ДОНЕСЕНИ 4 РЕШЕНИЈА
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер на својата 85 седница одржана на 10 јуни 2008 година, донесе 4 решенија.
* * *
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата изјавена од Т.А. од Велес, против Министерството за внатрешни работи на Република Македонија, сектор за внатрешни работи Велес, по предметот Барање за пристап до информација од јавен карактер, врз основа на член 28 и член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, на седницата одржана на 10 јуни 2008 година го донесе следното
Р Е Ш Е Н И Е
Жалбата изјавена од Т.А. од Велес, против Министерството за внатрешни работи на Република Македонија, сектор за внатрешни работи Велес, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер СЕ УВАЖУВА и СЕ ЗАДОЛЖУВА Министерството за внатрешни работи на Република Македонија, сектор за внатрешни работи Велес на барателот да му го достави бараниот документ – доставница, на начин и во форма наведени во Барањето, во рок од 15 дена од денот на доставувањето на Решението.
О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер ја разгледа Жалбата бр. 07-297/1 од 17.04.2008 година, изјавена од Т.А. од Велес, ЈА УВАЖИ и ГО ЗАДОЛЖИ Министерството за внатрешни работи на Република Македонија, сектор за внатрешни работи Велес да му го достави бараниот документ – доставница, на начин и во форма наведени во Барањето, во рок од 15 дена од денот на доставувањето на Решението.
На 24.03.2008 година Т.А. од Велес поднел Барање до Министерството за внатрешни работи на Република Македонија, сектор за внатрешни работи Велес и побарал информација : „Дали се доставени и дата на доставување од страна на Министерството за внатрешни работи – Велес до Основното јавно обвинителство во Велес собраните потребни известувања КО бр.139/02 од 13.06.2002 год. и КО 294/02 од 25.11.2002 год.„.
Министерството за внатрешни работи на Република Македонија, сектор за внатрешни работи Велес на ова Барање не одговорило во законски предвидениот рок.
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер на 22.04.2008 година побара од Министерството за внатрешни работи на Република Македонија, сектор за внатрешни работи Велес да се произнесе по Жалбата и да ги достави предметните списи во функција на спроведување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Министерството за внатрешни работи на Република Македонија, Сектор за односи со јавноста и информации од јавен карактер, одговори на барањето на Комисијата на 15.05.2008 година. Во Одговорот по доставената Жалба стои дека од страна на СВР Велес подносителот на жалбата, по писмен пат, бил упатен за одговор да се обрати до Основното јавно обвинителство во Велес „бидејќи наведените броеви во барањето КО бр. 139/02 од 13.06.2002 г. и КО бр. 294/02 од 25.11.2002 г. се однесувале на акти заведени во Основното јавно обвинителство во Велес„.
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер по разгледувањето на Одговорот по жалбата констатира дека на Барањето на Т.А. од Велес не е одговорено во законски предвидениот рок и форма, односно неговото барање не е препратено до вистинскиот имател на информацијата.
Комисијата, во функција на спроведување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, укажува на следното:
Согласно член 18 став 1 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, ако имателот на информации што го примил барањето не располага со бараната информација веднаш, а најдоцна десет дена од денот на приемот на барањето, е должен да го препрати барањето до имателот на информации кој според содржината на барањето е имател на информацијата и за тоа да го извести барателот.
Согласно член 2 точка 2 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер должни сте да овозможите информираност на јавноста.
Одговорното, односно службеното лице кај имателот на информации кој нема да даде информација од јавен карактер ќе се казни за прекршок (член 39 од истиот Закон). Согласно член 44 став 1 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер ќе се казни за прекршок службеното лице за посредување со информации доколку во предвидениот рок неосновано не ја посредува информацијата (член 21).
Од наведените причини одлучено е како во диспозитивот на ова Решение.
Ова Решение е конечно во управната постапка и против него нема место за жалба.
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО : Против ова Решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.
