ДОНЕСЕНИ 5 РЕШЕНИЈА И 2 ЗАКЛУЧОКА
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, на 63–та седница одржана на 25 октомври 2013 година, донесе 5 решенија и 2 заклучока.

* * * * *

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата изјавена од Македонското здружение на млади правници, поднесена преку полномошникот Ф.М., адвокат од Скопје, против Заклучокот на Министерството за правда, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008 и 6/2010), а во врска со член 242 од Законот за општата управна постапка, на седницата одржана на 25 октомври 2013 година, го донесе следното

Р Е Ш Е Н И Е

Жалбата изјавена од Македонското здружение на млади правници, поднесена преку полномошникот Ф.М., адвокат од Скопје, против Заклучокот на Министерството за правда, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, СЕ УВАЖУВА.
Се ПОНИШТУВА оспорениот Заклучок бр.19-2847/2 од 10.08.2012 година, на Министерството за правда и предметот се враќа на повторно постапување пред првостепениот орган.

О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи согласно член 28 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, а во врска со Пресудата на Управниот суд У-5.бр.1857/2012 од 23.05.2013 година, заведена во Комисијата под број 07-368 на 04.10.2013 година, ја разгледа Жалбата бр.07-368 од 04.09.2012 година, изјавена од Македонското здружение на млади правници, поднесена преку полномошникот Ф.М., адвокат Скопје, против Заклучокот бр.19-2847/2 од 10.08.2012 на Министерството за правда, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер и ЈА УВАЖИ.
Оспорениот Заклучок бр.19-2847/2 од 10.08.2012 на Министерството за правда, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер го ПОНИШТИ и предметот го врати на повторно постапување пред  првостепениот орган.
По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот, Комисијата го констатира следното.
Македонското здружение на млади правници на 12.07.2012 година, до Министерството за правда, поднело Барање за пристап до информации од јавен карактер, заведено во Здружението под бр.0306-844/1 на 09.07.2012 година и побарало во фотокопија по пошта да му ја достават следната информација.
“Доставете ни фотокопија од: Извештајот за предлогот на законот за измена и дополнување на Законот на управните спорови, Извештајот со предлози за подобрување на судскиот деловник и други прашања кои се однесуваат на работењето на Управниот суд“.
Во врска со ова Барање Министерството за правда донело Заклучок за прекинување на постапката заведен под бр.19-2847/2  на 10.08.2012 година.
Незадоволно од наведениот Заклучок, Македонското здружение на млади правници, преку полномошникот Ф.М., адвокат од Скопје, поднесе Жалба до Комисијата.
Во Жалбата покрај другото се наведува дека со ваквото постапување, Министерството за правда сторило повреда на одредбите од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, затоа што не го применило членот 18 од наведениот Закон. Министерството за правда било должно доколку не располага со бараната информација, и доколку го знае вистинскиот имател, веднаш да го препрати барањето до имателот кој располага со информацијата и за тоа да го извести барателот.
Комисијата со допис бр.07-368 од 05.09.2012 година, ја препрати Жалбата до Министерството за правда и побара од Министерството во рок од три дена да се произнесе по истата и до Комисијата да ги достави сите списи во врска со предметот.
На ова Барање, Министерството за правда достави Одговор на Жалба бр.19-2847/4 од 28.09.2012 година, а во Комисијата заведен под бр.07-368 на 12.10.2012 година. Во Одговорот на Жалба, Министерството наведува дека “…не ја поседува бараната информација, поради што и го донесе Заклучокот бр.19-2847/2 од  10.08.2012 година, а од содржината на Барањето не укажува кој е имател на информацијата. Поради тоа Барањето не е препратено согласно член 18 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Во однос на наводот во жалбата дека Заклучокот што го доставило Министерството за правда е изготвен и донесен од неовластено лице, министерот за правда, а не од службеното лице за посредување … Министерството за правда посочува дека … во Законот не е наведено дека службеното лице е должно да ги потпишува документите што ги изготвува во текот на постапката. Начинот на потпишување на документи во институциите е регулиран со законот согласно кој функционира одредена институцијат или пак со подзаконски акти, кои ги донесува одговорното лице.“
