ДОНЕСЕНИ 3 РЕШЕНИЈА

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер на својата 81 седница одржана на 23 мај 2008 година, донесе 3 решенија.

* * *
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата изјавена од И.Ј. од Скопје, по предметот Барање за пристап до информација од јавен карактер, против Државниот завод за ревизија на Република Македонија, врз основа на член 28 и член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, на седницата одржана на 23 мај 2008 година го донесе следното

Р Е Ш Е Н И Е

Жалбата изјавена од И.Ј. од Скопје, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, против Државниот завод за ревизија на Република Македонија СЕ УВАЖУВА и предметот се враќа на повторно постапување на првостепениот орган.

О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер ја разгледа Жалбата бр. 07-238/1 од 03.03.2008 година, изјавена од И.Ј. од Скопје, против Државниот завод за ревизија на Република Македонија,  ЈА УВАЖИ и предметот го врати на повторно постапување на првостепениот орган поради формална повреда на постапката.
Комисијата по разгледувањето на Жалбата оцени дека Државниот завод за ревизија на Република Македонија не постапил согласно член 20 став 2 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и наместо Барањето делумно или целосно да го одбие со решение, до барателот доставил Одговор со кој го одбива барањето.
Жалбата на И.Ј.од Скопје е основана од причина што Државниот завод за ревизија бил должен да му ја даде бараната информација на барателот и тоа пред се во форма во која нема да бидат повредени одредбите од Законот за заштита на личните податоци во однос на другите учесници на конкурсот.
Имено, на 06.02.2008 година И.Ј. од Скопје, по електронски пат поднел Барање за пристап до информација од јавен карактер до Државниот завод за ревизија (ДЗР) од кого бара фотокопија „од последниот оглас на ДЗР од 05.11.2007 година, постигнатите резултати и бодови од тестирањата за мене и за сите примени кандидати, економисти и правници, односно конечната ранг листа на избраните и примените кандидати, нивните освоени бодови и моето место на истата„.
ДЗР, наместо позитивно да одговори на барањето и да изготви записник, или барањето да го одбие делумно или целосно и за тоа да донесе решение со образложение за причините поради кои барањето е одбиено, на 15.02.2008 година до барателот И.Ј. испратил Одговор на барање. Со овој Одговор ДЗР го одбил Барањето на И.Ј., повикувајќи се на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, со образложение дека „еден од исклучоците на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, што е предвиден со Законот, е дефиниран во член 6 став 1, точка 2, според кои имателите на информации можат да одбијат барање за пристап до информацијата доколку информацијата се однесува на личен податок чие откривање би значело повреда на заштитата на личните податоци„.
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер на 18.03.2008 година ја препрати Жалбата поднесена од И.Ј.до ДЗР и побара од него да се произнесе по истата.
ДЗР одговори на барањето на Комисијата на 27.03.2008 година и достави Одговор на жалба со кој го потврдува одбивањето на Барањето на И.Ј., со образложение дека: Бараните информации се „податоци т.е.информации чие објавување е регулирано со Законот за заштита на личните податоци, а не е во согласност со одредбите од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер„ и дека „ДЗР упати официјално Барање за мислење до Дирекцијата за заштита на личните податоци при што доби и официјален одговор„ (кој е даден во прилог) и во согласност со тој одговор е подготвен одговорот на Барањето на И.Ј.
Меѓутоа, ДЗР и по добивањето на побараното мислење од Дирекцијата за заштита на личните податоци не постапил по него, иако во него му е укажано дека „согласно Законот за работните односи работодавачот мора во рок од осум дена од денот на склучување на договорот за вработување писмено да го извести кандидатот кој не е избран дека не е избран и кој кандидат е избран„ и дека „ освен имињата и презимињата на избраните кандидати, другите лични податоци што се бараат се заштитени согласно одредбите на Законот за заштита на личните податоци и не претставуваат информации од јавен карактер„. Тоа значи дека имателот бил должен на барателот да му овозможи увид во неговите лични податоци и во неговите резултати од конкурсот за вработување, додека откривањето на личните податоци за другите кандидати, избрани и примени заедно со конечната ранг листа, односно листата на имиња и презимиња, поединечните и вкупните бодови на поголем број кандидати кои ги исполнуваат условите од огласот без нивно рангирање, би можело да се изврши доколку претходно е прибавена писмена согласност од кандидатите.
Комисијата, во функција на примена на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, укажува на следното:
Согласно член 2 точка 2 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер должни сте да овозможите информираност на јавноста.
Одговорното, односно службеното лице кај имателот на информации кој нема да даде информација од јавен карактер ќе се казни за прекршок (член 39 од истиот Закон).
Од наведените причини одлучено е како во диспозитивот на ова Решение.
Ова Решение е конечно во управната постапка и против него нема место за жалба.
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО : Против ова Решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.

