ДОНЕСЕНИ 3 РЕШЕНИЈА И 1 ЗАКЛУЧОК

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, на 138-та седница одржана на 13 јули 2016 година, донесе 3 решенија и 1 заклучок.

* * * * *

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, постапувајќи по Жалбата изјавена од Здружението на граѓани Центар за граѓански комуникации ЦГК-Скопје, поднесена преку полномошникот С.Ф., вработена во ЦГК, против Општина Битола, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008, 6/2010, 42/2014, 148/2015 и 55/2016), на седницата одржана на 13 јули 2016 година, го донесе следното

Р Е Ш Е Н И Е

Жалбата изјавена од Здружението на граѓани Центар за граѓански комуникации ЦГК-Скопје, поднесена преку полномошникот С.Ф., вработена во ЦГК, против Општина Битола, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер:
„Ве молиме да ни доставите информација за цената која ја плативте за набавка на 1 тон индустриска сол (со или без ДДВ) и во кои колични врз основа на договорот склучен во постапката за јавна набавка бр.24-114/2015“, СЕ УВАЖУВА и СЕ ЗАДОЛЖУВА Општина Битола на барателот да му ја достави бараната информација во рок од 15 дена од денот на доставувањето на Решението, на начин и во форма наведени во Барањето.

О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, согласно член 28 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008, 6/2010, 42/2014, 148/2015 и 55/2016), ја разгледа Жалбата заведена во Комисијата под бр.08-181 на 30.06.2016 година, изјавена од Здружението на граѓани Центар за граѓански комуникации ЦГК-Скопје, поднесена преку полномошникот С.Ф., вработена во ЦГК, против Општина Битола, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, ЈА УВАЖИ и ја ЗАДОЛЖИ Општина Битола на барателот да му ја достави бараната информација во рок од 15 дена од денот на доставувањето на Решението, на начин и во форма наведени во Барањето.
По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот, Комисијата го утврди следното:
Како што се наведува во Жалбата, Здружението на граѓани Центар за граѓански комуникации ЦГК-Скопје, преку полномошникот С.Ф., вработена во ЦГК, на 30.05.2016 година поднело Барање за пристап до информации од јавен карактер бр.0302-1918/1 до Општина Битола примено во Општината ба 31.05.2016 година заведено под бр.41-96/1, со кое побарало по пошта или е-маил да му се достави фотокопија од следната информација:
“Ве молиме да ни доставите информација за цената која ја плативте за набавка на 1 тон индустриска сол (со или без ДДВ) и во кои колични врз основа на договорот склучен во постапката за јавна набавка бр.24-114/2015“.
На 21.06.2016 година, Општина Битола до барателот доставила Известување бр.41-96/4 од 16.06.2016 година, заведено во Здружението под бр.0302-1918/2. Во прилог на Известувањето, Општината достави допис од Секторот за финансиски прашања-Одделение за јавни набавки во кое е наведено дека бараните информации се достапни на веб страната на ЕСЈН при Бирото за јавни набавки.
Незадоволно од наведениот Одговор, Здружението на граѓани Центар за граѓански комуникации ЦГК-Скопје, преку полномошникот С.Ф., вработена во ЦГК, поднесе жалба до Комисијата заведена под бр.08-181.
Комисијата, со допис бр.08-181 од 30.06.2016 година, ја препрати Жалбата до Општина Битола и побара во рок од 3 дена да се произнесе по истата и до Комисијата да ги достави сите списи во врска со предметот.
На 11.07.2016 година Општина Битола достави до Комисијата Одговор на жалба бр.41-96/8 од 08.07.2016 година, заведен во Комисијата под бр.08-181.
Во прилог на наведениот Одговор, Општината го достави Известувањето насловено до Центарот за граѓански комуникавии ЦГК-Скопје бр.41-96/4 од 16.06.2016 година, во кој наведува дека го доставува одговорот на Раководителот на одделение за јавни набавки во Општина Битола. Во Одговорот се наведува дека: „..со доставувањето на известувањето од страна на ДО дека бараните податоци се јавно достапни на веб страната на ЕСЈН при бирото за јавни набавки: сега жалителот можел со препарување на оваа веб страна да ја добие бараната информација за вредноста на склучениот договор, која е јавно достапна за целата јавност…“
Во врска со наведеното, Комисијата укажува на следното:
Согласно член 12 точка 2 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер “Секој барател врз основа на барање има право на пристап до информација од имателот на информации со кои располага, и тоа со увид, препис, фотокопија или електронски запис“.
Согласно член 21 точка 3 од истиот Закон, „имателот на информацијата ја дава во бараната форма, освен ако бараната информација веќе постои во однапред пропишана форма и е достапна за јавноста и ако е поповолно за барателот информацијата да се достави во поинаква форма од бараната, за што имателот на информацијата ја образложува причината за ваквиот начин на доставување“.
Имателот бил должен да постапи по Барањето и да ја достави бараната информација до барателот на начин и форма наведени во Барањето.
По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот, Комисијата утврди дека Општина Битола не постапила согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, не одговорила на Барањето на барателот во законски предвидениот рок и форма.
Од наведените причини одлучено е како во диспозитивот на ова Решение.
Ова Решение е конечно во управната постапка и против него нема место за жалба.
Согласно член 39 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер „Глоба во износ од 1000 до 2000 евра во денарска противвредност за прекршок ќе му се изрече на функционерот или раководното лице кај имателот на информацијата доколку не постапи во согласност со членовите 2 с
тав (2) и 6 став (3) на овој закон.
Согласно член 44 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер „Глоба во износ од 300 до 500 евра во денарска противвредност за прекршок ќе му се изрече на службеното лице за посредување со информации кај имателот на информацијата доколку во предвидениот рок неосновано не ја посредува информацијата согласно со членот 21 од овој закон“.
Поради погоре наведеното, Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер одлучи како во диспозитивот на ова Решение.
Ова Решение е конечно во управната постапка и против него нема место за жалба.

УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против ова Решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.

**********

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата изјавена од Здружението Транспаренси Интернешнел – Македонија, застапуванo од д-р С.Т., претседател на Здружението, поднесена против Вишото јавно обвинителство-Битола, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер („Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008, 6/2010, 42/2014, 148/2015 и 55/2016 година), а во врска со член 239 од Законот за општата управна постапка, на седницата одржана на 13 јули 2016 година, го донесе следното

Р Е Ш Е Н И Е

Жалбата изјавена од Здружението Транспаренси Интернешнел – Македонија, застапуван од д-р С.Т., претседател на Здружението, поднесена против Вишото јавно обвинителство-Битола, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, СЕ ОТФРЛА.

О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, согласно член 28 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер („Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008, 6/2010, 42/2014, 148/2015 и 55/2016 година), ја разгледа Жалбата заведена во Комисијата под бр.08-184 на 06.07.2016 година, изјавена од Здружението Транспаренси Интернешнел – Македонија, застапуванo од д-р С.Т., претседател на Здружението, поднесена против Вишото јавно обвинителство-Битола, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер И ЈА ОТФРЛИ како недопуштена.
Комисијата по разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот го констатира следното:
Како што се наведува во Жалбата, Здружението Транспаренси Интернешнел – Македонија, застапуван од д-р С.Т., претседател на Здружението, на 27.05.2016 година поднело Барање за пристап до информации од јавен карактер бр.0302-840-4 до Вишото јавно обвинителство-Битола, со кое побарало по е-маил да му се достави електронски запис од следната информација:
„Имајќи предвид дека согласно чл.275 од Законот за кривичната постапка (Сл.Весник бр.150/2010) доколку јавниот обвинител во рок од три месеци по приемот на кривичната пријава не одлучи по пријавата, должен е веднаш писмено да ги извести подносителот на кривичната пријава и повисокиот јавен обвинител, колку вкупно такви известувања има добиено Вишото јавно обвинителство Битола од секое основно јавно обвинителство поединечно, за 2014, 2015 и 2016 година (за секоја година поединечно)?“
Вишото јавно обвинителство – Битола, како што е наведено во Жалбата, на ова Барање не одговорило во законски предвидениот рок, по што се смета дека Барањето е одбиено и е поднесена Жалба до Комисијата.
Комисијата со допис бр.08-184 од 07.07.2016 година, ја препрати Жалбата до Вишото јавно обвинителство – Битола и побара во рок од три дена да се произнесе по истата и до Комисијата да ги достави сите списи во врска со предметот.
Вишото јавно обвинителство – Битола на 11.07.2016 година до Комисијата достави Известување А.бр.109/16 од 11.07.2016 година, заведено во Комисијата под бр.08-184. Во Известувањето е наведено дека: „..од увидот во уписниците коие се водат во ВЈО, такво барање не е добиено со посочениот датум и број, а ниту по електронска пошта, како што е наведено во жалбата.“
По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот, Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер утврди дека Здружението Транспаренси Интернешнел – Македонија поднело Жалба до Комисијата во која наведува дека истата ја поднесува поради непостапување во законски предвидениот рок по Барање за слободен пристап до информации од јавен карактер доставено до Вишото јавно обвинителство-Битола.
