ДОНЕСЕНИ 13 РЕШЕНИЈА И 8 ЗАКЛУЧОЦИ

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер на својата 69 седница одржана на 6  февруари 2008 година, донесе 13 решенија и 8 заклучоци.
* * *

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата на Д.С. од Скопје, поднесена преку полномошник С.С., адвокат од Скопје, против Општина Гази Баба, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 28 и член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, на седницата одржана на 6 февруари 2008 година, го донесе следното

Р Е Ш Е Н И Е

Жалбата изјавена од Д.С. од Скопје поднесена преку полномошник С.С., адвокат од Скопје, против Општина Гази Баба, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер СЕ ОДБИВА  како неоснована.

О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер ја разгледа Жалбата бр.07-720/1 од 24.12.2007 година, изјавена од Д.С. од Скопје, поднесена преку полномошник С.С., адвокат од Скопје, против Општина Гази Баба, Барањето за пристап до информации од јавен карактер и Одговорот на Жалба заведен во Општина Гази Баба под бр.30-68/2 од 11.01.2008 година, а во Комисијата заведен под бр.07-44/2 од 18.01.2008 година, ја ОДБИ како неоснована и утврди дека Општина Гази Баба постапила согласно, одредбите на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
По разгледувањето на Жалбата, одговорот на Жалбата и другите списи во врска со предметот Комисијата го констатира следното.
Барателот Д.С. од Скопје, согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер на 12.11.2007 година, поднел Барање бр.27-4754/1, до Општина Гази Баба и побарал од Општината:
1.“писмено да го извести во законски определениот рок, дали на цитираното одобрение за градба бр.16-3147/3 од 22.12.2004 година, се направени измени и доколку се да ни достави копие од истите“.
2. “дали доградениот дел од страна на Ѓ.З. и Ѓ.Н. (надвор од добиеното одобрение за градба бр.16-3147/3 од 22.12.2004 година, а за кое има издадено Решение за уривање 10-2387 од 13.12.2005 година, има покренато постапказа легализација, ако има под кој број е заведен предметот и во која фаза на постапување“.
Од Одговорот на Жалбата и другите списи во врска со предметот се гледа дека наводите во Жалбата според кои на Барањето не е одговорено во законски предвидениот рок се неосновани од следните причини.
Општина Гази Баба постапила согласно член 21 став 1 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Во законски предвидениот рок од 30 дена од денот на приемот на Барањето, односно на 26.11.2007 година, по пошта со препорачана пратка до адвокат С.С., како полномошник на барателот, на адреса наведена во барањето, му одговорила на барателот.
Меѓутоа, од непознати причини пратката не е подигната и е вратена од пошта назад во Општината.
Од тие причини доставената информација била поставена на Огласна табла во Општината во периодот до 25.12.2007 година.
Поради ова, Комисијата одлучи како во диспозитивот на ова Решение.
Ова решение е конечно во управната постапка и против него нема место за жалба.
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против ова Решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд на РМ во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.
* * *

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата изјавена од В.П. од Скопје поднесена против Министерството за внатрешни работи по предметот Барање  пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 28 и член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јаен карактер, на седницата одржана на    година го донесе следното

Р Е Ш Е Н И Е

Жалбата изјавена од В.П. против Министерството за внатрешни по предметот Молба (Барање) за пристап до информации од јавен карактер, заведено под бр. 2-07 од 16.10.2007 година, во Владата на Република Македонија и доставена до претседателот на Владата на Република Македонија, препратено согласно Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер до Министерството за внатрешни работи, со кое барателот бара одговор на неколку прашања, СЕ ОДБИВА како неоснована.

О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер ја разгледа Жалбата заведена во Комисијата под број 07-705/1 од 14.12.2007 година, Молбата (Барањето) за пристап до информации од јавен карактер заведено во Владата на Република Македонија под број 2-07 од 16.10.2007 година, Одговорот на доставеното барање од Владата на Република Македонија до барателот заведен под број 07-4232/2 од 29.10.2007 година за препратеното барање до Министерството за внатрешни работи, Одговорот по Жалбата кој го достави Министерството за внатрешни работи, заведен под број 102-85635/2 од 03.01.2008 година и другите списи во врска со предметот, и  ја  ОДБИ како неоснована.
Со увидот во списите на предметот Комисијата утврди дека на Молбата (Барањето) од В.П. доставено до Претседателот на Владата на РМ,  Владата на Република Македонија согласно член 18 став 1 од Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер (со задоцнување од 3 дена) го известила барателот дека не располага со бараната информација и го препратила барањето до Министерството за внатрешни работи.
Министерството за внатрешни работи на ова Барање не одговорило во законски предвидениот рок и форма, согласно Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер, поради што барателот поднел Жалба.
По поднесувањето на Жалбата, Министерството достави Одговор по Жалба заведен под број 102-85635/2 од 03.01.2008 година а во Комисијата под број 07-57/1 од 09.01.2008 година, во кој наведува:
„Во однос на прашањето за наводно прикриен криминал и за лажно сведочење од страна на ОСЛ  Д.Ј., од проверките е утврдено дека полициски службеник со наведеното лично име во МВР нема. Извршените проверки доведоа до сознание дека во МВР имало вработено лице со лично име Д.Ј.кое имало заснован работен однос во МВР на 18.12.1984 година со статус  на ОСЛ, а по основ на пензионирање истиот престанал на 30.04.2004 година.
Во МВР односно во надлежната служба, преку увидот во електронската евиденција не е утврдено постоење на предметот со бр. 2605/95 на кој се повикува подносителот на преставката, а со тоа можна поврзаност на поранешниот полициски службеник Д.Ј. со предмет со надевен број.
Од проверките извршени по прашањето на подносителот за тоа кој и кога на лицето Р.П., адвокат и поранешен правен застапник на В.П. во спорот со МВР предмет број 2607/95, му одобрил користење на хеликоптер на МВР за префрлање на синот на П.Р., В.П.В. на лекување во Белград, Република Србија, за што како последица од реализираниот лет бил изгубен спорот со МВР, е дознаено дека од 2000 година од кога се води уредна евиденција за остварени летови со воздухоплови на МВР не е евидентиран лет со кој се пренело лице со наведените лични податоци за Република Србија.
Во овој дел од претставката подносителот се повикува на спор против МВР под број 2607/95. Од проверките на надлежните служби, утврдено е дека В.П. во својство на тужител, водел спор под бр. П.бр. 2607/95 против МВР поради донесено решение за престанок на работен однос од 18.06.1993 година, кој Основниот суд Скопје 1 – Скопје со пресуда од 20.03.1998 година, го уважил тужбеното барање и го поништил решението за отказ. Апелациониот суд Скопје со Одлука од 01.07.1998 година ја уважил жалбата на тужениот РМ-МВР и ја преиначил првостепената пресуда на начин што тужбата на тужителот ја отфрлил како недопуштена. Против второстепената одлука, тужителот поднел ревизија до Врховниот суд на РМ кој со одлука од 13.12.2001 година, истиот ревизијата ја одбил како неоснована. Тужителот повторно со тужба барал поништување на погоре наведеното решение кој Основниот суд Скопје 1 со пресуда од 17.04.2006 година го одбил тужбеното барање како и барањето за нематеријална и материјална штета која е потврдена во пресуда на Апелациот суд Скопје по повод поднесена жалба која е одбиена како неоснована.
Во однос на лицето В.П., Врховниот суд  на РМ решавајќи по тужба на именуваниот против решението на Комисијата  за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер број 07-2/4 од 25.10.2006 година, има донесено пресуда со која тужбата се одбива како неоснована. Имено, тужениот од МВР на РМ побарал одговор на неколку прашања кои му биле потребни за водење постапка по предмет кој се водел пред Основниот суд Скопје 1 – Скопје за работен спор на кој не му било одговорено во законски предвидениот рок поради што поднел жалба до тужениот орган кој истиот орган со решение ја отфрлил како недозволена од причини што во врска со бараните информации се води судска постапка, а во такви случаи Законот предвидува исклучок од слободен пристап до информации согласно член 6 точка 5 што со погоре цитираната пресуда на Врховниот суд на РМ е потврдено дека тужениот орган правилно постапил.
Во однос на прашањата под броевите 3, 4 и 6 Министерството не располага со сознанија и информации кои би се однесувале на конкретни случаи наведени во преставката, а кои биле предмет на негова досегашна работа.
Инаку, во своето барање г-дин В.П. навел дел од прашања кои се нејасни и со нецелосни тврдења и како такви не се доволни за утврдување на основаноста на изнесените наводи и преземање на конкретни активности како и прашања кои не се однесуваат на делокгругот на работата на Министерството за внатрешни работи“.
Врз основа на погоре изнесеното, Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, укажува на следното.
Според Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер   „информација од јавен карактер“ е информација во било која форма која ја создал и со која располага имателот на информацијата, односно со неа располага само имателот на информацијата, согласно со неговите надлежности.
Во Молбата (Барањето) препратено од Канцеларијата на Претседателот на Владата на РМ до Министерството за внатрешни работи, г-динот В.П., бара одговор на прашања,  а не информација во смисла на член 3 став 1, алинеја 2 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Во овој случај, според Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер имателот нема обврска да постапи по Молбата (Барањето) на барателот.
Барањето за слободен пристап не претставува основа за создавање обврска на Министерството за внатрешни работи да подготви одговор на прашањата. Според Законот барателот може да бара пристап до информација од јавен карактер, која имателот ја создал и со која рапослага т.е. информација која веќе постои.
Освен тоа, за прашањата кои се однесуваат на ОСЛ Д.Ј. и за користењето на хеликоптер на Министерството за внатрешни работи, од страна на адвокатот Р.П., Комисијата веќе еднаш има одлучувано и има донесено Решение бр. 07-2/4 од 25.10.2006 година, како што е наведено и во одговорот на МВР. Со оваа Решение Барањето на В.П. доставено до МВР се одбива како недозволено. По ова Решение Врховниот суд на РМ има донесено Пресуда бр. 2493/2006 година со која тужбата на В.П. од Скопје се  одбива како неоснована.
Врз основа на изнесеното, Комисијата одлучи како во диспозитивот на ова Решение.
Ова Решение е конечно во управната постака и против него нема место за жалба.
ПРАВНА ПОУКА: Против ова Решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд на РМ во рок од 30 дена од денот не неговото доставување.
* * *

