ДОНЕСЕНИ 5 РЕШЕНИЈА И 1 ЗАКЛУЧОК
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, на 110-та седница одржана на 03 јуни 2015 година, донесе 5 решенија и 1 заклучок.
* * * * *
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, постапувајќи по Жалбата изјавена од Н.Н. од Скопје, поднесена против Т Мобиле Македонија АД Скопје, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008, 6/2010 и 42/2014), на седницата одржана на 3 јуни 2015 година, го донесе следното
Р Е Ш Е Н И Е
Жалбата изјавена од Н.Н. од Скопје, поднесена против Т Мобиле Македонија АД Скопје, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер:
„Кои дејства ги презеде Т Мобиле Македонија АД Скопје со цел спроведување на одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У. Број 139/2010-0-1 од 15.12.2010 г.? “ СЕ ОДБИВА.
О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, согласно член 28 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008, 6/2010 и 42/2014) ја разгледа Жалбата заведена во Комисијата под број 08-360 на 08.04.2015 година, изјавена од Н.Н. од Скопје, поднесена против Т Мобиле Македонија АД Скопје, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер и другите списи во врска со предметот, и ја ОДБИ како неоснована.
По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот, Комисијата го констатира следното:
Како што се наведува во Жалбата, Н.Н. од Скопје на 09.03.2015 година поднел Барање за пристап до информации од јавен карактер до Т Мобиле Македонија АД Скопје, со кое побарал да му биде доставена следната информација:
„Кои дејства ги презеде Т Мобиле Македонија АД Скопје со цел спроведување на одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У. Број 139/2010-0-1 од 15.12.2010 г.?“.
Постапувајќи по Барањето за слободен пристап до информации од Н.Н. од Скопје, Т Мобиле Македонија АД Скопје, во законски предвидениот рок до барателот на информации доставил Одговор на барање бр. 03-27225/1 од 25.03.2015 година. Во Одговорот е наведено дека „…Информациите кои ги барате, согласно член 6 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер претставуваат исклучок од слободен пристап на информацци.
Истовремено Ве известуваме дека Т-мобиле Македонија АД Скопје во своето работење ги почитува и постапува согласно позитивните законски прописи“.
Незадоволен од добиениот одговор, Н.Н. од Скопје поднесе Жалба до Комисијата.
Во Жалбата е наведено:“…основот врз основа на кој имателот се повикува на одредби за исклучок од слободниот пристап е погрешен што го прави Одговорот неоснован во целост…“
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, со допис бр.08-360 од 16.04.2015 година, ја препрати Жалбата до Т Мобиле Македонија АД Скопје и побара во рок од 3 дена да се произнесе по истата и да ги достави до Комисијата сите списи во врска со предметот.
Т Мобиле Македонија АД Скопје до Комисијата достави Одговор на жалба бр. 03-36927/2 од 30.04.2015 година, заведен во Комисијата под бр.08-360 на 04.05.2015 година. Во Одговорот на жалба е наведено дека:“ Во својот Одговор до барателот на информацијата, Т-Мобиле Македонија АД Скопје наведе дека Информациите кои се бараат, согласно член 6 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, претставуваат исклучок од слободниот пристап на информации и дека Т-Мобиле АД Скопје во своето работење ги почитува и постапува согласно позитивните законски прописи….. согласно член 115-б од Законот за електронски комуникации….: кој бил на сила во времето кога е донесена предметната Одлука на Уставниот суд на РМ и со која се поништени одредени членови од Законот за електронски комуникации поврзани со законското следење на комуникациите, “Операторите на јавните комуникациски мрежи и давателите на јавни комуникациски услуги се должни податоците за опремата, интерфејсот и сите други податоци кои се однесуваат за спроведувањето на мерките следење на комуникации да ги чуваат како класифицирани информации и да им обезбедат заштита согласно со закон…“
По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот, Комисијата утврди дека Т Мобиле Македонија АД Скопје постапило по Барањето и согласно одредбите на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер до барателот во законски предвидениот рок доставило Одговор.
Во Одговорот имателот одговорил согласно своите надлежности утврдени во Законот за електронски комуникации но не ја спровел постапката до крај по Барњаето согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, како „lex specialis” во областа на слободниот пристап до информации од јавен карактер.
