ДОНЕСЕНИ 3 РЕШЕНИЈА

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер на 131-та седница одржана на 19 мај 2016 година, донесе 3 решенија.

* * * * *
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, постапувајќи по Жалбата изјавена од М.Л.К. од Скопје, поднесена против Министерството за финансии, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008, 6/2010, 42/2014, 148/2015 и 55/2016), на седницата одржана на 19 мај 2016 година, го донесе следното

Р Е Ш Е Н И Е

Жалбата изјавена од М.Л.К. од Скопје, поднесена против Министерството за финансии, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер:
„Износ на приходите од ДДВ исплатени на сите општини во Република Македонија и Градот Скопје, во текот на 2014 година“,СЕ ОДБИВА.
О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, согласно член 28 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008, 6/201042/2014, 148/2015 и 55/2016),ја разгледа Жалбата заведена во Комисијата под бр.08-107 на 30.03.2016 година, изјавена од М.Л.К. од Скопје, поднесена против Министерството за финансии, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер,ЈА ОДБИ како неоснована.
По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот, Комисијата го утврди следното:
М.Л.К. од Скопје на 22.02.2016 година поднелаБарање за пристап до информации од јавен карактер до Министерството за финансии, заведено во Министерството под бр.03-1324/1 со кое побарала да и се достави следната информација:
„Износ на приходите од ДДВ исплатени на сите општини во Република Македонија и Градот Скопје, во текот на 2014 година.“
Министерството за финансии, како што е наведено во Жалбата, на ова Барање доставило Известување бр.03-1324/4 од 01.03.2016 година. Во Известувањето Министерството за финансии наведува дека:„…вкупниот износ на приходи од данок на додадена вредност кој во текот на 2014 година е исплатен на општините во Република Македонија е 1.733.000.000,00 денари. Наведената информација може да ја најдете на интернет страната на Министерството за финансии….“.
М.Л.К. од Скопје на 04.03.2016 година, (во Жалбата наведува дека на 07.03.2016 година) до Министерството за финансии доставила е-маил каде наведува дека: „Ви благодарам за доставената информација, но во дописот наведов дека ми е потребен износ на ДДВ во вкупен износ, но и поодделно по општини во 2014. Се надевам дека и оваа информација ќе ми биде обезбедена-во excel табела, погодна за натамошна обработка“.
Министерството за финансии на 22.03.2016 година до М.Л.К. од Скопје доставило е-маил во кој наведува дека останува на одговорот бр.09-1324/3 од 25.02.2016 година, со укажување дека бараната информација може да ја побара од општините.
Незадоволна од наведениот Одговор, М.Л.К. од Скопје поднесе Жалба до Комисијата. Во Жалбата М.Л.К. од Скопје наведува дека: „На 7 март 2016 поднесов барање преку архивата на Министерството за финансии (бр.03-1323/3…Рокот за одговор на барањето беше запазен и на 22 март 2016 ми беше одговорено по електронски пат, но не ми беше доставена потребаната информација. Имено побарав износ на ДДВ трансфериран до секоја општина поодделно во 2014 година, а добив вкупен износ на ДДВ трансфериран од централниот буџет до единиците на локална самоуправа.“
Комисијата, со допис бр.08-107 од 31.03.2016 година, ја препрати Жалбата до Министерството за финансии и побара во рок од 3 дена да се произнесе по истата и до Комисијата да ги достави сите списи во врска со предметот.
Во врска со ова Барање, Министерството за финансии на 13.04.2015 година до Комисијата достави Одговор на жалба бр.03-1324/7 од 12.04.2016 година, заведен во Комисијата под бр.08-107. Во Одговорот на жалба, Министерството за финансии наведува дека: „…Министерството за финансии како имател на информации има постапено по однос на наведеното барање и го има дадено бараниот податок, односно информација. По однос на наводите на Жалбата дека барателот повторно замолил да ја добие потребната информација,а којаја барала и претходно, при што истата не ја добила, сметаме дека истите се во целост неосновани, од причина што конкретната информација воопшто и не била барана со претходно наведеното барање. Но, сепак Министерството за финансии, како имател на информации ја извести барателката дека поединечните информации може да ги прибави од општините.“
По разгледување на Жалбата и другите списи во врска со предметот, Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер утврди дека Министерството за финансии постапило согласно одредбите од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, со тоа што по првото Барање одговорило позитивно, односно го доставило бараниот податок до Барателот.
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактерпо однос на дополнителното барање поднесено по е-маил на 04.03.2016 година му укажува на подносителот на Барањето за пристап до информации од јавен карактер дека во конкретниот случај потребно било да поднесе ново Барање согласно член 24 став 3 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Во членот 24 став 3 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер,е наведено дека: „Ако, како резултат на добиената информација, произлезе барање за дополнителна информација поврзана со документите кои ги поседува имателот на информацијата, барателот поднесува ново барање, согласно со членовите 15 и 16 од овој закон, заедно со одговорот што веќе го добил.“
Поради погоре наведеното, Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер одлучи како во диспозитивот на ова Решение.
Ова Решение е конечно во управната постапка и против него нема место за жалба.
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против ова Решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.
* * * * *
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата изјавена од Фондацијата отворено општество-Македонија, поднесена преку застапникот Ф.К.П., извршна директорка, против Заклучокот на Министерството за правда, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер („Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008, 6/2010, 42/2014, 148/2015 и 55/2016), на седницата одржана на 19 мај 2016 година, го донесе следното