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата на Б.П. од Скопје, поднесена преку полномошник П.Ј., адвокат од Скопје, против МЕПСО–Македонски електро преносен систем оператор, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 28 и член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер на седницата одржана на 6 февруари 2008 година, го донесе следното

Р Е Ш Е Н И Е

Жалбата изјавена од Б.П. од Скопје, поднесена преку полномошник П.Ј., адвокат од Скопје, против МЕПСО – Македонски електро преносен систем оператор, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, СЕ ОТФРЛА како ненавремена.

О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер ја разгледа Жалбата бр. 07-620/1 од 12.11.2007 година, изјавена од Б.П. од Скопје, поднесена преку полномошник П.Ј., адвокат од Скопје, против МЕПСО – Македонски електро преносен систем оператор и ЈА ОТФРЛИ како ненавремена.
Согласно член 20 став (4) од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер „Ако имателот на информацијата во рокот утврден во членот 21 на овој закон не му овозможи на барателот пристап до информацијата и ако не донесе и не му достави на барателот решение од ставот (2 ) на овој член, се смета дека барањето е одбиено по што може да се поднесе жалба.
Согласно член 21 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер “Имателот на информацијата е должен веднаш да одговори по барањето на барателот, а најдоцна во рок од 30 дена од денот на приемот на барањето“.
Според член 28 точка (2) “Барателот има право да поднесе жалба до Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер кога имателот на информацијата не постапил во согласност со членовите 20 став (4), 24 став (4) и 26 став (1) од овој закон во рок од осум дена од денот на приемот на актот“.
Од приемниот печат се гледа дека Барањето во МЕПСО – Македонски електро преносен систем оператор, е заведено на 27.09.2007 година, а Жалбата е доставена до Комисијата со препорачана пратка заведена во пошта 08.11.2007 година. Жалбата е  доставена по истекот на рокот од осум дена.
Ова Решение е конечно во управната постапка и против него нема место за жалба.
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против ова Решение може да се поведе управен спор пред Врховниот суд на РМ во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.
* * *

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата изјавена од Ѓ.А. и Е.А. од Скопје, поднесена против Решенијата на општина Кисела Вода, врз основа на член 28 и член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, на седницата одржана на 6 февруари 2008 година,  го донесе следното

Р Е Ш Е Н И Е

Жалбата изјавена од Ѓ.А. и Е.А. од Скопје,  против Решението на општина Кисела Вода број 08-7254/2 од 30.11.2007 година за Ѓ.А. и Решението бр.08-7254/2 од 30.11.2007 година за Е.А., СЕ УВАЖУВА, оспорените Решенија на Ошштина Кисела Вода, се ПОНИШТУВААТ и се ЗАДОЛЖУВА Општина Кисела Вода на барателите да им ја достави бараната информација “Дали градежната фирма “САМАРИЈА“ има градежни дозволи за наведените објекти (Ул. Доситеј Обрадовиќ бр.3 и 5 и на Ул.“Емил Зола бр.6) и дали одбегнува од дозволените габарити“, во рок од 15 дена од денот на доставувањето на Решението.

О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер ја разгледа Жалбата заведена во Комисијата под бр.07-158/1 од 29.01.2008 година, Барањата за пристап до информации од јавен карактер доставени до општина Кисела Вода, заведени под број 12-7254/1 од 09.10.2007 година од Ѓ.А. и број 20-7254/1 од 14.11.2007 година од Е.А., Решенијата на Општина Кисела Вода број 08-7254/2 од 30.11.2007 година и број 07-7254/2 од 30.11.2007 година, со кои Барањата на Ѓ.А. и Е.А. се одбиваат, ја УВАЖИ, оспорените Решенија  на Општина Кисела Вода ги ПОНИШTИ и ја ЗАДОЛЖИ Општина Кисела Вода, на барателите да им ја достави бараната информација “Дали градежната фирма “САМАРИЈА“ има градежни дозволи за наведените објекти (Ул. Доситеј Обрадовиќ бр.3 и 5 и на Ул.“Емил Зола бр.6) и дали одбегнува од дозволените габарити “ во рок од 15 дена од денот на доставувањето на Решението.
Со увидот во списите на предметот Комисијата утврди дека по Барањата за слободен пристап до информациии поднесени од Ѓ.А. и Е.А. имателот на информацијата, Општина Кисела Вода донела две Решенија за одбивање на пристап (погоре наведени) со следната содржина “СЕ одбива барањето бр.12-7254/1 од 09.10.2007 година односно бр.12-7254/1 од14.11.2007 година поднесено од Ѓ.А. односно Е.А., со кое бараат податоци за градежната фирма“Самарија“ односно дали има градежни дозволи за објектите на Ул. Доситеј Обрадовиќ 3 и 5 и на Ул.Емил Зола бр.6, Скопје“.
Во образложението на Решението имателот на информацијата наведува дека: “На 09.10.2007 година односно 14.11.2007 година лицето Ѓ.А. односно Е.А., поднесе барање со кое се бараат податоци за градежната фирма “Самарија“ односно дали има градежни дозволи за објектите на Ул.Доситеј Обрадовиќ бр.3 и 5 и Ул. Емил Зола бр.6“.
Врз основа на членот 6 став 1 точка 5 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер(“Службен весник на РМ бр, 13/06), имателот на информации може да одбие барање за информација стекната или составена за истрага, кривична или прекршочна постапка, за спроведување на управна и граѓанска постапка, а чие давање би имало штетни последици за текот на постапката “.
Комисијата утврди дека имателот на информацијата Општина Кисела Вода погрешно го применила материјалното право повикувајќи се на наведениот член затоа што не се работи за информација стекната или создадена за некоја од наведените постапки бидејќи овие информации општината треба да ги поседува и  ги поседувала и пред поднесувањето на Барањето на жалителите бидејќи наведениот инвеститор “Самарија“, согласно позитивните законски прописи во Република Македонија, треба да обезбеди дозволи за градежните објекти пред да започнат со нивната градба.
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер ви укажува и  на следното.
Согласно член 2 став 2 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер должни сте да овозможите информираност на јавноста.
Одговорното односно службеното лице кај имателот на информацијата кој нема да даде информација од јавен карактер ќе се казни за прекршок.(член 39).
Поради ова, Комисијата одлучи како во диспозитивот на ова Решение.
Ова решение е конечно во управната постапка и против него нема место за жалба.
ПРАВНА ПОУКА: Против ова Решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд на РМ во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.
* * *

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата на В.У. од Скопје, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер доставено до Влада на Република Македонија- Комисија за решавање во управна постапка во втор степен од областа на трудот, социјалната политика и здравство, врз основа на член 28 и член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, на седницата одржана на 6 фрвруари 2008 година, го донесе следното

Р Е Ш Е Н И Е

Жалбата изјавена од В.У. од Скопје, против Влада на Република Македонија-Комисија за решавање во управна постапка во втор степен од областа на трудот, социјалната политика и здравство по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, СЕ УВАЖУВА и СЕ ЗАДОЛЖУВА, Владата на Република Македонија- Комисија за решавање во управна постапка во втор степен од областа на трудот, социјалната политика и здравство на барателот да му ја достави бараната информација во фотокопија: “Од колку лица е составена горе наведената Комисија (за решавање во управна постапка во втор степен од областа на трудот, социјалната политика и здравство) кои се (со име, презиме и функција) и во врска со дописите доставени од Ваша страна до мене под бр.39-14/7 од 09-07-2007 г. и бр.39-14/14 од 27-09-2007 г. кој е потпишан на истите во име на Комисијата. Воедно да ме информирате и кое лице законски е овластено да ги потпишува актите и дописите во име на Комисијата“, во рок од 15 дена од денот на доставувањето на Решението.

