуалниот живот кои согласно член 2 точка 10 од Законот за заштита на личните податоци се заштитени и согласно член 8 од истиот Закон е забранета нивна обработка.
Исклучоците предвидени во наведениот закон претставуваат основ за одбивање на пристапот до истите.
Народниот правобранител правилно се повикал и на член 18 од Законот за Народниот правобранител според кој “народниот правобранител во текот на постапката по претставката е должен да ја почитува приватноста и тајноста на податоците што се однесуваат на подносителите од членот 16 на овој закон“. Со оглед на тоа што, согласно член 16 од наведениот закон, “претставката поднесена до Народниот правобранител треба да биде потпишана и да содржи лични податоци за подносителот и да ги содржи околностите, фактите и доказите врз кои се темели претставката“. Народниот правобранител правилно постапил кога го одбил пристапот до бараната информација.
Врз основа на спроведената постапка по Жалбата, Комисијата утврди дека Решението на Народниот правобранител е правилно и врз закон засновано.
Поради ова, Комисијата одлучи како во диспозитивот на ова Решение.
Ова решение е конечно во управната постапка и против него нема место за жалба.
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против ова Решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.
**********
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата изјавена од А.К. од Вевчани, поднесена против ОУ “Страшо Пинџур“ од Вевчани, по предметот Барање пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, на седницата одржана на 23 јуни 2010 година, го донесе следното
Р Е Ш Е Н И Е
Жалбата изјавена од А.К. од Вевчани, поднесена против ОУ “Страшо Пинџур“ од Вевчани, по предметот Барање пристап до информации од јавен карактер СЕ УВАЖУВА Решението на ОУ “Страшо Пинџур“ од Вевчани бр.03-241/2 од 25.05.2010 година, СЕ ПОНИШТУВА и се ЗАДОЛЖУВА ОУ “Страшо Пинџур“ од Вевчани на барателот да му ги достави бараните информации “Записник од извршен инспекциски надзор од Трудовата инспекција од 08.04.2010 година“, и “Записник од извршен инспекциски надзор од Просветната инспекција од 08.04.2010 година“, најдоцна до 16.07.2010 година, на начин и во форма наведени во Барањето.
О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, согласно член 28 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, ја разгледа Жалбата бр.07- 100 од 02.06.2010 година, изјавена од А.К. од Вевчани, поднесена против ОУ “Страшо Пинџур“ од Вевчани, по предметот Барање пристап до информации од јавен карактер, ЈА УВАЖИ, Решението на ОУ “Страшо Пинџур“ од Вевчани бр.03-241 од 25.05.2010 година, го ПОНИШТИ и го ЗАДОЛЖИ ОУ “Страшо Пинџур“ од Вевчани на барателот да му ги достави бараните информации, најдоцна до 16.07.2010 година, на начин и во форма наведени во Барањето.
По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот Комисијата го констатира следното.
А.К. од Вевчани на 23.04.2010 година, поднел две поединечни Барања за пристап до информации од јавен карактер до ОУ “Страшо Пинџур“ од Вевчани, едното заведно во училиштето под број 03-240/1, а другото под бр.03-241/1 и ги побарал следните информации.
Со едното Барање побарал во фотокопија лично на рака да му достават “Записник од извршен инспекциски надзор од Трудовата инспекција од 08.04.2010 година“,.
Со другото Барање во иста форма и на ист начин побарал да му достават “Записник од извршен инспекциски надзор од Просветната инспекција од 08.04.2010 година“.
Во врска со наведените Барања на 04.05.2010 година, ОУ “Страшо Пинџур“ од Вевчани, до барателот доставило две посеби Известувања, со кои го известува брателот дека, ќе добие соодветен одговор во рок утврден во Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, односно во рок од 30 дена.
ОУ “Страшо Пинџур“ од Вевчани, на 26.05.2010 година, до барателот А.К. доставило Решение бр.03-241/2 со кое го одбива пристапот до двете барани информации, со кратко образложение “ние сметаме дека за бараните информации треба да се обратите до институциите кои ги издале бараните документи“.
Незадоволен од наведеното Решение А.К. од Вевчани, понесе Жалба до Комисијата.
Комисијата со допис бр.07-100 од 04.06.2010 година, ја препрати Жалбата до ОУ “Страшо Пинџур“ од Вевчани и побара во рок од 5 дена училиштето да се произнесе по истата и до Комисијата да ги достави сите списи во врска со предметот.
Во врска со ова барање на Комисијата ОУ “Страшо Пинџур“ од Вевчани, место да достави одговор на Жалбата и сите списи во врска со предметот, со допис бр.03-343/2 од 15.06.2010 година, а во Комисијата заведен под бр.07-100 на 18.06.2010 година, во прилог достави фотокопии од барањата и фотокопии од бараните информации.
По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот, Комисијата го констатира следното.
Оспореното Решение е спротивно на одредбите на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Решение за одбивање на пристапот се носи само кога постои исклучок од слободниот пристап до информации или кога се овозможува делумен пристап до бараните информации (член 6 и член 7 од Законот).
Образложението во оспореното Решение “ние сметаме дека за бараните информации треба да се обратите до институциите кои ги издале бараните документи“, неможе и не смее да биде причина за одбивање на пристапот до бараните информации.
Согласно член 3 став1 алинеја 2 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер “информација од јавен карактер“ е информација во која било форма која ја создал и со која располага имателот на информацијата, односно со неа располага само имателот на информацијата, согласно со неговите надлежности“.
Во конкретниот случај барателот бара информации кои ги создале други органи, а не училиштето. Меѓутоа, неспорно е дека ушилиштето располага со истите и е должно да ги достави до барателот.
Комисијата на ОУ “Страшо Пинџур“ од Вевчани му укажува дека неприменувањето на одредбите од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер претставува прекршок согласно член 39 и член 44 од истиот Закон и член 2 и член 7 став 1 и став 2 од Законот за изменување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Од наведените причини е одлучено како во диспозитивот на ова Решение.
Ова Решение е конечно во управната постапка и против него нема место за жалба.
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против ова Решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.
**********
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата изјавена од С.Ј. од Скопје, поднесена против Ј.У. Меѓуопштински центар за социјална работа на Град Скопје – Скопје, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер,на седницата одржана на 23 јуни 2010 година, го донесе следното
Р Е Ш Е Н И Е
Жалбата изјавена од С.Ј. од Скопје, поднесена против Решението на Ј.У. Меѓуопштински центар за социјална работа на Град Скопје – Скопје, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер СЕ УВАЖУВА,
Оспореното Решение бр.03-751/2 од 14.05.2010 година, на Ј.У. Меѓуопштински центар за социјална работа на Град Скопје – Скопје, СЕ ПОНИШТУВА и предметот се враќа на повторно постапување пред првостепениот орган.
