ДОНЕСЕНИ 3 РЕШЕНИЈА И 4 ЗАКЛУЧОЦИ
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер на својата 75 седница одржана на 25 март 2008 година, донесе 3 решенија и 4 заклучоци.
* * *
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата изјавена од Ј.К. од Скопје, главен и одговорен уредник на неделникот “Фокус“, поднесена против Државниот завод за ревизија по предметот Барање за пристап до информација од јавен карактер, врз основа на член 28 и член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, на седницата одржана на 25 март 2008 година, го донесе следното
Р Е Ш Е Н И Е
Жалбата изјавена од Ј.К. од Скопје, главен и одговорен уредник на неделникот “Фокус“, поднесена против Државниот завод за ревизија, по предметот Барање за пристап до информација од јавен карактер, СЕ УВАЖУВА и се ЗАДОЛЖУВА, Државниот завод за ревизија, до барателот да ја достави бараната информација, “Колкав е имотот на политичките партии СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДПА и ДУИ, според локации и метри квадратни“, во рок од 15 дена од денот на доставувањето на Решението, во форма и на начин наведени во Барањето.
О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер ја разгледа Жалбата бр.07-225/1 од 21.02.2008 година, изјавена од Ј.К. од Скопје, главен и одговорен уредник на неделникот “Фокус“ поднесена прoтив Државниот завод за ревизија, Барањето за слободен пристап до информации, Одговорот на Барањето и Одговорот на Жалбата, ја УВАЖИ и го ЗАДОЛЖИ Државниот завод за ревизија, до барателот да ја достави бараната информација “Колкав е имотот на политичките партии СДСМ, ВМРО- ДПМНЕ, ДПА и ДУИ, според локации и метри квадратни“, во рок од 15 дена од денот на доставувањето на Решението, во форма и на начин наведени во Барањето.
По разгледувањето на Жалбата и сите списи во врска со предметот Комисијата го констатира следното:
Подносителот на Жалбата на 29.01.2008 година, по електронски пат се обратил со Барање за пристап до информации од јавен карактер до Државниот завод за ревизија. Барањето гласи: “Политичките партии беа должни да ви достават попис на имот со кој располагаат. Колку партии ја извршија оваа законска должност? Кои се тие партии? И колкав е нивниот имот, според локации и метри квадратни?”. Наведената побарала информацијата да и биде доставена во електронски запис по е-маил.
На ова Барање од Државниот завод за ревизија во законски предвидениот рок на 8 февруари 2008 година, добила Одговор.
Одговорот гласи:
1.”Согласно Законот за финансирање на политичките партии, член 33, законската должност спрема Државниот завод за ревизија ја извршија четири (4) политички партии.
2. До државниот завод за ревизија попис на имотот со кој располагаат доставија политичките партии, СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДПА и ДУИ.
3.За обемот на имотот, локациите каде се наоѓа истиот и колку квадратни метри има, Државниот завод за ревизија цени дека прашањето подлежи на насловот што се однесува на членот 6 – цитираме “Исклучок од слободен пристап до информации“ – од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Давањето одговор на прашањето би значело повреда на одредбата од точка 4 од Членот 6, односно “давањето на информацијата би значело повреда на доверливоста на даночната постапка“.
Од одговорот се гледа дека на дел од Барањето кој се однесува на прашањето кои политички партии имаат доставено попис на имотот до Државниот завод за ревизија е одговорено. Пристапот до информацијата од вториот дел од Барањето за обемот на имотот, локациите каде се наоѓа истиот и колку квадратни метри има е одбиен, со образложение дека претставува исклучок од слободниот пристап.
Незадоволна од ваквиот одговор Ј.К. согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер поднела Жалба до Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер.
Комисијата го разгледа одговорот на барањето и утврди дека не е во согласност со одредбите на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Согласно член 20 точка 2 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, ако имателот на информацијата барањето делумно или целосно го одбие, за тоа ќе донесе решение со образложение за причините за одбивањето. Во конкретниов случај дел од барањето е одбиен со одговор. Не е запазена законската форма за одговор на Барањето.
Второ, Барањето може да се одбие ако информацијата претставува исклучок од слободниот пристап до информации согласно член 6 став 4 од истиот закон.
