ДОНЕСЕНИ 7 РЕШЕНИЈА И 9 ЗАКЛУЧОЦИ
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер на својата 62 седница одржана на 21 декември 2007 година, донесе 7 решенија и 9 заклучоци.
Комисијата го разгледа и го донесе Решението по Жалбата изјавена од В.С. поднесена преку адвокатот Д.К. против Владата на Република Македонија – Генерален секретаријат. Со ова Решение Жалбата во еден дел СЕ УВАЖУВА и предметот се враќа на повторно постапување, а во еден дел СЕ ОДБИВА како неоснована. По разгледувањето на целокупната документација Комисијата констатира дека Владата на доставеното барање “Колку програми се спроведени за обука на вработените во Генералниот секретаријат и колку средства се потрошени за истите во периодот 2007 година“ одговорила само на дел од барањето дека не се потрошени буџетски средства туку истите се обезбедени преку донатори, но не одговорила на делот од барањето “Колку програми се спроведени за обука“.
* * *
По расправата Комисијата донесе Решение со кое Жалбата изјавена од Т.Н. поднесена преку адвокатот Д.Д. против Владата на Република Македонија. Со ова Решение Жалбата СЕ ОДБИВА како неоснована, бидејќи Владата во одговорот го информирала барателот дека не располага со бараната информација “Договорот за соработка на проектот за слободен пристап до информации од јавен карактер помеѓу Владата на РМ, Британската амбасада и Македонскиот институт за медиуми како и Проектот за проектните активности“, во фотокопија.
* * *
Комисијата донесе заклучок со кој СЕ ЗАПИРА постапката по Жалбата доставена до Комисијата, изјавена од Ј.С. преку адвокатот П. Ј.. Имено, бараната информација “Кој ги врши угостителските услуги во Клубот на универзитетот “Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и ако просторот е даден под закуп да му биде доставена фотокопија од договорот“. Жалбата се повлекува бидејќи во меѓувреме на барателот од првостепениот орган му е доставена бараната информација.
* * *
Комисијата на седницата донесе заклучок се кој СЕ ЗАПИРА постапката по Жалбата доставена до Комисијата поднесена од Ж.П., поради повлекување на истата, бидејќи во меѓувреме на барателот од Министерството за животна средина и просторно планирање му е доставена бараната информација “Документ – студија за оцена за влијанијата на проектот врз животната средина бр. 11-3093/3“.
* * *
На седницата Комисијата донесе заклучок со кој СЕ ЗАПИРА постапката по Жалбата изјавена од К.З. поднесена преку адвокатот Ј.А., поради тоа што на барателот му е доставена бараната информација “Копија од Статутот на Либералната партија на Македонија“.
* * *
По расправата Комисијата донесе Решение со кое Жалбата изјавена од Д.К. поднесена преку адвокатот М.Р. против Демократската обнова на Македонија СЕ УВАЖУВА и се задолжува првостепениот орган на барателот да му ја достави бараната информација “Целосен преглед на финансирањето на партијата за периодот јануари-декември 2006 година“ во рок од 15 дена од денот на доставувањето на Решението, на начин и форма наведени во барањето.
* * *
Комисијата донесе заклучок со кој СЕ ЗАПИРА постапката по жалбата изавена од А.К. поднесена преку адвокатот К.Р. поради тоа што на барателот од имателот Министерство за финансии – Царинска управа му е дадена бараната информација “Колку средства за 2007 година се предвидени за обука и стручно оспособување на царинските службеници.
* * *
На седницата Комисијата донесе заклучок со кој СЕ ЗАПИРА постапката по жалбата доставена до Комисијата, изјавена од Т.Н. преку адвокатот Ј.Б.. Жалбата се повлекува бидејќи во меѓувреме имателот на информацијата – Државниот универзитет во Тетово на барателот му ја доставил бараната информција “Бројот на македонски студенти кои се запишани во учебната 2007/2008 година“.
* * *
Комисијата донесе заклучок ЗА ЗАПИРАЊЕ на постапката во жалбата доставена до Комисијата, изјавена од Л.П.И. преку адвокатот М.К. Жалителот се откажа од поднесената жалба против ЈП “Македонски шуми“, бидејќи бараната информација “Колкав е вкупниот долг на Македонски шуми за 2006 година“ му е доставена во законски предвидениот рок, со препорачана пратка.