Од списите по предметот, Комисијата утврди дека барателот нема поднесено барање за пристап до информации од јавен карактер до Вишото јавно обвинителство-Битола.
Согласно член 27 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, право на правна заштита во согласност со овој закон има барателот кој поднел Барање за пристап до информација на начин утврден во членот 12 став 1 од овој закон.
Во конкретниот случај, барателот нема поднесено Барање за пристап до информации од јавен карактер согласно член 16 од Законот за слободен пристап до информации до јавен карактер.
Поради наведеното, а согласно член 239 од Законот за општа управна постапка, Комисијата го донесе ова Решение.
Ова Решение е конечно во управната постапка и против него нема место за жалба.

УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против ова Решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.

**********

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата изјавена од Д.Ј. од Скопје, поднесена против Дирекцијата за заштита на личлните податоци, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер („Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008, 6/2010, 42/2014, 148/2015 и 55/2016 година), а во врска со член 239 од Законот за општата управна постапка, на седницата одржана на 13 јули 2016 година, го донесе следното

Р Е Ш Е Н И Е

Жалбата изјавена од Д.Ј. од Скопје, поднесена против Дирекцијата за заштита на личните податоци, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, СЕ ОТФРЛА.

О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, согласно член 28 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер („Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008, 6/2010, 42/2014, 148/2015 и 55/2016 година), ја разгледа Жалбата заведена во Комисијата под бр.08-173 на 22.06.2016 година, изјавена од Д.Ј. од Скопје, поднесена против Дирекцијата за заштита на личните податоци, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер И ЈА ОТФРЛИ како ненавремена.
Комисијата по разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот, го констатира следното:
Како што се наведува во Жалбата, Д.Ј. од Скопје, на 06.03.2016 година преку електронска пошта поднел Барање за пристап до информации од јавен карактер до Дирекцијата за заштита на личните податоци, со кое побарал по пошта фотокопија од следната информација:
1. Пресудата (анонимизирана) на управниот суд, под бројУ-5 бр.721/2015 од 19.11.2015 година со која се поништува решението на Дирекцијата за заштита на личните податоци, заведена под број УП 1 бр.10-41 од 21.04.2015 година, а во врска со предавањето на личните податоци од страна на Снабдување Скопје Исток ДООЕЛ на Балкан Енерџи ДООЕЛ, а во однос дека истата пресуда ја немате сеуште ставено на веб страницата на Дирекцијата за заштита на личните податоци, http://www.dzlp.mk/upraven_sud, како дел од практиката на Дирекцијата за заштита на личните податоци, односно под „Решенија и пресуди на Управен суд на Република Македонија“:
2. Поништеното решение (анонимизирано), кое е заведено во архивата на Дирекцијата за заштита на личните податоци под број УП 1 бр.10-41 од 21.04.2015 година, како и новото решение (анонимизирано) кое е донесено од страна на Дирекцијата за заштита на личните податоци, а врз основа на горенаведената пресуда (Ѕ-5 бр.721/2015 од 19.11.2015 година), донесена од страна на Управниот суд.