О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер ја разгледа Жалбата бр.07-709/1 од 18.12.2007 година, изјавена од В.У. од Скопје, против Влада на Република Македонија- Комисија за решавање во управна постапка во втор степен од областа на трудот, социјалната политика и здравство, ЈА УВАЖИ и ја ЗАДОЛЖИ Владата на Република Македонија- Комисија за решавање во управна постапка во втор степен од областа на трудот, социјалната политика и здравство, на барателот да му ја достави бараната информација во фотокопија: “Од колку лица е составена горе наведената Комисија (за решавање во управна постапка во втор степен од областа на трудот, социјалната политика и здравство) кои се (со име, презиме и функција) и во врска со дописите доставени од Ваша страна до мене под бр.39-14/7 од 09-07-2007 г.и бр.39-14/14 од 27-09-2007 г. кој е потпишан на истите во име на Комисјата. Воедно да ме информирате и кое лице законски е овластено да ги потпишува актите и дописите во име на Комисијата“, во рок од 15 дена од денот на доставувањето на Решението.
На 12.11.2007 година, В.У. од Скопје поднел Барање до Влада на Република Македонија- Комисија за решавање во управна постапка во втор степен од областа на трудот, социјалната политика и здравство.
Имателот на информацијата Владата на Република Македонија -Комисија за решавање во управна постапка во втор степен од областа на трудот, социјалната политика и здравство,  на ова Барање не одговорила во законски предвидениот рок и форма, согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, поради што барателот поднел Жалба.
Владата на Република Македонија- Комисија за решавање во управна постапка во втор степен од областа на трудот, социјалната политика и здравство не одговори ниту на дописот од 03.01.2007 година, со кој Комисијата бараше во најкраток можен рок (веднаш), да се произнесе по Жалбата и да да ги достави сите списи во врска со предметот.
Од наведените причини одлучено е како во диспозитивот.
Ова решение е конечно во управната постапка и против него нема место за жалба.
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против ова решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд на РМ во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.
* * *

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата на Ж.А. од Скопје, поднесена преку полномошник А.Е., адвокат од Скопје, по предметот Одговор на Барање за пристап до информации од јавен карактер доставено од Финансиска полиција, врз основа на член 28 и член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, на седницата одржана на 6 февруари 2008 година,  го донесе следното

Р Е Ш Е Н И Е

Жалбата изјавена од Ж.А. од Скопје, поднесена преку полномошник А.Е., адвокат од Скопје, против Финансиска полиција, по предметот Одговор на Барање за пристап до информации од јавен карактер, СЕ УВАЖУВА и се ЗАДОЛЖУВА, Управата за Финансиска полиција на барателот да му ја достави бараната информација, “Колку кривични пријави поднела Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство во текот на 2007 година“, но не за повреда на Законот за финансиско работење како што стои во Жалбата и во Одговорот на Министерството за финансии – Финансиска полиција, бидејќи таков закон не постои, во рок од 15 дена од денот на доставувањето на Решението.

О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер ја разгледа Жалбата бр.07-508/1 од 16.10.2007година, изјавена од Ж.А. од Скопје, поднесена преку полномошник А.Е., адвокат од Скопје и Одговорот на Барањето на Финансиска полиција ЈА УВАЖИ и ја ЗАДОЛЖИ Финансиска полиција на барателот да му ја достави бараната информација, “Колку кривични пријави поднела Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство во текот на 2007 година“, но не за повреда на Законот за финансиско работење како што стои во Жалбата и во Одговорот на Министерството за финансии – Финансиска полиција, бидејќи таков закон не постои, во рок од 15 дена од денот на доставувањето на Решението.
На 18.09.2007 година, Ж.А. од Скопје поднел Барање до Финансиската полиција при Министерството за финансии и побарал информација, “Колку кривични пријави поднела Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство за повреда на Законот за финансиско работење во текот на 2007 година “.
Имателот на информацијата Финансиската полиција на ова Барање во законски предвидениот рок одговорила со допис бр.22-288 од 25.09.2007 година.
Во првиот дел од Одговорот го известува барателот дека “Управата за финансиска полиција согласно член 145 став 2 од Законот за кривична постапка има надлежност во предкривичната постапка и во истрагата со цел откривање на сторители на кривични дела предвидени со Кривичниот законик на РМ за која цел да документира и поднесува кривични пријави до надлежното Јавно обвинителство“.
Во вториот дел од Одговорот Финансиската полиција, која е државен орган и е должна да знае дека Законот за Финансиско работење (“Службен весник на РМ“ бр.42/93), престана да важи со Законот за престанување на важење (“Службен весник на РМ“ бр.50/2001), и да го извести барателот (кој не мора да знае дали законот важи или не) да го преиначи барањето, се повикува на овој закон и објаснува што уредува закон кој не важи.
Никаде во Одговорот не е спомнат Законот за финансиска полиција (“Службен весник на РМ“ бр.55/07), од кој произлегуваат нејзините надлежности и обврската за поднесување кривични пријави.
Согласно член 7 став 1 точка 6 од овој Закон Финансиската полиција “Поднесува кривична пријава до надлежниот јавен обвинител за кривични дела од нејзината надлежност, кои се гонат по службена должност, за кои е известена или за кои ќе дознае на друг начин“.
Незадоволен од одговорот на Барањето, барателот преку полномошник поднесе Жалба до Комисијата.
Комисијата со допис бр.07-508/2 од 18.10.2007 година, ја препрати Жалбата до Финансиска полиција и побара во најкраток можен рок (веднаш), да се произнесе по истата и да ги достави сите списи во врска со предметот. И после три месеци нема одговор на овој допис.
По доставувањето на жалбата и барањето за произнесување по истата, службеното лице од Комисијата во повеќе наврати по телефон комуницираше со службеното лице во Министерството за финансии и со вработени во Финансиска полиција, кои го известуваа дека, службеното лице за посредување со информации во Финансиската полиција евидентирано во Комисијата, повеќе не работи тамо и дека во најбрз можен рок ќе назначат друго и ќе одговорат на дописот од Комисијата и на барателот ќе му ја достават бараната информација. Ниту после три месеци тоа не е направено.
Доколку, Финансиската полиција продолжи со неприменување на одредбите на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и не постапи по ова Решение, Комисијата ќе ги примени член 39, член 41 и член 44 точка 1 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Од наведените причини одлучено е како во диспозитивот.
Ова решение е конечно во управната постапка и против него нема место за жалба.
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против ова решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд на РМ во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.
* * *

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата изјавена од З.М. од Скопје, поднесена преку полномошник Р.М. од Скопје, против Врховниот суд на Република Македонија, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер врз основа на член 28 и член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, на седницата одржана на 6 февруари 2008 година, го донесе следното

Р Е Ш Е Н И Е

Жалбата изјавена од З.М. од Скопје, поднесена преку полномошник Р.М. од Скопје против Врховниот суд на Република Македонија  по предметот Барање пристап до информации од јавен карактер, да му се достави  информација од јавен карактер “Решение (не ни е познат бројот), појаснување од страна 2 од Барањето и Тужба (не ни е познат бројот) а која е повлечена- Појаснување од страна 2 од Барањето, во фотокопија“ , СЕ ОДБИВА како неоснована.

