ДОНЕСЕНИ 2 РЕШЕНИЈА И 2 ЗАКЛУЧОКА

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, на 84-та седница одржана на 13 јуни 2014 година, донесе 2 решенија и 2 заклучока.

* * * * *

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата изјавена од Друштвото за управување со приватни инвестициски фондови „Фишер Фондови“ Скопје, поднесена преку претседателот на Одборот на управители проф.др. В.Ч., против Решението на Агенцијата за супервизија на осигурување, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008, 6/2010 и 42/2014), на седницата одржана на 13 јуни  2014 година, го донесе следното

Р Е Ш Е Н И Е

Жалбата изјавена од Друштвото за управување со приватни инвестициски фондови „Фишер Фондови“ Скопје, поднесена против Решението 12-213/7 од 10.04.2014 година на Агенцијата за супервизија на осигурување, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер,СЕ ОДБИВА.
Решението бр.12-213/7 од 10.04.2014 година на Агенцијата за супервизија на осигурување, СЕ ПОТВРДУВА.

О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, согласно член 28 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008, 6/2010 и 42/2014), ја разгледа Жалбата заведена во Комисијата под број 07-100 на 22.04.2014 година, изјавена од Друштвото за управување со приватни инвестициски фондови „Фишер Фондови“ Скопје, поднесена преку претседателот на Одборот на управители проф.др. В.Ч., поднесена против Решението на Агенцијата за супервизија на осигурување бр.12-213/7 од 10.04.2014 година, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, ЈА ОДБИ како неоснована и утврди дека Решението на првостепениот орган е правилно и врз закон засновано.
По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот, Комисијата го констатира следното:
Како што се наведува во Жалбата, Друштвото за управување со приватни инвестициски фондови „Фишер Фондови“ Скопје на 21.03.2014 година поднел Барање за пристап до информации од јавен карактер до Агенцијата за супервизија на осигурување и побарал да му ја достават следната информација:
„Пристап до материјал од јавен карактер – Статут и Проспект на Приватниот инвестициски фонд Фишер Делта“.
Агенцијата за супервизија на осигурување, како што се наведува во Жалбата, пристапот до бараната информација го одбила со Решение бр.12-213/7 од 10.04.2014 година.
Во Решението е наведено дека: „…Барањето за слободен пристап до информации од јавен карактер поднесено до Агенцијата за супервизија на осигурување, изјавен од страна на барателот Проф.Др.В.Ч., Претседател на Одбор на Управители на ДУПФ Фишер Фондови се одбива согласно членот 6 став 1 алинеја 6 и алинеја 8 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер…Согласно член 158-л од Законот за супервизија на осигурување членовите на Советот на експерти и вработените во Агенцијата за супервизија на осигурување се обврзани да ги чуваат како доверливи податоците кои се однесуваат на субјектите врз кои Агенцијата врши супервизија и други податоци поврзани со фактите и околностите што ги дознале во текот на извршувањето на својата работа….“. Исто така наведува дека: „..Агенцијата не е во можност да Ви ги направи достапни бараните информации, земјаќи предвид дека со поинакво постапување ќе ги загрози економските интереси на Агенцијата за супервизија на осигурување и на производителот на информацијата, а кои се предвидени како исклучок во член 6 став 1 алинеја 6 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Исто така, Агенцијата смета дека со евентуално издавање на копија од Статут и Проспект на Приватниот инвестициски фонд Фишер Делта би се загрозиле правата од индустриска односно интелектуална сопственост на произведувачот на информацијата кои, исто така, се предвидени како исклучок од слободниот пристап до информации и се наведени во членот 6 став 1 алинеја 8 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.“
Агенцијата за супервизија на осигурување при донесувањето на наведеното Решение го спровел задолжителниот тест на штетност, со тоа што утврдила дека давањето на бараните информации би предизвикала голема штета по комерцијалните, економските и други интереси на субјектите кои ги изготвиле информациите, а интересот за истата информацијата да се објавува е помал.
Комисијата со допис бр.07-100 од 23.04.2014 година ја препрати Жалбата до Агенцијата за супервизија на осигурување и побара во рок од 3 дена да се произнесе по истата и да ги достави сите списи во врска со предметот.
Агенцијата за супервизија на осигурување до Комисијата достави Одговор на жалба бр. 12-213/9 од 30.04.2014 година, заведен во Комисијата под бр. 07-100 на 06.05.2014 година. Во Одговорот на жалба е наведено дека „…АСО целосно останува на наводите од донесеното Решение…Агенцијата не е во можност да ги направи достапни бараните информации, земјаќи предвид дека со поинакво постапување ќе ги загрози економските интереси на Агенцијата и на производителот на информацијата, а кои се предвидени како исклучок во членот 6 ставот 1 алинеја 6 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Исто така, Агенцијата смета дека со евентуално издавање на копија од Стаут и Проспект на Приватниот инвестициски фонд Фишер Делта би се загрозиле правата од индустриска односно интелектуална сопственост…“
Агенцијата за супервизија на осигурување до Комисијата на 06.05.2014 година достави меил, заведен во Комисијата под бр.07-100 на 06.05.2014 година. Агенцијата не известува дека Одговорот по Жалба е доставено по пошта, а исто така и во прилог на истиот меил се доставени сите списи во врска со предметот.
По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот, Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер утврди дека Агенцијата за супервизија на осигурување постапила согласно одредбите од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, одговорила на Барањето на барателот во законски предвидениот рок, донесувајќи Решение со кое го одбила пристапот до бараната информација.
Врз основа на списите на предметот и наводите во оспореното Решение, Комисијата утврди дека Агенцијата за супервизија на осигурување постапила согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, донела Решение за одбивање на Барањето во кое се повикала на исклучоците наведени во погоре цитираниот Закон, го спровела тестот  на штетност со кој утврдила дека интересот кој се штити е поголем од јавниот интерес, односно основано се повикала на исклучоците од член 6 став 1 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и донела правилно и врз закон засновано Решение.
Со оглед на наведеното, Комисијата одлучи како во диспозитивот на ова Решение.
Ова Решение е конечно во управната постапка и против него нема место за жалба.
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против ова Решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.

