Дирекцијата за заштита на личните податоци, како самостоен независен државен орган со својство на правно лице е основана заради вршење надзор над законитоста на преземените активности  при обработувањето на лични податоци и нивната заштита на територијата на Република Македонија.
Дирекцијата ги има следните надлежности:
– ја цени законитоста на обработката на личните податоци;
– ги објавува принципите на обработката на личните податоци и се грижи за нивно почитување од страна на контролорите (е физичко или правно лице, државен орган или друго тело, кое самостојно или заедно со други ги утврдува целите и начинот на обработка на личните податоци);
– истражува и има пристап до збирките на личните податоци оформени од контролорот;
– ги контролира операциите за обработка на личните податоци што ги применуваат контролорите;
– собира податоци неопходни за правилно извршување на нејзините работи;
– води Централен регистар;
– води евиденција за извршен пренос на лични податоци во други држави;
– прима извештаи или претставки во врска со обработката на личните податоци од страна на контролорот;
– постапува по претставките на лица или здруженија што го претставуваат тоа лице во врска со повредата на неговото право во поглед на обработката на личните податоци;
– дава помош во обработката на личните податоци на заинтересираните лица;
– ги проверува сите случаи на престанок на обработка на личните податоци без оглед на причините кој го предизвикале;
– интервенира во процесот на обработката на личните податоци, како и при архивирање, бришење или ништење на формираната збирка на лични податоци целосно или во еден нејзин дел ако постои оправдан ризик од повреда на правата на еден или повеќе субјекти на лични податоци, ценејќи го видот на лични податоци или модалитетите во нивната обработка;
– издава забрана на натамошна обработка на личните податоци на контролорот;
– дава мислење на подзаконските акти на контролорите;
– потврдува дека подзаконските акти на контролорот се во согласност со одредбите од Законот за заштита на личните податоци;
– постапува по барањето на надзорен орган на друга држава, за спроведување на неговите надлежности на територијата на Република Македонија;
– остварува меѓународна соработка во областа на заштитата на личните податоци и учествува во работата на меѓународните организации и институции влклучени во заштитата на личните податоци;
– врши и други работи утврдени со закон.

Подетални информации можете да да добиете на телефоните: 02 3244-760 и 3244-766