ДОНЕСЕНИ 3 РЕШЕНИЈА И 4 ЗАКЛУЧОЦИ
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер на својата 70 седница одржана на 19 февруари 2008 година, донесе 3 решенија и 4 заклучоци.
* * *
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата на Б.С. од Свети Николе, поднесена против Министерство за финансии – Управа за имотно правни работи Скопје, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 28 и член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, на седницата одржана на 19 февруари 2008 година, го донесе следното
Р Е Ш Е Н И Е
Жалбата изјавена од Б.С. од Свети Николе, против Министерство за финансии – Управа за имотно правни работи – Скопје, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер СЕ ОДБИВА како неоснована.
О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер ја разгледа Жалбата бр.07-58/1 од 09.01.2008 година, изјавена од Б.С. од Свети Николе, против Министерство за финансии – Управа за имотно правни работи – Скопје, препратена до Министерството за финансии – Сектор за правни и административни работи (како надлежен за постапување по ова барање), Барањето за пристап до информации од јавен карактер, Одговорот на Жалба заведен во Министерството за финансии под бр.03-874/1 од 08.01.2008 година, а во Комисијата заведен под бр.07-58/2 од 14.01.2008 година, и другите списи во врска со предметот и ја ОДБИ како неоснована.
По разгледувањето на Жалбата, одговорот на Жалбата и другите списи во врска со предметот, Комисијата констатира дека наводите во Жалбата за “молчење на администрација“ се неосновани од следните причини.
Барателот Б.С. од Свети Николе, повикувајќи се на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер со препорачана пратка по пошта на 31.10.2007 година, преку Министерство за финансии – Управа за имотно правни работи – Одделение – Свети Николе, поднел Барање до Министерството за финансии – Управа за имотно правни работи – Скопје, за директорката З.А., кое е препратено до Министерство за финансии – Сектор за правни и административни работи. Барањето гласи:
“На ден 16.12.2006 година, наполнив 40 години пензиски стаж, бев вработен во Собранието на општина Свети Николе, за периодот од 1989 до 1994 година. Вашиот вработен благајник – економ во Одделението во Свети Николе, не изработувал т.е не изготвувал обрасци М-4 кои што служат за пензиска основа по член 27 т.3 од Законот за матична евиденција (“Службен весник на РМ“ бр.16/2004) и врз основа на член 83 од Законот за работни односи (“Службен весник на РМ“ бр.80/2003), кое што е казниво.
Повеќе пати го молев раководителот на Одделението и благајникот, а и писмено (заведено кај Вас под бр.19-48/2 од 04.06.2007 година, бр.250 од 03.09.2007 година, Ургенција бр.19-250 од 03.10.2007 година и Барање Ургенција бр.19-250/5 од 18.10.2007 година). Недаваат конкретни и јасни одговори на поставените прашања КОИ ПОДАТОЦИ СЕ ТОЧНИ. Бидејќи за иста година даваат различни податоци за висината на земените плати, како по месеци така и за вкупен износ за година“.
Од одговорот на Жалбата и другите списи во врска со предметот се гледа дека не станува збор за молчење на администрација. На горенаведеното Барање, Министерството за финансии со писмо бр.19-41094/2 од 13.11.2007 година, на адреса наведена во Барањето, барателот го известило за следното.
“Во врска со вашето барање за слободен пристап до информации Ве известуваме дека стручната служба во Министерството за финансии не е во можност да ви ги даде бараните информации ниту да постапи по другите ваши барања во предметот имајќи предвид дека од 1989 година па досега не сте вработени, односно не сте во евиденција на платниот список во овој Орган. Од прилозите кон предметот е видно дека сте биле вработени во орган на управата во тогашното Собрание на општина Свети Николе, а подоцна во тогашното Министерство за стопанство, ПЕ во Свети Николе.
Истовремено, Ве известуваме дека на ова барање соодветно ви е одговорено од страна на Управата за имотно-правни работи, Одделение за управна постапка во Свети Николе со допис број 19-48/2 од 12-07.2007 година, а бараните податоци (пријава – образец “МФ“ и “ЕВТ“ картони) за периодот 1989-1994 година, Ви се доставени и копиите од овие обрасци ги поседувате“.