**********

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата изјавена од Б.Л. од Скопје, поднесена против Министерството за економија, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008, 6/2010 и 42/2014), на седницата одржана на 13 јуни  2014 година, го донесе следното

Р Е Ш Е Н И Е

Жалбата изјавена од Б.Л. од Скопје, поднесена против Министерството за економија, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер,СЕ ОДБИВА.

О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, согласно член 28 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008, 6/2010 и 42/2014), ја разгледа Жалбата заведена во Комисијата под број 07-2 на 24.04.2014 година, изјавена од Б.Л. од Скопје, поднесена против Министерството за економија, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер и ЈА ОДБИ како неоснована.  
По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот, Комисијата го констатира следното:
Како што се наведува во Жалбата, Б.Л. од Скопје на 02.12.2013 година поднел Барање за пристап до информации од јавен карактер бр.15-7288/1 до Министерството за економија и побарал да му ја достават следната информација:
„– Дали општината Сопиште ве информирала и ви ја доставила ПЕТИЦИЈАТА на граѓани сопственици на имот и куќи во викенд населбата „Јаболци“ кои се изјаснија против отворање на каменолом-површински коп на варовник во атарот на село „Јаболци“ непосредно над нивните имоти и куќи, број 08-4578/1 од 24.08.2011 година заведен во општината Сопиште, кога и со кој допис доколку општината ве информирала;
–    Дали Министерството за економија, пред да го склучи договорот за концесија бр.24-10343/1 од 29.12.2011 година, побарало мислење од општината Сопиште за локалитетот на кој се планира отворање на каменолом (член 14 став (4) од Законот за минерални суровини-пречистен текст, Сл.весник на РМ 132 од 23.09.2013 година и со кој допис;
–    Какво мислење добивте од општината Сопиште и со кој допис;
–    Главен рударски проект за површинска експлоатација на минерална суровина – варовник на локалитетот „Јаболци“, општина Сопиште, изработен од РУДПЛАН Струмица, заедно со Ревизиска клаузула издадена од Комисијата за вршење на стручна оцена (ревизија) на рударски проекти бр.24-788/8 од 02.04.2012 година;
–    Геодетски елаборат за геодетски работи за посебни намени за концесиона парцела, бр.0701-54 од 10.03.2011 година:
–    Решение за одобрување на Елаборатот за заштита на животната средина, издадено од Министерството за животна средина и просторно планирање, Управа за животна средина бр.11-2536/2 од 05.04.2013 година;
–    Елаборат за оценка на влијанието на експлоатацијата на минералната суровина-варовник врз животната средина, број 005/013 од 06.03.2013 година на Управата за животна средина заедно со Елаборатот за заштита на животната средина;
–    Решение за одобрување на водостопанска согласност издадена од Министерството за животна средина и просторно планирање, Управа за животна-Сектор за води бр.11-2553/4 од 02.05.2012 година;
–    Сообраќајна согласност, издадена од Сектор на општина Сопиште со број 23-1630/7 од 06.09.2012 година;
План за управување со отпад од минерални суровини за површинскиот коп на варовник на локалитетот „Јаболци“, општина Сопиште, изработен од РУДПЛАН ДООЕЛ Струмица, со број 014/013 од 29.05.2013 година “.
Министерството за економија, на ова Барање не одговорило во законски предвидениот рок, поради што се смета дека Барањето е одбиено и на 03.01.2014 година е поднесена Жалба до Комисијата, заведена под бр.07-2.
Комисијата со допис бр.07-2 од 13.01.2014 година, ја препрати Жалбата до Министерството за економија и побара во рок од три дена да се произнесе по истата и до Комисијата да ги достави сите списи во врска со предметот.
Министерството за економија на барањето на Комисијата одговори со Произнесување по доставената жалба заведен под бр. 24-441/3 од 22.01.2014 година, а во Комисијата под бр. 07-2 на 24.01.2014 година. Во прилог на произнесувањето е доставен дописот бр.24-488/1 од 20.01.2014 година насловен до Б.Л., во кој е наведено дека Министерството за економија располага со бараните информации, но до барателот не ги доставил наведените информации.