По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот, Комисијата го утврди следното.
Министерството за правда, правилно постапило по Барањето за пристап до информации од јавен карактер и донело Заклучок за прекинување на постапката, затоа што не располага со бараната информација, ниту како што наведува во Одговорот на Жалбата, знае кој друг располага со истата. Имено, и полномошникот на жалителот во Жалбата наведува дека Министерството за правда било должно доколку не располага со бараната информација, и доколку го знае вистинскиот имател, веднаш да го препрати барањето до имателот кој располага со информацијата и за тоа да го извести барателот.
По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот Комисијата донесе Решение бр.07-368 од 31.10.2012 година, со кое Жалбата ја одби како неоснована и утврди дека Заклучокот на првостепениот орган е правилен и врз закон заснован.
Против наведеното Решение на Комисијата, Македонското здружение на млади правници, преку полномошникот Ф.М., адвокат од Скопје, на 04.12.2012 година поднесе Тужба до Управниот суд.
Управниот суд со Пресуда У-5.бр.1857/2012 од 23.05.2013 година ја уважи Тужбата, оспореното Решение на Комисијата бр.07-368 од 31.10.2012 година го поништи и предметот го врати на повторно постапување во Комисијата.
Во образложението на Пресудата, меѓу другото, Управниот суд наведува: “По наоѓање на Управниот суд, Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, погрешно го применила материјалното право кога со решение жалбата на тужителот за слободен пристап до информациите од јавен карактер, против Министерството за правда, по предметот Барање за пристап доинформации од јавен карактер, ја одби како неоснована, наоѓајќи дека Министерството за правда,  постапило согласно погоре наведените законски одредби.
Ова од причина што, ако барањето се однесува на информација со која не располага имателот, Министерството за правда било должно согласно член 18 од овој закон барањето да го препрати до соодветниот имател на информацијата, а за тоа уредно да го извести тужителот како барател на информацијата, со цел да се обезбеди јавност и отвореност во работењето на имателите на информациите, а на физичките и правните лица да го остварат правото на слободен пристап на информации од јавен карактер “.
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, постапувајќи по Пресудата на Управниот суд повторно ја разгледа Жалбата и другите списи по предметот и го утврди следното.
При постапувањето по Барањето, Министерството за правда погрешно го применило Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
При повторното постапување по предметот, како што се наведува во Пресудата, Министерството за правда потребно е повторно да утврди дали располага или не располага со бараната информација. Доколку располага, веднаш по добивањето на ова Решение да ја достави до барателот.
Во спротивно да го примени членот 18 став 1 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на РМ“ бр.13/2006, 86/2008 и 6/2010) и барањето според укажувањата на Управниот суд веднаш да го препрати до до соодветниот имател на информацијата, а за тоа уредно да го извести тужителот како барател на информацијата, со цел да се обезбеди јавност и отвореност во работењето на имателите на информациите, а на физичките и правните лица да го остварат правото на слободен пристап на информации од јавен карактер.
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, при повторното постапување и одлучување по Жалбата, ги имаше во предвид укажувањата и напатствијата на Управниот суд и одлучи како во диспозитивот на ова Решение.
Ова Решение е конечно во управната постапка и против него нема место за жалба.
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против ова Решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.