Р Е Ш Е Н И Е

Жалбата изјавена од Фондацијата отворено општество-Македонија, поднесена преку застапникот Ф.К.П., извршна директорка, против Заклучокот на Министерството за правда бр.19-981/2 од 29.02.2016 година, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер:
„Од кои градови се поднесени најмногу барања за бесплатна правна помош?“ СЕ УВАЖУВА.
Заклучокот бр.19-981/2 од 29.02.2016 година на Министерството за правда СЕ ПОНИШТУВА и СЕ ЗАДОЛЖУВА Министерството за правда на барателот да му ја достави бараната информација најдоцна до 06.06.2016 година, на начин и во форма наведени во Барањето.

О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, согласно член 28 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер („Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008, 6/2010, 42/2014, 148/2015 и 55/2016), ја разгледа Жалбата заведена во Комисијата бр.08-102 на 21.03.2016 година, изјавена од Фондацијата отворено општество-Македонија, поднесена преку застапникот Ф.К.П., извршна директорка, против Заклучокот на Министерството за правда бр.19-981/2 од 29.02.2016 година, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер ja УВАЖИ, Заклучокот бр.19-981/2 од 29.02.2016 година на Министерството за правда ГО ПОНИШТИ и ГО ЗАДОЛЖИ Министерството за правда на барателот да му ја достави бараната информација најдоцна до 06.06.2016 година, на начин и во форма наведени во Барањето.
Комисијата ја разгледа Жалбата и другите списи во врска со предметот и го констатира следното:
Фондацијата отворено општество-Македонија, преку застапникот Ф.К.П., извршна директорка, како што се наведува во Жалбата, на 19.02.2016 година поднела Барање за пристап до информации од јавен карактер бр.10-67/1 до Министерството за правда со кое побарала во фотокопија по пошта да и ја достават следната информација:
„Од кои градови се поднесени најмногу барања за бесплатна правна помош?“