Меѓутоа, во конкретниов случај бараната информација не претставува исклучок од слободниот пристап, затоа што како што наведува Државниот завод за ревизија тоа би значело повреда на даночната постапка. Во Државниот завод за ревизија не се води даночна постапка, ниту пак овие податоци до него се доставени во врска со даночна постапка. Обврската на политичките партии да ги достават овие податоци до Државниот завод за ревизија произлегува од член 33 од Законот за финансирање на политичките партии согласно кој: “Политичките партии се должни да изготват попис на имотот со кој располагаат во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон и истиот да го достават до Државниот завод за ревизија, Управата за јавни приходи и Централен регистар“. Во ниту еден закон не е регулирано дека пописот на имот на политичките партии е класифицирана информација со одреден степен на тајност. Напротив, согласно член 10 од Законот за политичките партии “Основањето, работењето и финансиско материјалното работење на политичките партии е јавно“.
Во одговорот на Жалбата Државниот завод за ревизија се повикува на Законот за даноците на имот и укажува дека во истиот е утврдено дека надзор над примената на законот врши Министерството за финансии – Управа за јавни приходи и препорачува дека е тоа доволно утврден круг на надлежни субјекти од кои овие информации можат да се добијат. Уште една погрешна примена на одредбите на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Согласно член 3 алинеја 2 од овој Закон “информација од јавен карактер“ е информација во која било форма која ја создал и со која располага имателот на информацијата, односно со неа располага само имателот на информацијата, согласно неговите надлежности. Од одговорот на Барањето се гледа дека Државниот завод за ревизија располага со бараната информација. Имател на информацијата согласно Законот за финансирање на политичките партии треба да биде и Министерството за финансии – Управа за јавни приходи и Центарлниот регистар. Но, право на барателот е да одлучи од кој имател ќе ја побара информацијата, а имателот што располага со неа согласно неговите надлежности, должен е да му ја достави на барателот.
Во одговорот на Жалбата Државниот завод за ревизија го цитира и член 25 од Законот за државна ревизија во кој е утврдено следното.
“Податоците и сознанијата до кои доаѓа овластениот државен ревизор и државниот ревизор во вршење на државната ревизија претставуваат деловна тајна и не смеат неовластено да се соопштуваат. Овластениот државен ревизор и државниот ревизор не смеат да ги користат сознанијата до кои дошле во вршење на државната ревизија за стекнување на имотна или друга корист за себе или некој друг субјект“.
Притоа заборава на член 24 алинеја 3 според која “Овластениот државен ревизор е должен документацијата која претставува државна тајна да ја чува согласно прописите“.
Податоците кои ги бара Ј.К. не се податоци кои претставуваат државна тајна ниту се податоци и сознанија до кои овластениот државен ревизор и државниот ревизор дошле во вршење на државната ревизија па да претставуваат деловна тајна и не смеат неовластено да се соопштуваат. Тоа се податоци кои ги подготвиле и до Државниот завод за ревизија согласно законските обврски ги доставиле политичките партии.
Поради тоа, Комисијата одлучи како во диспозитивот на ова Решение.
Ова Решение е конечно во управната постапка и против него нема место за жалба.
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против ова решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.
* * *
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата изјавена од В.У. од Скопје, поднесена против Министерството за труд и социјална политика, врз основа на член 28 и член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, на седницата одржана на 25 март 2008 година, го донесе следното
Р Е Ш Е Н И Е
Жалбата изјавена од В.У. од Скопје, поднесена против Министерството за труд и социјална политика, СЕ УВАЖУВА и предметот се враќа на повторно постапување пред првостепениот орган.
О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер ја разгледа Жалбата бр.07-76/1 од 14.01.2007 година, изјавена од В.У. од Скопје поднесена против Министерството за труд и социјална политика ја УВАЖИ и предметот го врати на повторно постапување пред првостепениот орган.
По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот Комисијата го констатира следното.