О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, согласно член 28 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, ја разгледа Жалбата заведена во Комисијата под број 07-99 од 31.05.2010 година, изјавена од С.Ј.од Скопје, поднесена против Решението бр.03-751/2 од 14.05.2010 година, на Ј.У. Меѓуопштинскиот центар за социјална работа на Град Скопје – Скопје, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер ЈА УВАЖИ, Решението на Ј.У. Меѓуопштинскиот центар за социјална работа на Град Скопје – Скопје го ПОНИШТИ и предметот го врати на повторно постапување пред првостепениот орган.
По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот, Комисијата го констатира следното.
С.Ј. од Скопје, поднела Барање за пристап до информации од јавен карактер до Ј.У. Меѓуопштински центар за социјална работа на Град Скопје – Скопје, заведено под бр.03-751/1 на 03.05.2010 година, и побарала во фотокопија по пошта, да и ги достават следните документи.
1.“Соодветниот документ со кој Центарот дошол до заклучок дека мојот сопруг Живко Јаневски е способен да располага со финансиските средства.
2. Копија од целокупната документација, списи, записници и така натаму, од периодот, заедно со моето прво барање за поставување на посебен старател на мојот сопруг Ж.Ј. се до моментот кога ќе го добиете ова мое барање, како и коресподенција и документација со трети лица или институции, а што се однесува на мојот случај кој е воден од ваша страна или лица кои вие сте ги овластиле привремено истиот да го водат, за истиот период, односно целокупниот предмет“.
По наведеното Барање Ј.У. Меѓуопштински центар за социјална работа на Град Скопје – Скопје, постапил во законски предвидениот рок и на 15.05.2010 година, донел Решение бр.03-751/2, со кое го одбил пристапот до бараните документи.
Во Образложението на оспореното Решение, како причина за одбивање на пристапот го наведува следното. “Постапувајќи по наведеното барање, се изврши увид во Листа на информации од јавен карактер со кои располага Ј.У. Меѓуопштински центар за социјална работа на Град Скопје – Скопје, при што се утврди следното:
Ј.У. Меѓуопштинскиот центар за социјална работа на Град Скопје – Скопје, како имател на информации од јавен карактер, има објавено листа на информации од јавен карактер, на начин достапен до јавноста (огласна табла), а информациите при што се наведени во барањето не се информации од јавен карактер“.
Незадоволна од добиеното Решение С.Ј., до Комисијата достави Жалба.
Комисијата со допис бр.07-99 од 02.06.2010 година, ја препрати Жалбата до Ј.У. Меѓуопштинскиот центар за социјална работа на Град Скопје – Скопје, и побара во рок од 5 дена да се произнесе по истата и да ги достави до Комисијата сите списи во врска со предметот.
Во врска со ова Барање Ј.У. Меѓуопштински центар за социјална работа на Град Скопје – Скопје, достави Одговор на Жалба број.03-751/4 од 07.06.2010 година, а во Комисијата заведен под број 07-99 на 08.06.2010 година.
Во Одговорот на Жалбата центарот ја опшшува постапката со која С.Ј., сопруга на Ж.Ј. е поставена за негов посебен старател со посебни овластувања во негово име да ги подига паричните средства од неговата пензија и да ги користи за негови потреби и потреби на семејството……Потоа нејзино разрешување и назначување на друг посебен старател, и постапката пред надлежните судски органи во врска со наведениот предмет.
Во одговорот на Жалбата Центарот се повикува и на член 77 од Законот за општата управна постапка и наведува дека на барателот С.Ј. во неколку наврати и било укажано дека согласно наведениот член има право да ги разгледува и на свој трошок да препише одделни списи од предметот, доколку го стори веројатен својот правен интерес за тоа, бидејќи истата не е странка во постапката.
Во врска со ова Комисијата укажува на следното. Барањето за пристап до информациите е доставено согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, според кој барателот не мора да биде странка во постапката, и не е должен да го докажува својот правен интерес, а имателот на информации нема право да го прашува зошто ја бара информацијата. Со донесувањето на наведениот Закон слоганот “ потребно да се знае “ се трансформира во “право да се знае“.
Во Одговорот на Жалбата уште се наведува дека на барателот му било укажано дека неможе да му биде доставен целокупниот предмет, бидејќи Меѓуопштинскиот центар за социјална работа на Град Скопје – Скопје, е јавна установа за социјална заштита со јавни овластувања, чија надлежност и дејност се утврдени со Законот за социјална заштита, Законот за заштита на децата, семејно правните прописи, кривично правните прописи и други прописи, фактите и и податоците утврдени во овие постапки кои можат да му наштетат на угледот, достоинството и интересите на граѓанинот и неговото семејство се заштитени. …….Постапката во остварување на правата од социјалната и другата заштита се заштитени со обврска на установата и на стручните работници во неа, да чуваат професионална и службена тајна, согласно со закон.
На крајот на одговорот Центарот исто како и во Образложението на оспореното Решение, се повикува на член 9 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер согласно кој, има изготвено листа на информации од јавен карактер на која не се наоѓа бараната информација и од таа причина барањето на С.Ј. е одбиено.
Во врска со образложението во оспореното Решение и одговорот по Жалбата, Комисијата на Ј.У.Меѓуопштинскиот центар за социјална работа на Град Скопје – Скопје, му укажува на следното.
Одговорот дека бараната информација не се наоѓа на Листата на информации со кои имателите на информации располагаат и се должни редовно да ја водат и да ја ажурираат, неможе да биде основ и причина за одбивање на пристапот. Листата по потреба може да се менува. Од тие причини Комисијата го поништи оспореното Решение.
Имателите на информации можат да одбијат барање за пристап до информаци во согласност со член 6 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Доколку имателот сметал дека одредени информации од наведениот предмет, согласно наведениот член од Законот и согласно други закони кои ги наведува во Одговорот на Жалбата, претставуваат исклучок од слободниот пристап, истото бил должен да го наведе во оспореното Решение, а не во Одговорот на Жалбата.
Во одговорот на Жалбата Ј.У. Меѓуопштински центар за социјална работа на Град Скопје – Скопје, уште наведеува дека, на барателот му е укажано “дека не може да му биде доставен целокупниот предмет“…..
