ДОНЕСЕНИ 10 РЕШЕНИЈА

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер на својата 60-та седница одржана на 28  ноември 2007 година донесе десет решенија.
Комисијата го разгледа и го прифати Решението по Жалбата изјавена од И.К. поднесена преку адвокатот А.П.С., против Владата на Република Македонија–Секретаријатот за законодавство. По разгледувањето на целокупната документација Комисијата ЈА ОДБИ Жалбата како неоснована, бидејќи Секретаријатот за законодавство постапил согласно Законот за слободен пристап и на барателот му ја доставил бараната информација „Колку нови вработувања има во Секретаријатот во 2006 и 2007 година и која е нивната стручна подготовка“ во законски предвидениот рок, на адресата наведена во барањето, по пошта.

* * *
На седницата Комисијата оствари расправа по Решението по Жалбата изјавена од И.И., поднесена преку адвокатот М.К., против Фондот за здравствено осигурување на Македонија. Комисијата го прифати Решението со кое Жалбата СЕ УВАЖУВА и СЕ ЗАДОЛЖУВА првостепениот орган на барателот да му ја достави бараната информација „Правилник за систематизација на работните места“ во рок од 15 дена од денот на доставувањето на Решението.
По увидот во пропратните списи на Решението, Комисијата констатира дека Фондот за здравство во известувањето упатено до барателот на информацијата не постапил согласно член 21 став 1 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, бидејќи во еден дел Фондот го одбива барањето за пристап до оваа информација, а во вториот дел наведува дека барателот може да изврши увид во споменатиот акт.

* * *

Комисијата го разгледа и го прифати Решението по Жалбата изјавена од В. У. против Министерството за труд и социјална политика. Со ова Решение Жалбата ВО ЕДЕН ДЕЛ СЕ ПРИФАЌА и предметот СЕ ВРАЌА на повторно постапување, А ВО ЕДЕН ДЕЛ СЕ ОДБИВА. Имено, Комисијата ГО ПРИФАТИ делот на Жалбата кој се однесува на бараната информација „Кој е вкупниот износ на доделена, но неисплатена еднократна парична помош за месеците 10, 11 и 12. 2002 година, а делот на Жалбата што се однесува на барањето „Кој е вкупниот износ на парични средства во денари доделени и исплатени на граѓаните на име еднократна парична помош изразена посебно по споменатите месеци“ ГО ОДБИ бидејќи бараната информација на барателот му е дадена.

* * *

Комисијата го разгледа и го прифати Решението по Жалбата изјавена од П.Б. против Министерството за здравство, Државен, здравствен и санитарен инспекторат. Со ова Решение Комисијата ЈА УВАЖИ Жалбата и ГО ЗАДОЛЖИ имателот да ја даде бараната информација „Копија од анализите кои ги вршел Државниот, здравствен и санитарен инспекторат врз мостри на „Концентрираната течност која била употребена за „пена-забавите“ што летово често беа организирани на плажите на Охридското Езеро““, во рок од 15 дена од денот на доставувањето на Решението, во форма и на начин наведени во барањето.

* * *

По разгледувањето на целокупната документација Комисијата го прифати Решението по Жалбата изјавена од Е.Ѓ. од Крива Паланка преку адвокатот Ј.А. против политичката партија ДОМ. Со ова Решение Жалбата СЕ УВАЖУВА и СЕ ЗАДОЛЖУВА првостепениот орган на имателот да му ја даде бараната информација „Копија од Статутот на политичката партија“ во рок од 15 дена од денот на доставувањето на Решението, во форма и на начин наведени во барањето.

* * *

Комисијата на седницата го прифати Решението по Жалбата изјавена од А.П. поднесена преку адвокатот Ф.С.М. против Државниот завод за геодетски работи – Одделение за премер и катастар. Со ова Решение Комисијата ЈА УВАЖИ Жалбата и ГО ЗАДОЛЖИ имателот да ја даде бараната информација, бидејќи првостепениот орган на уредно поднесеното барање не одговорил во законски предвидените рокови.

* * *

По разгледувањето на Жалбата изјавена од И.А. поднесена преку адвокатот К.Р. против Демократската обнова на Македонија (ДОМ), Комисијата донесе Решение со кое Жалбата СЕ УВАЖУВА и СЕ ЗАДОЛЖУВА политичката партија на барателот да му ја достави бараната информација „Регистерот на донации за 2006 година“.  Комисијата со ова Решение го задолжува првостепениот орган во рок од 15 дена од денот на неговото донесување да постапи согласно образложението, бидејќи политичката партија по поднесеното барање постапила спротивно на одредбите од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.

* * *

Комисијата го разгледа и го прифати Решението по Жалбата изјавено од Г.К. поднесена преку адвокатот Ј.А. против Демократската партија на Србите во Македонија. Со ова Решение Комисијата ЈА УВАЖИ Жалбата и ГО ЗАДОЛЖИ првостепениот орган на барателот да му ја достави бараната информација, копија „од Статутот на Партијата“ во рок од 15 дена од денот на доставувањето на Решението.

* * *
На седницата Комисијата по разгледувањето на пропратните акти го прифати Решението по Жалбата изјавена од М. В. преку адвокатот М. Р. против Агенцијата за вработување на Република Македонија. Комисијата со ова Решение ЈА УВАЖИ Жалбата и предметот ГО ВРАТИ НА ПОВТОРНО ПОСТАПУВАЊЕ, бидејќи Агенцијата за вработување погрешно ги применила одредбите од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и на барањето на барателот не му одговорила во законски предвидениот рок.

* * *

Комисијата го разгледа и го прифати Решението по Жалбата изјавена од Н.А. поднесена преку адвокатот М.Р. против Министерството за надворешни работи. Со ова Решение Комисијата ЈА УВАЖИ Жалбата и предметот ГО ВРАТИ НА ПОВТОРНО ПОСТАПУВАЊЕ, бидејќи имателот на информацијата на барателот му одговорил негативно и за тоа изготвил записник и одговор на барањето и погрешно ги применил одредбите од член 20 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Со Решението Комисијата му укажува на првостепениот орган на барателот да му ја даде бараната информација „Колку средства се доделени на Здруженија на граѓани или фондации во периодот 1999-2006 година, во РМ и дијаспората од МНР, по години одделно / кои се тие здруженија и за какви активности, од која буџетска линија, ставка или подставка се доделени средствата?“