О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер ја разгледа Жалбата бр.07-695/1 од 11.12.2007 година, како и сите списи по предметот доставени од Врховниот суд на Република Македонија, и ЈА ОДБИ како неоснована.
З.М. од Скопје преку полномошник Р.М. од Скопје, согласно член 4 и член 12 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, поднела Барање за пристап до информација од јавен карактер на 11.09.2007 година до имателот на информацијата – Врховен суд на Република Македонија. Со барањето  побарала да и се достави информација од јавен карактер “Решение (не ни е познат бројот), појаснување од страна 2 од Барањето и Тужба (не ни е познат бројот) а која е повлечена- Појаснување од страна 2 од Барањето“.
Во појаснувањето на страна 2 од Барањето, барателот наведува:
“Со Пресуда У.бр.23/2005 од 29.06.2006 година одбиено е тужбеното барање на тужителката З.М. како неосновано.
Во Пресудата се повикувате на некое Решение кое било делумно усвоено врз основа на поднесена Жалба од З.М.. Во образложението на пресудата ги наведувате фактите од тоа решение. Такво решение и факти што ги наведувате во образложението на пресудата не и се познати на тужителката.
Во истата Пресуда наведувате дека тужителката З.М. поднела Тужба до Врховниот суд на РМ и истата ја повлекла. Во документацијата на тужителката нема таква Тужба. Врз овие два документа се базира образложението на предметната пресуда.
Поради изнесеното, Ве молиме да ни доставите по една фотокопија од наведените документи.
Со цел да Ви ја олесниме работата во прилог Ви доставуваме еден примерок (фотокопија) во кој се со маркер означени деловите на пресудата кои не и се познати на тужителката, а се изведени од бараните документи“.
Врховниот суд на Република Македонија на 08.10.2007 година, со писмо број СПИ-17/07, го известил полномошникот на барателот, Р.М., дека   “согласно член 22 став 1 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, потребно е подолго време за да извршиме проверка и Ви ја доставиме бараната информација, доколку се утврди дека Врховниот суд на Република Македонија располага со истата.“
Во рокот предвиден во законот, Врховниот суд на Република Македонија, со писмо број СПИ-17/07 од 01.11.2007 година го известил полномошникот на барателот за следното: “По извршената проверка констатирано е дека станува збор за техничка грешка во текстот на пресудата. Во Врховниот суд на Република Македонија нема заведено тужба на која посочувате во барањето и решение за повлекување на истата.
Оттука, согласно одредбите од Законот за управните спорови и Законот за парничната постапка, можете да побарате исправка на грешката сторена во текстот на пресудата.“
Во Жалбата доставена до Комисијата, полномошникот на барателот, Р.М. наведува дека во врска со погоре цитираното Известување од 01.11.2007 година кое го примил на 06.11.2007 година со кое  е известен дека “Во Врховниот суд на Република Македонија нема заведено тужба на која посочувате во барањето и решение за повлекување на истата“ во делот кој се однесува на констатацијата дека нема заведено тужба на која посочувам во барањето, го задоволува моето барање за една од информациите, бидејќи одговора на фактичката состојба која ми е позната.“
Што се однесува на наводите на полномошникот на тужителот дека за делот од барањето кој се однесува на “…Решение за повлекување на истата“ претставува обид за манипулација, бидејќи штом не постои тужбата не може да постои ниту Решение за повлекување на истата“, Комисијата оцени дека се неосновани, бидејќи и самиот суд наведува дека станува збор за техничка грешка во текстот на пресудата и дека во судот нема заведено ниту тужба наведена во барањето ниту решение за повлекување на истата.
И покрај ова, барателот бара да му се достави Решението наведено во барањето чија што содржина односно факти од тоа решение се користени во образложението на пресудата, а на барателот не му се познати.
Комисијата констатира дека наводите на жалбата на жалителот дека “останува при барањето да му се достави копија од цитираното решение“ се неосновани затоа што, согласно член 16 точка 3 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, барателот е должен да ја наведе информацијата со која сака да се запознае, а во барањето на барателот не е прецизирано кој број на Решение бара и кога тоа е донесено.
Од наведените причини одлучено е како во диспозитивот на ова Решение.
Ова решение е конечно во управната постапка и против него нема место за жалба.
ПРАВНА ПОУКА: Против ова Решение може да се поведе управен спор пред Врховниот суд на РМ во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.
* * *
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата на Б.В. од Скопје, изјавена против Заклучокот на Основниот суд Скопје II, врз основа на член 28 и член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, на седницата одржана на 6 февруари 2008 година, го донесе следното

Р Е Ш Е Н И Е

Жалбата изјавена од Б.В. од Скопје, против Заклучокот 03- Су. Бр.1775/2007 од 16.11.2007 година, на Основниот суд Скопје II, СЕ ОДБИВА како неоснована.

О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер ја разгледа Жалбата бр.07-694/1 од 10.12.2007година, изјавена од Б.В. од Скопје, Барањето за пристап до информации од јавен карактер заведено под бр.03-Су.1775/2007 од 30.10.2007 година доставено до Основниот суд Скопје II, Известувањето на Основниот суд Скопје II од 01.11.2007 година до барателот, Заклучокот на Основниот суд Скопје II и приложените списи од судот по предметот, ЈА ОДБИ Жалбата како неоснована и утврди дека Заклучокот на Основниот суд Скопје II е правилен и врз закон заснован.
Б.В.од Скопје, согласно член 4 став 1 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, поднел Барање за пристап до информација од јавен карактер до имателот на информацијата – Основниот суд Скопје II. Со барањето Б.В. побарал “Судска пресуда за спор воден помеѓу А.М.со адреса Ул.Скопска бр.38(како тужител) и општина Идадија-сегашен Центар( како тужен правен субјект) за дислокација на дуќан на улица Цветан Димов“ бр.32“, во препис.
Основниот суд Скопје II на 16.11.2007 година, донел Заклучок 03-Су.бр.1775/2007.2-64726/1, со кој констаирал повлекување на барањето за пристап доинформација од јавен карактер, согласно член 17 став 1 и 2 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Барателот на информацијата незадоволен од овој Заклучок, поднесе Жалба до Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер.
Со увид во списите на предметот, доставени од Основниот суд Скопје II со писмо 03-Су.бр.1775/2007-1 од 06.12.2007 година, Комисијата утврди дека Заклучокот на Основниот суд Скопје II е правилен и врз закон заснован.
Комисјата изврши увид во списите на предметот, ја разгледа Жалбата и го констатира следното.
По добивањето на Барањето за слободен пристап до информации од јавен карактер на 30.10.2007 година, Основниот суд Скопје II утврдил дека Барањето е непотполно бидејќи во истото, барателот на информацијата Б.В. го нема наведено бројот на пресудата од која бара препис ниту пак дата и година на донесувањето на истата, поради што соглано член 17 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, со писмо број 03-Су. Бр.1775/2007 од 1.11.2007 година, го задолжил барателот да го дополни Барањето.
Од наведеното произлегува дека судот постапил правилно, согласно член 17 став 1, а исто така ги почитувал роковите и формата за постапувањето по барањето.
Во цитираниот член 17, се наведеува “Ако барањето е непотполно и поради тоа имателот на информсциите не може да постапува, тој ќе побара од барателот на информацијата да го дополни барањето, со укажување на последиците ако тоа не го направи. Барателот е должен да го дополни барањето во рок од три дена од денот на известувањето за потребата од дополнувањето на барањето.
Барателот не постапил по укажувањата на судот иако од повратницата за лична достава на која има потпис и датум на прием, се гледа дека известувањето го примил на 08.11.2007 година.
Со оглед на тоа дека барателот Б.В. не го дополнил барањето во дадениот рок од 3 дена, Основниот суд Скопје II, согласно член 17 точка 3 основано  донел Заклучок 03-Су.бр.1775/2007 од 16.11.2007 година со кој констатирал дека е повлечено барањето на барателот.
Врз основа на податоците кои ги дал подносителот на барањето, Основниот суд Скопје II, како имател на информации оценил дека во конкретниот случај не може да постапува по непотполно барање и го донел Заклучокот со кој се констатира повлекување на Барањето.
Врз основа на погоре изнесеното, Комисијата одлучи како во диспозитивот на ова Решение.
Ова решение е конечно во управната постапка и против него нема место за жалба.
ПРАВНА ПОУКА: Против ова решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд на РМ во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.
* * *

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата изјавена од Б.П. од Скопје, поднесена преку полномошник Д.Д., адвокат од Скопје, против Влада на Република Македонија, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер врз основа на член 28 и член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, на седницата одржана на 6 февруари 2008 година, го донесе следното

Р Е Ш Е Н И Е

Жалбата изјавена од Б.П. од Скопје, поднесена преку полномошник Д.Д., адвокат од Скопје, против Влада на Република Македонија, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, СЕ УВАЖУВА и СЕ ЗАДОЛЖУВА, Владата на Република Македонија на барателот да му ја достави бараната информација:     “Фотокопија од пресудата на Парискиот суд за предметот ОКТА-Република Македонија“, во рок од 15 дена од денот на доставувањето на Решението, во форма и на начин наведени во барањето.