Во ваков случај имателот на информациите е должен до барателот ги достави информациите од предметот кои се од јавен карактер. За информациите за кои смета дека претставуваат исклучок од слободниот пристап, должен е да донесе решение за одбивање на пристапот, со образложение за причините за одбивање, по предходно спроведен тест за штета.
При повторното постапување и одлучување по Жалбата, Ј.У. Меѓуопштински центар за социјална работа на Град Скопје – Скопје, треба да ги има предвид укажувањата на Комисијата, наведени во Образложението на Решението.
Од наведените причини одлучено е како во диспозитивот на ова Решение.
Ова Решение е конечно во управната постапка и против него нема место за жалба.
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против ова Решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.
**********
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата изјавена од З.Л. од Битола поднесена преку полномошник З.Б. адвокат од Битола, против Основниот суд Битола, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, на седницата одржана на 23 јуни 2010 година, го донесе следното
Р Е Ш Е Н И Е
Жалбата изјавена од З.Л. од Битола поднесена преку полномошник З.Б. адвокат од Битола, против Решението на Основниот суд Битола СУбр.1610-176/010 од 20.04.2010 година, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, СЕ ОТФРЛА.
О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, согласно член 28 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, ја разгледа Жалбата заведена во Комисијата под број 07-83 од 03.05.2010 година, изјавена од З.Л. од Битола поднесена преку полномошник З.Б. адвокат од Битола, против Решението на Основниот суд Битола СУбр.1610-176/010 од 20.04.2010 година и ЈА ОТФРЛИ како недопуштена.
Комисијата ја разгледа Жалбата и оспореното Решение на Основниот суд Битола и го констатира следното.
Согласно член 27 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, “Право на правна заштита во согласност со овој закон има барателот кој поднел писмено барање за пристап до информација.”
Во врска со овој член е и член 16 став 4 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, кој гласи: ”Барателот не мора да го образложи барањето, но е потребно да наведе дека се работи за барање за пристап до информации.”
Врз основа на наведеното, Комисијата утврди дека барањето поднесено од З.Л. преку полномошник З.Б. адвокат од Битола, заведено во Основниот Суд Битола под број СУбр.176/10 од 14.04.2010 година, не е барање за пристап до информации од јавен карактер, согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, бидејќи во барањето барателот не се повикал на наведениот закон, ниту пак навел дека бара пристап до информација.
Основниот суд Битола, постапил по наведеното барање и донел Решение СУбр.1610-176/010 од 20.04.2010 година. Во решението Основниот суд Битола не се повикал на ниту една одредба од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Само во Образложението на оспореното Решение навел дека бараната информација не е од јавен карактер. Откако го завршил образложението на Решението, истото го потпишал претседателот на судот и е ставен печат.
Место веднаш по образложението на Решението, а пред потписот и печатот, на другата страна на листот има правна поука, дека против наведеното решение барателот има право на Жалба до Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер.
Незадоволен од Решението на Основниот суд во Битола, З.Л. преку полномошник З.Б. адвокат од Битола, поднесе Жалба до Комисијата.
По разгледувањето на Жалбата Комисијата го констатира следното.
Барањето не е поднесено согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Во причините наведени во Жалбата во врска со нејзиното поднесување, не е наведен ниту еден член од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, туку жалителот наведува дека, доносителот на обжаленото решение постапил спротивно на одредбите на Законот за парнична постапка, Законот за облигациони односи, спротивно на судски деловник и слично.
На крајот од содржината на Жалбата ја споменува Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер, со предлог како да постапи по Жалбата.
Со оглед на горенаведеното, Комисијата утврди дека не може да постапува по наведената Жалба, од причина што истата е изјавена против решение кое не е донесено врз основа на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Исто така, решението е донесено по барање кое не е поднесено согласно одредбите на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Од наведените причини одлучено е како во диспозитивот на ова Решение.
Ова решение е конечно во управната постапка и против него нема место за жалба.
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против ова решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд на РМ во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.
**********
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата изјавена од Љ.Д. од Скопје поднесена против Агенција за вработување на Република Македонија, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, на седницата одржана на 23 јуни 2010 година, го донесе следното
Р Е Ш Е Н И Е
Жалбата изјавена од Љ.Д. од Скопје поднесена против Агенцијата за вработување на РМ, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер СЕ УВАЖУВА, оспореното Решението на Агенцијата за вработување на Република Македонија бр.03-1990/09 од 03.05.2010 година СЕ ПОНИШТУВА И СЕ ЗАДОЛЖУВА Агенцијата за вработување на барателот да му достави “Фотокопија на Потврдата бр. 0204-6097 од 30.10.1997 година, со просек кој изнесува 6.113 денари. Решение 03-7/2525-97“, најдоцна до 16.07. 2010 година, на начин и во форма наведени во Барањето.
О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, согласно член 28 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, ја разгледа Жалбата заведена во Комисијата под број 07-93 од 20.05.2010 година, изјавена од Љ.Д. од Скопје поднесена против Агенцијата за вработување на РМ, ЈА УВАЖИ, оспореното Решението на Агенцијата за вработување на РМ бр.03-1990/09 од 03.05.2010 година, ГО ПОНИШТИ и ЈА ЗАДОЛЖИ Агенцијата за вработување на барателот да му ја достави бараната информација.
Комисијата ја разгледа Жалбата и другите списи во врска со предметот и го констатира следното.
Љ.Д. од Скопје, како што се наведува во Жалбата, на 13.10.2009 година, поднел Барање за пристап до информации од јавен карактер до Агенцијата за вработување на РМ, и ја побарал следната информација.
“Фотокопија на Потврдата бр. 0204-6097 од 30.10.1997 година, со просек кој изнесува 6.113 денари. Решение 03-7/2525-97.“
Во врска со ова Барање, Агенцијата за вработување на РМ донела Решение за одбивање на пристапот бр.03-1990/09 од 03.05.2010 година.
Во Образложението на решението се наведува:”Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер со Решение бр.07-614/6 од 14.01.2010 година ја задолжува Агенцијата за вработување на Република Македонија, да достави “Фотокопија на Потврдата бр.0204-6097 од 30.10.1997 година, со просек кој изнесува 6.113,00. Решение 03-7/2525-97.
Наведената потврда се издава од страна на работодавачот кај кој на лицето му престанал работниот однос.
Агенцијата за вработување на Република Македонија во моментов не располага со бараната потврда, а ниту пак може истата да ја обезбеди од страна на работодавачот.”