Подносителот на Жалбата на 06.12.2007 година, се обратил со Барање до Министерството за труд и социјална политика и побарал – “Прописи кои ги применувате согласно Вашите надлежности (согласно член 10, став 1 алинеја 3 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер). Воедно содржината од прописите да ги добијам како информација во форма на електронски запис на компјутерско ЦД по хронолошки ред на објавување во Службен весник на РМ (согласно член 52 од Уставот на РМ) за период од 1997 година до денсес и во постапка согласно со ЗСПИЈК и донесената ОДЛУКА за утврдување на надоместокот за материјалните трошоци за дадената информација на имателите на информации донесена од Владата на Република Македонија, на седницата одржана на 24.12.2006, врз основа на член 29, став 3 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (ЗСПИЈК), објавена во “Службен весник на РМ.бр.136 од 2006 година“.
Министерството за труд и социјална политика на ова Барање не одговорило во законски предвидениот рок и форма согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, по што е поднесена Жалба.
Комисијата по добивањето на Жалбата истиот ден 14.01.2008 година, со допис бр.76/2 ја препрати до Министерството за труд и социјална политика и побара во најкраток можен рок (веднаш), Министерството да се произнесе по истата и да ги достави сите списи во врска со предметот.
На 05.02.2008 година, В.У. со допис заведен во Комисијата под бр.07-76/3, ја извести Комисијата “дека се уште не ја добил бараната информација во онаква форма како што е наведено во Барањето од 06.12.2007 година. Очекувам, во најкраток можен рок да донесете решение по мојата жалба со кое ќе го задолжите имателот на информацијата да ми ја достави истата во целост и во форма како што е побарано во барањето бр.14-13088 од 06.12.2007 година“.
Во прилог на дописот, го достави одговорот од Министерството за труд и социјална политика бр.14-13088/3 од 24.01.2008 година, кој ниту е навремен, ниту е во форма согласно со одредбите од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Одговорот гласи:
“Согласно Вашето Барање за слободен пристап до информации од јавен карактер, Ве информираме дека во рамките на Министерството за труд и социјална политика се вршат дејности од областа на социјална заштита, работни односи, пензиско осигурување, трудова инспекција и други дејности.
Сите прописи на Министерството за труд и социјална политика се објавени во Службен весник, а еднаш годишно законските прописи се објавуваат во ИНГ регистарот.
Основни закони кои се применуваат во Министерството за труд и социјална политика се: Законот за социјална заштита, Закон за заштита на децата, Закон за работни односи, Закон за пензиско инвалидско осигурување, закон за безбедност и здравје при работа, Закон за инспекција на трудот и истите можете да ги најдете на веб страната на МТСП, www.mtsp.gov.mk.
Исто така, Министерството за труд и социјална политика донесува голем број на прописи и истите можете да ги најдете во ИНГ регистарот“.
Со оглед на тоа што, Министерството за труд и социјална политика не одговараше ниту на дописот за произнесување по Жалбата, службеното лице во Комисијата во неколку наврати комуницираше со службеното лице во Министерството и инсистираше на одговор на дописот.
Дури, на 03.03.2008 година, Министерството за труд и социјална политика достави одговор до Комисијата, во кој се повикува на Барањето од В.У. и ја известува Комисијата, дека не располага со бараната информација во форма во која ја бара барателот. Комисијата нема податок дали овој одговор е доставен и до В.У..
Министерството за труд и социјална политика во овој случај е должно да постапи согласно член 26 став 2 кој предвидува: “Ако барањето се однесува на информација со која не располага имателот или ако бараната информација веќе е објавена во согласност со членовите 18 и 23 од овој закон, барателот писмено се известува.“
Веднаш по добивањето на Барањето, Министерството за труд и социјална политика требало писмено да го извести барателот, дека не располага со бараната информација во форма во која ја бара.
Согласно член 3 алинеја 2 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер “информација од јавен карактер“ е информација во која било форма која ја создал и со која располага имателот на информацијата, односно со неа располага само имателот на информацијата, согласно со своите законски надлежности.“
Значи, Министерството е должно да дава информации кои постојат и со кои располага, а нема обврска да создава нови информации согласно наведениот закон.
Со оглед на тоа што Министерството не постапило по барањето согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, Комисијата одлучи како во диспозитивот на ова Решение.
Ова решение е конечно во управната постапка и против него нема место за жалба.