**********

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, постапувајќи по Жалбата изјавена од В.Р. од Скопје, поднесена против Агенцијата за цивилно воздухопловство, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008 и 6/2010), на седницата одржана на 25 октомври 2013 година, го донесе следното

Р Е Ш Е Н И Е

Жалбата изјавена од В.Р. од Скопје, поднесена поради делумното постапување на Агенцијата за цивилно воздухопловство по Решението бр.07-421 од 22.08.2013 година на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, по предметот Барање пристап до информации од јавен карактер, СЕ ОДБИВА.

О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, согласно член 28 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008 и 6/2010), ја разгледа Жалбата заведена во Комисијата под бр.07-421 на 24.09.2013 година, изјавена од од В.Р. од Скопје, поднесена поради нецелосното издавање на информации од јавен карактер од страна на Агенцијата за цивилно воздухопловство по Решението бр.07-421 од 22.08.2013 година на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер и другите списи во врска со предметот и ЈА ОДБИ како неоснована.
По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот, Комисијата го констатира следното.
Како што се наведува во Жалбата, В.Р. на 19.04.2013 година, поднел Барање за пристап до информации од јавен карактер до Агенцијата за цивилно воздухопловство,  заведено во Агенцијата под бр.03-710/1 и побарал лично да го повикаат и да му достават оверен препис од оригиналот од следната информација:
„Со оглед на фактот дека  Дописот наведен во врска на ова Барање беше цитиран во Извештајот на воздухопловниот инспектор бр.09-309/5 од 28.02.2013 година, а истиот се однесува на компетентноста на моите рејтинзи, Ве замолувам истиот да ми го издадете во фотокопија како препис оверен со печат од АЦВ и потпис на овластено лице “
Агенцијата за цивилно воздухопловство, како што се наведува во Жалбата, на ова Барање доставила Одговор бр.03-710/2 од 04.06.2013 година-“Достава на информација, записник“.
Незадоволен од добиениот Одговор В.Р. достави Жалба до Комисијата заведена под број 07-421 од 27.06.2013 година.
Комисијата, со допис бр.07-421 од 05.07.2013 година, ја препрати Жалбата до Агенција за цивилно воздухопловство и побара во рок од три дена да се произнесе по истата и до Комисијата да ги достави сите списи во врска со предметот.
Агенција за цивилно воздухопловство во врска со ова барање на Комисијата, достави Одговор на Жалба бр.03-709/5 од 18.07.2013 година заведен во Комисијата под број 07-421 на 19.07.2013 година.
По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер на 22.08.2013 година донесе Решение бр. 07-421, со кое Жалбата ја уважи и ја задолжи Агенција за цивилно воздухопловство на барателот да му ја достави бараната информација, на начин и во форма наведени во Барањето.
На 24.09.2013 година, В.Р. од Скопје до Комисијата достави Жалба, заведена под број 07-421, поради делумно постапување на Агенцијата на цивилно воздухопловство по Решението на Комисијата 07-421 од 22.08.2013 година.
Во Жалбата е наведено дека истата е поднесена поради “нецелосно издавање на информации од јавен карактер од страна на Агенција за цивилно воздухопловство, издавање копија наместо оргинал или заверен препис.“
Комисијата, со допис бр.07-421 од 09.10.2013 година, ја препрати Жалбата до Агенција за цивилно воздухопловство и побара во рок од три дена да се произнесе по истата и до Комисијата да ги достави сите списи во врска со предметот.
На 17.10.2013 година, Агенција за цивилно воздухопловство до Комисијата достави Одговор на Жалба број 03-710/6 од 17.10.2013 година, заведено во Комисијата под број 07-421.
Во Одговорот на Жалбата се наведува:
“По однос на точка 1 од Жалбата која се однесува на тоа дека дописот не е оргинал ниту е оверен препис на оригиналот, Ве известуваме дека дописите добиени во Агенција за цивилно воздухопловство  од страна на друга институција или субјект само еден примерок е оригинал кој што не можеме да го дадеме поради фактот што оригиналот секогаш останува во Агенцијата, додека за издавање на оверен препис исто така ве информираме дека Агенција за цивилно воздухопловство може само за свои дописи и документи да издава оверени преписи верни на оригиналот или копии верни на оригиналот а не и дописи на други институции или правни субјекти.
Додека што се однесува до втората точка од жалбата дека од дописот се тендециозно избришани делови кои се клучни за намената за која е барана информацијата, е сосема неточна и невистинита констатација од причина што деловите кои се избришани се избришани согласно член 6 став 1 точка 2 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, односно истите се избришани од причина што содржеа лични податоци на друго лице чие откривање би значело повреда на заштита на личните податоци, а истите немаат врска со предметот на барањето. Доколку лицето В.Р. сака да го види оригиналот може да дојде во Агенција за цивилно воздухопловство и да направи увид во оригиналот и истиот да го спореди со фотокопијата која му е дадена од страна на Агенцијата“
По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот,  Комисијата го утврди следното.
Агенција за цивилно воздухопловство правилно постапила по  Барањето за пристап до информации од јавен карактер и на барателот му ја доставила бараната информации, “Извештајот на воздухопловниот инспектор бр.09-309/5 од 28.02.2013 година“ иако не во форма во која што ја барал барателот.
Агенцијата за цивилно воздухопловство му објаснила на Барателот дека преписи верни на оргиналот може да издаде само органот што ја создал информацијата а не и органот што ја примил информацијата што е во согласност со архивското работење.
Што се однесува до точка 2 од наведената Жалба дека “од истата тенденциозно се избришани одредени делови кои се клучни за намената за која се бара информацијата“ Комисијата смета дека Агенцијата за цивилно воздухопловство постапила согласно член 7 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и на барателот му овозможила делумен пристап: „Ако документот или негов дел содржи информации од членот 6 став 1 на овој закон што можат да се одвојат од документот без притоа да се заагрози неговата безбедност, имателот на информации ги одвојува тие информации од документот и го известува барателот за содржината на останатиот дел од документот“
Исто така, Агенција за цивилно воздухопловство го повикала барателот да дојде во просториите на Агенцијата и да изврши увид во оригиналниот документ и да го спореди со фотокопијата на информацијата што му е доставена.
Поради наведеното, Комисијата одлучи како во диспозитивот на ова Решение.
Ова Решение е конечно во управната постапка и против него нема место за жалба.
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против ова Решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.

**********

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, постапувајќи по Жалбата изјавена од В.Р. од Скопје, поднесена против Агенцијата за цивилно воздухопловство, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008 и 6/2010), на седницата одржана на 25 октомври 2013 година, го донесе следното

Р Е Ш Е Н И Е

Жалбата изјавена од В.Р. од Скопје, поднесена поради нецелосното постапување на Агенцијата за цивилно воздухопловство по Решението бр.07-422 од 22.08.2013 година на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, по предметот Барање пристап до информации од јавен карактер, СЕ ОДБИВА.

