ДОНЕСЕНИ 1 РЕШЕНИЕ И 1 ЗАКЛУЧОК

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, на 51–та седница одржана на 12 јули 2013 година, донесе 1 решение и 1 заклучок.

**********

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата изјавена од Транспаренси Интернешнл – Македонија, поднесена преку М.З., генерален секретар, против Собранието на Република Македонија, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008 и 6/2010), а во врска со член 223 од Законот за општата управна постапка, на седницата одржана на 12 јули 2013 година, го донесе следното

Р Е Ш Е Н И Е

Жалбата изјавена од Транспаренси Интернешнл – Македонија, поднесена преку М.З., генерален секретар, против Собранието на Република Македонија, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер:
1. Дали условите зададени во Законот за спречување на корупцијата ги исполнува членот на Државната Комисија за Спречување на Корупцијата госпоѓа Љ.К.;
2. Кои докази се приложени како потврда за исполнетост на законските предвидени услови за госпоѓата Љ.К. да може да биде именувана за член на Државната Комисија за Спречување на Корупцијата;
3. Бараме копија од приложените докази за исполнетост на законските предвидени услови при именувањето на госпоѓа Љ.К. за член на Државната Комисија за Спречување на Корупцијата”,
СЕ УВАЖУВА и предметот се враќа на повторно постапување пред првостепениот орган.

О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, согласно член 28 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, ја разгледа Жалбата заведена во Комисијата под број 07-27 на  11.03.2013 година, изјавена од Транспаренси Интернешнл – Македонија, поднесена преку М.З., генерален секретар, против Одговорот на Собранието на Република Македонија бр.36-291/2 од 18.02.2013 година, ЈА УВАЖИ и предметот го врати на повторно постапување пред првостепениот орган.
По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот, Комисијата го констатира следното.
Транспаренси Интернешнл – Македонија од Скопје на 11.01.2013, поднел  Барање за пристап до информации од јавен карактер, заведено во Здружението под бр.0302/1166 до Собранието на Република Македонија со кое побарал Собранието на Република Македонија да му ја достави по пошта бараната информација:
 “1. Дали условите зададени во Законот за спречување на корупцијата ги исполнува членот на Државната Комисија за Спречување на Корупцијата госпоѓа Љ.К.;
2. Кои докази се приложени како потврда за исполнетост на законските предвидени услови за госпоѓата Љ.К. да може да биде именувана за член на Државната Комисија за Спречување на Корупцијата;
3. Бараме копија од приложените докази за исполнетост на законските предвидени услови при именувањето на госпоѓа Љ.К. за член на Државната Комисија за Спречување на Корупцијата.”
Собранието на Република Македонија, доставило Одговор до барателот заведен под бр.36-291/2 на 18.02.2013 година. Во Одговорот се наведува дека:  “Собранието на Република Македонија на седницата одржана на 6 април 2011 година, врз основа на член 48 став 1 и член 48-г став 2 од Законот за  спречување на корупција…, ја донесе Одлуката за именување на членови на Државната комисија за спречување на корупција. Одлуката беше донесена во постапка утврдена со Законот за  спречување на корупција, членови 48-а и 48-б на предлог на Комисијата за прашања за избор и именување.
Љ.К. при пријавувањето по Огласот за член на Државната комисија за спречување на корупција со пријавата достави “Диплома за завршено високо образование, Уверение за државјанство, Уверение за жителство, Потврда за работно искуство над осум години од директорот на ЈП за стопанисување со станбен и деловен простор на РМ, Подрачна единица Охрид и Изјава доставена до Комисијата за верификација на фактите.“
Незадоволна од добиениот одговор, Транспаренси Интернешнл – Македонија   поднесе Жалба до Комисијата, заведена под бр.07-27 од 11.03.2013 година.
Во Жалбата се наведува“…имателот на бараната информација во законски предвидениот рок не ја достави бараната информација во целост во однос на точките 1 и 2 од Барањето. Во одговорот не е прецизирано тоа на кое високо образование се однесува поднесената Диплома за високо образование, односно дека со поднесувањето на таа Диплома за високо образование госпоѓа Љ.К. докажала дека ги исполнува условите утврдени со Законот за  спречување на корупција. Во однос на точката 3 од Барањето, имателот на информацијата, спротивно на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер не достави никаква информација.“
Комисијата со допис бр.07-27 од 18.03.2013 година ја препрати Жалбата до Собранието на Република Македонија и побара во рок од 3 дена Собранието  да се произнесе по истата и да ги достави сите списи во врска со предметот.
Во врска со ова Барање на Комисијата, Собранието на Република Македонија достави Писмено известување бр.36-291/5 од 09.04.2013 година, заведен во Комисијата под бр.07-27 на 30.05.2013 година.
Во Одговорот е наведено дека “Собранието на Република Македонија постапувајќи согласно Закон во однос на точката 3 од барањето не достави фотокопии од документацијата на барателот, имајќи го во предвид членот 6 став 2 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, со оглед дека бараните информации содржат лични податоци. При тоа останува можност за увид во бараните информации од страна на барателот. Собранието на Република Македонија има одговорено на предметното барање што може да се види во текстот на Одговорот на барањето.“
По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот Комисијата го утврди следното.
Собранието на Република Македонија не постапило согласно одредбите од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Во Одговорот до Барателот Собранието не постапило во целост по однос на точките 1 и 2 од Барањето и не ја доставило до барателот Дип
ломата за високо образование за госпоѓа Љ.К. иако тоа претставува информација од јавен карактер.
Што се однесува до Одговорот на Собранието по однос на точка 3 од Барањето дека не доставило документација до барателот, имајќи го предвид членот 6 став 2 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, односно дека бараните информации содржат лични податоци, Комисијата укажува на следното.
Согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, нема апсолутен исклучок од слободниот пристап до информации. Тоа значи дека, доколку имателот на информацијата утврди дека бараната информација потпаѓа под некој исклучок наведен во член 6 од Законот, должен е да постапи согласно член 20 став 2 од наведениот Закон, односно да донесе Решение за одбивање на пристапот, со образложение за одбивање на пристапот и да го спроведе тестот на штетност. Тестот на штетност согласно член 2 алинеја 2 од Законот за изменување и дополнување на  Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Сл. Весник на РМ“ нр.6/2010) е задолжителна постапка која ја спроведува имателот на информацијата, пред да го одбие пристапот согласно со членот 6 од овој закон, а со кој ги проверува последиците врз интересот кој се заштитува, односно јавниот интерес што би се постигнал со објавувањето на информацијата.
 Доколку утврди дека, со објавувањето на информацијата последиците врз интересот кој се заштитува се помали од јавниот интерес утврден со закон што би се постигнал со објавувањето на информацијата, ќе одобри пристап до информацијата, во спротивно ќе донесе Решение за одбивање на барањето.
Во конкретниов случај Собранието на Република Македонија во Одговорот до Барателот не се повикува  на член 6 став 2 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер  туку тоа го наведува во Одговорот до Комисијата, без при тоа да донесе Решение за одбивање на пристапот до бараната информација. Доколку Собранието во одредени случаи утврди дека документот или негов дел содржи информации од членот 6 став 1 на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер што можат да се одвојат од документот без притоа да се загрози неговата безбедност, треба да ги одвои тие информации од документот и да го извести барателот за содржината на останатиот дел од документот, односно на барателот да му  овозможи делумен пристап до бараната информација.
Од наведените причини одлучено е како во диспозитивот на ова Решение.
Ова Решение е конечно во управната постапка и против него нема место за жалба.
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против ова Решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.