Министерството за финансии до Комисијата достави и допис бр.19-250 од 24.10.2007 година, насловен до Б.С., со кој Министерството за финансии – Управа за имотно правни работи – Одделение во Свети Николе, го известува барателот во врска со неговото Барање. Во истиот допис се наведува “за погоренаведеното сте известени и со писмо бр.19-250 од 27.09.2007 година и бр.19-250 од 15.10.2007 година“.
Поради ова, Комисијата одлучи како во диспозитивот на ова Решение.
Ова Решение е конечно во управната постапка и против него нема место за жалба.
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против ова Решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд на РМ во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.
* * *
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата на В.У. од Скопје, против Известувањето на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 28 и член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, на седницата одржана на 19 февруари 2008 година, го донесе следното
Р Е Ш Е Н И Е
Жалбата изјавена од В.У. од Скопје, против Известувањето на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер бр.07-79/1 од 14.01.2008 година, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, СЕ ОТФРЛА како неоснована.
О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер ја разгледа Жалбата бр. 07-79/2 од 30.01.2008 година, изјавена од В.У. од Скопје, против Известувањето на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер бр.07-79/2 од 14.01.2008 година и ЈА ОТФРЛИ како неоснована.
В.У. од Скопје на 18.12.2007година, до Комисијата се обрати со Барање за пристап до информации од јавен карактер, во фотокопија по пошта да му се достави следната информација. “Дали во Република Турција постои ЗСПИЈК – или сличен, дали некој во Р.Македонија располага со истиот односно како можам да дојдам до содржината на истиот.
Дали во Република Турција постои орган како Вас (точен назив на органот) и каде во кои градови (со наведување на седиште-адреса и телефонски број, факс и слично).
Дали може да ми набавите – доставите примерок – фотокопија или слично од нивниот образец за Барање за слободен пристап на информации од јавен карактер како и образец за поднесување жалба“.
За ова Барање, а согласно член 26 точка 2 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, Комисијата го извести барателот дека не располага со бараните информации.
Незадоволен од Известувањето по барањето барателот поднесе Жалба.
Жалбата се отфрла како неоснована од следните причини.
Според член 3 став 1 алинеја 2 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер “информација од јавен карактер е информација во која било форма која ја создал и со која располага имателот на информацијата, односно со неа располага само имателот на информацијата, согласно со неговите надлежности (во натамошниот текст информација).“ Комисијата ниту ја создала ниту располага со бараната информација, ниту согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, има обврска да создаде таква информација.
Второ, во член 28 од истиот Закон се наброени случаите кога барателот има право да поднесе жалба. Против, писменото Известување кое се доставува согласно член 26 точка 2, барателот нема право да поднесе Жалба.
Ова Решение е конечно во управната постапка и против него нема место за жалба.
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против ова Решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд на РМ во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.
* * *
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата изјавена од Е.М. од Скопје, поднесена преку полномошник К.Р., адвокат од Скопје, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер против КБ Прво пензиско друштво АД Скопје, врз основа на член 28 и член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, на седницата одржана на 19 февруари 2008 година го донесе следното
Р Е Ш Е Н И Е
Жалбата изјавена од Е.М. од Скопје, поднесена преку полномошник К.Р., адвокат од Скопје, против КБ Прво пензиско друштво АД Скопје, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, СЕ УВАЖУВА И СЕ ЗАДОЛЖУВА, КБ Прво пензиско друштво АД Скопје на барателот да му ја достави бараната информација: “Копија од Статутот на КБ Прво пензиско друштво АД Скопје“, во рок од 15 дена од денот на доставувањето на Решението, во форма и начин наведени во барањето.
О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер ја разгледа Жалбата бр.07-560/1 од 05.11.2007 година, изјавена од Е.М. од Скопје, поднесена преку полномошник К.Р., адвокат од Скопје, против КБ Прво пензиско друштво АД Скопје, ЈА УВАЖИ и го ЗАДОЛЖИ КБ Прво пензиско друштво АД Скопје, на барателот да му ја достави бараната информација: “Копија од Статутот на КБ Прво пензиско друштво АД Скопје“, во рок од 15 дена од денот на доставувањето на Решението, во форма и начин наведени во барањето.