Незадоволен од наведеното решение, на 20.05.2010 година, Љ.Д. од Скопје поднесе Жалба до Комисијата.
Комисијата со допис бр.07-93 од 27.05.2010 година, ја препрати Жалбата до Агенцијата за вработување на Република Македонија и побара во рок од 5 дена да се произнесе по истата и да ги достави до Комисијата сите списи во врска со предметот.
На ова барање, Агенцијата за вработување на Република Македонија до Комисијата достави Одговор на жалба бр.03-598/3 од 04.06.2010 година, заведено во Комисијата под бр.07-93 од 08.06.2010 година. Во одговорот Агенцијата наведува: ”Во однос на Жалбата на лицето Љ.Д од Скопје…изјавуваме дека истата е неоснована, од следните причини: Имено Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер со Решение бр.07-614/6 од 14.01.2010 година ја задолжи Агенцијата за вработување на Република Македонија, на барателот Љ.Д. да му достави “Фотокопија на Потврдата со просек кој изнесува 6.113,оо.Решение 03-7/2525-97.“
Со оглед да наведената потврда се издава од страна на работодавачот кај кој на лицето му престанал работниот однос, а Агенцијата во моментов не располага со бараната потврда, а ниту пак може истата да ја обезбеди од страна на работодавачот, Агенцијата за вработување на Република Македонија донесе Решение бр.03-1990/09 од 03.05.2010 година за одбивање на пристапот за Бараната информација.”
Комисијата ги разгледа и другите списи што Агенцијата ги достави во прилог на Одговорот на Жалбата, и утврди дека Агенцијата не постапила согласно одредбите од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Решението за одбивање на пристапот на Агенцијата за вработување бр.03-1990/09 од 03.05.2010 година, не е во согласност со упатствата и задолженијата на Комисијата наведени во нејзиното Решение, ниту со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Имено, Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер со Решение бр.07-614/6 од 14.01.2010 година, ја задолжи Агенцијата за вработување, на барателот Љ.Д. да му ја достави бараната информација “Фотокопија на Потврдата бр. 0204-6097 од 30.10.1997 година, со просек кој изнесува 6.113 денари. Решение 03-7/2525-97.“, а не да го одбие пристапот, како што се повикува во решението за одбивање на пристапот.
Исто така, основот за одбивање на пристапот до бараната информација, поточно нерасполагање на Агенцијата со бараната информација и неможност на Агенцијата во моментот да ја обезбеди потврдата од страна на работодавачот, не е основ за донесување на решение за одбивање на пристапот согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Во член 26 став 1 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (Службен весник на РМ бр.13/2006) се наведува: ”Имателот на информацијата може во целост или делумно да го одбие барањто, ако утврди дека бараната информација е информација од членот 6 став (1), а притоа имајќи го во предвид и членот 6 став (3) на овој закон.”
Доколку Агенцијата за вработување не располага со бараната информација, требала за тоа писмено да го извести барателот согласно член 26 став 2 од Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер, а не да носи решение за одбивање на пристапот.
Имајќи го во предвид и Законот за евиденциите во областа на трудот, Комисијата утврди дека, Aгенцијата за вработување е доолжна да ја има бараната потврда, бидејќи таа претставува доказ во постапката за донесување на Решението за признавање на право на паричен надоместок бр.03-7/2525-97 од 01.01.1998 година, кое го донела Агенцијата.
Согласно член 2 став 2 од Законот за евиденциите во областа на трудот, евиденцијата на работодавците, евиденцијата за невработените лица, евиденцијата за потребите од работници, евиденцијата за државјаните на Република Македонија на работа во странство, евиденција на понудите на странски работодавци за вработување на државјани од Република Македонија во странство, евиденција за странски државјани и лица без државјанство вработени во Република Македонија, ја води Заводот за вработување на Република Македонија, односно со измените од 18.08.2008 година, Агенцијата за вработување на Република Македонија.
Во прилог на наведеното е и членот 4 од истиот Закон, според кој „податоците содржани во евиденциите утврдени со овој Закон можат да ги користат и поединци на кои се однесуваат тие податоци, заради остварување на своите права.
Ова е регулирано и со Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи, каде согласно член 2 ставот (4) „Агенцијата за вработување на Република Македонија, Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија и Фондот за здравствено осигурување на Република Македонија се должни да водат и трајно да ја чуваат евиденцијата на пријавите и одјавите во социјално осигурување и на барање на лицето да му издадат податоци за состојбата и промените во врска со социјалното осигурување на работникот.
Од наведените причини е одлучено како во диспозитивот на ова Решение.
Ова Решение е конечно во управната постапка и против него нема место за жалба.
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против ова Решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.
**********
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата изјавена од Фондацијата Институт отворено општество-Македонија, поднесена преку полномошник В.Д., адвокат од Скопје против Влада на Република Македонија-Секретаријат за европски прашања, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, на седницата одржана на 28 јуни 2010 година, го донесе следното
Р Е Ш Е Н И Е
Жалбата изјавена од Фондацијата Институт отворено општество- Македонија, поднесена преку полномошник В.Д., адвокат од Скопје против Влада на Република Македонија-Секретаријат за европски прашања, по предметот Дополнително Барање за пристап до информации од јавен карактер, “Увид во архивата на имателот на информацијата“ СЕ УВАЖУВА и предметот се враќа на повторно постапување пред првостепениот орган.
О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер согласно член 28 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, ја разгледа Жалбата бр.07- 81 од 30.04.2010 година, изјавена од Фондацијата Институт отворено општество-Македонија, поднесена преку полномошник В.Д., адвокат од Скопје против Влада на Република Македонија-Секретаријат за европски прашања, по предметот Дополнително Барање за пристап до информации од јавен карактер, ја УВАЖИ и предметот го врати на повторно постапување пред првостепениот орган.
Комисијата ја разгледа Жалбата и другите списи во врска со предметот и го констатира следното.
Фондацијата Институт отворено општество-Македонија, како што е наведено во Жалбата, на 08.04.2010 година поднела Дополнително Барање за пристап до информации од јавен карактер до Влада на Република Македонија-Секретаријат за европски прашања и побарала во фотокопија по пошта да и ја достават следната информација.
“Увид во архивата на имателот на информацијата“ .