О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, согласно член 28 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008 и 6/2010), ја разгледа Жалбата заведена во Комисијата под бр.07-422 на 24.09.2013 година, изјавена од од В.Р. од Скопје, поднесена поради нецелосното постапување на Агенцијата за цивилно воздухопловство по Решението бр.07-422 од 22.08.2013 година на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер и другите списи во врска со предметот и ЈА ОДБИ како неоснована.
По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот, Комисијата го констатира следното.
Како што се наведува во Жалбата, В.Р. на 19.04.2013 година, поднел Барање за пристап до информации од јавен карактер до Агенцијата за цивилно воздухопловство,  заведено во Агенцијата под бр.03-711/1 и побарал лично да го повикаат и да му достават оверен препис од оригиналот од следната информација:
„Со оглед на фактот дека  Дописот наведен во врската на ова Барање беше цитиран во Известувањето на воздухопловниот инспектор од 09.04.2013 година, а истиот се однесува на неадекватната обука која се спроведува за моите рејтинзи, Ве замолувам Допис Преодна обука со бр.121/1 од 05.04.2013 година да ми го издадете во фотокопија како препис оверен со печат од АЦВ и потпис на овластено лице “
Агенцијата за цивилно воздухопловство, како што се наведува во Жалбата, на ова Барање доставила Одговор бр.03-711/2 од 04.06.2013 година-“Достава на информација, записник“.
Незадоволен од добиениот Одговор В.Р. на 27.06.2013 година достави Жалба до Комисијата
Комисијата, со допис бр.07-422 од 05.07.2013 година, ја препрати Жалбата до Агенцијата за цивилно воздухопловство и побара во рок од три дена да се произнесе по истата и до Комисијата да ги достави сите списи во врска со предметот.
Агенцијата за цивилно воздухопловство во врска со ова барање на Комисијата, достави Одговор на Жалба бр.03-711/4 од 18.07.2013 година заведен во Комисијата под број 07-422 на 19.07.2013 година.
По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер на 22.08.2013 година донесе Решение бр. 07-422, со кое Жалбата ја уважи и ја задолжи Агенцијата за цивилно воздухопловство на барателот да му ја достави бараната информација, на начин и во форма наведени во Барањето.
На 24.09.2013 година, В.Р. од Скопје до Комисијата достави Жалба, заведена под број 07-422, поради нецелосно постапување на Агенцијата за цивилно воздухопловство по Решението на Комисијата 07-422 од 22.08.2013 година.
Во Жалбата е наведено дека истата е поднесена поради “нецелосно издавање на информации од јавен карактер од страна на Агенцијата за цивилно воздухопловство, издавање копија наместо оригинал или заверен препис.“
Комисијата, со допис бр.07-422 од 09.10.2013 година, ја препрати Жалбата до Агенцијата за цивилно воздухопловство и побара во рок од три дена да се произнесе по истата и до Комисијата да ги достави сите списи во врска со предметот.
На 17.10.2013 година, Агенцијата за цивилно воздухопловство до Комисијата достави Известување-Постапување по Жалба број 03-711/8 од 17.10.2013 година, заведено во Комисијата под број 07-422.
Во Известувањето наведува:
“По однос на точка 1 од Жалбата која се однесува на тоа дека дописот бр.121/1 од 05.04.2013 година(Архивски број на М-НАВ од Скопје) не е оригинал ниту е оверен препис на оригиналот Ве известуваме дека дописите добиени во Агенцијата за цивилно воздухопловство од страна на друга институција или правен субјект само еден примерок е оригинал кој што не можеме да го дадеме поради фактот што оригиналот секогаш останува во Агенцијата, додека за издавање на оверен препис исто така ве информираме дека Агенцијата за цивилно воздухопловство може само за свои дописи и документи да издава оверени преписи верни на оригиналот или копии верни на оригиналот а не и дописи на други институции или правни субјекти. Доколку лицето В.Р. сака да го види оригиналот може да дојде во Агенцијата за цивилно воздухопловство и да направи увид во оригиналот и истиот да го спореди со фотокопијата која му е дадена од страна  на Агенцијата“
По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот,  Комисијата го утврди следното.
Агенцијата за цивилно воздухопловство правилно постапила и по Барањето за пристап до информации од јавен карактер и на барателот му ги доставила бараните информации, иако не во форма во која што ја барал барателот.
Агенцијата за цивилно воздухопловство му објаснила на барателот дека преписи верни на оригиналот може да издаде само органот што ја создал информацијата а не и органот што ја примил информацијата што е во согласност со архивското работење.
Агенцијата за цивилно воздухопловство  на барателот му ги доставила бараните информации во фотокопија и го повикала барателот да изврши увид во оригиналот на документот за да се увери во неговата веродостојност што е во согласност со целта на Законот да им овозможи на физичките и правните лица да го остварат своето право на пристап до информациите од јавен карактер.
Врз основа на списите на предметот, Комисијата утврди дека на барателот му се доставени бараните информации во фотокопија и тоа:-Дописот Преодна обука со бр.121/1 од 05.04.2013 година наведена во Барањето како и Дописот бр.119/1, наведен во Жалбата од 24.09.2013 година.
Наведените информации му се доставени на барателот со допис бр.03-711/9 од 17.10.2013 година со кој барателот повторно е повикан да изврши  увид во оригиналот и истиот да го спореди со фотокопијата која му е дадена.
Поради наведеното, Комисијата одлучи како во диспозитивот на ова Решение.
Ова Решение е конечно во управната постапка и против него нема место за жалба.
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против ова Решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.

