ДОНЕСЕНИ 5 РЕШЕНИЈА И 83 ЗАКЛУЧОЦИ Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, на 86-та седница одржана на 18 јули 2014 година, донесе  5 решенија и  83 заклучоци.

* * * * *

 

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, постапувајќи по Жалбата изјавена од Здружението на граѓани “Х.Е.Р.А.” – Асоцијација за здравствена едукација и истражување Скопје, поднесена против ПЗУ Поликлиника со ординации од специјалистичко-консултативна здравствена заштита Неуромедика Скопје, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008, 6/2010 и 42/2014), а во врска со член 239 од Законот за општата управна постапка, на седницата одржана на 18 јули 2014 година, го донесе следното

 

Р Е Ш Е Н И Е

 

Жалбата изјавена од Здружението на граѓани “Х.Е.Р.А.” – Асоцијација за здравствена едукација и истражување Скопје, поднесена против ПЗУ Поликлиника со ординации од специјалистичко-консултативна здравствена заштита Неуромедика Скопје, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, СЕ ОТФРЛА.

                         

О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е

 

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, врз основа на член 28 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008, 6/2010 и 42/2014), ја разгледа Жалбата бр.07-484 од 16.06.2014 година, изјавена од Здружението на граѓани “Х.Е.Р.А.” – Асоцијација за здравствена едукација и истражување Скопје, поднесена против ПЗУ Поликлиника со ординации од специјалистичко-консултативна здравствена заштита Неуромедика Скопје, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, и ЈА ОТФРЛИ како недопуштена.

По разгледувањето на наведената Жалба, Комисијата го утврди следното:

Здружението на граѓани “Х.Е.Р.А.” – Асоцијација за здравствена едукација и истражување Скопје на 08.05.2014 година по е-маил, поднело Барање за пристап до информации од јавен карактер до ПЗУ Поликлиника со ординации од специјалистичко-консултативна здравствена заштита Неуромедика Скопје со кое побарало по е-маил или по пошта да му ги достават следните информации:

„1. Кои услуги од областа на сексуално и репродуктивно здравје ги нудите како пристапни за:

-Лица со интелектуална попреченост?

-Лица со физичка попреченост?

-Лица со оштетен вид (слепи и слабовидни)?

-Лица со оштетен слух (глуви и наглуви)?

2.Дали имате информативни материјали, брошури за сексуално и репродуктивно здравје кои се лесно читливи за лица со интелектуална попреченост?

3.Дали имате информативни материјали, брошури за сексуално и репродуктивно здравје кои се подготвени на Брајово писмо?

4.Дали низ ходниците има насоки, знаци за лица со оштетен вид (слепи и слабовиди)?

5.Дали во лифтовите има звучни сигнали (гласовни) за лица со оштетен вид (слепи и слабовиди)?

6. Дали има пристапна рампа и лифт во целата зграда/болница?

7. Дали има гинеколошки стол кој е пристапен за лица со физичка попреченост (лица во количка)?

8. Дали има мамограф кој е пристапен за лица со физичка попреченост (лица во количка)/мамограф кој се спушта на висина на количката за да лицето не мора да биде исправено при снимањето?

9.Дали има обучен тим (сестри, гинеколози, акушери, психолози, анестезиолози…) за комуницирање и работа со:

– Лица со интелектуална попреченост?

-Лица со физичка попреченост?

-Лица со оштетен вид (слепи и слабовидни)?

-Лица со оштетен слух (глуви и наглуви)?“

ПЗУ Поликлиника со ординации од специјалистичко-консултативна здравствена заштита Неуромедика Скопје, како што се наведува во Жалбата, на ова Барање не одговорила во законски предвидениот рок, по што се смета дека Барањето е одбиено и е поднесена Жалба до Комисијата.

Комисијата, со допис бр.07-484 од 25.06.2014 година, ја препрати Жалбата до ПЗУ Поликлиника со ординации од специјалистичко-консултативна здравствена заштита Неуромедика Скопје и побара во рок од три дена да се произнесе по истата и до Комисијата да ги достави сите списи во врска со предметот.