Министерството за правда, како што е наведено во Жалбата, во врска со ова Барање на 29.02.2016 година донело Заклучок бр.19-981/2 за прекинување на постапката по Барањето за пристап до информации од јавен карактер бр.10-67/1.
Во наведениот Заклучок, Министерството меѓу другото наведува дека: „Министерството за правда согласно одредбите од Законот за бесплатна правна помош нема обврска да води таков вид на статистички евиденции. …Информацијата што се бара во предметното Барање за пристап до информации од јавен карактер, подразбира создавање на нова информација која што би била срочена ексклузивно за потребите на барателот. Нејзиното создавање несомнено подразбира дополнителен ангажман од страна на вработените.“
Незадоволна од наведениот Заклучок, Фондацијата отворено општество-Македонија поднесе Жалба до Комисијата.
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер со допис бр.08-102 од 23.03.2016 година ја препрати Жалбата до Министерството за правда и побара во рок од 3 дена од доставувањето на дописот да се произнесе по истата и до Комисијата да ги достави сите списи во врска со предметот.
Постапувајќи по барањето на Комисијата, Министерството за правда до Комисијата достави Одговор на жалба бр.19-981/4 од 20.04.2016 година, заведен во Комисијата под бр.08-102 на 26.04.2016 година.
Во Одговорот, Министерството за правда останува на образложението во оспорениот Заклучок и предлага Жалбата да се одбие како неоснована.
По разгледувањето на списите во врска со предметот, Комисијата утврди дека Министерството за правда не постапило согласно одредбите на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и до барателот не доставило информација со која располага, на начин и во форма која е најповолна за барателот на информации.
Комисијата констатира дека Министерството за правда на неговата веб страница ги објавува Годишните извештаи со статистички податоци за бесплатна правна помош, каде табеларно се наведени бројот на поднесени барања за бесплатна правна помош за секое подрачно одделение на Министерството. Ако се има во предвид наведениот факт, може да се заклучи дека Министерството за правда не располага со бараната информација на начин и во форма наведени во предметното Барање, односно не располага со официјална листа на градови од кои се поднесени најмногу барања за бесплатна правна помош, но, согласно член 10 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, располага со напред наведените податоци, согласно своите надлежности.
Во случајов, ако се има во предвид вкупниот број на поднесени барања со кои Министерството располага, тоа може да одговори на барателот врз основа на расположливите податоци, односно до барателот да ги достави Годишните извештаи со статистички податоци за бесплатна правна помош.
Поради погоренаведеното, Комисијата го поништи Заклучокот на Министерството за правда бр.19-981/2 од 29.02.2016 година.
Согласно член 39 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер „Глоба во износ од 1000 до 2000 евра во денарска противвредност за прекршок ќе му се изрече на одговорното лице кај имателот на информацијата доколку не постапи во согласност со членовите 2 (став 2) и 6 став (3) на овој закон.
Согласно член 44 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер „Глоба во износ од 300 до 500 евра во денарска противвредност за прекршок ќе му се изрече на службеното лице за посредување со информации кај имателот на информацијата доколку во предвидениот рок неосновано не ја посредува информацијата согласно со членот 21 од овој закон.“
Од наведените причини одлучено е како во диспозитивот на ова Решение.
Ова Решение е конечно во управната постапка и против него нема место за жалба.
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против ова Решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.
* * * * *
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, постапувајќи по Жалбата изјавена од м-р М.Ј. од Прилеп,поднесена против Агенцијата за храна и ветеринарство, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008, 6/2010, 42/2014, 148/15 и 55/2016), на седницата одржана на 19 мај2016 година, го донесе следното
Р Е Ш Е Н И Е
Жалбата изјавена од м-р М.Ј. од Прилеп, поднесена против Агенцијата за храна и ветеринарство, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер:
„Правилник за систематизација на работните места во Агенцијата за храна и ветеринарство бр.01-7655/5 од 16.12.2015 година и Правилник за внатрешна организација бр.01-7655/4 од 16.12.2015 година“,СЕ УВАЖУВА и СЕ ЗАДОЛЖУВА Агенцијата за храна и ветеринарство на барателот даму ја достави бараната информација, најдоцна до 6 јуни 2016 година, на начин и во форма наведени во Барањето.