Незадоволен од одговорот бр.24-488/1 од 20.01.2014 година на Министерството за економија, Б.Л. на 27.01.2014 година достави Жалба до Комисијата, заведено под бр.07-2.
 Комисијата со допис бр.07-2 од 28.01.2014 година, ја препрати Жалбата до Министерството за економија и побара во рок од три дена да се произнесе по истата и до Комисијата да ги достави сите списи во врска со предметот.
Министерството за економија на 14.02.2014 година до Комисијата достави Произнесување по доставената жалба бр.24-441/4 од 13.02.2014 година. Во прилог на дописот ги достави сите списи во врска со предметот.
По разгледувањето на Жалбите и другите списи во врска со предметот Комисијата утврди дека,  Министерството за економија не постапило согласно одредбите на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и на барањето не одговорило во законски предвидениот рок и форма. Поради наведеното Комисијата на 25.03.2014 година донесе Решение со кое жалбата ја уважи и го задолжи Министерството за економија да му ја достави бараната информација на начин и во форма наведени во Барањето.
Б.Л. од Скопје на 15.04.2014 година до Комисијата достави Жалба за неспроведување на Решението на Комисијата бр.07-2 од 25.03.2014 година.
Б.Л. од Скопје на 24.04.2014 година до Комисијата достави повторно Жалба за неспроведување на дел од Решението на Комисијата бр.07-2 од 25.03.2014 година.  Во Жалбата Барателот наведува дека: „Министерството за економија на 15.04.2014 ми достави дел од информациите но не сите. Не ми се доставени: – Прилозите од Главниот рударски проект за површинска експолатација на минерална суровина варовник на локалитет „Јаболци“ општина Сопиште, изработен од „Рудплан“ Струмица бр.24-788/8 од 02.04.2012 год. – Проект за сообраќајно решение кој е составен дел на Главниот рударски проект.“
Комисијата на 21.05.2014 година, достави Ургенција бр.07-2 до Министерството за економија и побара во рок од 7 дена да се спроведе Решението на Комисијата бр.07-2 од 25.03.2014 година и на барателот да му ги достави бараните информации на начин и форма наведени во Барањето.
Министерството за економија на 05.06.2014 година до Комисијата достави Одговор на ургенција бр.24-2059/4  од 28.05.2014 година. Во Одговорот се наведува дека: „..Министерството за економија ја известува Комисијата дека со Допис бр.24-2059/3 од 11.04.2014 година, до Барателот ја има доставено целокупната документација наведена во Решението бр.07-2 од 25.03.2014 година, со што во целост има постапено по истото.“ Во прилог на Одговорот го достави дописот насловен до Б.Л. и доказот фотокопија од доставницата дека уредно е примено од страна на Б.Л..
По разгледувањето на Жалбата бр.07-2 од 24.04.2014  година за делумно неспроведување на Решението на Комисијата и другите списи во врска со предметот, Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер утврди дека Министерството за економија постапило согласно одредбите од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, одговорило на Барањето на барателот и постапило по Решението на Комисијата.
Комисијата му укажува на Б.Л. дека бараните информации наведени во Жалбата бр.07-2 од 24.04.2014 година, не се информациите што се барани со основачкото Барањето бр.15-7288/1 од 02.12.2013 година, а барателот поднесува Жалба за неспроведување на дел од Решението на Комисијата бр.07-2 од 25.03.2014 година.
Согласно член 24 став 3 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008, 6/2010 и 42/2014) ако, како резулатат на добиената информација, произлезе барање за дополнителна информација поврзана со документите кои ги поседува имателот на информацијата, барателот поднесува ново барање, согласно со членовите 15 и 16 од овој закон, заедно со одговорот што веќе го добил.
Врз основа на списите на предметот и наводите во оспореното Решение, Комисијата утврди дека Министерството за економија постапило согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и му ги доставило бараните информации.
Со оглед на наведеното, Комисијата одлучи како во диспозитивот на ова Решение.
Ова Решение е конечно во управната постапка и против него нема место за жалба.
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против ова Решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.