Во врска со ова барање на Комисијата, ПЗУ Поликлиника со ординации од специјалистичко-консултативна здравствена заштита Неуромедика Скопје достави Известување бр.0306-69 од 02.07.2014 година, заведено во Комисијата под бр.07-484 од 02.07.2014 година. Во дописот се наведува:”…ПЗУ НЕУРОМЕДИКА Скопје не потпаѓа под законските одредби од Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер и информациите со кои располага не претставуваат информации од јавен карактер…”

 По разгледување на Жалбата и другите списи во врска со предметот, Комисијата го утврди следното:

Во Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, (“Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008, 6/2010 и 42/2014) во членот 3 став1 алинеја 1 дефинирани се имателите на информации од јавен каракер. Во редот на „имателите на информации“ во наведениот член наброени се следните: органите на државната власт и други органи и организации утврдени со закон, органите на општините, градот Скопје и општините во градот Скопје, установите и јавните служби, јавните претпријатија и правни и физички лица што вршат јавни овластувања утврдени со закон.

Согласно Законот за здравствената заштита, Министерството за здравство дава дозвола за работа на здравствените установи, а Министерот за здравство доделува јавни овластувања на Лекарската, Стоматолошката, односно Фармацевтската комора.

Врз основа на наведеното, Комисијата утврди дека ПЗУ Поликлиника со ординации од специјалистичко-консултативна здравствена заштита Неуромедика Скопје, како приватна здравствена установа не е имател на информации од јавен карактер, затоа што не потпаѓа под ниту една категорија на субјекти наведени во Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, ниту има доделено јавни овластувања согласно Законот за здравствена заштита.

Од наведените причини, ПЗУ Поликлиника со ординации од специјалистичко-консултативна здравствена заштита Неуромедика Скопје, повеќе не се наоѓа на Листата на иматели на информации од јавен карактер која ја води Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер.

       Поради погоре изложеното, Комисијата одлучи како во диспозитивот на ова Решение.

Ова Решение е конечно во управната постапка и против него нема место за жалба.

 

УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против ова Решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.

* * * * *

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата изјавена од А.А. од Кочани, поднесена против Општина Чаир, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008, 6/2010 и 42/2014), на седницата одржана на 18 јули 2014 година, го донесе следното

                                              

Р Е Ш Е Н И Е

 

Жалбата изјавена од А.А. од Кочани, поднесена против Општина Чаир, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер СЕ УВАЖУВА и СЕ ЗАДОЛЖУВА Општината Чаир на барателот да му ги достави бараните информациии: „1) Колкав е вкупниот број на предмети по основ на поднесени барања за утврдување на правен статус на бесправни објекти од страна на иматели на бесправни објекти до Општина Чаир согласно Законот за постапување со бесправно изградени објекти; 2) Колкав е бројот на решени предмети во законскиот рок и по истекот на законскиот рок; 3) Колкав е бројот на нерешените предмети и особено; 4) Колкав е бројот на поднесени барања до Градоначалникот на Општина Чаир заради неиздавање на урбанистичка согласност за бесправен објект односно недонесување на решение за одбивање на барањето за донесување на решение за утврдување на правен статус на бесправен објект, во предвидениот рок (молчење на администрација).“ најдоцна до 11.08.2014 година, на начин и во форма наведени во Барањето.

 

                                         О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е

 

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, согласно член 28 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на РМ“ бр.13/2006, 86/2008, 6/2010 и 42/2014), ја разгледа Жалбата заведена во Комисијата под бр.07-109 на 09.05.2014 година, изјавена од А.А. од Кочани, поднесена против Општина Чаир, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, ја УВАЖИ и ја ЗАДОЛЖИ Општината Чаир на барателот да му ја достави бараната информација најдоцна до 11.08.2014 година, на начин и во форма наведени во Барањето.

Комисијата по разгледувањето на Жалбата и другите списи по предметот го констатира следното.

Како што се наведува во Жалбата, А.А. на 27.01.2014 година, по пошта поднел Барање за пристап до информации од јавен карактер до Општина Чаир и побарал по пошта да му достават препис од следната информација:

„1) Колкав е вкупниот број на предмети по основ на поднесени барања за утврдување на правен статус на бесправни објекти од страна на иматели на бесправни објекти до Општина Чаир согласно Законот за постапување со бесправно изградени објекти;

2) Колкав е бројот на решени предмети во законскиот рок и по истекот на законскиот рок;

3) Колкав е бројот на нерешените предмети и особено;

4) Колкав е бројот на поднесени барања до Градоначалникот на Општина Чаир заради неиздавање на урбанистичка согласност за бесправен објект односно недонесување на решение за одбивање на барањето за донесување на решение за утврдување на правен статус на бесправен објект, во предвидениот рок (молчење на администрација).“

Општина Чаир, како што се наведува во Жалбата, на ова Барање не одговорила во законски предвидениот рок, по што се смета дека Барањето е одбиено и на 09.05.2014 година и од А.А. поднесена е Жалба до Комисијата.