**********

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, постапувајќи по Жалбата изјавена од Ф.П. од Скопје, поднесена против Заклучокот на Агенцијата за цивилно воздухопловство, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008 и 6/2010), на седницата одржана на 25 октомври 2013 година, го донесе следното

Р Е Ш Е Н И Е

Жалбата изјавена од Ф.П. од Скопје, поднесена против Заклучокот на Агенцијата за цивилно воздухопловство, по предметот Барање пристап до информации од јавен карактер, СЕ ОДБИВА.
СЕ ПОТВРДУВА Заклучокот на Агенцијата за цивилно воздухопловство бр.03-714/6 од 10.09.2013 година.

О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, согласно член 28 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008 и 6/2010), ја разгледа Жалбата заведена во Комисијата под бр.07-359 на 01.10.2013 година, изјавена од Ф.П. од Скопје, поднесена против Заклучокот на Агенцијата за цивилно воздухопловство бр.03-714/6 од 10.09.2013 година, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер и другите списи во врска со предметот, ЈА ОДБИ како неоснована и утврди дека Заклучокот на првостепениот орган е правилен и врз закон заснован.
По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот, Комисијата го констатира следното.
Како што се наведува во Жалбата, Ф.П., на 19.04.2013 година, поднел Барање за пристап до информации од јавен карактер до Агенцијата за цивилно воздухопловство,  заведено во Агенцијата под бр.03-714/1 и побарал лично да го повикаат и да му достават „одговор во пишана/печатена форма“ од следната информација:
„Имателот на информацијата – Агенцијата за цивилно воздухопловство на ден 22.02.2013 година издала Решение бр.03-305/2 за вонредна проверка на стручна способност, кое се однесува на мене како странка – барател. Со ова Барање како инфомација од јавен карактер барам да ми се даде Одговор од кои причини од страна на М-НАВ АД Скопје до денес не се обезбедени неопходните услови од точка 4 од Решението за кои што правното лице било задолжено да ги обезбеди. Доколку постои писмен допис од М-НАВ АД Скопје по однос на задолжението барам истиот како информација од јавен карактер да ми се достави заедно со Одговорот“.
Агенција за цивилно воздухопловство, како што се наведува во Жалбата, на ова Барање доставил Одговор бр.03-872/1 од 17.05.2013 година. Во Одговорот е наведено дека „За Агенцијата за цивилно воздухопловство за информаците од јавен карактер е јасно наведено дека истите се достапни на web страната на Агенцијата за цивилно воздухопловство. Согласно наведеното информациите кои Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер ги наведува како јавни, Ве упатуваме да ги побарате на нашата web страна“.
Незадоволен од добиениот Одговор Ф.П. достави Жалба до Комисијата, во која наведува дека „…на посочената со одговорот web страница на АЦВ таа информација не е наведена“.
Комисијата, со допис бр.07-359 од 03.06.2013 година, ја препрати Жалбата до Агенција за цивилно воздухопловство и побара во рок од три дена да се произнесе по истата и до Комисијата да ги достави сите списи во врска со предметот.
Агенција за цивилно воздухопловство на барањето на Комисијата одговори со Известување бр.03-717/4 од 05.06.2013 година, заведено во Комисијата под бр. 07-359 на 12.06.2013 година. Во наведеното Известување Агенција за цивилно воздухопловство наведува дека „По основ на доставеното Барање…од лицето Ф.П., Агенција за цивилно воздухопловство согласно член 18 став 1 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер истото го има препратено до М-НАВ АД Скопје на понатамошно постапување со допис бр. 03-807/1 од 26.04.2013 година“.
По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер донесе Решение бр. 07-359 од 22.08.2013 година, со кое Жалбата ја уважи и ја задолжи Агенција за цивилно воздухопловство на барателот да му ја достави бараната информација, на начин и во форма наведени во Барањето.
На 12.09.2013 година, Агенција за цивилно воздухопловство до Комисијата достави Известување бр.03-1493/1 од 11.09.2013 година, во кое наведува дека постапила по Решението на Комисијата бр.07-359 од 22.08.2013 година и донела Заклучок за прекинување на постапката, поради тоа што не ја поседува бараната информација. Во прилог на Известувањето до Комисијата е доставена фотокопија од Заклучокот бр.03-714/6 од 10.09.2013 година. Во образложението на наведениот Заклучок е наведено дека „…дописи добиени од М-НАВ АД Скопје кои се однесуваат на задолжението од точка 4 од Решението бр.03-305/2 од 22.02.2013 г., во нивната архива и евиденција не постојат“.
Незадоволен од содржината на добиениот Заклучок, Ф.П. на 01.10.2013 година достави Жалба до Комисијата.
Комисијата, со допис бр.07-359 од 03.10.2013 година, ја препрати Жалбата до Агенција за цивилно воздухопловство и побара во рок од три дена да се произнесе по истата и до Комисијата да ги достави сите списи во врска со предметот.
Агенција за цивилно воздухопловство на барањето на Комисијата одговори со Одговор на Жалба бр.03-717/8 од 08.10.2013 година, заведен во Комисијата под бр. 07-359 на 10.10.2013 година. Во наведениот Одговор на Жалба Агенција за цивилно воздухопловство наведува дека „…Агенцијата…го информираше барателот дека бараната информација…не може да му ја даде од причина што истата не ја знае, односно не ја знае причината зошто М-НАВ АД Скопје не ги обезбедило неопходните услови за одржување на испитот…додека за бараните писмени дописи од М-НАВ АД Скопје…Агенцијата донесе Заклучок за прекинување на постапката од причина што такви дописи во архивата на Агенцијата не постојат“.
По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот, како и по извршениот увид во архивата на Агенција за цивилно воздухопловство, Комисијата го утврди следното.
Агенција за цивилно воздухопловство правилно постапила по Барањето за пристап до информации од јавен карактер и, согласно член 26 став 2 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, ја прекинало постапката поради тоа што не располага со бараната информација.
Врз основа на горенаведеното, Комисијата утврди дека Заклучокот на Агенција за цивилно воздухопловство е правилен и врз закон заснован.
Поради наведеното, Комисијата одлучи како во диспозитивот на ова Решение.
Ова Решение е конечно во управната постапка и против него нема место за жалба.
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против ова Решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.