На 21.09.2007 година, Е.М. од Скопје поднела Барање до КБ Прво пензиско друштво АД Скопје и побарала информација: “Копија од Статутот на КБ Прво пензиско друштво АД Скопје“.
КБ Прво пензиско друштво АД Скопје на ова Барање одговорило во законски предвидениот рок но не и форма согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, поради што полномошникот на барателот поднел Жалба.
Во одговорот до барателот, КБ Прво пензиско друштво АД Скопје наведува “КБ Прво пензиско друштво АД Скопје не спаѓа во групата на иматели на информации од јавен карактер.
Со оглед на тоа што се обративте до Друштвото и имате интерес да добиете информација за Статутот на Друштвото, Ве информираме дека Статутот на КБ Прво пензиско друштво АД Скопје е достапен до јавноста во Централниот регистер на Република Македонија“.
Комисијата се обрати со допис од 14.11.2007 година до КБ Прво пензиско друштво АД Скопје со кој бараше во најкраток можен рок (веднаш), да се произнесат по жалбата и да да ги достави сите списи во врска со предметот.
КБ Прво пензиско друштво АД Скопје на овој допис одговори со писмо бр.03-10571 од 20.11.2007 година во кое меѓу другото, ја информира Комисијата дека друштвото не спаѓа во групата на иматели на информации од јавен карактер, опишани во член 1 и 3 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Комисијата, согласно член 32, алинеја 2, како надлежен орган кој се грижи за спроведување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, смета дека КБ Прво пензиско друштво АД Скопје, е имател на информации од јавен карактер. Ова Комисијата го утврди врз основа на следните закони:
1. Согласно член 3, став 1, алинеја 1 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер “иматели на информации се органите на државната власт и други установи и институции утврдени со закон, органите на општините, на градот Скопје и на општините на градот Скопје, јавните установи и служби, јавните претпријатија и правни и физички лица кои вршат јавни овластувања и дејности од јавен интерес утврдени со закон.“
2. Во член 1 точка 1 од Законот за задолжително капитално осигурување (“Службен весник на РМ“ бр.11/2006 година) се наведува: “Со овој закон се уредува задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување, основање и работење на пензиски фондови и друштва за управување со пензиски фондови, како дел од системот на пензиското и инвалидското осигурување“.
Со оглед на тоа што во овој член се наведува дека овие друштва се дел од системот на пензиско и инвалидско осигурување, а според Законот за пензиско и инвалидско осигурување, член 9, стои дека “Дејноста на Фондот е од јавен интерес“ произлегува дека во работењето на овие друштва постои јавен интерес, па отука и ставот на Комисијата дека КБ Прво пензиско друштво АД Скопје е имател на информации од јавен карактер.
Ако се има предвид дека согласно член 46 од Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување е формирана Агенција за супервизија на капитално и финансирано пензиско осигурување која е надлежна за вршење супервизија на работењето на друштвата за управување со пензиските фондови и пензиските фондови како и тоа дека една од работите кои ги врши оваа Агенција се “ја развива свеста на јавноста за целите и принципите на друштвата и на пензиските фондови, за придобивките од членувањето во пензиски фонд, за правата на членовите на пензиски фондови и за други прашања во врска со системот на пензиски фондови“, како и член 58 точка 6 “Агенцијата е должна да ги информира граѓаните за категориите осигураници кои се обврзани да се зачленат во пензиски фонд, за осогурениците кои можат да се зачленат по сопствен избор во пензиски фонд, за факторите кои треба да се земат при одлучувањето дали осигуреник треба да се зачлени во пензиски фонд и за одлуките што треба да се донесат при првото вработување, односно при започнување со вршенње дејност“, очигледно е дака јавност во работата на пензиските друштва и фондови постои.