О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер ја разгледа Жалбата бр.07-665/1 од 23.11.2007 година, изјавена од Б.П. од Скопје, поднесена преку полномошник Д.Д., адвокат од Скопје, против Влада на Република Македонија, ЈА УВАЖИ и ја ЗАДОЛЖИ Владата на Република Македонија, на барателот да му ја достави бараната информација: “Фотокопија од пресудата на Парискиот суд за предметот ОКТА-Република Македонија“, во рок од 15 дена од денот на доставувањето на Решението, во форма и на начин наведени во барањето.
На 27.09.2007 година, Б.П.од Скопје поднел Барање за пристап до информации од јавен карактер до Министерството за правда заведено под бр.07-1940/19.
Министерството за правда, согласно член 18 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер го препратило барањето до Министерството за економија со писмо бр.15-7913/1 од 02.10.2007 година.
Министерството за економија, исто така, согласно член 18 од горе наведниот Закон, го препратила бараето до Владата на Република Македонија со писмо бр.15-7913/4 од 08.10.2007 година.
Имателот на информацијата Владата на Република Македонија, на ова Барање не одговорила во законски предвидениот рок и форма, согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, поради што полномошникот на барателот поднел Жалба.
Владата на Република Македонија не одговори ниту на дописот од 30.11.2007 година, со кој Комисијата бараше во најкраток можен рок (веднаш), да се произнесе по Жалбата и да да ги достави сите списи во врска со предметот.
Од наведените причини одлучено е како во диспозитивот.
Ова решение е конечно во управната постапка и против него нема место за жалба.
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против ова решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд на РМ во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.
* * *

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата изјавена од И.А. од Скопје, поднесена преку полномошник Ф.С.М., адвокат од Скопје, против Влада на Република Македонија, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 28 и член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, на седницата одржана на 6 февруари 2008 година, го донесе следното

Р Е Ш Е Н И Е

Жалбата изјавена од И.А. од Скопје, поднесена преку полномошник Ф.С.М., адвокат од Скопје, против Влада на Република Македонија, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, во еден дел СЕ УВАЖУВА и СЕ ЗАДОЛЖУВА, Владата на Република Македонија на барателот да му ја достави бараната информација: “Фотокопија од Правилникот за систематизација на работните места во Генералниот секретаријат“ во рок од 15 дена од денот на доставувањето на Решението. Вториот дел од Жалбата кој се однесува на барањето “Правилник за систематизација во кабинетот на претседателот на Владата“ СЕ ВРАЌА НА ПОВТОРНО постапување.

О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер ја разгледа Жалбата бр.07-586/1 од 07.11.2007 година, изјавена од И.А. од Скопје, поднесена преку полномошник Ф.С.М., адвокат од Скопје, против Влада на Република Македонија, и во еден дел ЈА УВАЖИ и ја ЗАДОЛЖИ Владата на Република Македонија, на барателот да му ја достави бараната информација: “Фотокопија од Правилникот за систематизација на работните места во Генералниот секретаријат“ во рок од 15 дена од денот на доставувањето на Решението. Вториот дел кој се однесува на барањето “Правилник за систематизација во кабинетот на претседателот на Владата“, се враќа на повторно постапување.
На 26.09.2007 година, И.А. од Скопје поднела Барање за пристап до информации од јавен карактер до Владата на Република Македонија заведено под бр.14-6041/1.
Имателот на информацијата Владата на Република Македонија, на ова Барање не одговорила во законски предвидениот рок и форма, согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, поради што полномошникот на барателот поднел Жалба.
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер на 15.11.2007 година испрати допис заведен под бр.07-586/2 до Владата на Република Македонија, со кој Комисијата бараше во најкраток можен рок (веднаш), да се произнесе по Жалбата и да да ги достави сите списи во врска со предметот.
Владата на Република Македонија испрати Одговор по Жалба до Комисијата заведен под број 14-6041/1 од 29.11.2007 година а во Комисјата под бр.07-48/1 од 04.01.2008 година.
Во Одговорот Владата наведува дека барателот И.А. е известена за следното: “Со оглед дека Правилникот за систематизација на работните места на Генералниот секретаријат на Владата на Република Македонија е акт кој е пообемен поради својата содржина и предложивме на именуваната да дојде во Генералниот секретаријат на Владата на Република Македонија, во време и термин кога на неа и одговора, за што претходно навремено ќе бидеме известени, како би можела да изврши увид во бараниот документ.
Доколку сака бараната информација да ја добие во фотокопие согласно член 29 став 5 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006 година) ќе мора претходно да достави доказ за уплатен надоместок за покривање на трошоците за добивање на бараната информација.
Уплатата треба да ја извршите на Трезорска сметка 100000000063095-Сметка на буџетски корисник-Служба за општи и заеднички работи при Владата на Република Македонија, приходна шифра 723612, Подпрограма 10, Скопје.
Што се однесува до вториот дел од нејзиното барање со кое побара да и се достави и систематизација на работните места на Канцеларијата на Претседателот на Владата на Република Македонија, Генералниот секретаријат на Владата на Република Македонија не е имател на таа информација, поради што за истото ќе треба да се обрати до погоре споменатата Канцеларија“.
Врз основа списите по предметот, Комисјата го утврди следното.
Владата на Република Македонија при постапувањето по Барањето на барателот, погрешно ги применила одредбите од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
1.При поднесеното барање за слободен пристап до информации, барателот не бара да изврши увид во Правилникот туку бара Правилникот во фотокопија да му се достави на адреса наведена во барањето.
2.Владата на Република Македонија го упатува барателот на која жиро сметка да ја изврши уплатата на средствата потребни за добивање на информацијата но никаде не наведува колку изнесуваат тие средства согласно член 2 точка 2 од Одлуката за утврдување на надоместокот за материјалните трошоци за дадената информација од имателите на информации(“Службен весник на РМ“ бр.136/2006 година).
И покрај неколкукратните укажувања и комуникации на службеното лице на Комисијата со службеното лице на Владата, Владата на Република Македонија не постапи согласно цитираната Одлука и не го извести барателот колку средства треба да уплати за да ја добие бараната информација, што на Комисијата и беше потврдено и од страна на полномошникот на барателот, по телефон, на 04.02.2008 година.
Во однос на одговорот на Владата за вториот дел од барањето, за “Правилникот за систематизација на Канцеларијата на председателот на Владата“, за кој Владата го изветува барателот дека таа не е имател на информацијата и дека за истата информација ќе треба да се обрати барателот до спомената Канцеларија, Комисијата утврди дека Владата на Република Македонија постапила спротивно на одредбите од член 18 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Имено според овој член “Ако имателот на информацијата  што го примил барањето не располага со бараната информација, веднаш, а најдоцна во рок од десет дена од денот на приемот на барањето, е должен да го препрати барањето до имателот на информации кој според содржината на барањето е имател на информацијата и за тоа ќе го извести барателот“.
Од наведените причини одлучено е како во диспозитивот на ова Решение.
Ова решение е конечно во управната постапка и против него нема место за жалба.
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против ова Решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд на РМ во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.
* * *

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата изјавена од Г.Д. од Скопје, поднесена преку полномошник В.Д., адвокат од Скопје, против Владата на Република Македонија, по предметот Барање за пристап до информација од јавен карактер, врз основа на член 32 и член 28 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, на седницата одржана на 6 февруари 2008 година го донесе следното

Р Е Ш Е Н И Е

Жалбата од Г.Д. од Скопје, поднесена преку полномошник В.Д., адвокат од Скопје, против Владата на Република Македонија, по предметот Барање за пристап до информација од јавен карактер СЕ УВАЖУВА и СЕ ЗАДОЛЖУВА Владата на Република Македонија до барателот да ја достави бараната информација „Одлука за образување на координативно тело за остварување соработка во вршењето на работите од инспекцискиот надзор„ во рок од 15 дена од денот на доставувањето на Решението, во форма и на начин наведени во барањето.