*******

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата изјавена од Младински образовен форум, поднесена преку полномошникот А.Ж., против Министерството за образование и наука, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008 и 6/2010), а во врска со член 223 од Законот за општата управна постапка, на седницата одржана на 12 јули 2013 година, го донесе следниот:

З  А  К  Л  У  Ч  О  К

СЕ ЗАПИРА постапката по Жалбата изјавена од Младински образовен форум, поднесена преку полномошникот А.Ж., против Министерството за образование и наука, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер:
„Дали може да ни ја доставите „Анализата за состојбите во образованието на припадниците на заедниците„ изготвена согласно Националната стратегија за еднаквост и недискриминација по основ на етничка припадност, возраст, ментална и телесна пропреченост и пол“,поради тоа што барателот ги добил бараните информации.  
 
О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, согласно член 28 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008 и 6/2010), ја разгледа Жалбата заведена во Комисијата под бр.07-245 на 24.04.2013 година, изјавена од Младински образовен форум, поднесена преку пономошникот А.Ж., против Министерството за образование и наука, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер и другите списи во врска со предметот и го утврди следното.
Како што се наведува во Жалбата, Младински образовен форум, на 06.03.2013 година поднел Барање за пристап до информации од јавен карактер до Министерството за образование и наука и побарал по е-маил да му достават препис од информацијата:
„Дали може да ни ја доставите „Анализата за состојбите во образованието на припадниците на заедниците“ изготвена согласно Националната стратегија за еднаквост и недискриминација по основ на етичка припадност, возраст, ментална и телесна пропреченост и пол.”  
Министерството за образование и наука, како што се наведува во Жалбата, на ова Барање не одговорило во законски предвидениот рок, по што се смета дека Барањето е одбиено и е поднесена Жалба до Комисијата.
Комисијата, со допис бр.07-245 од 07.05.2013 година, ја препрати Жалбата до Министерството за образование и наука и побара во рок од три дена да се произнесе по истата и до Комисијата да ги достави сите списи во врска со предметот.
Министерството за образование и наука достави до Комисијата Одговор на Жалба бр.19-8670/2 од 28.06.2013 година,  а во Комисијата заведен под бр. 07-245 на 08.07.2013 година. Во прилог на Оговорот достави Прирачник за Спречување и заштита од дискриминација во воспитно-образовниот систем во Република Македонија и Состојби во основното образование на децата на припадниците на заедниците во Република Македонија.   
Младински образовен форум на 11.07.2013 година по меил ја извести Комисијата дека го добиле одговорот од Министерството за образование и наука откако е поднесена жалба до Комисијата и дека се задоволни од одговорот.
Поради наведеното, Комисијата одлучи како во диспозитивот на овој Заклучок.
Овој Заклучок е конечно во управната постапка и против него нема место за жалба.
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против овој Заклучок може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.