Дирекцијата за заштита на личните податоци, на 10.03.2016 година до барателот доставила Известување бр. 13-596/2, во кое се наведува дека: „…Во врска со Вашето барање за слободен пристап до информации од јавен карактер заведен под број 13-596/1 од 07.03.2016 година кое се однесува на доставување на Пресуда (анонимизирана) на Управниот суд У-5 Бр. 721/2015 од 19.11.2015 година Ве известуваме дека согласно член 18 од законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, а во корелација со член 10 став 2 од Законот за управување со движењето на предметите во судовите…..и Упатството за начинот на објавување и пребарување на судските одлуки на веб страницата на судот … е препратено до Управниот суд на Република Македонија на надлежност и постапување. Во врска со точка 2 од Вашето Барање Ве известуваме дека во тек е жалбена постапка пред Вишиот управен суд на Република Македонија и предметот со сите списи, вклучително и Решението Уп1 бр.10-41 од 21.04.2015 година на Дирекцијата за заштита на личните податоци беше претходно доставен до Управниот суд на Република Македонија.“
Незадоволен од наведеното Известување, Д.Ј. од Скопје на 22.06.2016 година поднесе Жалба до Комисијата заведена под бр 08-173.
Комисијата, со допис бр.08-173 од 27.06.2016 година, ја препрати Жалбата до Дирекцијата за заштита на личните податоци и побара во рок од 3 дена да се произнесе по истата и да ги достави сите списи во врска со предметот.
Дирекцијата за заштита на личните податоци на 30.06.2016 година до Комисијата достави Одговор на жалба бр.13-596/6 од 29.06.2016 година, заведен во Комисијата под бр.08-173. Во одговорот е наведено дека „…Видно од Доставницата за прием на Известувањето бр. 13-596/2 од 10.03.2016 година предмет на Жалбата, Известувањето е уредно доставено и примено од страна на сега Жалителот на ден 17.03.2016 година, а видно од приемниот штембил на Комисијата и деловодниот број под кој е заведен предметот во Комисијата, Жалбата е поднесена до Комисијата на ден 22.06.2016 година и заведена под бр.08-173 од 22.06.2016 година, односно по истекот на законскиот рок од 15 дена “. Во прилог се доставени сите списи во врска со предметот.
По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот, Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер утврди дека Д.Ј. од Скопје поднел Жалба до Комисијата во која наведува дека Дирекцијата за заштита на личните податоци не постапила согласно член 18 став 1 од Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер во делот од неговото барање (под точката 2) истата ја поднесува поради недобиена информација по Барање за слободен пристап до информации од јавен карактер доставено до Дирекцијата за заштита на личните податоци. Од списите по предметот, како и од доставената Жалба, Комисијата утврди дека Известувањето е уредно доставено и примено од страна на Д.Ј. на 17.03.2016 година, а барателот Жалбата до Комисијата ја поднел на 22.06.2016 година што значи по истекот на законски предвидениот рок од 15 дена.
Поради наведеното, а согласно член 239 од Законот за општата управна постапка, Комисијата го донесе ова Решение.
Ова Решение е конечно во управната постапка и против него нема место за жалба.

УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против ова Решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.