О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер ја разгледа Жалбата бр.07-644/1 од 19.11.2007 година по барање за пристап до информации од јавен карактер изјавена од Г.Д. од Скопје, поднесена преку полномошник В.Д., адвокат од Скопје, против Владата на Република Македонија, ЈА УВАЖИ и ЈА ЗАДОЛЖИ Владата на Република Македонија до барателот да ја достави бараната информација „Одлука за образување на координативно тело за остварување соработка во вршењето на работите од инспекцискиот надзор„ во рок од 15 дена од денот на доставувањето на Решението, во форма и на начин наведени во барањето.
Г.Д. од Скопје, на 26.09.2007 година поднела Барање за пристап до информација од јавен карактер до Државниот управен инспекторат при Министерството за правда на Република Македонија, заведено под бр. 07-10940/15. Со Барањето, како што е наведено во Жалбата, Г.Д. од Скопје барала документ – „ Одлука за образување на координативно тело за остварување соработка во вршењето на работите од инспекцискиот надзор„.
Државниот управен инспекторат при Министерството за правда на Република Македонија постапил согласно член 18 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и на 16.10.2007 година го известил барателот Г.Д. од Скопје дека Барањето е препратено до Владата на Република Македонија.
Владата на Република Македонија-Генерален секретаријат, до која е препратено Барањето како имател на бараната информација, на барателот Г.Д. од Скопје и одговорила на 30.10.2007 година дека „По извршените проверки…бараната Одлука можете да ја најдете во („Службен весник на Република Македонија„ бр.26/06)„ .
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер по разгледувањето Жалбата и телефонските контакти со службеното лице за посредување со информации од јавен карактер на Владата на Република Македонија-Генерален секретаријат констатира дека: Создавач и имател на бараната информација е Владата на Република Македонија и согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер е должна да му ја достави информацијата на барателот, а не да го упатува на Службен весник на Република Македонија. Согласно член 21 точка 2 од Законот „Имателот на информацијата ја дава во бараната форма, освен ако бараната информација веќе постои во однапред пропишана форма и е достапна за јавноста и ако е поповолно информацијата да се достави во поинаква форма од бараната, за што имателот на информацијата ја образложува причината за ваквиот начин на доставување„.
Владата на Република Македонија – Генерален секретаријат, по 14 дена од добивањето на препратеното барање му доставува Одговор на барателот дека бараната Одлука може да ја најде во „Службен весник на Република Македонија„ бр. 26/06, без образложение за причините за ваквиот начин на доставување.
Во конкретниот случај бараната информација веќе постои во однапред пропишана форма, објавена е во „Службен весник на РМ„ и е достапна за јавноста, меѓутоа дали начинот на кој веќе е објавена информацијата е лесно достапен за барателот. Ако барателот нема пристап до web-страната на „Службен весник на РМ„, ниту до „Службен весник на РМ„, тогаш поднесувањето на барањето до Владата на Република Македонија, која е создавач и располага со бараната информација, треба да му овозможи на барателот да ја добие информацијата на начин кој за него е најлесно достапен.
Пристапот до бараната информација на кој го упатува Владата е неповолен за барателот и од следните причини. Барателот доставил Барање до Министерството за правда – Државен управен инспекторат, кое го препратило до Владата на РМ, а за кое морал да чека да му биде одговорено вкупно 34 дена. Според одговорот на Владата на РМ треба повторно истото барање да се достави до „Службен весник на РМ„ и повторно да чека одговор. Сето тоа барателот го чини изгубено време и финансиски трошоци. Целта на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер е на барателите да им обезбеди најбрз, наједноставен и по можност бесплатен пристап до информации од јавен карактер, а обврска за имателите на информации на најтранспарентен начин да овозможат пристап до информациите од јавен карактер кои ги создаваат и со кои располагаат.
Од наведените причини одлучено е како во диспозитивот.
Ова решение е конечно во управната постапка и против него нема место за жалба.
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против ова решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд на РМ во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.
* * *

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по  Жалбата изјавена од В.У. од Скопје, против Врховен суд на Република Македонија, по Барањето за пристап до информација од јавен карактер, врз основа на член 32 и член 28 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, на седницата одржана на 6 февруари 2008 година, го донесе следното

Р Е Ш Е Н И Е

Жалбата на В.У. од Скопје против известувањето на Врховен суд на Република Македонија бр.12 СПИ – 19/07 од 20.12.2007 година, по Барање за пристап до информација од јавен карактер СЕ ОДБИВА како неоснована.

О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер ја разгледа Жалбата бр. 07-47/1 од 04.01.2008 година, и Известувањето на Врховниот суд на Република Македонија бр. 12 СПИ – 19/07 од 20.12.2007 година и ЈА ОДБИ како неоснована.
Барателот В.У. на 06.12.2007 година, повикувајќи се на „член.10.став1,алинеа3 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер„ доставил до Врховниот суд на Република Македонија Барање во кое од Судот бара да му се достават „Прописи кои ги применувате согласно Вашите надлежности. Воедно содржината од прописите да ги добијам како информација во форма на електронски запис на компјутерско ЦД по хронолошки ред на објавување во Службен весник на РМ (согласно чл. 52 од Уставот на РМ) за период од 1997 г. до денес и во постапка согласно со ЗСПИЈК и донесената Одлука за утврдување на надоместокот за материјалните трошоци за дадената информација од имателите на информации донесена од Владата на Република Македонија, на седницата одржана на 24.12.2006 г. врз основа на член 29 став 3 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер„.
Врховниот суд на Република Македонија на 20.12.2007 година писмено го известил барателот В.У. дека „По запознавање со содржината на барањето, оценето е дека во конкретниот случај не се работи за информација од јавен карактер која ја создал и со која располага Врховниот суд на Република Македонија„ и дека „согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, информација од јавен карактер е информација во која било форма која ја создал и со која располага имателот на информацијата, односно со неа располага само имателот на информацијата, согласно со неговите надлежности„.
Комисијата по разгледувањето на Жалбата изјавена од В.У. од Скопје и  Известувањето на Врховниот суд констатира дека Врховниот суд не располага со бараната информација, а согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер нема обврска да подготви нова информација.
Од наведените причини е донесено решение како во диспозитивот.
Ова решение е конечно во управната постапка и против него нема место за поднесување жалба.
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО : Против ова решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд на Република Македонија во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.
* * *

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата изјавена од П.Б. од Скопје, против Министерството за култура на Република Македонија, по предметот Барање за пристап до информација од јавен карактер, врз основа на член 32 и член 28 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, на седницата одржана на 6 февруари 2008 година, го донесе следното

Р Е Ш Е Н И Е

Жалбата изјавена од П.Б. од Скопје, против Министерството за култура на Република Македонија, по предметот Барање за пристап до информација од јавен карактер СЕ УВАЖУВА и СЕ ЗАДОЛЖУВА Министерството за култура на барателот да му ја даде бараната информација „Копија од проект на Министерството за култура за развој на општините, Светска банка дала средства за уредување на пештерата Шаркова Дупка кај селото Маврово„ , во рок од 15 дена од денот на доставувањето на Решението, во форма и на начин наведени во барањето.

О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер ја разгледа Жалбата бр. 07-540/1 од 29.10.2007 година, изјавена од П.Б. против Министерството за култура на Република Македонија, ЈА УВАЖИ и ГО ЗАДОЛЖИ Министерството за култура на Република Македонија да ја даде бараната информација во рок од 15 дена од денот на доставувањето на Решението, во форма и на начин наведени во барањето.
Барателот П.Б. од Скопје на 17.09.2007 година се обратил со Барање до Министерството за култура на Република Македонија од кое барал документ – „Копија од проект на Министерството за култура за развој на општините, Светска банка дала средства за уредување на пештерата Шаркова Дупка кај селото Маврово„.
Министерството за култура на Република Македонија не одговорило во законски предвидениот рок, по што барателот поднел Жалба до Комисијата.
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер на 09.11.2007 година побара од Министерството за култура да се произнесе по Жалбата и да ги достави списите во врска со предметот.
Министерството за култура не одговори на барањето на Комисијата.
Потребните списи до Комисијата ги достави жалителот на 18.01.2008 година, во кои тој докажува дека до Министерството за култура на 17.09.2007 година приложил фотокопија од написот под наслов „Пештерски бисер„, објавен во весникот „Вест„ од 09.09.2007 година во кој се споменува дека „преку проект на Министерството за култура за развој на општините Светска банка дала средства за уредување на пештерата Шаркова Дупка кај селото Маврово„. Приложената фотокопија од написот е заведена во Министерството за култура под бр. 8929/1 (ПБ-ЕКО-123-16.09.2007). Во истите списи жалителот, повикувајќи се на член 4 и член 12 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, наведува дека одново бара од Министерството за култура, по пошта, или во електронска верзија, да му биде доставена копија од претходно наведениот прокет.
Согласно член 44 став 1 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер ќе се казни за прекршок службеното лице за посредување со информации доколку во предвидениот рок неосновано не ја посредува информацијата (член 21).
Поради ова, Комисијата одлучи како во диспозитивот на ова Решение.
Ова Решение е конечно во управната постапка и против него нема место за жалба.
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО : Против ова Решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд на РМ во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.
* * *

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата изјавена од     М.И. од Скопје, поднесена преку полномошник Д.Д., адвокат од Скопје, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, против Сојузот на Ромите на Република Македонија, врз основа на член 223 од Законот за општа управна постапка, на седницата одржана на 6 февруари 2008 година, го донесе следниот

З А К Л У Ч О К

СЕ ЗАПИРА постапката по Жалбата доставена до Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер број 07-609/1 од 12.11.2007 година, изјавена од М.И. од Скопје, поднесена преку полномошник Д.Д., адвокат од Скопје, поради формален недостаток во истата.