Ова се потврдува уште повеќе и во глава 11-Обврски за известување и информирање, од истиот закон, каде што во член 94 се наведува “Секое друштво е должно, најдоцна до 31 март секоја тековна година, да објави информативен проспект за пензискиот фонд со кој упрравува со вистинити и точни податоци со состојба на 31 декември претходната година“. Во точка 2 од истиот член, од алинеја а) до алинеја з) наведени се кои податоци ги содржи информативниот проспект.
Понатаму, во точка 3 од истиот член наведено е дека “Податоците се објавуваат во форма на брошура најмалку во еден дневен весник што се дистрибуира на цела територија на Република Македонија“.
Со оглед на погоре изнесеното, овие податоци за кои друштвото има законска обврска и според наведениот закон да ги објави, се информации од јавен карактер и КБ Прво пензиско друштво АД Скопје е должно да состави листа на информации не само согласно наведениот закон туку и според член 10 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
За оние информации кои согласно член 6 претставуваат исклучок од слободниот пристап до информации, имателите можат да одбијат пристап до информации а за информациите од јавен карактер, согласно член 2 став 2 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер должни се да овозможат информираност на јавноста.
Од наведените причини одлучено е како во диспозитивот.
Ова решение е конечно во управната постапка и против него нема место за жалба.
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против ова решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд на РМ во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.
* * *
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата изјавена од И.И. од Скопје, поднесена преку полномошник Ј.А., адвокат од Скопје, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, против Полициска академија – Република Македонија, врз основа на член 247 став 2 од Законот за општа управна постапка, на седницата одржана на 19 февруари 2008 година го донесе следниот
З А К Л У Ч О К
СЕ ЗАПИРА постапката по Жалбата доставена до Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер број 07-642/1 од 19.11.2007 година, изјавена од И.И. од Скопје, поднесена преку полномошник Ј.А., адвокат од Скопје, поради откажување од истата.
О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е
До Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер на 13.02.2008 година телефонски се јави полномошникот на подносителот на Жалбата, адвокат Ј.А., која ја извести Комисијата дека се откажува од Жалбата поднесена против Полициска Академија–Република Македонија, од која барателот побарал документ – „ Колкави се приходите што факултетот ги добил од задолжителната партиципација на студентите за учебната 2006/2007 година„.
Подносителот на Жалбата се откажува од истата затоа што Полициската Академија – Република Македонија на барателот му ја доставила бараната информација после поднесувањето на Жалбата.
Согласно горе наведеното Комисијата одлучи како во диспозитивот на овој Заклучок.
* * *
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата изјавена од В.С. од Скопје, поднесена преку полномошник А.П.С., адвокат од Скопје, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, против Завод за урбанизам на град Скопје, врз основа на член 65 и член 223 од Законот за општата управна постапка, на седницата одржана на 19 февруари 2008 година го донесе следниот
З А К Л У Ч О К
СЕ ЗАПИРА постапката по Жалбата доставена до Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер број 07-590/1 од 08.11.2007 година, изјавена од В.С. од Скопје поднесена преку полномошник А.П.С., адвокат од Скопје, поради тоа што барањето содржи формален недостаток што го спречува постапувањето по Жалбата.
О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер, ја разгледа Жалбата изјавена од В.С. од Скопје поднесена преку полномошник А.П.С., адвокат од Скопје, одговорот од АД за урбанизам, архитектура и инжинеринг “ЗУАС“ Скопје и другите списи во врска со предметот и го утврди следното:
Барањето (Детален урбанистички план на општина Аеродром“) доставено до посочениот имател- Завод за урбанизам на град Скопје, содржи формални недостатоци поради што Комисијата не може да постапува по Жалбата, бидејќи содржи недостатоци наведени во член 16 точка 2 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и член 65 од Законот за општата управна постапка. Имателот наведен во барањето на барателот, Завод за урбанизам на РМ на град Скопје на адреса Ул.“Партизански одреди“ бр.83-1/4 не постои. Комисијата ова го утврди врз основа на извршената проверка во Регистерот на правни лица на Централниот регистер на Република Македонија.
Со оваа состојба од страна на службеното лице на Комисијата е запознаен и полномошникот на барателот.