На ова Дополнително Барање Секретаријатот за европски прашања при Владата на Република Македонија на барателот му одговорил со допис бр.17-412/9 од 21.04.2010 година. Во одговорот, меѓу другото е наведено дека „Тврдењето наведено во Вашето Дополнително Барање-барателот смета дека информацијата со која се запознал не е информација во целост што ја навел во барањето, не е точно. Вам Ви беше доставена бараната информација-Копии од записниците од сите одржани седници на Комитетот на ЕУ интеграции во периодот од 01.09.2009 до 31.01.2010 година на 07.04.2010 година со одговор бр.17-411/9 од 01.04.2010 година што е наведено и во дополнителното барање потпишано од Ваша страна. Во Вашето дополнително барање барате увид во архивата согласно член 12 став 2… и член 11 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер….од горенаведените одредби јасно произлегува дека законодавецот изречно не предвидел можност за увид во архива“ Понатаму, имателот се повикува на Законот за архивска граѓа и покрај другото наведува “Имателот на документарен материјал и архивска граѓа е должен особено да дава податоци, информации за материјалот односно граѓата на барање на Архивот……односно да дозволи на Архивот или на лице овластено од него увид во состојбата на материјалот“.
Незадоволна од одговорот по Дополнителното Барање, Фондацијата преку полномошник В.Д., адвокат од Скопје, поднесе Жалба до Комисијата, заведена под бр. 07-81 од 30.04.2010 година.
Комисијата со допис бр.07-81 од 04.05.2010 година, ја препрати Жалбата до Владата на Република Македонија-Секретаријат за европски прашања и побара во рок од 5 дена Секретаријатот да се произнесе по истата и да ги достави сите списи во врска со предметот.
Владата на Република Македонија-Секретаријат за европски прашања одговори на ова барање на Комисијата со допис бр.17-412/11 од 07.05.2010 година, а во Комисијата заведен под бр.07-81 на 11.05.2010 година.
Во Одговорот на Жалба, Секретаријатот наведува “Жалбата е неоснована…..Жалителот во Дополнителното Барање за пристап до информации од јавен карактер од 12.04.2010 година наведува дека информацијата што ја добил “не е информација во целост што ја навел во барањето и со повторното барање бара од имателот на информацијата запознавање со информацијата“ а во истото барање наведува дека записниците се доставени на 07.04.2010 година…..Имено, од горенаведените одредби јасно произлегува дека законодавецот во Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, кој во случајов е Lex Generalis, не предвидел можност за увид во архива…..Од тие причини, Секретаријатот за европски прашања постапувајќи согласно позитивните прописи на Република Македонија, а во недостиг на конкретна законска одредба во која е предвидено увид во архива согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, се повикува на одредбите на Законот за архивска граѓа .“
По разгледувањето на Жалбата и сите списи во врска со предметот, Комисијата го утврди следното.
Владата на Република Македонија-Секретаријатот за европски прашања постапил во рок но не и форма предвидена во одредбите на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Имателите на информации при постапувањето по барањата за слободен пристап до информации од јавен карактер должни се да ги спроведуваат одредбите од горенаведениот закон и да одговараат во форма предвидена со него.
Точно е дека законодавецот во Законот за слободен пристап до информации не предвидел увид во архива но сите информации од јавен карактер се составен дел на архивата и како такви треба да бидат достапни до барателите. Имателот не може да се повикува на недостиг на законска регулатива како причина за непостапувањето по барањето на барателот. Иако во одговорот имателот наведува дека “не го одбива пристапот“ тој всушност тоа го прави и согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер должен е да го примени член 20 точка 2 и 3 од наведениот Закон и да донесе Решение за одбивање на пристапот со образложение. Во образложението на решението должен е да ги наведе причините пореди кои барањето е одбиено.
Исто така доколку имателот сметал дека “….Законот за архивска граѓа како и другите подзаконски акти со кои поблиску се уредува оваа материја не дозволува увид во архивата,“ службеното лице кај имателот бил должен, согласно член 17 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, да го повика барателот и да побара од него да го дополни односно прецизира барањето како и да му даде соодветна помош при дополнување на барањето и зависно од постапувањето на барателот да донесе заклучок со кој ќе констатира дека барањето е повлечено или решение со кое ќе го отфрли барањето.
Врз основа на изнесеното, одлучено е како во диспозитивот.
Ова Решение е конечно во управната постапка и против него нема место за жалба.
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против ова Решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.
**********
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата изјавена од Фондацијата Институт отворено општество-Македонија, поднесена преку полномошник Ф.С.М., адвокат од Скопје против Народниот правобранител на Република Македонија, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, на седницата одржана на 23 јуни 2010 година, го донесе следното
Р Е Ш Е Н И Е
Жалбата изјавена од Фондацијата Институт отворено општество-Македонија, поднесена преку полномошник Ф.С.М., адвокат од Скопје против Решението на Народниот правобранител на Република Македонија бр.03-2/12 од 04.05.2010, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер СЕ ОДБИВА.
О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, согласно член 28 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, ја разгледа Жалбата бр. 07-95 од 25.05.2010 година, изјавена од Фондацијата Институт отворено општество-Македонија, поднесена преку полномошник Ф.С.М., адвокат од Скопје против Решението на Народниот правобранител на Република Македонија 03-2/12 од 04.05.2010, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, ЈА ОДБИ како неоснована и утврди дека Решението на првостепениот орган е правилно и врз закон засновано.
По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот, Комисијата го констатира следното.
Фондацијата Институт отворено општество-Македонија, на 19.04. 2010 година, поднела Барање до Народниот правобранител на Република Македонија, заведено под бр.06-355 и побарала во фотокопија, по пошта да и ја достават следната информација.
“Барам да ми се обезбеди делумен пристап до претставките за непочитување на уставните и законските права на лицата во органите, организациите и установите во кои слободата на движење е ограничена упатени до Народниот правобранител во периодот од 1 јануари 2010 до 1 април 2010, вклучително и информација во кој орган, организиација или установа се наоѓаат лицата кои ги упатиле претставките и на кој начин е постапено по претставките согласно членовите 32 и 23 од Законот за народниот правобранител, како и делумен пристап до актот со кој се постапило по претставките“.
Во врска со ова Барање Народниот правобранител на Република Македонија во законски предвидениот рок, донел Решение за одбивање на пристапот заведено под број 03-2/12 од 04.05.2010 година.
Незадоволен од донесеното Решение, барателот на 25.05.2010 година, преку полномошник Ф.С.М., адвокат од Скопје поднесе Жалба до Комисијата.
Комисијата со допис број 07-95 од 31.05.2010 година, ја препрати Жалбата до Народниот правобранител на Република Македонија и побара во рок од 5 дена да се произнесе по Жалбата и да ги достави сите списи во врска со предметот.