При повторното постапување по предметот Министерството треба да ги има во вид укажувањата на Комисијата.
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против ова решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.
* * *
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата изјавена од Г.С. од Скопје, поднесена преку полномошник В.Д., адвокат од Скопје, против Државен завод за геодетски работи – Одделение за премер и катастар – Скопје, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 28 и член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, на седницата одржана на 25 март 2008 година, го донесе следното
Р Е Ш Е Н И Е
Жалбата изјавена од Г.С. од Скопје, поднесена преку полномошник В.Д., адвокат од Скопје, против Државен завод за геодетски работи – Одделение за премер и катастар – Скопје, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, СЕ ОДБИВА како неоснована.
О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер ја разгледа Жалбата бр. 07-248/1 од 06.03.2007 година, изјавена од Г.С., поднесена преку полномошник В.Д., адвокат од Скопје, против Државен завод за геодетски работи – Одделение за премер и катастар Скопје, Барањето од 12.09.2007 година и Известувањето УП бр.1118/5336 од 18.10.2007 година, од Државниот завод за геодетски работи – Сектор за премер и катастар – Скопје, и ја ОДБИ како неоснована.
По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот Комисијата го констатира следното.
Подносителот на Жалбата наведува дека истата ја поднел заради тоа што Барателот не добил одговор во законски предвидениот рок од Државниот завод за геодетски работи – Одделение за премер и катастар Скопје. Наводите во Жалбата се неосновани поради следното.
Полномошникот на барателот до Комисијата достави само Жалба а немаше Барање, поради што Комисијата не можеше да постапува по предметот. Службеното лице комуницираше со Барателот кој го достави и Барањето и Известувањето во врска со него. Од увидот, Комисијата заклучи дека нема молчење на администрација како што се наведува во Жалбата.
Од Барање на кое стои датум од 11.09.2007 година, се гледа дека, Г.С. и Д.С. се обратиле до Државен завод за геодетски работи – Сектор за премер и катастар- Скопје и побарале: “да извршиме увид во ДВЕТЕ ЈАВНИ КНИГИ СО СПИСОЦИ НА ПРОМЕНИ на КО Оризари, и тоа КППЛ 41, ПЛ 43, како и во ПЛ 250 од 1938 година до денес. Исто така, по направениот увид бараме од органот да ни издаде фотокопија или препис од истиот согласно Законот. Молиме увидот да ни биде дозволен што е можно побрзо“.
Барањето не е доставено на образец за слободен пристап до информации од јавен карактер, ниту во него се наведува дека Барањето е согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Државен завод за геодетски работи – Сектор за премер и катастар Скопје, постапил по ова Барање, согласно Законот од кој произлегуваат неговите надлежности и до подносителот на Барањето, Г.С. доставил Известување. Во Известувањето се наведува следното.
“Во врска со вашето барање до ДЗГР – Сектор за премер и катастар Скопје во вршење на својата редовна дејност издава: поседовни листови, имотни листови, уверенија за земјишта дали се евидентирани во катастарот или не, уверенија за извршени промени во катастарскиот операт за земјиште, копии од катастарски планови и управни акти согласно Законот за премер и катастар на земјиште и Законот за управната постапка.
Поради горе наведеното не сме во можност да ви издадеме фотокопија од список на извршени промени, и истото е дозволено само по барање на Судски орган.
За извршените промени странките може да извршат увид во јавните книги со списоци на промени за кој г-ѓа Г.С. има право да изврши увид и е запознаена со истото затоа што веќе со предходни барања го има извршено увидот но споменатата го одби истото и бараше фотокопии од извршени промени во ПЛ 41 ПЛ 250 од 1938 година до денес за КО Оризари“.
На 09.01.2008 година, В.Д., полномошник на Г.С., достави до Комисијата Ургенција за одлучување по жалби заради молчење на администрација. Во Ургенцијата има наведено шест предмети, меѓу кои и предметот за Г.С. На крајот од дописот стои прилог од Жалбите. Прилог со овој предмет немаше, ниту пак во Комисијата има заведено Жалба на која се повикува полномошникот на жалителот.