* * *

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата изјавена од Т.А., против ССОУ “Коле Неделковски“ – Велес, по предметот Барање за  пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 28 и член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, на седницата одржана на 23 мај 2008 година, го донесе следното

Р Е Ш Е Н И Е

Жалбата изјавена од Т.А., поднесена против ССОУ “Коле Неделковски“ – Велес, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, СЕ УВАЖУВА И СЕ ЗАДОЛЖУВА, ССОУ “Коле Неделковски“ – Велес, на барателот да му ги достави баранаите информаци, на начин наведен во Барањето, во рок од 15 дена од денот на доставувањето на Решението.

О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер ја разгледа Жалбата бр.07-299/1 од 21.04.2008 година, изјавена од Т.А., поднесена против ССОУ “Коле Неделковски“ – Велес, ЈА УВАЖИ и го ЗАДОЛЖИ ССОУ “Коле Неделковски“ – Велес, на барателот да му ги достави бараните информаци, на начин наведен во Барањето, во рок од 15 дена од денот на доставувањето на Решението.
По разгледувањето на Жалбата и сите списи во врска со предметот, Комисијата го констатира следното.
На 15.02.2008 година, Т.А., од Велес, до ССОУ “Коле Неделковски“ – Велес, поднел Барање за пристап до информации од јавен карактер и ги побарал следните информации:
1.Колкав е бројот на запишани вонредни ученици во учебните 2006/2007, 2005/2006, 2004/2005, 2003/2004 и 2002/2003 година.
2. Дали имало назначено одговорни наставници за овие ученици во годишните програми.
3. Дали сумата од сто денари која им се наплатуваше на учениците е со одлука на управните органи во училиштето.
4. Дали им се издаваше на учениците некаква потврда за уплата или истата се реализираше преку жиро сметка на училиштето.
На ова Барање ССОУ “Коле Неделковски“ – Велес, на барателот му одговорило со допис бр.03-112/2 од 11.03.2008 година. Дописот гласи “Насоки кон барателот на информација од јавен карактер“.
Во овој допис се нагласува “Согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер Сл.Весник бр.13/2006 имате поднесено Барање за пристап до информации од јавен карактер заведено под дел.бр.03-112 од 15.02.2008 година. Ова барање бараме да биде дополнето согласно член 17 став 1 за слободен пристап до информациите од јавен карактер СЛ.Весник бр.13/2006 по основ на следното“. Во текстот на дописот подолу му се укажува на барателот во која смисла треба да го преформулира и дополни барањето.
Имателот на информацијата, иако е должен да го направи тоа, никаде во текстот не му укажува на барателот во кој рок треба да го дополни барањето и не го предупредува за последиците доколку не го направи тоа во законски предвидениот рок. Тој во дописот го споменува член 17 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, но барателот не мора да го знае тој Закон.
Затоа, кај имателите на информации се назначуваат службени лица кои се должни да ја спроведат постапката по барањето и на барателите да им укажуваат помош, со цел на побрз и поедноставен начин да обезбедат пристап до бараната информација.
Во конкретниов случај барателот со дописот не бил известен за рокот во кој треба да биде дополнето барањето и не му било укажано за последиците доколку не го направи тоа.
Тој го дополнил и преформулирал Барањето со задоцнување, после истекот на законски предвидениот рок со допис кој е заведен во ССОУ “Коле Неделковски“ – Велес  на 25.03.2008 година под бр.03-112/3.
По добивањето на овој допис ССОУ “Коле Неделковски“ – Велес, со допис бр.03-112/4 од 31.03.2008 година, доставува до барателот Заклучок во кој се наведува “Барањето со дополнувањето од ваша страна е доставено на ден 21.03.2008 година, како препорачана пратка помината преку пошта 1400 Велес Р.Македонија. Нашиот допис на кој Вие одговарате е бр.03-112/2 од 11.03.2008 година. Врз основа на чл.17 став 1 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, требаше да го доставите дополнувањето во рок од три дена од денот на приемот на Барањето (15.03.2008). Во случајов го пробивте рокот и институцијата го донесува заклучокот дека вашето барање е повлечено“.
Од сето погоре изложено, Комисијата констатира дека, ССОУ “Коле Неделковски“ – Велес, погрешно ги применило одредбите од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, затоа што, не му укажало на барателот во кој рок треба да го дополни барањето и за последиците доколку не го направи тоа.
Од наведените причини Комисијата го задолжува ССОУ “Коле Неделковски“ – Велес, во рокот наведен во диспозитивот на ова Решение да постапи по истото и на барателот да му ги даде бараните информации, кои се преформулирани според насоките на училиштето и во форма како што наведува барателот во дополнувањето “можат да ми бидат доставени онака како што ги имате Вие во Вашата институција ажурирано, а јас самиот ќе ги обработам според потребите за проектот“.
Од наведените причини одлучено е како во диспозитивот.
Ова решение е конечно во управната постапка и против него нема место за жалба.
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против ова решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.