**********

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, постапувајќи по Жалбата изјавена од Здружението Транспаренси Интернешнл-Македонија, поднесена преку М.З., Генерален секретар на Здружението, против Општина Маврово и Ростуше, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008,6/2010 и 42/2014),  а во врска со член 223 од Законот за општата управна постапка на седницата одржана на 13 јуни 2014 година, го донесе следниот

З  А  К  Л  У  Ч  О  К

СЕ ЗАПИРА постапката по Жалбата изјавена од Здружението Транспаренси Интернешнл-Македонија, поднесена преку М.З., Генерален секретар на Здружението, против Општина Маврово и Ростуше, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер:
“1. Да ни доставите информација дали за градбата која се гради на КП 1117 Катастарска  Општина МАВРОВО ВОНГРАД инвеститорот има поднесено Барање за добивање на одобрение за градење?
2. Да ни доставите информација дали за градбата која се гради на КП 1119 Катастарска  Општина МАВРОВО ВОНГРАД инвеститорот има поднесено Барање за добивање на одобрение за градење?
3. Да ни доставите информација дали на инвеститорот за градбата на КП 1117 Катастарска  Општина МАВРОВО ВОНГРАД му е издадено одобрение за градење?
4. Да ни доставите информација дали на инвеститорот за градбата на КП 1119 Катастарска  Општина МАВРОВО ВОНГРАД му е издадено одобрение за градење?
5. Да ни доставите информација кој е инвеститор на градбата која се гради на КП 1117 Катастарска  Општина МАВРОВО ВОНГРАД?
6. Да ни доставите информација кој е инвеститор на градбата која се гради на КП 1119 Катастарска  Општина МАВРОВО ВОНГРАД?7. Да ни доставите информација дали е извршен инспекциски надзор над објектите кои се градат на погоре посочените катастарски парцели и доколку е извршен инспекциски надзор што е констатирано на лице место и да ни доставите записник и други списи од извршениот инспекциски надзор?“, поради тоа што барателот ги добил бараните информации.
 