Полномошникот на барателот не достави нови поднесоци во врска со Жалбата.
Од наведените причини одлучено е како во диспозитивот на овој Заклучок.
Овај Заклучок е конечен во управната постапка и против него нема место на жалба.
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против овој Заклучок може да се поведе управен спор пред Управниот суд на РМ во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.
* * *
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата на П.Б. од Скопје, поднесена против Министерството за внатрешни работи, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер врз основа на член 223 од Законот за општата управна постапка, на седницата одржана на 19 февруари 2008 година, го донесе следниот
З А К Л У Ч О К
СЕ ЗАПИРА постапката по Жалбата доставена до Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер број 07-406/1 од 25.07.2007 година, изјавена од П.Б. од Скопје, поради тоа што барателот писмено е известен за неговото Барање за пристап до информации од јавен карактер.
О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер ја разгледа Жалбата бр.07-406/1 од 25.07.2007 година, изјавена од П.Б. од Скопје, против Министерство за внатрешни работи, Барањето за пристап до информации од јавен карактер и Одговорот на Жалба заведен во Министерството за внатрешни работи на 25.09.2007 година, Дополнувањето на Одговорот на Жалбата од Министерството за внатрешни работи од 18.10.2007 година и Известувањето од П.Б. од 22.10.2007 година.
По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот Комисијата го констатира следното.
Барателот П.Б. од Скопје, повикувајќи се на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер на 18.06.2007 година, до Министерство за внатрешни работи, поднел Барање кое гласи: “Ве молам за повратна информација до мене за тоа дали до сега МВР има преземено нешто по мојата пријава која кај вас е архивирана под бр.16.8-18089/1 од 13.03.2007 година, а се однесува на случајот Шпанско село“.
На ова Барање Министерство за внатрешни работи не одговорило во законски предвидениот рок, по што е поднесена Жалба.
Со допис бр.07-406/2 од 30.07.2007 година, Комисијата ја препрати Жалбата до горенаведениот орган и побара во најкраток можен рок произнесување по истата.
Со писмо од 26.09.2007 година, Министерство за внатрешни работи ја извести Комисијата дека за предметите заведени во Комисијата под бр.07-406/2, 07-407/2 и 07-408/2 сите од 30.07.2007 година, Министерството со допис бр.16.8.3 – 59004/1 од 13.09.2007 година, доставило одговор до “Еколошкото друштво “ЕКО-МИСИЈА“, чиј претседател на Собранието е П.Б. Со допис бр.07-406/4 од 18.10.2007 година, Министерството за внатрешни работи достави до Комисијата допис – Дополнение на одговор на Жалба.
Со оглед на тоа што ниту Барањето на П.Б., ниту Одговорот на Министерството за внатрешни работи се во согласност со одредбите на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, службеното лице од Комисијата во повеќе наврати комуницираше со барателот и имателот на информации и им укажуваше на неправилностите во постапката. Во последното Известување бр.07-406/5 од 22.10.2007 година, доставено до Комисијата од П.Б. се наведува “сеуште чекам на одговор по Жалбата бр.07-406/1“, а во Жалбата наведува “не добив одговор на моето Барање за пристап до информации од јавен карактер кое во МВР е архивирано под бр.16.8-18089/2 од 18.06.2007 година“. Со оглед на тоа што, Министерството за внатрешни работи тврди дека одговорило на Барањето, а П.Б. незадоволен од тој Одговор чека друг Одговор, постапката може да трае во недоглед, што не е цел на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Комисијата исто така, му укажува на барателот, дека барањата со ваква содржина, каде се бара одговор на прашања, не се во согласност со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Согласно овој Закон барателот има право да побара информација или документ кои се создадена и со кои имателот располага.
Имателот на информации во конкретниов случај Министерството за внатрешни работи во иднина при разгледувањето на барањата каде барателите се повикуваат на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, да обрне внимание дали се тие во согласност со овој Закон. Доколку не се како во конкретниот случај, службеното лице за посредување со информации да му укаже на барателот, дека е должен да ја наведе информацијата со која сака да се запознае, а која имателот ја создал и со неа располага.