На 06.03.2008 година, В.Д., полномошник на Г.С., до Комисијата достави допис со прилог Жалба. Во Жалбата се повикува на Барањето упатено до Државниот завод за геодетски работи – Одделение за премер и катастар и наведува доказ Барање кое го нема во предметот.
По разгледувањето на сите списи во врска со предметот Комисијата го констатира следното. Барањето не е поднесено согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, туку согласно друг Закон од кој произлегуваат надлежностите на Државниот завод за геодетски работи и на Барателот му е одговорено согласно тој Закон со Известување.
Со оглед на тоа што нема барање согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, неможе да се поднесе ниту Жалба согласно овој Закон.
Истовремено, Комисијата им укажува на адвокатите, полномошници на барателите, заради побрзо, поекономочно и поефикасно постапување и одлучување по Жалбите, кога ги поднесуваат и во нив се повикуваат на докази, во прилог да ги доставуваат и доказите.
Поради ова, Комисијата одлучи како во диспозитивот на ова Решение.
Ова Решение е конечно во управната постапка и против него нема место за жалба.
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против ова Решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.
* * *
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата изјавена од Б.П. од Скопје, поднесена преку полномошник Ј.Б., адвокат од Скопје, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, против Министерство за труд и социјална политика, врз основа на член 223 од Законот за општата управна постапка, на седницата одржана 25 на март 2008 година, го донесе следниот
З А К Л У Ч О К
СЕ ЗАПИРА постапката по Жалбата доставена до Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер број 07-193/1 од 11.02.2008 година, изјавена од Б.П. од Скопје поднесена преку полномошник Ј.Б., адвокат од Скопје, поради тоа што на барателот му е доставена бараната информација – “Како и дали Министерството за труд и социјална политика ја контролира испораката на храна, облека и лекови за Специјалниот завод Демир Капија? “.
О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, ја разгледа Жалбата број 07-193/1 од 11.02.2008 година, изјавена од Б.П. од Скопје, поднесена преку полномошник Ј.Б., адвокат од Скопје, и другите списи во врска со предметот и утврди дека бараната информација “Како и дали Министерството за труд и социјална политика ја контролира испораката на храна, облека и лекови за Специјалниот завод Демир Капија ?“, на барателот му е доставена со писмо број 14-12858/2 од 19.12.2007 година од Министерството за труд и социјална политика. Од писмото се гледа дека бараната информација на барателот му е доставена во рокот предвиден во член 21 став 1 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Врз основа на изложеното, Комисијата констатира дека во конкретниот случај имателот го известил барателот и му доставил одговор по барање информации.
Службеното лице на Комисијата контактираше со полномошникот на барателот и го извести за доставениот одговор до барателот на информацијата кој беше доставен и до Комисијата.
Поради ова, Комисијата одлучи како во диспозитивот на овој Заклучок.
Овај Заклучок е конечен во управната постапка и против него нема место на жалба.
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против овој Заклучок може да се поведе управен спор пред Управниот суд на РМ во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.
* * *
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата изјавена од Т.С. од Скопје, поднесена преку полномошник П.Ј., адвокат од Скопје, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, против Министерство за труд и социјална политика, врз основа на член 223 од Законот за општата управна постапка, на седницата одржана на 25 март 2008 година, го донесе следниот
З А К Л У Ч О К
СЕ ЗАПИРА постапката по Жалбата доставена до Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер број 07-178/1 од 11.02.2008 година, изјавена од Т.С. од Скопје поднесена преку полномошник П.Ј., адвокат од Скопје, поради тоа што на барателот му е доставен одговор по бараната информација – “Број и структура на лица со ментален хендикеп на чии родители/старатели им е одземено старателското право. Како причина за одземање на старателското право да било семејно насилство врз лица со телесен или ментален хендикеп? “.
О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, ја разгледа Жалбата број 07-178/1 од 11.02.2008 година, изјавена од Т.С. од Скопје, поднесена преку полномошник П.Ј., адвокат од Скопје, и другите списи во врска со предметот и утврди дека по бараната информација “Број и структура на лица со ментален хендикеп на чии родители/старатели им е одземено старателското право. Како причина за одземање на старателското право да било семејно насилство врз лица со телесен или ментален хендикеп?“, на барателот му е доставен одговор со писмо број 14-1949/2 од 21.02.2008 година од Министерството за труд и социјална политика. Одговорот на барателот му е доставен по поднесувањето на Жалбата.