О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, согласно член 28 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008, 6/2010 и 42/2014),“ ја разгледа Жалбата заведена во Комисијата под број 07-110 на 14.05.2014 година, изјавена од Здружението Транспаренси Интернешнл-Македонија, поднесена преку М.З., Генерален секретар на Здружението, против Општина Маврово и Ростуше, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер и другите списи во вска со предметот и го утврди следното:
Како што се наведува во Жалбата, заведена во Комисијата под бр.07-110 на 14.05.2014 година, Здружението Транспаренси Интернешнл – Македонија на 13.03.2014 година поднел Барање за слободен пристап до информации од јавен карактер бр.0302-1604 до Општина Маврово и Ростуше и побарал да му ја достават следната информација:  
 “1. Да ни доставите информација дали за градбата која се гради на КП 1117 Катастарска  Општина МАВРОВО ВОНГРАД инвеститорот има поднесено Барање за добивање на одобрение за градење?
2. Да ни доставите информација дали за градбата која се гради на КП 1119 Катастарска  Општина МАВРОВО ВОНГРАД инвеститорот има поднесено Барање за добивање на одобрение за градење?
3. Да ни доставите информација дали на инвеститорот за градбата на КП 1117 Катастарска  Општина МАВРОВО ВОНГРАД му е издадено одобрение за градење?
4. Да ни доставите информација дали на инвеститорот за градбата на КП 1119 Катастарска  Општина МАВРОВО ВОНГРАД му е издадено одобрение за градење?
5. Да ни доставите информација кој е инвеститор на градбата која се гради на КП 1117 Катастарска  Општина МАВРОВО ВОНГРАД?
6. Да ни доставите информација кој е инвеститор на градбата која се гради на КП 1119 Катастарска  Општина МАВРОВО ВОНГРАД?7. Да ни доставите информација дали е извршен инспекциски надзор над објектите кои се градат на погоре посочените катастарски парцели и доколку е извршен инспекциски надзор што е констатирано на лице место и да ни доставите записник и други списи од извршениот инспекциски надзор?“
Општина Маврово и Ростуше, како што се наведува во Жалбата, на ова барање не одговорила во законски предвидениот рок, по што се смета дека Барањето е одбиено и е поднесена Жалба до Комисијата.   
Комисијата со допис број бр.07-110 од 14.05.2014 година, ја препрати Жалбата до Општина Маврово и Ростуше и побара во рок од 3 дена да се произнесе по истата и да ги достави до Комисијата сите списи во врска со предметот.
Здружението Транспаренси Интернешнл-Македонија на 05.06.2014 година до Комисијата го достави дописот на Општина Маврово и Ростуше бр.08-175/2 од 28.05.2014 година насловен до Здружението Транспаренси Интернешнл-Македонија, а во Комисијата заведен под бр.07-110.
Здружението Транспаренси Интернешнл-Македонија на 05.06.2014 година до Комисијата достави меил, заведен под бр.07-110. Во меилот е наведено дека: „Ве известуваме дека на ден 29.05.2014 година, имателот на информацијата – Општина Маврово и Ростуше, дополнително достави Одговор по нашето Барање за пристап до информации од јавен карактер бр.0302-1604 од 13.03.2014. Порадо тоа што сме задоволни од доставениот одговор Ве молиме да ја сметате постапката по Жалба 0302-1653 како остварена.“
Врз основа на наведеното, Комисијата утврди дека Општина Маврово и Ростуше постапила по Барањето, но со задоцнување. Комисијата констатира дека во конкретниот случај битно е дека имателот постапил по Барањето, а барателот добил одговор на Барањето.
Согласно член 44 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер „Глоба во износ од 300 до 500 евра во денарска противредност за прекршок ќе му се изрече на службеното лице за посредување со информации кај имателот на информацијата доколку во предвидениот рок неосновано не ја посредува информацијата согласно со членот 21 од овој закон“.
Поради ова, Комисијата одлучи како во диспозитивот на овој Заклучок.
Овој Заклучок е конечен во управната постапка и против него нема место за жалба.
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против овој Заклучок може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.

**********

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, постапувајќи по Жалбата изјавена од С.Х. од Прилеп, поднесена против Комисијата за одлучување по барањата за денационализација со седиште во Општина Прилеп, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008,6/2010 и 42/2014),  а во врска со член 223 од Законот за општата управна постапка на седницата одржана на  13 јуни 2014 година, го донесе следниот