Ако барателот не постапи согласно упатството на службеното лице, имателот да донесе заклучок со кој ќе констатира дека барањето е повлечено.
Од наведените причини,одлучено е како во диспозитивот на овој Заклучок.
Овај Заклучок е конечен во управната постапка и против него нема место на жалба.
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против овој Заклучок може да се поведе управен спор пред Управниот суд на РМ во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.
* * *
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата на П.Б. од Скопје, поднесена против Општина Сарај, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер врз основа на член 223 од Законот за општата управна постапка, на седницата одржана на 19 февруари 2008 година, го донесе следниот
З А К Л У Ч О К
СЕ ЗАПИРА постапката по Жалбата доставена до Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер број 07-433/1 од 22.08.2007 година, изјавена од П.Б. од Скопје, поради тоа што барателот писмено е известен за неговото Барање за пристап до информации од јавен карактер.
О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер ја разгледа Жалбата бр.07-433/1 од 22.08.2007 година, изјавена од П.Б. од Скопје, против Општина Сарај, Барањето за повратна информација, Известувањето од Општина Сарај во врска со Жалбата од 11.09.2007 година, и други преписки меѓу Општина Сарај и П.Б.
По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот Комисијата го констатира следното.
Барателот П.Б. од Скопје, повикувајќи се на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер на 29.05.2007 година, до Општина Сарај, поднел Барање за повратна информација кое гласи: “Со поднесокот бр.08-414/1 од 25.04.2007 година, Ви пријавив дека на подрачјето на Општина Сарај се врши нелегална експлоатација и продажба на камен од река Треска и дека со тоа се уништува брегот на реката. Ве молам да ме известите дали преземавте нешто против оваа штетна појава“.
На ова Барање Општина Сарај не одговорила во законски предвидениот рок, по што е поднесена Жалба.
Со допис бр.07-433/2 од 24.08.2007 година, Комисијата ја препрати Жалбата до горенаведениот орган и побара во најкраток можен рок произнесување по истата.
Со писмо од 11.09.2007 година, Општина Сарај ја извести Комисијата дека “Предметот не бара информации од јавен карактер туку преземање на активности кои не се наша надлежност. Затоа согласно член 18 од Законот за СПИЈК барањето во врска со предметот се препраќа до Град Скопје под чии ингеренции е Кањонот Матка и заштитата на природните реткости“.
Иако, Барањето на П.Б., не е во согласност со одредбите на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, на што укажува и Општината таа сепак го препраќа до Град Скопје но со задоцнување од неколку месеци и за тоа го известува Барателот, но не му кажува под кој број и датум Барањето е препратено.
Во последното Известување бр.07-433/4 од 14.09.2007година, доставено до Комисијата од П.Б. се наведува “Бидејќи не сум задоволен од одговорот на Општината и очекувам дополнителна информација од нив, сметам дека со ова овој предмет сеуште не е затворен“. Со оглед на тоа што, Општина Сарај одговорила на Барањето, а П.Б. незадоволен од тој Одговор чека друг Одговор, постапката може да трае во недоглед, што не е цел на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, поради што се запира.
Комисијата исто така му укажува на барателот, дека барањата со ваква содржина, каде се бара одговор на прашања, не се во согласност со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Согласно овој Закон барателот има право да побара информација или документ кои се создадени и со кои имателот располага.
Имателот на информации во конкретниов случај Општина Сарај во иднина при разгледувањето на барањата каде барателите се повикуваат на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, да обрне внимание дали се тие во согласност со овој Закон. Доколку не се како во конкретниот случај, службеното лице за посредување со информации во законски предвидениот рок да му укаже на барателот, што може да побара согласно овој Закон, односно да му даде соодветна помош. Ако барателот не постапи по упатството на имателот, да го одбие барањето како неосновано.
Од наведените причини, одлучено е како во диспозитивот на овој Заклучок.
Овај Заклучок е конечен во управната постапка и против него нема место на жалба.
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против овој Заклучок може да се поведе управен спор пред Управниот суд на РМ во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.