**********

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, постапувајќи по Жалбата изјавена од Здружението на граѓани Центар за граѓански комуникации ЦГК-Скопје, поднесена преку полномошникот С.Ф., вработена во ЦГК, против ЈП за комунално-производни и услужни работи „Исар Штип“, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер („Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008, 6/2010, 42/2014, 148/2015 и 55/2016), а во врска со член 247 од Законот за општата управна постапка, на седницата одржана на 13 јули 2016 година, го донесе следниот

З А К Л У Ч О К

СЕ ЗАПИРА постапката по Жалбата изјавена од Здружението на граѓани Центар за граѓански комуникации ЦГК-Скопје, поднесена преку полномошникот С.Ф., вработена во ЦГК, против ЈП за комунално-производни и услужни работи „Исар Штип“, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер:
„Ве молиме да ни го доставите Годишниот план за јавни набавки за 2016 година. Оваа информација ни е потребна за изработка на анализа за потребите на проектот на УСАИД за олеснување на пристапот на микропретпријатијата до јавните набавки.“, поради тоа што барателот ја повлекува Жалбата.

О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, согласно член 28 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер („Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008, 6/2010, 42/2014, 148/2015 и 55/2016),“ ја разгледа Жалбата заведена во Комисијата под број 08-153 на 31.05.2016 година, изјавена од Здружението на граѓани Центар за граѓански комуникации ЦГК-Скопје, поднесена преку полномошникот С.Ф., вработена во ЦГК, против ЈП за комунално-производни и услужни работи „Исар Штип“, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер и другите списи во врска со предметот и го утврди следното:
Како што се наведува во Жалбата, Здружението на граѓани Центар за граѓански комуникации ЦГК-Скопје, на 15.02.2016 година поднело Барање за пристап до информации од јавен карактер бр.0302-1296/1 до ЈП Исар Штип, со кое побарало по пошта или е-маил да му достават фотокопија од следната информација:
„Ве молиме да ни го доставите Годишниот план за јавни набавки за 2016 година. Оваа информација ни е потребна за изработка на анализа за потребите на проектот на УСАИД за олеснување на пристапот на микропретпријатијата до јавните набавки.“
ЈП за комунално-производни и услужни работи „Исар Штип“, како што е наведено во Жалбата, не ја доставило бараната информација до барателот во законски предвидениот рок, ниту пак донела и доставила Решение до барателот со кое делумно или целосно го одбива Барањето, поради што Здружението на граѓани Центар за граѓански комуникации ЦГК-Скопје поднесе Жалба до Комисијата.
Комисијата со допис бр.08-153 од 14.06.2016 година, ја препрати Жалбата до ЈП за комунално-производни и услужни работи „Исар Штип“и побара во рок од 3 дена да се произнесе по истата и да ги достави сите списи во врска со предметот.
На 29.06.2016 година, ЈП за комунално-производни и услужни работи „Исар Штип“до Комисијата достави Произнесување по жалба бр.03-399/3 од 23.06.2016 година. Во прилог на Одговорот ја достави бараната информација и други списи во врска со предметот.
На 12.07.2016 година, Центарот за граѓански комуникации ЦГК-Скопје преку е-маил ја извести Комисијата дека ја добил бараната информација од ЈП за комунално-производни и услужни работи „Исар Штип“и поради тоа ја повлекува Жалбата.
Врз основа на наведеното, Комисијата утврди дека ЈП за комунално-производни и услужни работи „Исар Штип“ постапила по Барањето, но со задоцнување. Комисијата констатира дека во конкретниот случај битно е дека имателот постапил по Барањето, а барателот добил одговор на Барањето.
Согласно член 44 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер „Глоба во износ од 300 до 500 евра во денарска противвредност за прекршок ќе му се изрече на службеното лице за посредување со информации кај имателот на информацијата доколку во предвидениот рок неосновано не ја посредува информацијата согласно со членот 21 од овој закон.“
Поради горенаведеното, Комисијата одлучи како во диспозитивот на овој Заклучок.
Овој Заклучок е конечен во управната постапка и против него нема место за жалба.

УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против овој Заклучок може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.