Комисијата, со допис бр.07-109 од 12.05.2014 година, ја препрати Жалбата до Општината Чаир и побара во рок од три дена да се произнесе по истата и до Комисијата да ги достави сите списи во врска со предметот.

На ова барање на Комисијата, Општината Чаир достави Одговор на жалба бр.25-702/2 од 23.05.2014 година, заведен во Комисијата под бр.07-109 од 26.05.2014 година. Во дописот, Општината наведува:”…Ве информираме дека до нас нема доставено никаков предмет во врска со бараната информација од истиот субјект. Имајќи го во предвид претходното Ве молиме да се побара од подносителот на жалбата да достави барање со приемен штембил или уредна испратница како доказ дека барањето е доставено до Општина Чаир.”

Службеното лице кое постапува по предметот побара од барателот да достави доказ со кој се потврдува дека предметното Барање е примено во Општината Чаир.

А.А. по е-маил до Комисијата достави Побарувачен лист бр.24/2014 од 03.07.2014 година и Решение на Побарувачниот лист од Македонска пошта. Со наведениот Побарувачен лист поштата потврдува дека, пратката со бр.РР221408422МК со содржина Барање, е примена во поштата на 27.01.2014 година, од испраќачот А.А. за примачот Општина Чаир. Во Решението на побарувачниот лист е наведено дека наведената пратка е врачена на ден 29.01.2014 година, на шалтер преку испорачан список, со потпис од овластено лице од Општината.

По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот, Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер утврди дека Општината Чаир не постапила согласно одредбите од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, и на барателот не му ги доставила бараните информации во законски предвидениот рок, на начин и во форма наведени во Барањето.

Комисијата утврди дека тврдењето на Општината Чаир, дека нема добиено никаков предмет во врска со бараната информација, не е точно. Барањето за пристап до информации од јавен карактер на А.А. од Кочани испратено по пошта, било примено од страна на овластено лице на Општина Чаир на 29.01.2014 година, на шалтер во пошта со испорачан список. Согласно член 96 став 1 од Законот за општата управна постапка (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/2005, 110/2008 I 51/2011), доставување до државните органи, органите на општината, на градот Скопје и на општините во градот Скопје правни и други лица на кои со закон им е доверено вршење на јавни овластувања, се врши со предавање на писменото на службеното лице, односно на лицето определено за примање на писмена, ако за посебни случаи поинаку не е пропишано. Во конкретниов случај, А.А. го испратил Барањето по пошта, а поштата му го предала писменото на шалтер преку список за испорака на лице од Општината Чаир, овластено за примање на поштата.

Согласно член 44 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер „Глоба во износ од 300 до 500 евра во денарска противредност за прекршок ќе му се изрече на службеното лице за посредување со информации кај имателот на информацијата доколку во предвидениот рок неосновано не ја посредува информацијата согласно со членот 21 од овој закон.“

 

Поради наведеното, Комисијата одлучи како во диспозитивот на ова Решение.

Ова Решение е конечно во управната постапка и против него нема место за жалба.

 

УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против ова Решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.

 

* * * * *

          Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалба изјавена од К.Т. од Скопје, поднесена против ЈНУ Институт за национална историја, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008,  6/2010 и 42/2014), на седницата одржана на 18 јули 2014 година, го донесе следното

 

Р Е Ш Е Н И Е

 

Жалбата изјавена од К.Т. од Скопје поднесена против ЈНУ Институт за национална историја, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер:

 „Документација за текот на тендерот за набавка на техничка опрема на сајтот на Бирото за јавни набавки на 21.10.2013 година од страна на ИНИ?“ СЕ УВАЖУВА и СЕ ЗАДОЛЖУВА ЈНУ Институт за национална историја на барателот да му ја достави бараната информација најдоцна до 11 август 2014 година, на начин и форма наведена во Барањето.

 

О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е

 

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, согласно член 28 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008, 6/2010и 42/2014),“ ја разгледа Жалбата заведена во Комисијата под број 07-6 на 09.05.2014 година, изјавена од К.Т. од Скопје, поднесена против ЈНУ Институт за национална историја, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, ја УВАЖИ и ја ЗАДОЛЖИ ЈНУ Институт за национална историја на барателот да му ја достави бараната информација најдоцна до 11 август 2014 година, на начин и форма наведена во Барањето.

По разгледувањето на Жалбата, и другите списи во врска со предметот, Комисијата го констатира следното.