Народниот правобранител по ова барање достави Известување заведено под број 03-2/21 од 03.06.2010 година, а во Комисијата заведено под број 07-95 од 04.06.2010 година.
По разгледувањето на сите списи во врска со предметот, Комисијата го констатира следното.
Народниот правобранител во врска со поднесеното барање, во законски предвидениот рок донел Решение со кое го одбил пристапот до бараната информација. Во образложението на оспореното Решение Народниот правобранител наведува “……Постапувајќи по Барањето Народниот правобранител оцени дека со давањето на бараните информации ќе се прекрши членот 18 од Законот за народниот правобранител со кој се предвидува должност на Народниот правобранител да ја почитува приватноста и тајноста на податоците што се однесуваат на подносителите на претставките.
Воедно, Народниот правобранител оцени дека бараните информации претставуваат личен податок чие откривање согласно член 6 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер би значело повреда на заштитата на личните податоци“.
Со оглед на тоа што барателот барал делумен пристап до претставките за непочитување на уставните и законските права на лицата во органите, организациите и установите во кои слободата на движење е ограничена односно се работи за посебна категорија на лични податоци, а имателот го одбил барањето со образложение дека информациите се класифицирани, претседателот и член на Комисија извршија увид во бараните информации кај Народниот правобранител.
Врз основа на извршениот увид Комисијата утврди дека не е можен ниту делумен пристап до бараните информации, бидејќи со бришење на податоците кои претставуват исклучок од слободниот пристап, претставките фактички ќе останат без содржина.
Бараните претставки изобилуваат со посебни категории на лични податоци кои може да го откријат расното или етничкото потекло, политичко, верско или друго уверување, членство во синдикална организација и особено податоци што се однесуваат на здравствента состојба или сексуалниот живот кои согласно член 2 точка 10 од Законот за заштита на личните податоци, се заштите и согласно член 8 од наведениот закон е забранета нивна обработка.
Исклучоците предвидени во наведениот закон претставуваат основ за одбивање на пристапот до истите.
Народниот правобранител правилно се повикал и на член 18 од Законот за Народниот правобранител според кој “народниот правобранител во текот на постапката по претставката е должен да ја почитува приватноста и тајноста на податоците што се однесуваат на подносителите од членот 16 на овој закон“. Со оглед на тоа што, согласно член 16 од наведениот закон, “претставката поднесена до Народниот правобранител треба да биде потпишана и да содржи лични податоци за подносителот и да ги содржи околностите, фактите и доказите врз кои се темели претставката“, Народниот правобранител правилно постапил кога го одбил пристапот до бараната информација.
Врз основа на спроведената постапка по Жалбата, Комисијата утврди дека Решението на Народниот правобранител е правилно и врз закон засновано.
Поради погоре изложеното, Комисијата одлучи како во диспозитивот на ова Решение.
Ова решение е конечно во управната постапка и против него нема место за жалба.
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против ова Решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.
**********
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата изјавена од Фондацијата Институт отворено општество-Македонија, поднесена преку полномошник Ж.Х.З, адвокат од Скопје против Народниот правобранител на Република Македонија, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, на седницата одржана на 23 јуни 2010 година, го донесе следното
Р Е Ш Е Н И Е
Жалбата изјавена од Фондацијата Институт отворено општество-Македонија, поднесена преку полномошник Ж.Х.З., адвокат од Скопје против Известувањето на Народниот правобранител на Република Македонија бр.03-2/13 од 04.05.2010 година, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер СЕ ОДБИВА.
О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, согласно член 28 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, ја разгледа Жалбата бр. 07-96 од 25.05.2010 година, изјавена од Фондацијата Институт отворено општество-Македонија, поднесена преку полномошник Ж.Х.З., адвокат од Скопје против Известувањето на Народниот правобранител на Република Македонија 03-2/13 од 04.05.2010 година, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, и ЈА ОДБИ како неоснована.
По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот, Комисијата го констатира следното.
Фондацијата Институт отворено општество-Македонија, на 19.04. 2010 година, поднела Барање за пристап до информации од јавен карактер до Народниот правобранител на Република Македонија, заведено под бр.06-356 и побарала во фотокопија, по пошта да и ја достават следната информација.
“Колку претставки за наводно непочитување на уставните и законските права на лицата во органите, организациите и установите во кои слободата на движење е ограничена се упатени до Народниот правобранител во периодот од 1 јануари 2010 до 1 април 2010 година, во кој орган, организација или установа се наоѓаат лицата кои ги упатиле претставките и на кој начин е постапено по претставките согласно членовите 32 и 23 од Законот за народниот правобранител?“.
На ова Барање Народниот правобранител на Република Македонија во законски предвидениот рок, одговорил со Известување заведено под број 03-2/13 од 04.05.2010 година.
Незадоволен од наведеното Известување, барателот преку полномошник Ж.Х.З., адвокат од Скопје, на 25.05.2010 година поднесе Жалба до Комисијата.
Комисијата со допис број 07-96 од 31.05.2010 година ја препрати Жалбата до Народниот правобранител на Република Македонија и побара во рок од 5 дена Народниот правобранител да се произнесе по Жалбата и да ги достави сите списи во врска со предметот.
Народниот правобранител во врска со ова барање достави Известување заведено под број 03-2/21 од 03.06.2010 година, а во Комисијата заведено под број 07-96 од 04.06.2010 година.
По разгледувањето на сите списи во врска со предметот, Комисијата констатира следното.
Народниот правобранител на барањето одговорил во законски предвидениот рок и до барателот доставил Известување во кое покрај другото наведува“……Ве известувам дека Народниот правобранител води евиденција на претставките по области и на годишно ниво и согласно член 36 за степенот на обезбедувањето почитување, унапредување и заштита на уставните и законските права на граѓаните и за почитувањето на начелата на недискриминација и соодветна правична застапеност на припадниците на заедниците од страна на органите од членот 2 од овој закон, Народниот правобранител го информира Собранието на Република Македонија со Годишен извештај.
Од тие причини бараниот податок за примени претставки за периодот од 1 јануари до 1 април 2010 година и за начинот на кој по истите е постапено, народниот правобранител не е во можност да ви го достави“
Во Известувањето по барањето на Комисијата за произнесување по Жалбата и доставување на списи, поктај другото се наведува:“…Со оглед на изнесеното, народниот правобранител уште еднаш известува дека барањето на жалителот не е ниту удоволено ниту одбиено, туку дека станува збор за информација со која како таква, институцијата Народен правобранител не располага“.