Врз основа на изложеното, Комисијата констатира дека во конкретниот случај имателот го известил барателот и му доставил одговор по бараната информација.
Службеното лице на Комисијата контактираше со полномошникот на барателот и го извести за доставениот одговор до барателот на информацијата кој беше доставен и до Комисијата.
Поради ова, Комисијата одлучи како во диспозитивот на овој Заклучок.
Овај Заклучок е конечен во управната постапка и против него нема место на жалба.
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против овој Заклучок може да се поведе управен спор пред Управниот суд на РМ во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.
* * *
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата изјавена од П.Б. од Скопје, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, против Јавната установа Национален парк Маврово, врз основа на член 247 став 2 од Законот за општа управна постапка, на седницата одржана на 25 март 2008 година го донесе следниот
З А К Л У Ч О К
СЕ ЗАПИРА постапката по Жалбата доставена до Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер број 07-110/1 од 17.01.2008 година, изјавена од П.Б. од Скопје, поради откажување од истата.
О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е
Службеното лице во Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер на 21.03.2008 година по телефон комуницираше со подносителот на Жалбата, П.Б., кој го извести дека се откажува од Жалбата поднесена против Јавната установа Национален парк Маврово, од која барал информации – „дали Програмата за заштита, користење и уредување на пештерата Шаркова Дупка е веќе реализирана и дали Пештерата е отворена за јавна употреба, т.е. за посетители? „.
Подносителот на Жалбата се откажува од истата откако службеното лице во Комисијата му укажа дека во поднесената Жалба, со која е приложено и Барањето по кое не му е одговорено, не постапил согласно член 16 став 4 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и не навел дека се работи за барање за пристап до информации од јавен карактер.
Согласно горе наведеното, Комисијата одлучи како во диспозитивот на овој Заклучок.
* * *
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата изјавена од Д.В. од село Лешок, Тетовско, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, против Министерството за труд и социјална политика на Република Македонија, врз основа на член 223 од Законот за општа управна постапка, на седницата одржана на 25 март 2008 година го донесе следниот
З А К Л У Ч О К
СЕ ЗАПИРА постапката по Жалбата доставена до Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер број 07-70/1 од 10.01.2008 година, изјавена од Д.В. од село Лешок, Тетовско, поради тоа што на барателот му е доставен одговор на бараната информација.
О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, постапувајќи по Жалбата на Д.В. од село Лешок, Тетовско, од доставеното Решение од имателот и од доставените списи, утврди дека по бараната информација – „Список на лица кои добиле еднократна парична помош по основ на ослободување на просторија за сместување во колективен центар Пелагонија и враќање во местото на живеење пред конфликтот во 2001 година, и тоа на име на моето семејство Д.В., Ј.В., Б.В. и Д.В. (соба 213). Ние просторијата ја ослободивме во почетокот на 2004 година и бараме да ни дадете податоци за висината, износот и датумот на исплатените средства како еднократна парична помош за враќање во местото на живеење на моето семејство„ , имателот на информации му доставил одговор на барателот.
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер на 11.02.2008 до Министерството за труд и социјална политика ја препрати Жалбата на Д.В. со цел Министерството веднаш да се произнесе по истата и до Комисијата да ги достави списите во врска со предметот. За тоа е известена и Д.В..
На 15.02.2008 година Министерството за труд и социјална политика испрати до Комисијата Решение со кое потврдува дека уште на 25.12.2007 година веќе и одговорило на Д.В. на нејзиното Барање.
Д.В. не се обрати до Комисијата во врска со доставеното Решение.
Врз основа на изложеното, Комисијата констатира дека во конкретниот случај барателот добил одговор на бараната информација.
Поради ова Комисијата одлучи како во диспозитивот на овој Заклучок.
Овој Заклучок е конечен во управната постапка и против него нема место на жалба.
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против овој Заклучок може да се поведе управен спор пред Управниот суд на РМ во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.