**********

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата изјавена од В.У. од Скопје, поднесена против Основен суд Скопје I Скопје, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на Република Македонија“ бр.13/06, 86/08 и 6/10), на седницата одржана на 25 октомври 2013 година, го донесе следното

Р Е Ш Е Н И Е

Жалбата изјавена од В.У. од Скопје, поднесена против Основен суд Скопје 1 Скопје, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, СЕ УВАЖУВА. Се ЗАДОЛЖУВА Основниот суд Скопје I Скопје да го препрати Барањето до имателот на бараната информација:
„Дозвола ИСТ. Бр.44/07 од 29.01.2007 година од Претседателот на Основниот суд Скопје I Скопје“ во рок од 3 дена од денот на доставување на Решението.

О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, согласно член 28 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008 и 6/2010), ја разгледа Жалбата бр. 07-33 од 12.03.2013 година, изјавена од В.У. од Скопје, поднесена против Основен суд Скопје I Скопје, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер ЈА УВАЖИ и го ЗАДОЛЖИ Основниот суд Скопје I Скопје да го препрати Барањето до имателот на бараната информација: „Дозвола ИСТ. Бр.44/07 од 29.01.2007 година од Претседателот на Основниот суд Скопје I Скопје“ во рок од 3 дена од денот на доставување на Решението.
По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот, Комисијата го констатира следното.
В.У., како што се наведува во Жалбата, на 28.02.2012 година поднел Барање за пристап до информации од јавен карактер до Основен суд Скопје I Скопје и побарал по пошта да му ја достават следната информација.
„Дозвола ИСТ. Бр.44/07 од 29.01.2007 година од Претседателот на Основниот суд Скопје I Скопје“.
Основниот суд Скопје I Скопје во врска со ова барање на 01.03.2012 година донел Заклучок за прекинување на постапката Пји.бр. 8/12. Во образложението на Заклучокот наведува дека не располага со бараната информација. Незадоволен од наведениот Заклучок, В.У. поднесе Жалба до Комисијата.
Комисијата со допис бр.07-33 од 21.03.2012 година, ја препрати Жалбата и побара од Основен суд Скопје I Скопје во рок три дена да се произнесе по истата и до Комисијата да ги достави сите списи во врска со предметот.
Во врска со ова Барање Основен суд Скопје I Скопје достави Одговор на Жалба Пји.бр.8/12 од 26.03.2012 година, а во Комисијата заведен под бр.07-33 на 29.03.2012 година. Во прилог на Одговорот ги достави и списите во врска со предметот и фотокопија од оспорениот Заклучок.
Во Одговорот Судот останува на тврдењето дека не располага со бараната информација. Покрај другото наведува и дека „Судот при одлучувањето ги имаше во предвид чл.18 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и чл.10 од Законот за изменување и дополнување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер .. предвид на цитираниве одредби имателот на информацијата кој го примил барањето е должен применото барање да го препрати до имателот на информацијата доколку не располага со бараната информација, но и доколку според содржината на барањето може да се утврди кој е имател на бараната информација… согласно законските и деловоднички овластувања не одлучува под ознака „ИСТ“, ниту во кривични, ниту во граѓански, ниту во управни предмети за да може судот да го препрати поднесеното барање до друг суд.“
Комисијата ја разгледа Жалбата и сите списи по предметот и донесе Решение бр.07-33 на 12.04.2012 година, со кое Жалбата ја одби како неоснова и утврди дека Заклучокот на првостепениот орган е правилен и врз закон заснован.
Незадоволен од донесеното Решение на Комисијата, В.У. на 23.05.2012 година поднел Тужба до Управниот суд.
Постапувајќи по наведената Тужба, Управниот суд донел Пресуда У-5 бр.847/2012 од 16.05.2013 година, со која Тужбата ја уважува и оспореното Решение на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер бр. 07-33 од 12.04.2012 година го поништува.
Во Пресудата Управниот суд наведува дека„Во конкретниот случај овој суд најде дека тужениот орган – Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер не постапила правилно кога го донела оспореното решение од причини што имателот на информации – Основниот суд Скопје 1 Скопје, согласно погоренаведените законски одредби, доколку не располагал со бараната информација бил должен во рок од 3 дена да го препрати барањето до имателот на информации кој според содржината на барањето е имател на информацијата и за тоа ќе го извести барателот, а тоа не го сторил. Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека постапката е спроведена со пропуст од страна на органот, односно дека се повредени одредбите на постапката која му претходела на донесување на оспореното решение. Судот упатува на потребната од преземање на соодветни дејствија од страна на органот, согласно погоре цитираните зконски одредби“.
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, постапувајќи по Пресудата на Управниот суд повторно ја разгледа Жалбата и другите списи по предметот и,  имајќи ги предвид укажувањата и напатствијата на Управниот суд, одлучи како во диспозитивот на ова Решение.
Ова Решение е конечно во управната постапка и против него нема место за жалба.
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против ова Решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.