О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, постапувајќи по Жалбата на  М.И. од Скопје, поднесена преку полномошник Д.Д., адвокат од Скопје, утврди дека не може да постапува по истата, поради формален недостаток, за кој телефонски е информиран полномошникот на барателот, а кој не го отстрани недостатокот во законски предвидениот рок.
Полномошникот на барателот, адвокат Д.Д., на 12.11.2007 година поднесе Жалба во која се наведува дека политичката партија Сојуз на Ромите на Република Македонија на барателот М.И. не и одговорил во законски предвидениот рок на „Барање за слободен пристап до информација од јавен карактер од 28.09.2007 година„. Притоа како доказ достави копија од Потврдата за прием на пратка. Меѓутоа, во поднесоците никаде не е наведена содржината на Барањето за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер на 23.11.2007 година до Сојузот на Роми на Република Македонија ја препрати Жалбата со барање веднаш да се произнесе по истата, да ги образложи причините поради кои не одговорил по Барањето и да ги достави сите списи во врска со предметот.
Сојузот на Роми на РМ не и одговори на Комисијата.
Полномошникот на барателот на информацијата од јавен карактер, адвокат Д.Д., телефонски е известен за наведените околности и за недостатокот во Жалбата, со барање до Комисијата да го достави Барањето за слободен пристап до информација од јавен карактер. Полномошникот на барателот не одговори и не ги отстрани недостатоците во поднесокот во определениот рок.
Комисијата констатира дека поради неотстранетите недостатоци во поднесокот ( член 223 став 2 и член 65 став 2 од Законот за општа управна постапка)  не може да постапи по Жалбата.
Поради ова Комисијата одлучи како во диспозитивот на овој Заклучок.
Овој Заклучок е конечен во управната постапка и против него нема место на жалба.
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против овој Заклучок може да се поведе управен спор пред Управниот суд на РМ во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.
* * *

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата изјавена од Т.Н. од Скопје, поднесена преку полномошник А.Е., адвокат од Скопје, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, против политичката партија Партија за европска иднина (ПЕИ), врз основа на член 247 став 2 од Законот за општа управна постапка, на седницата одржана на 6 февруари 2008 година го донесе следниот

З А К Л У Ч О К

СЕ ЗАПИРА постапката по Жалбата доставена до Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер број 07-602/1 од 08.11.2007 година, изјавена од Т.Н. од Скопје, поднесена преку полномошник А.Е., адвокат од Скопје, поради откажување од истата.

О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е

До Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер на 22.01.2008 година е доставен писмен допис од полномошникот на подносителот на Жалбата, адвокат А.Е., која ја извести Комисијата дека се откажува од Жалбата поднесена против политичката партија Партија за европска иднина, од која барателот побарал документ– „Копија од Статутот на партијата„.
Подносителот на Жалбата се откажува од истата затоа што имателот на информацијата , политичката партија ПЕИ на барателот му ја доставило бараната информација после поднесувањето на Жалбата.
Согласно горе наведеното Комисијата одлучи како во диспозитивот на овој Заклучок.
* * *

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата на И.К. од Скопје, поднесена преку полномошник Е.М., адвокат од Скопје, против Државниот Универзитет во Тетово, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 223 од Законот за општата управна постапка, на седницата одржана на 6 февруари 2008 година, го донесе следниот

З  А  К  Л  У  Ч  О  К

СЕ ЗАПИРА постапката по Жалбата доставена до Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер  бр. 07-721/1 од 26.12.2007 година, изјавена од И.К. од Скопје поднесена преку полномошник Е.М., адвокат од Скопје, поради тоа што на барателот му е доставена бараната информација.

О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер ја разгледа  Жалбата изјавена од И.К. од Скопје и Известувањето на Државниот Универзитет во Тетово од 22.01.2008 година и  утврди дека бараната информација “Колку средства се одобрени за семинарот за албанистика во 2007 година“, му е доставена на барателот И.К. и на нејзиниот полномошник Е.М. на 18.01.2008 година. Бараната информација на барателот и неговиот полномошник му е доставена 83 дена по истекот на рокот предвиден во член 21 став 1 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Врз основа на изложеното, Комисијата констатира дека во конкретниот случај битно е дека барателот ја добил бараната информација, но со задоцнување односно по истекот на законски предвидениот рок. Комисијата укажува дека конкретниот имател на информацијата при евентуалните идни барања е должен да ги применува роковите предвидени во Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Поради ова, Комисијата одлучи како во диспозитивот на овој Заклучок.
Овај Заклучок е конечен во управната постапка и против него нема место на жалба.
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против овој Заклучок може да се поведе управен спор пред Управниот суд на РМ во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.
* * *

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата изјавена од С.В. од Скопје, поднесена преку полномошник М.Р., адвокат од Скопје, против Влада на Република Македонија-Кабинет на Министерот без ресор за развој на информатичко општество, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 247 став 2 од Законот за општата управна постапка, на седницата одржана на 06.02.2008 година, го донесе следниот

З  А  К  Л  У  Ч  О  К

СЕ ЗАПИРА постапката по Жалбата доставена до Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер  број 07-638/1 од 15.11.2007 година, изјавена од С.В. од Скопје поднесена преку полномошник М.Р., адвокат од Скопје, против Влада на Република Македонија-Кабинетот на министерот без ресор за развој на информатичко општество, поради откажување од истата.

О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е

Службеното лице во Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер на 23.01.2008 година, по телефон комуницираше со полномошникот на подносителот на Жалбата, М.Р., адвокат, кој го извести дека се откажува од Жалбата поднесена против Влада на Република Македонија-Кабинетот на Министерот без ресор за развој на информатичко општество, од кој барателот побарал информација – “Кој е максималниот хонорар исплатен за 2007 година за лицата ангажирани преку Агенцијата за времени вработувања“ (лица ангажирани од Министерот без ресор за информатичко општество, односно неговиот кабинет).
Подносителот се откажува од Жалбата затоа што, после поднесувањето на жалбата имателот на информацијата Влада на Република Македонија- Кабинетот на министерот без ресор за развој на информатичко општество, на барателот му ја достави бараната информацијата .
Согласно горе наведеното Комисијата одлучи како во диспозитивот на овој Заклучок.
* * *

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата на Б.Б. од Скопје, поднесена против Основното јавно обвинителство, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 223 од Законот за општата управна постапка, на седницата одржана на 6 февруари 2008 година, го донесе следниот

З  А  К  Л  У  Ч  О  К

СЕ ЗАПИРА постапката по Жалбата доставена до Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер  број 07-680/1 од 03.12.2007 година, изјавена од Б.Б. од Скопје, поради тоа што на барателот му е одговорено на Барањето.

О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, ги разгледа Жалбата на Б.Б. од Скопје и доставениот одговор од Основното јавно обвинителство и утврди дека на барањето “Информација за моето труење со за мене непознат отров во поранешната Амбасада на СФРЈ во Танзанија – Африка, каде бев вработен од 1983 година до 1984 година, и информација за труење со за мене непознати отрови до ден денес“, на Барателот му е доставен одговор. Одговорот на Барањето на барателот му е доставен скоро три месеци по истекот на рокот предвиден во член 21 став 1 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Врз основа на изложеното, Комисијата констатира дека во конкретниот случај битно е дека барателот добил Одговор, но со задоцнување односно, по истекот на законски предвидениот рок. Комисијата укажува дека конкретниот имател на информацијата при евентуалните идни барања е должен да ги применува роковите предвидени во Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Поради ова, Комисијата одлучи како во диспозитивот на овој Заклучок.
Овај Заклучок е конечен во управната постапка и против него нема место на жалба.
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против овој Заклучок може да се поведе управен спор пред Управниот суд на РМ во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.
* * *

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата на Ѓ.С. од Охрид, поднесена против Јавното правобранителство на Република Македонија по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 247 став 2 од Законот за општата управна постапка, на седницата одржана на 6 февруари 2008 година, го донесе следниот

З  А  К  Л  У  Ч  О  К

СЕ ЗАПИРА постапката по Жалбата доставена до Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер  бр. 07-475/2 од 31.10.2007 година, изјавена од Ѓ.С. од Охрид, поради откажување од истата.