Како што се наведува во Жалбата, заведена во Комисијата под број 07-6 на 09.05.2014 година, К.Т. поднела Барање за пристап до информации од јавен карактер до ЈНУ Институт за национална историја заведено под број 03-560/1 на 02.12.2013 година, со кое побарала да и ја достават следната информација.

„Документација за текот на тендерот за набавка на техничка опрема на сајтот на Бирото за јавни набавки на 21.10.2013 година од страна на ИНИ?“

Поради тоа што, како што наведува во Жалбата, не добила Одговор, Катерина Тодороска на 05.12.2013 година  повторно поднела Допис до ИНИ заведен под број 03-567 во кој наведува повторно дека ја бара информацијата наведена во претходното Барање и дека бараните информации “ги очекуваме најдоцна до среда (04.12.2013 г).

Институтот за национална историја на ова Барање до барателот доставил Известување заведено во Институтот за национална историја под бр.03-560/2 од 17.12.2013 година.

Во Известувањето, во точка 1 е наведено “… Во врска со Вашето Барање број 03-560/1 од 02.12.2013 година за добивање на копии од целосната документација од текот на тендерот за набавка на техничка опрема ве известуваме дека документацијата ви стои на увид во сметководството на Институтот. Во исто време ве известуваме дека е доставено барање до Бирото за јавни набавки за увид по објавен јавен оглас.“

Незадоволна од добиеното Известување, К.Т. од Скопје на 20.12.2013 година до имателот повторно доставила  допис заведен под број 03-560/4 -Одговор на точка 1 од ваш одговор бр.03-560/2 од 17.2.2013 година  “..до вас доставивме барање копија од целосната документација за текот на тендерот за набавка на техничка опрема, и тоа во два наврата (допис бр.03-560/1 од 02.12.2013 год и допис бр.0-567 од 05.12.2013 година,) ….што нема никаква допирна точка со вашата преписка со Бирото за јавни набавки која, патем речено, не може да одговори на прашањата кои нас не интересираат……“

Во врска со ова повторно Барање, имателот не доставил одговор до барателот, поради што К.Т. на 13.01.2014 година до Комисијата достави Жалба заведена под број 07-6.

Комисијата со допис бр.07-6 од 14.01.2014 година, ја препрати Жалбата до ЈНУ Институтот за национална историја и побара во рок од три дена да се произнесе по истата и до Комисијата да ги достави сите списи во врска со предметот.

Институтот за национална историја на барањето на Комисијата одговори со Допис бр. 03-37/3 од 20.01.2014 година –Одговор на Ваш допис број 07-6 од 14.01.2014 година, заведен во Комисијата под бр. 07-6 на 20.01.2014 година.

Во наведениот допис Институтот се произнесува по неколку Барања по кои се поднесени Жалби до Комисијата, а за Жалбата заведена под број 07-6 од 13.01.2014 година наведува:

“На барање број 03-560/1 од 02.12.2013 година ЈНУ Институт за национална историја достави одговор и документи со допис број 0-560/2 од 17.12.2013 година, во кој допис во точката број 1 именуваната е известена дека целокупната документација од тендерот и стои на располагање за увид во сметководството на Институтот.“

 Во прилог ги  достави списите по предметот.

По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот Комисијата на 19 февруари 2014 година донесе Решение со кое Жалбата ја уважи и предметот го врати на повторно постапување пред првостепениот орган.

Комисијата му укажа на ЈНУ Институт за национална историја дека при повторното постапување по предметот треба да ги има предвид укажувањата на Комисијата.

К.Т. од Скопје на 09.05.2014 година достави Жалба до Комисијата поради, како што наведува во Жалбата, непостапувањето по Повторното барање за дополнување заведено во ИНИ под број 03-159/3 од 28.03.2014 година во која е наведена бараната дополнителна документација.

Поради тоа што наведениот барател имаше поднесено 10 жалби до Комисијата противнаведениот имател и повеќе ургенции за непостапување по Решенија на Комисијата, Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер на 26.05.2014 година изврши увид во предметите во просториите на ЈНУ Институтот за национална историја.

Во однос на Жалбата број 07-6 беше договорено ЈНУ Институтот за национална историја да ги достави бараните информации до понеделник, 3 јуни, на начин и во форма наведени во Барањето.

