ДОНЕСЕНИ 11 РЕШЕНИЈА И ЕДЕН ЗАКЛУЧОК
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер на својата 61 седница одржана на 6 декември 2007 година, донесе 11 решенија и еден заклучок.
Комисијата го разгледа и го донесе Решението по Жалбата изјавена од М.С. поднесена преку адвокатот Р.Р. против ЈП за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија. Со ова Решение, Жалбата СЕ УВАЖУВА и СЕ ЗАДОЛЖУВА имателот да ја даде бараната информација “Правилник за систематизација на работни места“ во рок од 15 дена од денот на донесувањето на Решението, во форма и на начин наведени во барањето на барателот.
* * *
На седницата Комисијата расправаше по Жалбата изјавена од И. М. поднесена преку адвокатот А.П.С. против Јавното претпријатие Македонска радиотелевизија.
По разгледувањето на целокупната документација, Комисијата донесе Решение со кое Жалбата СЕ УВАЖУВА и предметот СЕ ВРАЌА на повторно постапување кај првостепениот орган заради непочитување на процедурата, бидејќи првостепениот орган во законски предвидените рокови не ја доставил бараната информација “Колку средства се примени од платена радиодифузна такса во 2007 година, со информација за движење на средствата од 1.1.20007 до 31.07.2007 година.
* * *
Комисијата го разгледа и го донесе Решението по Жалбата изјавена од В.У. поднесена против Централниот регистар на Република Македонија. Со ова Решение Комисијата ЈА ОДБИ Жалбата како неоснована и го потврди Решението за одбивање на пристапот, донесено од провстепениот орган како правилно и засновано врз Закон.
При донесувањето на ова Решение Комисијата констатира дека жалителот од првостепениот орган побарал “да биде известен колку пати, на кои датуми и каде (на која адреса по хронолошки ред до денес) Друштвото за трговија на големо и мало ЖИТО-КО ул. “Босна и Херцеговина“ бр. 55 – Скопје, во стечај, извршило промена на своето седиште и дали истото го пријавило кај надлежниот орган. Во прилог на бараната информација барам и примерок (фотокопија) од списите, пријавите, односно доказите за извршената и пријавена промена на седиштето на должникот до надлежниот орган за тоа, што всушност беше и неговата законска обврска“.
Разгледувајќи го одговорот на Жалбата на Централниот регистар, Комисијата констатира дека првостепениот орган по приемот на барањето во рок од пет дена по приемот на истото го известил барателот на информацијата дека истата е од комерцијален карактер и не може да биде добиена бесплатно, туку согласно Тарифникот на Централниот регистар треба да уплати одреден паричен надомест за да ја добие бараната информација, односно да изврши увид во предметот.
* * *
Комисијата на седницата донесе Решение со кое Жалбата на З.В. изјавена преку адвокатот К.Д. поднесена против Апелациониот суд – Скопје СЕ ОДБИВА.
Со ова Решение Комисијата го потврди Решението на Апелациониот суд со кое е одбиено барањето на З.В. за пристап до информации од јавен карактер “Копија од пресуда за предметот Раштански лозја и составот на советот кој ја донесе“, бидејќи истата претставува класифицирана информација со соодветен степен на тајност, односно личен податок чие откривање би значело повреда на заштитата на личните податоци.
Бидејќи станува збор за исклучок од слободниот пристап до информациите од јавен карактер, Комисијата констатира дека со нејзиното објавување или пристапност би се предизвикала поголема штета во сооднос со јавниот интерес.
* * *
На седницата Комисијата донесе Заклучок со кој СЕ ЗАПИРА постапката по Жалбата против Министерството за образование и наука-Биро за развој на образованието, доставена до Комисијата од Љ.А., преку адвокатот Д.Д. Постапката се запира, бидејќи првостепениот орган, во меѓувреме на барателот му ја доставил бараната информација „Програма за наставата на македонски јазик во средните стручни училишта“.
* * *
Комисијата по разгледувањето на Жалбата изјавена од А.Б., преку адвокатот Ф.С.М. против Министерството за правда – Биро за судски вештачења, донесе Решение со кое жалбата СЕ УВАЖУВА и предметот СЕ ВРАЌА на повторно постапување. Со ова Решение првостепениот орган се задолжува да постапи согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и доколку не располага со бараната информација “Број на извезени мозоци од Република Македонија во текот на 2006 и 2007 година“, во фотокопија, во рок од десет дена, е должен да го препрати барањето до имателот на информација.