* * *
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата изјавена од П.Б., Претседател на Собранието на Еколошкото друштво “Еко – мисија“ од Скопје, поднесена против Министерството за животна средина и просторно планирање- Управа за животна средина, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 28 и член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, на седницата одржана на 10 јуни 2008 година, го донесе следното
Р Е Ш Е Н И Е
Жалбата поднесена од П.Б., Претседател на Собранието на Еколошкото друштво “Еко –мисија“ од Скопје против Министерството за животна средина и просторно планирање- Управа за животна средина, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, СЕ УВАЖУВА И СЕ ЗАДОЛЖУВА, Министерството за животна средина и просторно планирање- Управа за животна средина, на барателот да му ја достави бараната информација: “Бидејќи деновиве дознавме дека Фондот за магистрални и регионални патишта се обратил до вас со “известување за намера“ за изведување на проектот “Изградба на регионелен пат Р-303 од улица “Салвадор Аљенде-Средно Водно-Сончев град“ ве молиме да ни доставите примерок од одговорот на МЖСПП на ова известување од ФМРП“, во рок од 15 дена од денот на доставувањето на Решението, во форма и начин наведен во Барањето.
О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер ја разгледа Жалбата бр.07-332/1 од 19.05.2008 година, изјавена од П.Б., Претседател на Еколошкото друштво “Еко-мисија“ од Скопје, поднесена против Министерството за животна средина и просторно планирање- Управа за животна средина, ЈА УВАЖИ и го ЗАДОЛЖИ Министерството за животна средина и просторно планирање- Управа за животна средина, на барателот да му ја достави бараната информација: “Бидејќи деновиве дознавме дека Фондот за магистрални и регионални патишта се обратил до вас со “известување за намера“ за изведување на проектот “Изградба на регионелен пат Р-303 од улица “Салвадор Аљенде-Средно Водно-Сончев град“ ве молиме да ни доставите примерок од одговорот на МЖСПП на ова известување од ФМРП“, на начин наведен во Барањето, во рок од 15 дена од денот на доставувањето на Решението.
По разгледувањето на Жалбата, Комисијата го констатира следното.
На 17.03.2008 година, П.Б., Претседател на Собранието на Еколошкото друштво “Еко-мисија“ од Скопје, поднел Барање за пристап до информации од јавен карактер и побарал да му се достави информација, примерок од одговорот како што е наведено во погоре цитираното Барање.
Министерството за животна средина и просторно планирање- Управа за животна средина, на ова Барање не одговорила во предвидениот рок и форма, согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, поради што барателот поднел Жалба.
Согласно член 2 став 2 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер должни сте да овозможите информираност на јавноста. Одговорното, односно службеното лице кај имателот на информацијата кој нема да даде информација од јавен карактер ќе се казни за прекршок.(член 39).
Министерството за животна средина и просторно планирање-Управа за животна средина не одговори ниту на дописот бр.07-332/2 0д 21.05.2008 година, со кој Комисијата бараше во најкраток можен рок(веднаш), да се произнесе по жалбата и да ги достави сите списи во врска со предметот.
Согласно член 44 став 2 од истиот Закон со парична казна од 20.000 до 50.000 денари ќе се казни за прекршок лице кај имателот на информацијата кое во жалбената постапка нема да достави или ќе спречи увид во документот од страна на Комисијата.
Од наведените причини одлучено е како во диспозитивот.
Ова решение е конечно во управната постапка и против него нема место за жалба.
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против ова решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.
* * *
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата изјавена од П.Б., Претседател на Собранието на Еколошкото друштво “Еко – мисија“ од Скопје, поднесена против Здружението за земјоделски маркетинг и рурален развој “Фагриком“, со седиште во Скопје, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 28 и член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, на седницата одржана на 10 јуни 2008 година, го донесе следното
Р Е Ш Е Н И Е
Жалбата изјавена од П.Б., Претседател на Собранието на Еколошкото друштво “Еко – мисија“ од Скопје, поднесена против Здружението за земјоделски маркетинг и рурален развој “Фагриком“, со седиште во Скопје, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, СЕ ОДБИВА.
О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер ја разгледа Жалбата бр.07-311/1 од 02.05.2008 година, изјавена од П.Б., Претседател на Собранието на Еколошкото друштво “Еко – мисија“ од Скопје, против Здружението за земјоделски маркетинг и рурален развој “Фагриком“, со седиште во Скопје, Барањето за пристап до информации од јавен карактер од 08.04.2008година, Одговорот на Барањето од “Фагриком“ бр.57-08 од 11.04.2008 година и Одговорот на барањето на “Фагриком“ бр.66-08 од 01-05.2008 година и ЈА ОДБИ Жалбата.