* * *
На седницата Комисијата донесе заклучок со кој СЕ ЗАПИРА постапката по жалбата изјавена од О.Т. поднесена преку адвокатот К.Р., поради повлекување на истата. Жалбата е повлечена затоа што имателот на информацијата Финансиска полиција, на барањето “Колку изнесуваат месечните примања на директорот на Финансиската полиција“ му одговорила по поднесувањето на жалбата.
* * *
Комисијата донесе заклучок ЗА ЗАПИРАЊЕ на постапката по жалбата доставена до Комисијата, изјавена од С.Ж. поднесена преку адвокатот К.Д., поради повлекување на истата. Жалбата е повлечена затоа што имателот на информацијата Министерството за животна средина и просторно планирање, на барателот му ја доставил бараната информација “Колку средства се дадени на здруженија на граѓани во периодот од 1999 година до 2006 година (по години одделно), кои се тие здруженија на граѓани или фондации и за каква/и активности и (кој проект услуга и слично)? Од која буџетска линија, ставка или потставка се исплатени средствата, копија од договорите по основ на кои биле префрлени средствата за услуги, донации и слично. Жалбата се повлекува бидејќи барателот во меѓувреме ја добил бараната информација.
* * *
На седницата Комисијата донесе заклучок ЗА ЗАПИРАЊЕ на постапката по жалбата изјавена од С.К. поднесена преку адвокатот А.А. Жалбата е повлечена бидејќи имателот на информацијата Агенцијата за вработување на Република Македонија, во меѓувреме, на барателот му ја доставила бараната информација – фотокопија од “Правилникот за систематизација на работните места во Агенцијата за вработување на Република Македонија“.
* * *
Комисијата го разгледа и го донесе Решението по жалбата изјавена од С.З. поднесена преку адвокатот Ј.А. против Врховниот суд на Република Македонија. Со ова решение жалбата СЕ УВАЖУВА и предметот се враќа на повторно постапување, бидејќи Врховниот суд во одговорот на барањето “Колку барања за заштита на законитоста се поднесени во 2006 и 2007 година? Колку пресуди на Врховниот суд се обжалени пред меѓународните судови? Број на поведени и решени управни спорови во изминатата 2006 година?“ По разгледувањето на Жалбата и сите списи во врска со предметот Комисијата констатира дека имателот на информацијата на дел од ова барање одговорил во законски предвидениот рок и форма, а на дел одговорот е доставен во законски предвидениот рок но не ја запазил законски предвидената форма, бидејќи не го препратил барањето до имателот на информацијата, туку го известил дека за истата треба да се обрати до Министерството за правда.
* * *
На седницата Комисијата донесе решение по жалбата изјавена од К.З., поднесена преку адвокатот Ј.А., против Медицинскиот факултет. Со ова Решение жалбата СЕ УВАЖУВА и предметот се враќа на повторно постапување, бидејќи имателот на информацијата “Колкав е вкупниот приход на сметката за самофинансирање во 2006 година?“ во одговорот го дава следното известување “Согласно одлуката на деканот за деловна тајна овој вид на информации (финансиски документи и показатели за финансиско работење на факултетот) претставуваат и се сметаат за деловна тајна. Комисијата констатира дека имателот на информацијата до крај не го применил член 6 став 1, а притоа имајќи го предвид и членот 6 став 3 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
* * *
Комисијата донесе Решение со кое жалбата изјавена од Д.Р. поднесена преку адвокатот В.Д. против ЈП за стопанисување со станбен и деловен простор се одбива како неоснована, бидејќи имателот на информацијата со препорачана пратка преку пошта му доставил решение на барателот на адресата посочена во барањето. Од непознати причини барателот на информацијата не ја подигнал пратката од пошта.
* * *
Комисијата донесе Решение со кое жалбата изјавена од И.С., поднесена преку адвокатот Д.К. против Универзитетот “Св. Кирил и Методиј“ – Правен факултет “Јустинијан Први“ СЕ УВАЖУВА и предметот се враќа на повторно постапување. Согласно Законот за слободен пристап до инфомрации од јавен карактер имателот на информацијата на барањето “Колку се приходите што факултетот ги доби од задолжителната партиципација на студентите за учебната 2006/2007 година?“ не одговорил во законски предвидениот рок и форма.