О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е

Службеното лице во Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер на 24.01.2008 година, по телефон комуницираше со подносителот на Жалбата Ѓ.С., кој го извести дека се откажува од Жалбата поднесена против Јавното правобранителство на Република Македонија, од кое барателот на 26.04.2007 година ја побарал следната информација – “Во јавните гласила објавена е информацијата (12 месец 2006 година) дека Државната комисија за спречување на корупцијата испратила до Насловот Заклучок со кој се сугерира да се бара поништување на приватизацијата на градежно земјиште во границите на фабриката за стакло во Скопје, а со цел да се овозможи денационализација за поранешните сопственици и нивните наследници. Беше наведена и причината: тоа земјиште со урбанистичкиот план е предвидено за градба, а ако се гради, тоа треба да го чинат поранешните сопственици со тоа што земјиштето ќе им се врати во постапката за денационализација, а не сопствениците на две згради, кои го купиле земјиштето по багателни цени. Бараме информација за тоа дали е поднесена тужба и ако е поднесена да добиеме заверена фотокопија од истата“.
Од произнесувањето по Жалбата на Јавното правобранителство на РМ, се гледа дека на ова барање е доставен одговор во законски предвидениот рок, по пошта на 30.04.2007 година, на адреса наведена во Барањето. Причините поради кои Барателот не го добил одговорот не се познати. По добивањето на Жалбата Јавното правобранителство на РМ, повторно ја достави информацијата до Барателот. Задоволен од одговорот Барателот по телефон изјави дека се откажува од Жалбата.
Согласно горе наведеното Комисијата одлучи како во диспозитивот на овој Заклучок.
* * *

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата на Ж.Н. од Скопје, поднесена против Министерство за финансии – Управа за имотно правни работи – Одделение за управна постапка – Општина Центар, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер врз основа на член 223 од Законот за општата управна постапка, на седницата одржана на 6 февруари 2008 година, го донесе следниот

З  А  К  Л  У  Ч  О  К

СЕ ЗАПИРА постапката по Жалбата доставена до Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер  број 07-704/1 од 13.12.2007 година, изјавена од Ж.Н. од Скопје, поради тоа што барателот писмено е известен во врска со неговото Барање за пристап до информации од јавен карактер.

О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер ја разгледа Жалбата бр.07-704/1 од 13.12.2007 година, изјавена од Ж.Н. од  Скопје, против Министерство за финансии – Управа за имотно правни работи – Одделение за управна постапка – Општина Центар, Барањето за пристап до информации од јавен карактер и Одговорот на Жалба заведен во Министерството за финансии – Управа за имотно правни работи Скопје под бр.20-49531/3 од 16.01.2008 година, а во Комисијата заведен под бр.07-119/1 од 18.01.2008 година.
По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот Комисијата го констатира следното.
Барателот Ж.Н. од Скопје, повикувајќи се на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер на 12.11.2007 година, до Министерство за финансии – Управа за имотно правни работи – Одделение за управна постапка – Општина Центар поднел Барање бр.19-1540/1, со кое бара одговор на следните прашања:
“Сите имотни листови за К.О Центар I имаат шифра 814 со што се дава корисничко право. За да се добие шифра 831, односно сопственичко право треба да се донесе решение од ваша страна за приватизација (трансформација) со одредени докази кои се пропишани со закон. Што се случува доколку некој доказ не е можно да се достави и дали пропишаните докази се исти за физички и правни лица. Има ли некој субјект кој нема да ги исполни законските пропишани норми а сепак да добие шифра 831“.
На ова Барање Министерство за финансии – Управа за имотно правни работи – Одделение за управна постапка – Општина Центар, не одговорило во законски предвидениот рок, по што е поднесена Жалба.
Со допис бр.07-704/2 од 20.12.2007 година, Комисијата ја препрати Жалбата до горенаведениот орган и побара во најкраток можен рок произнесување по истата.
Со писмо У.бр.20-96/2 од 04.01.2008 година, Министерство за финансии – Управа за имотно правни работи – Одделение за управна постапка – Општина Центар, достави Известување до Комисијата кое е насловено до Ж.Н. со кое го известува дека, Жалбата е препратена до Министерство за финансии – Управа за имотно правни работи – Скопје, на нивна натамошна надлежност.
Од погоре изложеното Комисијата констатира дека, Министерството за финансии – Управа за имотно правни работи – Одделение за управна постапка – Општина Центар, постапила спротивно на одредбите на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Согласно член 18 од овој Закон таа е должна ако не располага со бараната информација веднаш, а најдоцна во рок од десет дена од денот на приемот на Барањето истото да го препрати до имателот кој според содржината е имател на информацијата и за тоа да го извести барателот. Место веднаш или во рок од десет дена, Управата дури на 04.01.2008 година, Жалбата ја препратила до Министерство за финансии – Управа за имотно правни работи Скопје.
Комисијата укажува дека Министерство за финансии – Управа за имотно правни работи – Одделение за управна постапка – Општина Центар, при евентуалните идни барања е должна да се придржува на законски предвидените рокови и форма на постапување по барањата согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Во спротивно, службеното лице за посредување со информации ќе биде казнето за прекршок со парична казна од 20.000 до 50.000 денари согласно член 44 став 1 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Министерство за финансии – Управа за имотно правни работи – Скопје, со допис заведен во Комисијата под бр.07-119/1 од 18.01.2008 година, во прилог го достави Известувањето во врска со Барањето за пристап до информации од јавен карактер бр.20-49531/2 од 16.01.2008 година, кое во законски предвидениот рок е доставено до Ж.Н.
Во Известувањето се нагласува следното: “Поднесеното Барање не е доставено согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, односно согласно предвидениот образец за барање за пристап до информации од јавен карактер, а според неговата содржина произлегува дека не се бара некоја конкретна информација, туку во истото се изнесени и неколку воопштени прашања“.
Комисијата исто така, укажува дека барањата со ваква содржина, каде се бара одговор на прашања, не се во согласност со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Сепак, согласно законски надлежности кои произлегуваат од нејзиното работење, Министерство за финансии – Управа за имотно правни работи – Скопје, му укажува на барателот каде и како да го оствари своето право.
Врз основа на изложеното, Комисијата констатира дека во конкретниот случај битно е дека Министерство за финансии – Управа за имотно правни работи  Општина Центар, го известила барателот дека не располага со бараната информација, односно дека постапила согласно член 26 став 2 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, иако со големо задоцнување, односно по истекот на законски предвидениот рок, а Министерство за финансии – Управа за имотно правни работи Скопје, одговорила во законски предвидениот рок.
Од наведените причини,одлучено е  како во диспозитивот на овој Заклучок.
Овај Заклучок е конечен во управната постапка и против него нема место на жалба.
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против овој Заклучок може да се поведе управен спор пред Управниот суд на РМ во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.
* * *

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата на С.К. од Скопје, поднесена преку полномошник Е.М., адвокат од Скопје, против Влада на Република Македонија – Кабинет на Министерот без ресор за развој на информатичко општество, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер врз основа на член 223 од Законот за општата управна постапка, на седницата одржана на 6 февруари 2008 година, го донесе следниот

З  А  К  Л  У  Ч  О  К

СЕ ЗАПИРА постапката по Жалбата доставена до Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер  број 07-652/1 од 19.11.2007 година, изјавена од С.К. од Скопје поднесена преку полномошник Е.М., адвокат од Скопје, поради тоа што на барателот му е доставена бараната информација.

О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер, ги разгледа Жалбата изјавена од С.К. од Скопје и одговорот од Кабинетот на Министерот без ресор за развој на информатичко општество и утврди дека бараната информација “Колку компјутери има државната администрација на Република Македонија, кои оперативни системи се користат и со каква лиценца и кога истекува лиценцата“ на барателот му е доставена со писмо број 21-398/1 од 16.01.2008 година. Одговорот на Барањето на барателот му е доставен скоро два и пол месеци по истекот на рокот предвиден во член 21 став 1 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Врз основа на изложеното, Комисијата констатира дека во конкретниот случај битно е дека барателот добил Одговор, но со задоцнување односно, по истекот на законски предвидениот рок. Комисијата укажува дека конкретниот имател на информацијата при евентуалните идни барања е должен да ги применува роковите предвидени во Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Поради ова, Комисијата одлучи како во диспозитивот на овој Заклучок.
Овај Заклучок е конечен во управната постапка и против него нема место на жалба.
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против овој Заклучок може да се поведе управен спор пред Управниот суд на РМ во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.