П.Б., Претседател на Собранието на Еколошкото друштво “Еко – мисија“ од Скопје, поднел Барање за пристап до информација од јавен карактер до Здружението за земјоделски маркетинг и рурален развој “Фагриком“, со седиште во Скопје и побарал фотокопија (во електронска или печатена форма) од проектот “Споменик на природата Кањон Матка“, финансиран од странска фондација.
Здружението за земјоделски маркетинг и рурален развој “Фагриком“, на 10.04.2008 година, одговорило на ова Барање. Во Одговорот го поканиле П.Б. на заеднички состанок на кој ќе може подетално да го информираат за предвидените активности на проектот. После овој одржан состанок Здружението за земјоделски маркетинг и рурален развој “Фагриком“, до Еколошкото друштво “Еко мисија“ на 24.04.2008 година, повторно доставило Одговор на Барањето за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Во Одговорот се наведува следново: “Согласно одржаниот состанок на 23.04.2008 година, во просториите на ГЕВ ПМГ – Македонија верувам дека го задоволивме вашето барање за добивање информации (фотокопија од работниот план на проектот со распоред на следење) и овозможување увид во целокупната проектна документација на проектот: “Заштита и ревитализација на биолошката разновидност со промоција на одржлив туризам во каљонот Матка“, кој се имплементира од страна на невладината организација Фагриком“.
По разгледувањето на Жалбата и сите списи во врска со предметот Комисијата констатира дека, Здружението за земјоделски маркетинг и рурален развој “Фагриком“, е невладина организација и не е имател на информации од јавен карактер, согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Оттука, нема правен основ за поднесување на жалба против одговорот на Барањето, согласно овој Закон.
Сепак, и покрај тоа што во Барањето барателот се повикува на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, а “Фагриком“ не е имател на информации согласно овој Закон, во функција на размена и проток на информации од сферата на заштитата на природата и животната средина, на барателот му е овозможен увид во целокупната проектна документација на проектот.
Доколку барателот на информацијата има сознанија дека, во финансирањето на овој проект учествува и Градот Скопје, Сектор за локален економски развој, за информација од тој дел на проектот, може да се обрати до Град Скопје, кој согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, е имател на информации од јавен карактер.
Од наведените причини одлучено е како во диспозитивот на ова решение.
Ова решение е конечно во управната постапка и против него нема место за жалба.
ПРАВНА ПОУКА: Против ова Решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.
* * *
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата на Б.Б. од Скопје, поднесена против политичката партија Сојуз на Титови леви сили по предметот Барање пристап до информација од јавен карактер, врз основа на член 28 и 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, на седницата одржана на 10 јуни го донесе следното
Р Е Ш Е Н И Е
Жалбата изјавена од Б.Б. од Скопје поднесена против политичката партија Сојуз на Титови леви сили, по предметот Барање за пристап до информација од јавен карактер, СЕ ОДБИВА како неоснована.
О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер ја разгледа Жалбата поднесена од Б.Б., заведена под бр.07-435/1 од 29.05.2008 година, и Барањето за слободен пристап до информации од јавен карактер заведено во политичката партија Сојуз на Титови леви сили на 22.04.2008 година, и ЈА ОДБИ ЖАЛБАТА како неоснована.
По разгледувањето на Жалбата и Барањето со кое барателот бара “Информација за моето труење со за мене непознати отрови во поранешната амбасада на СФРЈ во Танзанија – Африка каде бев вработен од 1983- 1984 година и Информација за труење со за мене непознати отрови до ден денес“, Комисијата констатира дека, Жалбата не е основана бидејќи барањето не е во согласност со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Прво, согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, “информација од јавен карактер е информација во која било форма која ја создал и со која располага имателот на информацијата, односно со неа располага само имателот на информацијата, согласно со неговите надлежности“.
Второ, барателот Б.Б., бара информација од политичката партија Сојуз на Титови леви сили за период кога оваа партија не постоела и која не произлегува од нејзините надлежности.
Отука, во конкретниов случај нема основ за поднесување Барање и Жалба согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Од наведените причини одлучено е како во диспозитивот на ова решение.
Ова решение е конечно во управната постапка и против него нема место за жалба.
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против ова решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.