З  А  К  Л  У  Ч  О  К

СЕ ЗАПИРА постапката по Жалбата изјавена од С.Х. од Прилеп поднесена против Комисијата за одлучување по барањата за денационализација со седиште во Општина Прилеп, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер:
“1.Заверена фотокопија односно препис од приложените докази, во постапката за денационализација од Управата за имотно правни работи – Одделение Прилеп, со допис Одговор на барање ДН.бр.17-576/1 -2001 од 03.12.2001 година во врска со наводно доставените Решенија бр.12-1235/10-1 и бр. 12-1235/10-2 од 25.06.1979 година како и Решение бр.378/1 од 16.11.1994 година, односно Р.бр.135/79 од 03.04.1979 година донесени од страна на Собранието на општина Прилеп, Одделение за имотно – правни односи – Прилеп, со кои е одземено градежнoто земјиште на КП.бр.790 стар премер во КО Прилеп, заведен во ПЛ.бр.1343 поранешна сопственост на К. и Н.Д., правни предходнички на С.Х., како и записниците – Спогодби за одржана усна расправа за определување надоместок под бр.12-1235/1 и 12-1235/2 од истиот тој датум т.е.од 29.10.1981 година, согласно одредбите на ЗОУП за именување – поставување на Љ.А. за привремен застапник на неуките странки – сопственички на депоседираниот недвижен имот – градежно неизградено  земјиште и донесениот заклучок бр.12-1235/10 од 11.06.1979 година уредно потпишани од страна на сопственичките заедно со доставниците за извршена уредна достава на споменатите управни акти  од кои ќе се види текот, начинот на заснованоста на последното решение на органот на управата наведен погоре, односно текот и фазата на поднесеното барање за денационализација која трае веќе 12 (дванаесет ) години. Исто така подносителот на ова Барање за слободен пристап до информации од јавен карактер бара доставување на Известувањето бр.03-422/2 од 18.09.2006 година на Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на РМ – Подрачна единица Прилеп“, поради тоа што барателот ги добил бараните информации.