На 26.06.2014 година К.Т. од Скопје достави Ургенција за непостапување по Записникот од увидот од 26.05.2014 година во ИНИ од страна на вработени во Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер во кој наведува;“…со оглед на тоа што до денес нема никаков одговор од страна на надлежните лица на ИНИ за постапување по записникот од Комисијата….“

Поради тоа што ЈНУ Институтот за национална историја не постапи според укажувањето и договоренот на увидот, Комисијата одлучи  како во диспозитивот на ова Решение.

Ова Решение е конечно во управната постапка и против него нема место за жалба.

 

УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против ова Решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.

 

* * * * *

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата изјавена од Д.Д.од Скопје, поднесена против СУГС “Раде Јовчевски Корчагин“, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008, 6/2010 и 42/2014), на седницата одржана на 18 јули 2014 година, го донесе следното

                                              

Р Е Ш Е Н И Е

 

Жалбата изјавена од Д.Д. од Скопје,  поднесена против СУГС “Раде Јовчевски Корчагин“,  по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер СЕ УВАЖУВА и СЕ ЗАДОЛЖУВА СУГС “Раде Јовчевски Корчагин“,  на барателот да му ја достави бараната информација:

„Присутни и одсутни членови на Училишниот одбор на состаноците (на УО) одржани од 23.06.2010 и на 01.09.2010 година според структурата што ја претставувале) од редот на наставниците; од редот на родителите; од редот на локалната власт; од МОН и од стопанска комора. Исто така барам да ме информирате кои други лица присуствувале на наведените состаноци и во какво својство, како и да ми доставите копија од списоците за присуство на членовите на УО на споменатите состаноци со нивните потписи“, најдоцна до 11 август 2014 година, на начин и во форма наведени во Барањето.

 

О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е

 

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, согласно член 28 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на РМ“ бр.13/2006, 86/2008, 6/2010 и 42/2014), ја разгледа Жалбата заведена во Комисијата под бр.07-478 на 13.06.2014 година, изјавена од  Д. Д. од Скопје, поднесена против СУГС “Раде Јовчевски Корчагин“,  ја УВАЖИ и го ЗАДОЛЖИ СУГС “Раде Јовчевски Корчагин“,  на барателот да му ја достави бараната информација најдоцна до 11 август 2014 година, на начин и во форма наведени во Барањето.

Комисијата по разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот го констатира следното:

Како што се наведува во Жалбата, Д.Д. од Скопје, на 12.05.2014 година поднел Барање за слободен пристап до информации од јавен карактер до СУГС “Раде Јовчевски Корчагин“,  со кое побарал да му ја достават следната информација: „Присутни и отсутни членови на Училишниот одбор на состаноците (на УО) одржани од 23.06.2010 и на 01.09.2010 година според структурата што ја претставувале) од редот на наставниците; од редот на родителите; од редот на локалната власт; од МОН и од стопанска комора. Исто така барам да ме информирате кои други лица присуствувале на наведените состаноци и во какво својство, како и да ми доставите копија од списоците за присуство на членовите на УО на споменатите состаноци со нивните потписи“,

СУГС “Раде Јовчевски Корчагин, како што се наведува во Жалбата, на ова Барање не одговорило во законски предвидениот рок, по што се смета дека Барањето е одбиено и е поднесена Жалба до Комисијата.   

Комисијата, со допис бр.07-478 од 19.06.2014 година, ја препрати Жалбата до СУГС “Раде Јовчевски Корчагин и побара во рок од 3 дена да се произнесе по истата и да ги достави сите списи во врска со предметот. 

СУГС “Раде Јовчевски Корчагин не одговори ниту на дописот на Комисијата.

По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот, Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер утврди дека СУГС “Раде Јовчевски Корчагин не постапило согласно одредбите од Законот  за слободен пристап до информации од јавен карактер, односно не ја доставило до барателот  информацијата наведена во Барањето, а не одговори ни на дописот на Комисијата. 

Согласно член 39 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер “Глоба во износ од 1000 до 2000 евра во денарска противредност за прекршок ќе му се изрече на одговорното лице кај имателот на информацијата доколку не постапи во согласност со членовите 2(став 2) и 6 став(3) на овој закон.

Согласно член 44 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер „Глоба во износ од 300 до 500 евра во денарска противредност за прекршок ќе му се изрече на службеното лице за посредување со информации кај имателот на информацијата доколку во предвидениот рок неосновано не ја посредува информацијата согласно со членот 21 од овој закон“.

Поради наведеното, Комисијата одлучи како во диспозитивот на ова Решение.

Ова Решение е конечно во управната постапка и против него нема место за жалба.

УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против ова Решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.