Имено, доколку Барањето било непотполно или нејасно со оглед да истото е поставено во вид на прашање, имателот бил должен, согласно член 17 став 1 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, да побара од барателот на информацијата да го дополни Барањето, со укажување на последиците ако тоа не го направи. Барателот е должен да го дополни Барањето во рок од три дена од денот на приемот на известувањето за потребата од дополнување на Барањето.
Според став 2 од истиот член, службеното лице определено за посредување со информации е должно на барателот да му даде соодветна помош при дополнување на барањето.
Ако барателот не постапи согласно ставовите 1 и 2 на овој член, имателот на информацијата со заклучок ќе констатира дека барањето е повлечено(став 3 од истиот член.)
Ако Барањето и по дополнувањето не ги исполнува условите од член 16 на овој закон и поради тоа имателот на информацијата не може да го разгледува барањето, имателот на информации ќе донесе решение со кое ќе го отфрли барањето.
Доколку имателот на информации не располага со бараната информација, должен е, согласно член 26 став 2 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер((Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008, 6/2010 и 42/2014), да донесе Заклучок за прекинување на постапката.
Против наведениот Заклучок, барателот има право да поднесе Жалба до Комисијата.
Доколку имателот смета дека се работи за исклучок од член 6 став 1, алинеја од 1од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008, 6/2010 и 42/2014) , должен е да донесе Решение за одбивање на пристапот до бараната информација, со образложение во кое ќе ги наведе причините за одбивањето. Пред да го одбие пристапот должен е да го направи тестот на штетност, што согласно член 2 алинеја 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на Република Македонија“ бр. 6/2010)“ е задолжителна постапка која ја спроведува имателот, со која ги проверува последиците врз интересот кој се заштитува, односно јавниот интерес што би се постигнал со објавувањето на информацијата“. Спроведениот тест на штетност се наведува во образложението на Решението за одбивање на пристапот до бараната информација.
Доколку, пак, Т Мобиле Македонија АД Скопје утврди дека документот, или негов дел, содржи информации од членот 6 став 1 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер што можат да се одвојат од документот, без притоа да се загрози неговата безбедност, треба да ги одвои тие информации од документот и да го извести барателот за содржината на останатиот дел од документот, односно на барателот да му овозможи делумен пристап до бараната информација.
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, на барателот му укажува за следното.
Согласно член 3 алинеја 2 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008, 6/2010 и 42/2014), “информација од јавен карактер е информација во која било форма што ја создал или со која располага имателот на информацијата согласно со неговите надлежности“.
Во конкретниот случај, барателот бара одговор на прашање, а не информација од јавен карактер, па соодветно на Барањето, имателот одговорил согласно со своите надлежности во законски предвидениот рок и во дел од одговорот навел дека;..Ве известуваме дека “Т-Мобиле АД Скопје во своето работење ги почитува и постапува согласно позитивните законски прописи… “,. Од наведеното произлегува дека имателот на информации (операторот) му одговорил на барателот по Барањето.
Согласно член 24 став 4 од истиот Закон, “ако барателот смета дека информацијата со која се запознал, не е информација што ја навел во барањето, може да бара од имателот на информации да му овозможи запознавање со информацијата што ја навел во барањето најдоцна во рок од 10 дена по приемот на повторното барање кај имателот на информацијата“.
Ако имателот на информацијата не одговори на повторното барање на барателот на информацијата, по истекот на рокот утврден во ставот 4 на овој член, барателот на информацијата може да поднесе жалба до Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Во конкретниот случај, имателот постапил по Барањето во законски предвидениот рок и доставил одговор до барателот. Барателот доколку сметал дека информацијата која му е доставена не е информација која ја навел во барањето можел да поднесе повторно барање и во него да наведе дека бара да му се овозможи запознавање со информацијата што ја навел во барањето (член 24 став 4 од Законот).
Иако, Комисијата утврди дека во првостепената постапка има недостатоци, тие се такви што не можат да имаат влијание врз решавањето на работата, односно не можат тие недостатоци да бидат причина и основ за поинакво одлучување.
.Од наведените причини одлучено е како во диспозитивот на ова Решение.