* * *
На седницата Комисијата го разгледа и го донесе Решението по Жалбата изјавена од Д.С. поднесена преку адвокатот Ф.С.М., против Уставниот суд на Република Македонија. Со Решението Комисијата ЈА УВАЖИ Жалбата и предметот ГО ВРАТИ на повторно постапување кај првостепениот орган. Уставниот суд на бараната информација “Фотокопија од Анексите на Договорот за продажба на ОКТА врз основа на кои е донесена Одлуката на Уставниот суд за укинување на Законот за ратификација на билатералниот договор помежу РМ и Р. Грција“ барателот го известил дека не располага со бараната информација и го информирал дека барањето треба да го достави до соодветен орган кој располага со бараната информација. Со ваквото постапување Уставниот суд не го почитувал член 18 став 1 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и во рок од десет дена од денот на приемот на барањето не го препратило барањето до имателот на информацијата.
* * *
Комисијата го разгледа и го донесе Решението по Жалбата изјавена од З.В., поднесена преку адвокатот Е.А.М., против ЈП Македонски шуми. Со ова Решение Жалбата СЕ ОДБИВА како неоснована бидејќи барателот побарал фотокопија од информација “Колку пати е констатирана бесправна сеча на шумите во РМ за 2006 година и во кои региони“. Комисијата оваа жалба ја одби како неоснована бидејќи имателот на информацијата во рок од 40 дена на барателот му ја доставил бараната информација во фотокопија на адреса наведена во барањето, со испратница по пошта. Меѓутоа, барателот, според испратницата не отишол да ја подигне доставата и истата е вратена до испраќачот.
* * *
На седницата Комисијата донесе Решение со кое Жалбата изјавена од И.Ш., поднесена преку адвокатот Ј.Б., против Финансиската полиција со кое Жалбата СЕ УВАЖУВА и предметот СЕ ВРАЌА на повторно постапување. Комисијата од увидот во пропратните списи констатира дека барателот од првостепениот орган побарал фотокопија од „Правилникот за систематизација на работните места во финансиската полиција“. Во одговорот на барањето имателот не постапил согласно член 18 од Законот. При повторното постапување првостепенит орган треба да го има предвид Решението на Комисијата.
* * *
Комисијата го разгледа и го донесе Решението по Жалбата изјавена од Л.П.И., поднесена преку адвокатот Ф.С.М. против Демократската партија на Србите во Македонија. Со ова Решение Жалбата СЕ УВАЖУВА и СЕ ЗАДОЛЖУВА првостепениот орган на барателот да му ја достави бараната информација “Копија од регистарот на донации за 2006 година“, во рок од 15 дена од денот на доставувањето на ова Решение.
* * *
Комисијата донесе Решение со кое Жалбата изјавена од С.В., поднесена преку адвокатот Д.К., против Либерално-демократската партија. Со Решението, Жалбата СЕ УВАЖУВА и СЕ ЗАДОЛЖУВА првостепениот орган на барателот да му ја достави бараната информација, копија од “Целосен преглед на финансирање на политичката партија (финансиско-материјално работење) во периодот јануари-декември 2006 година“, во рокот даден во Решението.
* * *
По разгледувањето на целокупната документација, Комисијата донесе Решение, со кое Жалбата изјавена од К.З., поднесена преку адвокатот Ј.А., против Либералната партија на Македонија, СЕ УВАЖУВА и СЕ ЗАДОЛЖУВА првостепениот орган на барателот повторно да му ја достави бараната информација “Копија од Статутот на партијата“, во рок од 15 дена од денот на доставувањето на Решението. Комисијата, констатира дека во одговорот на Либералната партија се наведува “дека настанала административна грешка и дека немала намера да ги сокрие бараните податоци, бидејќи истите ги доставила до барателот, но со задоцнување“. Со ова Решение Комисијата ја задолжи Либералната партија повторно да постапи по барањето на барателот при што треба да ги почитува одредбите на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.