Врз основа на погоре изнесеното, Комисијата утврди дека Народниот правобранител постапил согласно член 26 став 2 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, односно го известил барателот на информацијата дека не располага со бараната информација.
Согласно член 3 алинеја 2 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер “информација од јавен карактер“ е информација во која било форма која ја создал и со која располага имателот на информацијата, односно со неа располага имателот на информацијата, согласно со неговите надлежности.“
Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер предвидува пристап до информации кои постојат и не наметнува обврска за имателот на информации да создава нова информација.
Поради погоре изложеното, Комисијата одлучи како во диспозитивот на ова Решение.
Ова решение е конечно во управната постапка и против него нема место за жалба.
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против ова Решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.
**********
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата изјавена од Љ.Б. од Кичево, против Министерството за внатрешни работи – Одделение за внатрешни работи Кичево, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, на седницата одржана на 23 јуни 2010 година, го донесе следното
Р Е Ш Е Н И Е
Жалбата изјавена од Љ.Б. од Кичево, против Министерството за внатрешни работи – Одделение за внатрешни работи Кичево, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер СЕ УВАЖУВА и предметот се враќа на повторно постапување пред првостепениот орган.
О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, согласно член 28 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер ја разгледа Жалбата заведена во Комисијата под број 07-82 од 30.04.2010 година, изјавена од Љ.Б. од Кичево, против Министерството за внатрешни работи – Одделение за внатрешни работи Кичево, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, ЈА УВАЖИ и предметот го врати на повторно постапување пред првостепениот орган.
По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот, Комисијата го констатира следното:
Љ.Б. од Кичево на 19.03.2010 година, поднел Барање за пристап до информации од јавен карактер до Министерството за внатрешни работи – Одделение за внатрешни работи Кичево, со кое побарал во фотокопија по пошта да му бидат доставени:
“Барања за асистенција доставени до вас од ЈП „Комуналец“ од Кичево од 23.02.2010 год. ; Општина Кичево од 01 и 17.03.2010 година, извршната исправа која требало да се изврши, вашите одговори до овие органи, по кој правен основ – Закон или правилник имате дадено асистенција.“
Министерството за внатрешни работи – Одделение за внатрешни работи Кичево (во натамошниот текст – ОВР Кичево) на ова барање на Љ.Б. на 29.03.2010 година, му одговорило со Известување бр.28.12/1500.
Незадоволен од добиеното Известување, Љ.Б. на 06.04.2010 година, до ОВР Кичево доставил поднесок, во кој им укажува на незаконското постапување.
ОВР Кичево во врска со овој поднесок на Љ.Б. му доставило Известување рег.28.12.2/100 од 09.04.2010 година, со кое му укажува дека дел од информациите треба да ги бара од ЕЛС Кичево, а информациите на ОВР Кичево дека се службени материјали со степен на тајност.
Љ.Б. на 19.04.2010 година, до ОВР Кичево доставил повторно барање, во кое по втор пат им укажал дека согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер не е предвидено со известување да се одговара и побарал да го известат според кој закон нивните службени материјали се со степен на тајност.
ОВР Кичево не одговорило на повторното барање на Љ.Б., по што тој достави Жалба до Комисијата за слободен пристап до информациите од јавен карактер.
Комисијата со допис бр.07-82 од 04.05.2010 година, ја препрати Жалбата до Министерството за внатрешни работи – Одделение за внатрешни работи Кичево и побара во рок од 5 дена да се произнесе по истата и да ги достави до Комисијата сите списи во врска со предметот.
Министерството за внатрешни работи – Одделение за внатрешни работи Кичево до Комисијата достави Произнесување по жалба бр.28.12.2/119 од 17.05.2010 година, заведено во Комисијата под бр. 07-82 од 28.05.2010 година.
Во дописот, меѓу другото, е наведено дека „Од страна на ПС од ОН Кичево со известување бр.28.12/1500 од 24.03.2010 г. и известување бр.28.12.2/100 од 09.04.2010 г. одговорено е дека полицијата постапила по барање за асистенција од Општина Кичево согласно чл.7 од Законот за полиција и дека доколку лицето има потреба од фотокопија од Барањето за асистенција да се обрати до Општината, а воедно лицето е известено дека нашите службени материјали се со степен на тајност…согласно Законот за класифицирани информации и Правилникот за класифицирани информации во МВР.., поради што и оваа информација не може да биде доставена на барателот“.
По разгледувањето на Жалбата и другите списи по предметот Комисијата го утврди следното:
ОВР Кичево не постапило согласно одредбите на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Имателите на информации од јавен карактер при постапувањата по барањата за пристап до информации од јавен карактер должни се да ги спроведуваат одредбите од наведениот Закон и да одговараат во форма предвидена во законот.
Доколку ОВР Кичево утврдило дека дел од бараната информација претставува исклучок од слободниот пристап предвиден во член 6 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, било должно да го примени член 20 точка 2 и 3 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и да донесе решение за одбивање на пристапот. Во образложението на решението било должно да ги наведе причините поради кои Барањето е одбиено.
Исто така било должно, согласно член 6 став 3 од наведениот Закон да го спроведе тестот на јавен интерес, за да утврди дали со овозможувањето пристап до бараната информација последиците врз интересот кој се заштитува се помали или поголеми од јавниот интерес што би се постигнал со нејзиното објавување. Доколку биле помали, ќе одобрело пристап до бараната информација.
Што се однесува на останатиот дел од барањето, Комисијата на ОВР Кичево му укажува дека согласно член 3 став 1 алинеја 2 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер “информација од јавен карактер“ е информација во која било форма која ја создал и со која располага имателот на информацијата, односно со неа располага само имателот на информацијата, согласно со неговите надлежности“.
Во конкретниот случај барателот бара и информации кои ги создале други органи, а не ОВР Кичево. Меѓутоа, неспорно е дека ОВР Кичево располага со истите и е должно да ги достави до барателот.
Комисијата му укажува на ОВР Кичево дека при повторното постапување по предметот е должно да постапи согласно одредбите од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и укажувањата на Комисијата. Неприменувањето на одредбите од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер претставува прекршок согласно член 39 и член 44 од истиот Закон и член 2 и член 7 став 1 и став 2 од Законот за изменување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Од наведените причини е одлучено како во диспозитивот на ова Решение.
Ова Решение е конечно во управната постапка и против него нема место за жалба.
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО : Против ова Решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.