 

* * * * *

          Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата изјавена од Здружението Транспаренси Интернешнл – Македонија, поднесена преку Д-р С.Т., Претседател на Здружението, против Министерството за внатрешни работи, врз основа на член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008, 6/2010 и 42/2014), а во врска со член 239 од Законот за општата управна постапка, на седницата одржана на 18 јули 2014 година, го донесе следното

 

Р Е Ш Е Н И Е

 

Жалбата изјавена од Здружението Транспаренси Интернешнл – Македонија, поднесена преку Д-р С.Т., Претседател на Здружението, против Министерството за внатрешни работи, СЕ ОТФРЛА.

                          

О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е

 

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, врз основа на член 28 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008, 6/2010 и 42/2014), ја разгледа Жалбата бр.07-515 од 08.07.2014 година, изјавена од Здружението Транспаренси Интернешнл – Македонија, поднесена преку Д-р С.Т., Претседател на Здружението, против Министерството за внатрешни работи и ЈА ОТФРЛИ како недопуштена

Комисијата ја разгледа Жалбата и го констатира следното:

На 08.07.2014 година, Здружението Транспаренси Интернешнл – Македонија, преку Д-р С.Т., Претседател на Здружението, поднесе Жалба до Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер заведена под бр.07-515. Во Жалбата е наведено дека истата е поднесена против одговор од Министерството за внатрешни работи од 23.06.2014 година, по Барање за пристап до информации од јавен карактер бр. 0302-1665 од 23.05.2014 година, со кое биле побарани информации „кои се однесуваат на распишан јавен оглас за прием на 400 извршители на работно место „полицаец“, објавен на ден 07.10.2013 година и тоа:

  1. Да ни доставите ранг листа на кандидати кои биле вклучени во последната фаза од постапката за селекција односно здравствените прегледи (во копија).
  2. Да ни доставите ранг листа на кандидати кои ги постигнале потребните резултати на здравствените прегледи (во копија).
  3. Да ни доставите решение за избор на кандидати за обука на полицаец (во копија).
  4. Да ни доставите список на лица кои се упатени на основна обука за полицаец во Центарот за обука на Министерството за внатрешни работи во Идризово (во копија).“

Во прилог на Жалбата до Комисијата е доставена фотокопија од Барање за пристап до информации од јавен карактер бр. 0302-1665 од 23.05.2014 година, потпишано од М.З., Генерален секретар на Здружението Транспаренси Интернешнл – Македонија, со кое од Министерството за внатрешни работи се побарани други информации, а „кои се однесуваат на распишан јавен оглас за прием на 400 извршители на работно место „полицаец“, објавен на ден 07.10.2013 година и тоа:

  1. Да ни доставите информација дали лицето Н.А. од с. Брвеница се има пријавено на погоре споменатиот конкурс?
  2. Да ни доставите информација дали лицето Н.А. ги исполнува потребните услови објавени во огласот?
  3. Да ни доставите информација дали лицето Н.А. ги има поминато сите фази во постапката за селекција?
  4. Да ни доставите информација дали лицето Н.А. е упатен на основна обука за полицаец во Центарот за обука на Министерството за внатрешни работи во Идризово?
  5. Во прилог бараме да ни бидат доставени докази за погоре побараните информации“.

 

По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот Комисијата го утврди следното:

Согласно член 27 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер карактер (“Службен весник на РМ” бр.13/2006, 86/2008 и 6/2010 година) право на правна заштита во согласност со овој закон има барателот кој поднел писмено Барање за пристап до информации.

Во конкретниов случај, во писменото Барање од Здружението Транспаренси Интернешнл – Македонија, поднесено до Министерството за внатрешни работи преку М.З., Генерален секретар на Здружението, се наведени други, поинакви барања од оние кои се наведени во Жалбата изјавена од Здружението Транспаренси Интернешнл – Македонија преку Д-р С.Т., Претседател на Здружението.

          Од наведените причини одлучено е како во диспозитивот на ова Решение.

Ова Решение е конечно во управната постапка и против него нема место за жалба.

 

УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против ова Решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.

 

* * * * *

 

          Постапувајќи по жалбите изјавени од Здружението на граѓани “Х.Е.Р.А.- .” – Асоцијација за здравствена едукација и истражување Скопје (2), Фондација Отворено општество-Македонија (4) како и од Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените на Република Македонија- ЕСЕ од Скопје (77), Комисијата донесе вкупно 83 заклучоци со кои се запира постапката по Жалбите, поради тоа што барателите ги добиле бараните информации.