* * *

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата изјавена од Н.А., поднесена против Државниот завод за геодетски работи- Сектор за премер и катастар, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 28 и член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, на седницата одржана на 23 мај 2008 година, го донесе следното

Р Е Ш Е Н И Е

Жалбата изјавена од Н.А., поднесена против Државниот завод за геодетски работи-Сектор за премер и катастар-Скопје, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, СЕ УВАЖУВА и СЕ ЗАДОЛЖУВА, Државниот завод за геодетски работи-Сектор за премер и катастар-Скопје, на барателот да му овозможи увид во бараната информација “Целосен увид во документација, за Барање 1118/5848 поднесено на 03.10.2007 година за објекти на КП 2520/1-Центар II почнувајќи од 1995 година до денес“, во рок од 15 дена од денот на доставувањето на Решението во форма и на начин наведени во барањето.

О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер ја разгледа Жалбата бр.07-301/1 од 21.04.2008 година, изјавена од Н.А., поднесена против Државниот завод за геодетски работи-Сектор за премер и катастар-Скопје, ЈА УВАЖИ и го ЗАДОЛЖИ Државниот завод за геодетски работи-Сектор за премер и катастар-Скопје, на барателот да му овозможи увид на бараната информација: “Целосен увид во документација, за Барање 1118/5848 поднесено на 03.10.2007 година за објекти на КП 2520/1-Центар II почнувајќи од 1995 година до денес“ во рок од 15 дена од денот на доставувањето на Решението во форма и на начин наведени во барањето.
По разгледувањето на Жалбата Комисијата го констатира следното.
На 16.11.2007 година, Н.А. од Скопје, поднел Барање до Државниот завод за геодетски работи- Сектор за премер и катастар и побарал да му се овозможи увид на бараната информација  “Целосен увид во документација, за Барање 1118/5848 поднесено на 03.10.2007 година за објекти на КП 2520/1-Центар II почнувајќи од 1995 година до денес“.
Државниот завод за геодетски работи-Сектор за премер и катастар-Скопје  на ова Барање не одговорила во предвидениот рок, согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, поради што Н.А. поднел Жалба.
Државниот завод за геодетски работи-Сектор за премер и катастар-Скопје  на дописот бр.07-301/2 од 22.04.2008 година од Комисијата, со кој Комисијата бараше во најкраток можен рок (веднаш), да се произнесе по жалбата и да ги достави сите списи во врска со предметот, ја извести Комисијата дека: “За да се изврши целосен увид во документацијата вадени се предмети-реверси од архива кои се во врска со горенаведеното барање и согласно деловодните книги предметот во кој треба да се изврши увид односно предметот У.п. број 1004/251/2001 е даден на ден 08.03.2002 година на Агенцијата за разузнавање (така стои запишано кај нас). На ден 22.04.2008 година поднесено е писмено барање до ПОДУАР (Агенција за разузнавање) односно до службеното лице С.А. за да ни се одговори дали бараниот предмет се наоѓа кај нив“.
Државниот завод за геодетски работи- Сектор за премер и катастар-Скопје, во прилог го достави и писмото упатено до службеното лице на ПОДУАР.
Во Законот за катастар на недвижностите (“Службен весник на РМ“ бр.40/2008 година), во член 28 регулирано е дека:
“За прибирање, обработка, одржување, управување, користење и дистрибуција на просторните и описните податоци за недвижностите, во  Агенцијата се формира геодетско-катастарски информационен систем на  Република Македонија.
Според член 29 точка 2 од истиот закон, регулирано е дека: “Геодетско-катастарскиот информациониот систем е составен од следниве делови: основни геодетски работи, катастар на недвижности, евиденција за бесправно изградени објекти, евиденција за времени објекти, топографски карти и регистар на просторни единици“.
Од надлежностите на Државниот завод за геодетски работи- Сектор за премер и катастар кои произлегуваат од цитиранит закон произлегува дека посочениот имател располага со информации за недвижности и тоа тој не го оспорува штом го бара предметот од Агенцијата за разузнавање, што се гледа и од цитиранте писма.
Комисијата нема надлежности да утврдува каде се и на кој начин се чуваат предметите во Државниот завод за геодетски работи-сектор за премер и катастар-Скопје.
Од погоре изложеното произлегува дека, Државниот завод за геодетски работи-Сектор за премер и катастар-Скопје, што се гледа и од доставените писма до Комисијата, ја создал и располагал со бараната информација и тој е должен истата да ја прибави и да му овозможи на барателот увид во бараната информација.
Согласно член 2 став 2 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер должни сте да овозможите информираност на јавноста. Одговорното, односно службеното лице кај имателот на информацијата кој нема да даде информација од јавен карактер ќе се казни за прекршок. (член 39).
Со оглед на тоа што Државниот завод за геодетски работи-Сектор за премер и катастар-Скопје не достави друг допис до Комисијата и не му овозможи на барателот увид во бараната информација, одлучено е како во диспозитивот.
Ова решение е конечно во управната постапка и против него нема место за жалба.
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против ова решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.