**********
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата изјавена од Здружението за спречување на корупцијата и заштита од дискриминацијата “Правдина” од Струмица, застапувано од Т.П., против Министерството за правда, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, на седницата одржана на 23 јуни 2010 година, го донесе следното
Р Е Ш Е Н И Е
Жалбата изјавена од Здружението за спречување на корупцијата и заштита од дискриминацијата “Правдина” од Струмица, застапувано од Т.П., против Министерството за правда, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер СЕ УВАЖУВА и СЕ ЗАДОЛЖУВА Министерството на барателот да му ги достави бараните информациии:
“1.Издадени Решенија за потврдување јавен интерес за донации и спонзорства во јавните дејности за 2009 г.
2. Одбиени Барања за донесување Решенија за потврдување јавен интерес за донации и спонзорства во јавните дејности за 2009 г.
3. Не разгледувани Барања за донесување Решенија за потврдување јавен интерес за донации и спонзорства во јавните дејности за 2009 г.
4. Да се наведе информацијата Причините поради кои не се разгледувани Барањата на здружението.. “, најдоцна до 16.07.2010 година, на начин и во форма наведени во Барањето.
О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, согласно член 28 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, ја разгледа Жалбата заведена во Комисијата под број 07-90 од 11.05.2010 година, изјавена од Здружението за спречување на корупцијата и заштита од дискриминацијата “Правдина” од Струмица, застапувано од Т.П., против Министерството за правда ЈА УВАЖИ и ГО ЗАДОЛЖИ Министерството на барателот да му ги достави бараните информации најдоцна до 16.07.2010 година, на начин и во форма наведени во Барањето.
По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот, Комисијата го констатира следното.
Здружението за спречување на корупцијата и заштита од дискриминацијата “Правдина” од Струмица, застапувано од Т.П., како што е наведено во Жалбата, на 01.04.2010 година, поднело Барање за пристап до информации од јавен карактер до Министерството за правда и побарало по пошта, во писмена форма, да му бидат доставени следните информации:
“1.Издадени Решенија за потврдување јавен интерес за донации и спонзорства во јавните дејности за 2009 г.
2. Одбиени Барања за донесување Решенија за потврдување јавен интерес за донации и спонзорства во јавните дејности за 2009 г.
3. Не разгледувани Барања за донесување Решенија за потврдување јавен интерес за донации и спонзорства во јавните дејности за 2009 г.
4. Да се наведе информацијата Причините поради кои не се разгледувани Барањата на здружението…“.
Министерството за правда на ова Барање не одговорило во законски предвидениот рок и форма, согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер по што се смета дека барањето е одбиено и е поднесена Жалба до Комисијата.
Комисијата со допис бр.07-90 од 17.05.2010 година, ја препрати Жалбата до Министерството за правда и побара во рок од 5 дена да се произнесе по истата и да ги достави до Комисијата сите списи во врска со предметот.
Министерството за правда не одговори на овој допис на Комисијата.
По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот Комисијата утврди дека Министерството за правда не постапило согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, не одговорило на Барањето на барателот во законски предвидениот рок, а не одговори ниту на дописот од Комисијата.
Од наведените причини одлучено е како во диспозитивот на ова Решение.
Ова Решение е конечно во управната постапка и против него нема место за жалба.
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против ова Решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.
**********
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата изјавена од Фондацијата Институт отворено општество-Македонија, поднесена преку полномошник Ф.С.М., адвокат од Скопје, против Влада на Република Македонија-Генерален секретаријат, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, а во врска со член 223 од Законот за општата управна постапка на седницата одржана на 23 jуни 2010 година, го донесе следниот
З А К Л У Ч О К
СЕ ЗАПИРА постапката по Жалбата изјавена од Фондацијата Институт отворено општество-Македонија, поднесена преку полномошник Ф.С.М., адвокат од Скопје, против Влада на Република Македонија-Генерален секретаријат, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер: “Коресподентни табели за усогласеност со европското законодавство за Предлог законот за спречување и заштита од дискриминација и Предлог законот за здруженија на граѓани и фондации?“, поради тоа што на барателот му е доставена бараната информација.
О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, согласно член 28 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, ја разгледа Жалбата заведена во Комисијата под број 07-67 од 16.04.2010 година, изјавена од Фондацијата Институт отворено општество-Македонија, поднесена преку полномошник Ф.С.М., адвокат од Скопје, против Влада на Република Македонија-Генерален секретаријат и другите списи во врска со предметот и го утврди следното.
Фондацијата Институт отворено општество-Македонија, на 25.02.2010 година, поднела Барање за пристап до информации од јавен карактер до Владата на РМ-Генерален секретаријат и побарала во фотокопија, по пошта да и се достави следната информација.
“Коресподентни табели за усогласеност со европското законодавство за Предлог законот за спречување и заштита од дискриминација и Предлог законот за здруженија на граѓани и фондации.“
Владата на РМ-Генерален секретаријат на ова Барање не одговорила во законски предвидениот рок и форма, согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер по што се смета дека барањето е одбиено и е поднесена Жалба до Комисијата.
Комисијата со допис бр.07-67 од 26.04.2010 година, ја препрати Жалбата до Владата на Република Македонија-Генерален секретаријат и побара во рок од 5 дена да се произнесе по истата и да ги достави до Комисијата сите списи во врска со предметот.
Владата на Република Македонија достави Одговор на Жалба заведен под број 14-1454/3, а во Комисијата заведен под број 07-67 од 28.05.2010 година.
Во одговорот наведува “….Ве известуваме дека е доставен одговор на странката со допис бр.14-937/3, а заради обемноста на материјалот и временскиот период потребен за негова обработка, одговорот е доставен по истекот на законски предвидениот рок за одговор.“
Кон Одговорот на Жалба е приложен и Одговорот доставен до Фондацијата институт отворено општество.“
Фондацијата Институт отворено општество- Македонија, на 22.06.2010 година, со допис заведен под број 07-67, ја извести Комисијата дека Фондацијата е задоволна од добиениот одговор.
Врз основа на наведеното Комисијата утврди дека Владата на Република Македонија-Генерален секретаријат одговорила на Барањето за пристап до информации од јавен карактер, но со задоцнување.
Комисијата констатира дека во конкретнипот случај битно е дека имателот постапил по Барањето, но по истекот на законски предвидениот рок.
Комисијата укажува дека, имателот на информации при евентуалните идни барања е должен да одговора на барањата во рок и форма предвидени во Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Поради ова, Комисијата одлучи е како во диспозитивот на овој заклучок.
Овој Заклучок е конечен во управната постапка и против него нема место за жалба.
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против овој Заклучок може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.