О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, согласно член 28 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008, 6/2010 и 42/2014), ја разгледа Жалбата заведена во Комисијата под број 07-43 на 04.03.2014 година, изјавена од С.Х. од Прилеп поднесена против Комисијата за одлучување по барањата за денационализација со седиште во Општина Прилеп, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер и другите списи во врска со предметот и го утврди следното:
Како што се наведува во Жалбата, С.Х. од Прилеп на 29.11.2013 година, поднела Барање за слободен пристап до информации од јавен карактер до  Комисијата за одлучување по барањата за денационализација со седиште во Општина Прилеп, заведено под бр.24-59/3 со кое побарала да и ги достават следните информации:
“1.Заверена фотокопија односно препис од приложените докази, во постапката за денационализација од Управата за имотно правни работи – Одделение Прилеп, со допис Одговор на барање ДН.бр.17-576/1 -2001 од 03.12.2001 година во врска со наводно доставените Решенија бр.12-1235/10-1 и бр. 12-1235/10-2 од 25.06.1979 година како и Решение бр.378/1 од 16.11.1994 година, односно Р.бр.135/79 од 03.04.1979 година донесени од страна на Собранието на општина Прилеп, Одделение за имотно – правни односи – Прилеп, со кои е одземено градежното земјиште на КП.бр.790 стар премер во КО Прилеп, заведен во ПЛ.бр.1343 поранешна сопственост на К. и Н.Д., правни предходнички на С.Х., како и записниците – Спогодби за одржана усна расправа за определување надоместок под бр.12-1235/1 и 12-1235/2 од истиот тој датум т.е.од 29.10.1981 година, согласно одредбите на ЗОУП за именување – поставување на Љ.А. за привремен застапник на неуките странки – сопственички на депоседираниот недвижен имот – градежно неизградено  земјиште и донесениот заклучок бр.12-1235/10 од 11.06.1979 година уредно потпишани од страна на сопственичките заедно со доставниците за извршена уредна достава на споменатите управни акти  од кои ќе се види текот, начинот на заснованоста на последното решение на органот на управата наведен погоре, односно текот и фазата на поднесеното барање за денационализација која трае веќе 12 (дванаесет ) години. Исто така подносителот на ова Барање за слободен пристап до информации од јавен карактер бара доставување на Известувањето бр.03-422/2 од 18.09.2006 година на Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на РМ – Подрачна единица Прилеп“.
Комисијата за одлучување по барањата за денационализација со седиште во Општина Прилеп како што се наведува во Жалбата, одговорила на ова Барање и “делумно доставила фотокопија од бараните документи“, поради што барателот поднесе Жалба до Комисијата.   
Комисијата со допис број бр.07-43 од 07.03.2014 година, ја препрати Жалбата до Комисијата за одлучување по барањата за денационализација со седиште во Општина Прилеп,  и побара во рок од 3 дена да се произнесе по истата и да ги достави до Комисијата сите списи во врска со предметот.
Комисијата за одлучување по барањата за денационализација со седиште во Општина Прилеп,  во врска со ова Барање до Комисијата достави Одговор на Жалба, заведен во Комисијата под бр. 07-43 на 31.03.2014 година.  
Во Одговорот на Жалбата покрај другото се наведува дека “Бараните писмени докази се наоѓаат во архивската граѓа со која што располага Подрачното одделение за првостепена управна постапка Прилеп а не кај Комисијата за одлучување по барањата за денационализација со седиште во општина Прилеп. Но со цел веднаш да и се излезе во пресрет на барателката од страна на Подрачното одделение за првостепена управна постапка Прилеп и беа доставени сите писмени докази со кои располага Одделението односно што ги има во предметот“.
Во Одговорот на Жалба уште се наведува и следното. Со оглед на тоа што, барателката со исти или слични барања неколку пати се обраќала до Комисијата за одлучување по барањата за денационализација со седиште во Општина Прилеп, Комисијата со писмено известување Дн.бр.24-553/2 19.12.2013 година, ја известила барателката дека ја повикува да изврши увид во предметот по кој е водена постапка за одземање на корисничкото право на градежното земјиште и сите писмени докази за кои што смета дека ќе и бидат потребни, ќе и бидат фотокопирани.
Незадоволна од ова писмено известување барателката повторно доставила писмено барање со слична содржина. Постапувајќи по ова барање Комисијата повторно ја повикала барателката за сама да изврши увид и селекција кои писмени докази бара да и бидат доставени во фотокопија.
 Во прилог на Одговорот на Жалба Комисијата достави како што се наведува во Одговорот “…. фотокопии од сите списи по предметот за одземање на правото на користење на градежното земјиште од К. и Н.Д. и фотокопии од списи од предметот по ДН кои во моментот како дупликати ги има Комисијата за денационализација (бидејќи предметот е во управен суд по поднесената тужба), на Ваше понатамошно постапување“.
Со цел барателот да ги добие бараните информации на побрз начин, со помалку трошоци и помалку губење на време, вработениот кој постапува по предметот го повика В.Х. – О. (кој во барањето е наведен како полномошник на барателот) во просториите на Комисијата и му даде фотокопии од доставените списи.
Незадоволен од добиените фотокопии барателот на 15.04.2014 година, поднесе дополнување на Жалбата заведено во Комисијата под бр.07-43.
Во наведеното дополнување на Жалбата Барателот укажува на пропусти во постапката на Комисијата за одлучување по барањата за денационализација со седиште во Општина Прилеп како на пример “ Видно од увидот во доставените списи односно доставницата пред погоре наведената Комисија се констатира дека органот во текот на целата постапка не извршил уредна достава на списите односно актите до Д.К. и Н. како правни предходнички на С.А……. или ….не постапиле согласно Заклучокот…ниту пак истиот го доставиле до определениот времен застапник……истото решение требало да се достави до времениот застапник и слично“, прашања кои не може да се третираат согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. По опишувањето на состојбата со предметот во Дополнувањето на Жалбата повторно бара фотокопии од одредени информации.
Комисијата со допис број бр.07-43 од 24.04.2014 година, го препрати Дополнувањето на Жалбата до Комисијата за одлучување по барањата за денационализација со седиште во Општина Прилеп,  и побара во рок од 3 дена да се произнесе по истата и да ги достави до Комисијата сите списи во врска со предметот.
Во врска со ова Барање Комисијата за одлучување по барањата за денационализација со седиште во општина Прилеп, достави Известување бр.26-92/4 од 30.04.2014 година , а во Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, заведено под бр.07-43 на 06.05.2014 година.
Во Известувањето покарај другото се наведува дека “Барателите се запознати со целата постапка, застапникот Л.А. постојано бил присутен пред надлежните органи при спроведувањето на таа постапка и запознат со кои писмени докази располага органот“.
Во прилог повторно достави фотокопии од доставници. Службеното лице од Комисијата повторно го повика В.Х.О.  и му достави фотокопии од Известувањето и од доставниците и го замоли да се произнесе по предметот. До денот на одлучувањето на Комисијата по предметот тој не достави никаков допис.
Врз основа на наведеното, Комисијата утврди дека  Комисијата за одлучување по барањата за денационализација со седиште во Општина Прилеп,  постапила по Барањето, со тоа што неколку пати и доставувала на барателката фотокопии од информациите со кои располага и се предмет на барањето.
Поради ова, Комисијата одлучи како во диспозитивот на овој Заклучок.
Овој Заклучок е конечен во управната постапка и против него нема место за жалба.
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против овој Заклучок може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.