**********

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата изјавена од Ф.П. од Скопје, поднесена против Агенција за цивилно воздухопловство, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008 и 6/2010), а во врска со член 223 од Законот за општата управна постапка, на седницата одржана на 25 октомври 2013 година, го донесе следниот

З  А  К  Л  У  Ч  О  К

СЕ ЗАПИРА постапката по Жалбата изјавена од Ф.П. од Скопје, поднесена против Агенција за цивилно воздухопловство, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер  „Имателот на информација – Агенцијата за цивилно воздухопловство на ден 31.01.2012 година издала Решение УП бр.08-1060, со кое М-НАВ АД Скопје се овластува за организација/центар за обука на персоналот на контролата на летање. Со ова барање како информација од јавен карактер барам да ми се издаде оверен примерок од Решението УП бр.08-1060 од 31.01.2012 година“, поради тоа што на барателот му е одговорено на Барањето.

О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, согласно член 28 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008 и 6/2010), ја разгледа Жалбата заведена во Комисијата под број 07-353 на 01.10.2013 година, изјавена од Ф.П. од Скопје, поднесена против Одговорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер и другите списи во врска со предметот и го утврди следното.
Како што се наведува во Жалбата, Ф.П. од Скопје, поднел Барање за пристап до информации од јавен карактер бр.03-721/1 од 19.07.2013 година до Агенцијата за цивилно воздухопловство и побарало да му ја достават следната информација:
„Имателот на информација – Агенцијата за цивилно воздухопловство на ден 31.01.2012 година издала Решение УП бр.08-1060, со кое М-НАВ АД Скопје се овластува за организација/центар за обука на персоналот на контролата на летање. Со ова барање како информација од јавен карактер барам да ми се издаде оверен примерок од Решението УП бр.08-1060 од 31.01.2012 година“.
Агенцијата за цивилно воздухопловство, како што се наведува во Жалбата, достави Одговор на Барање бр.03-872/1 на 17.05.2013 година. Незадоводел од добиениот одговор Ф.П. од Скопје достави Жалба до Комисијата.
Комисијата со допис бр.07-353 од 03.06.2013 година ја препрати Жалбата до Агенцијата за цивилно воздухопловство и побара во рок од 3 дена да се произнесе по истата и до Комисијата да ги достави сите списи во врска со предметот.
Агенцијата за цивилно воздухопловство на 12.06.2013 година до Комисијата достави Известување бр.03-721/5 од 05.06.2013 година, заведено во Комисијата под бр.07-353 на 12.06.2013 година. Во Известувањето е наведено дека „По основ на доставеното Барање бр.03-721/1 од 19.04.2013 година за пристап до информации од јавен карактер доставено од лицето Ф.П., Агенцијата за цивилно воздухопловство согласно член 18 став 1 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер истото го има препратено до „М-НАВ“ АД Скопје на понатамошно постапување со допис бр.03-721/3 од 04.06.2013 година“.
Комисијата врз основа на сите списи во предметот донесе Решение бр.07-353 од 27.08.2013 година со кое Жалбата ја уважи и го задолжи имателот на информацијата да ја достави бараната информација, со образложение дека неосновано го препратило до М-НАВ АД Скопје, кој не е имател на информации.
Агенцијата за цивилно воздухопловство на 25.09.2013 година достави до Комисијата Известување бр. 03-1564/1 од 18.09.2013 година а во Комисијата заведено под бр. 07-353, со кое ја известува Комисијата дека постапила по Решението на Комисијата.
Ф.П. незадоволен од добиениот Одговор на 01.10.2013 година достави до Комисијата втора Жалба бр. 07-353.
Комисијата со допис бр.07-353 од 08.10.2013 година ја препрати Жалбата до Агенцијата за цивилно воздухопловство и побара во рок од 3 дена да се произнесе по истата и до Комисијата да ги достави сите списи во врска со предметот.
Агенцијата за цивилно воздухопловство на 17.10.2013 година до Комисијата достави допис Постапување по Жалба бр.07-353.
Ф.П. на 17.10.2013 година достави до Комисијата Известување, заведено во Комисијата под бр. 07-353, со кое ја известува Комисијата дека добил одговор од Агенцијата за цивилно воздухопловство.
Врз основа на изложеното, Комисијата утврди дека Агенцијата за цивилно воздухопловство постапила по Барањето, но со задоцнување. Комисијата констатира дека во конкретниот случај битно е дека имателот постапил по Барањето, а барателот добил одговор на Барањето.
Комисијата укажува дека конкретниот имател на информации при евентуални идни барања е должен да одговара на барањата во рокот предвиден во Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Поради ова, Комисијата одлучи како во диспозитивот на овој Заклучок.
Овој Заклучок е конечен во управната постапка и против него нема место за жалба.
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против овој Заклучок може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.