О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, согласно член 28 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008, 6/2010, 42/2014, 148/15 и 55/2016), ја разгледа Жалбата заведена во Комисијата под бр.08-113 на 25.04.2016 година, изјавена од м-р М.Ј. од Прилеп,поднесена против Агенцијата за храна и ветеринарство, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, ЈАУВАЖИ и ЈА ЗАДОЛЖИ Агенцијата за храна и ветеринарствона барателот даму ја достави бараната информација, најдоцна до 6 јуни 2016 година, на начин и во форма наведени во Барањето.
По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот, Комисијата го констатира следното:
Како што се наведува во Жалбата, заведена во Комисијата под бр.08-113 на 25.04.2016 година, М.Ј. од Прилеп, на 22.02.2016 година поднел Барање за пристап до информации од јавен карактер до Агенцијата за храна и ветеринарство, заведено под бр.02-1506/1 и побарал во фотокопија и електронски запис, по е-маил или лично да му ги достават информациите:
„Правилник за систематизација на работните места во Агенцијата за храна и ветеринарство бр.01-7655/5 од 16.12.2015 година и Правилник за внатрешна организација бр.01-7655/4 од 16.12.2015 година.“
Постапувајќи по Барањето, Агенцијата за храна и ветеринарство доставила Одговор на барање бр.02-1506/2 од 18.03.2016 година до М.Ј., во кој наведува дека во прилог му доставува извадок од Правилникот за систематизација за работното место на кое е распореден.
Незадоволен од Одговорот, М.Ј. поднел Дополнување на одговор, заведен во Агенцијата за храна и ветеринарство под бр.02-1506/3 на 24.03.2016 година, со кој побарал од Агенцијата да му се дополни одговорот на барањето со информациите кои ги бара во истото, а на 08.04.2016 година поднел и Укажување до Агенцијата за храна и ветеринарство заведено под бр.02-1506/4 со барање за постапување по неговите дописи.
Агенцијата за храна и ветеринарство, како што е наведено во Жалбата, на повторниот допис не одговорила во законски предвидениот рок, по што се смета дека Барањето е одбиено и на 25.04.2016 година е поднесена Жалба до Комисијата.
Комисијата, со допис бр.08-113 од 26.04.2016 година ја препрати Жалбата до Агенцијата за храна и ветеринарство и побара во рок од 3 дена од доставувањето на дописот да се произнесе по истата и до Комисијата да ги достави сите списи во врска со предметот.
Агенцијата за храна и ветеринарство до Комисијата достави Произнесување по жалба и достава на списи бр.02-1506/6 од 05.05.2016 година, а во Комисијата заведено под бр.08-113 на 09.05.2016 година. Во цитираниот допис, Агенцијата за храна и ветеринарство наведува дека со допис бр.02-1506/2 од 18.03.2016 година на барателот му е доставена бараната информација, но незадоволен од одговорот, барателот поднел допис за дополнување на одговорот. По овој допис, Агенцијата за храна и ветеринарство на 26.04.2016 година усно го информирала барателот дека поради обемноста на бараната информација, Агенцијата не е во можност истата технички да ја доставии затоа на барателот му се дозволува увид во бараната информација. Во прилог, Агенцијата за храна и ветеринарство достави Записник од извршениот увид на 04.05.2016 година во кој се наведува дека на барателот му е доставена бараната информација на увид и му е овозможено запознавање со содржината на бараната информација.
На 16.05.2016 година, М.Ј. достави е-маил до Комисијата, во кој наведува дека со увидот во бараната информација не е задоволено неговото барањето да се запознае со информациите како што навел во доставеното Барање.
По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот, Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер утврди декаАгенцијата за храна и ветеринарство не постапила согласно одредбите од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Комисијата утврди дека Агенцијата за храна и ветеринарство била должна на барателот да му ги достави информациите наведени во Барањето заведено под бр.02-1506/1 на 22.02.2016 година, а не да му доставува извадокод бараните информации и да му овозможи пристап до бараните информации на начин и во форма кои барателот не ги побарал, односно со увид во истите.Бараните информации-Правилник за систематизација на работните места во Агенцијата за храна и ветеринарство бр.01-7655/5 од 16.12.2015 година и Правилник за внатрешна организација бр.01-7655/4 од 16.12.2015 година се информации и документи од јавен карактер и Агенцијата за храна и ветеринарство е должна да му ги достави на М.Ј. во целост,во фотокопија и електронски запис, по е-маил или лично како што е наведено во Барањето.
Согласно член 44 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер „Глоба во износ од 300 до 500 евра во денарска противвредност за прекршок ќе му се изрече на службеното лице за посредување со информации кај имателот на информацијата доколку во предвидениот рок неосновано не ја посредува информацијата согласно со членот 21 од овој закон“.
Поради погоре наведеното, Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер одлучи како во диспозитивот на ова Решение.
Ова Решение е конечно во управната постапка и против него нема место за жалба.
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против ова Решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.