Ова Решение е конечно во управната постапка и против него нема место за жалба.
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против ова Решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.
* * * * *
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, постапувајќи по Жалбата изјавена од Н.Н. од Скопје, поднесена против ОНЕ – Телекомуникациски услуги ДООЕЛ Скопје, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008, 6/2010 и 42/2014), на седницата одржана на 3 јуни 2015 година, го донесе следното
Р Е Ш Е Н И Е
Жалбата изјавена од Н.Н. од Скопје, поднесена против ОНЕ – Телекомуникациски услуги ДООЕЛ Скопје, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер:
„Кои дејства ги презеде ОНЕ-Телекомуникациски услуги ДООЕЛ Скопје со цел спроведување на одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У. Број 139/2010-0-1 од 15.12.2010 г.?“ СЕ ОДБИВА.
О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, согласно член 28 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008, 6/2010 и 42/2014) ја разгледа Жалбата заведена во Комисијата под број 08-359 на 08.04.2015 година, изјавена од Н.Н. од Скопје, поднесена против ОНЕ- Телекомуникациски услуги ДООЕЛ Скопје, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер и другите списи во вска со предметот, и ја ОДБИ како неоснована.
По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот, Комисијата го констатира следното:
Како што се наведува во Жалбата, Н.Н. од Скопје на 10.03.2015 година поднел Барање за пристап до информации од јавен карактер бр.0306-1637/01 до ОНЕ – Телекомуникациски услуги ДООЕЛ Скопје, со кое побарал да му биде доставена следната информација:
„ Кои дејства ги презеде ОНЕ-Телекомуникациски услуги ДООЕЛ Скопје со цел спроведување на одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У. Број 139/2010-0-1 од 15.12.2010 г.?“.
Постапувајќи по Барањето за слободен пристап до информации јавен карактер поднесено од Н.Н. од Скопје, ОНЕ- Телекомуникациски услуги ДООЕЛ Скопје, во законски предвидениот рок до барателот на информации доставил Одговор на барање бр. 0306-1637/02 од 25.03.2015 година. Во Одговорот е наведено дека ОНЕ-Телекомуникациски услуги ДООЕЛ Скопје го одбива Барањето од Н.Н. од Скопје од причини што “…согласно член 6 став 1 алинеја 1 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер…бараната информација претставува класифицирана информација со соодветен степен на тајност“…Имено, согласно член 115-б од Законот за електронски комуникации….: Операторите на јавните комуникациски мрежи и давателите на јавни комуникациски услуги се должни податоците за опремата, интерфејсот и сите други податоци кои се однесуваат за спроведувањето на мерките следење на комуникации да ги чуваат како класифицирани информации и да им обезбедат заштита согласно со закон. ОНЕ Телекомуникациски услуги ДООЕЛ Скопје секогаш постапува согласно важечките законски прописи на Република Македонија, вклучувајќи ги и Одлуките на Уставниот суд на Република Македонија.“
Незадоволен од добиениот одговор, Н.Н. од Скопје поднесе Жалба до Комисијата.
Во Жалбата е наведено: “Повикувањето на член 115-б од Законот за електронски комуникации во напреднаведениот одговор од страна на Имателот е сосема погрешно бидејќи прашањето не се однесува на мерката следење комуникации, туку на Одлуката на Уставниот суд. Оттаму, основот врз кој имателот се повикува на класифицирана информација е погрешно утврден, а Одговорот неоснован во целост.“
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, со допис бр.08-359 од 17.04.2015 година, ја препрати Жалбата до ОНЕ – Телекомуникациски услуги ДООЕЛ Скопје и побара во рок од 3 дена да се произнесе по истата и да ги достави до Комисијата сите списи во врска со предметот.