**********

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата изјавена од Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) застапувано од С.Ф., вработена во здружението, поднесена против Јавното претпријатие за јавни паркиралишта Паркинзи на Општина Центар, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008 и 6/2010), а во врска со член 223 од Законот за општата управна постапка, на седницата одржана на 25 октомври 2013 година, го донесе следниот

З  А  К  Л  У  Ч  О  К

СЕ ЗАПИРА постапката по Жалбата изјавена од Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) застапувано од С.Ф., вработена во здружението, поднесена против Јавното претпријатие за јавни паркиралишта Паркинзи на Општина Центар, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер:
“Ве молиме доставете ни ја одлуката за избор на најповолна понуда или поништување на постапката која одговорното лице ја донесе во врска со постапката за доделување на договор за јавна набавка на паркинг смарт картички бр.18/2013, Тендерската документација и Извештајот од електронската аукција за набавката”, поради тоа што барателот ги добил бараните информации.

О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, согласно член 28 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008 и 6/2010), ја разгледа Жалбата заведена во Комисијата под број 07-511 на 24.09.2013 година, изјавена од Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) застапувано од С.Ф., вработена во здружението, поднесена против Јавното претпријатие за јавни паркиралишта Паркинзи на Општина Центар, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер и другите списи во врска со предметот и го утврди следното.
Како што се наведува во Жалбата, Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) на 29.08.2013 година, поднел Барање за пристап до информации од јавен карактер бр. 0302/3184  до Јавното претпријатие за јавни паркиралишта Паркинзи на Општина Центар, и побарал во фотокопија по пошта, факс или имеил да и му ја достават следната  информација:
“Ве молиме доставете ни ја одлуката за избор на најповолна понуда или поништување на постапката која одговорното лице ја донесе во врска со постапката за доделување на договор за јавна набавка на паркинг смарт картички бр.18/2013, Тендерската документација и Извештајот од електронската аукција за набавката?”
Јавното претпријатие за јавни паркиралишта Паркинзи на Општина Центар, како што е наведено во Жалбата, на 16.09.2013 година до барателот доставил Известување по барање за пристап до информации заведено под број 02-3635/1 од 12.09.2013 година а кај барателот под број 0302/3240 од 16.09.2013 година.
Во известувањето е наведено “…со Одлука за поништување……постапката е поништена, а известувањето за поништување на постапката согласно член 170 од Законот за јавните набавки објавен е на страната на Бирото за јавни набавки.“
Незадоволен од наведеното Известување, барателот поднесе Жалба до Комисијата.
Комисијата со допис бр.07-511 од 27.09.2013 година ја препрати Жалбата до Јавното претпријатие за јавни паркиралишта Паркинзи на Општина Центар и побара во рок од 3 дена да се произнесе по истата и до Комисијата да ги достави сите списи во врска со предметот.
Јавното претпријатие за јавни паркиралишта Паркинзи на Општина Центар на 17.10.2013 година до Комисијата достави  Одговор на Жалба, заведен под број 03-4304/1 од16.10.2013 година а во Комисијата под бр. 07-511 со кој ја известува дека  до Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) ги доставило бараните информација.
Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) на 18.10.2013 година достави до Комисијата Известување по меил во кое наведува дека Јавното претпријатие за јавни паркиралишта Паркинзи на Општина Центар му ги доставило бараните информации.
Поради ова, Комисијата одлучи како во диспозитивот на овој Заклучок.
Овој Заклучок е конечен во управната постапка и против него нема место за жалба.
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против овој Заклучок може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.