ОНЕ- Телекомуникациски услуги ДООЕЛ Скопје до Комисијата достави Одговор на жалба бр. 0306-2953/02 од 29.04.2015 година, заведен во Комисијата под бр.08-359 на 04.05.2015 година. Во Одговорот на жалба е наведено: ….“На Барање за пристап до информации од јавен карактер ОНЕ во законски предвидениот рок од 30 дена одговори со свој допис…..Поништените одредби од ЗЕК не се сите одредби кои се однесуваат на следење на комуникациите во ЗЕК….Тоа значи дека покрај поништувањето на едни одредби од ЗЕК со Одлуката на Уставниот суд на РМ, на сила останале други одредби од ЗЕК кои се однесуваат на следењето на комуникациите…Ако се земе предвид дека Одлуката на Уставниот суд се однесува на поништување на дел од одредбите на ЗЕК што го регулираат следењето на комуникации, а прашањето на Барателот се однесува на спроведување на таа Одлука, односно следењето на комуникации, тогаш не држи вода констатацијата дека одговорот е погрешен…видно од Одлуката на Уставниот суд на РМ, со неа се поништуваат одредби, но при тоа не се задолжува некое лице или државен орган нешто конкретно да стори.Согласно тоа, почитувањето на Одлуката е во контекст на нечинење (неприменување) на одредби на ЗЕК кои се поништени, а не во контекст на некое чинење…Затоа на крајот од Одговорот на ОНЕ е наведено дека:“ ОНЕ Телекомуникациски услуги ДООЕЛ Скопје секогаш постапува согласно важечките законски прописи на Република Македонија, вклучувајќи ги и Одлуките на Уставниот суд на Република Македонија.“
По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот, Комисијата утврди дека ОНЕ-Телекомуникациски услуги ДООЕЛ Скопје постапило по Барањето и согласно одредбите на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер до барателот во законски предвидениот рок доставило Одговор.
Во Одговорот имателот одговорил согласно своите надлежности утврдени во Законот за електронски комуникации но не ја спровел постапката до крај по Барањето согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, како „lex specialis” во областа на слободниот пристап до информации од јавен карактер. Во врска со наведеното, Комисијата на имателот на информации му укажува на следното.
Доколку Барањето било непотполно или нејасно со оглед да истото е поставено во вид на прашање, имателот бил должен, согласно член 17 став 1 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, да побара од барателот на информацијата да го дополни Барањето, со укажување на последиците ако тоа не го направи. Барателот е должен да го дополни Барањето во рок од три дена од денот на приемот на известувањето за потребата од дополнување на барањето.
Според став 2 од истиот член, службеното лице определено за посредување со информации е должно на барателот да му даде соодветна помош при дополнување на барањето.
Ако барателот не постапи согласно ставовите 1 и 2 на овој член, имателот на информацијата со Заклучок ќе констатира дека барањето е повлечено (став 3 од истиот член.)
Ако Барањето и по дополнувањето не ги исполнува условите од член 16 на овој закон и поради тоа имателот на информацијата не може да го разгледува барањето, имателот на информации ќе донесе решение со кое ќе го отфрли барањето“
Доколку имателот на информации не располага со бараната информација, должен е, согласно член 26 став 2 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008, 6/2010 и 42/2014), да донесе Заклучок за прекинување на постапката.
Против наведениот Заклучок, барателот има право да поднесе Жалба до Комисијата.
Доколку имателот смета дека се работи за исклучок од член 6 став 1, алинеја 1од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008, 6/2010 и 42/2014), должен е да донесе Решение за одбивање на пристапот до бараната информација, со образложение во кое ќе ги наведе причините за одбивањето. Пред да го одбие пристапот должен е да го направи тестот на штетност, што согласно член 2 алинеја 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на Република Македонија“ бр. 6/2010)“е задолжителна постапка која ја спроведува имателот, со која ги проверува последиците врз интересот кој се заштитува, односно јавниот интерес што би се постигнал со објавувањето на информацијата“. Спроведениот тест на штетност се наведува во образложението на Решението за одбивање на пристапот до бараната информација.
Доколку, пак, ОНЕ – Телекомуникациски услуги ДООЕЛ Скопје, утврди дека документот, или негов дел, содржи информации од членот 6 став 1 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер што можат да се одвојат од документот, без притоа да се загрози неговата безбедност, треба да ги одвои тие информации од документот и да го извести барателот за содржината на останатиот дел од документот, односно на барателот да му овозможи делумен пристап до бараната информација.
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, на барателот му укажува за следното.
Согласно член 3 алинеја 2 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008, 6/2010 и 42/2014), “информација од јавен карактер е информација во која било форма што ја создал или со која располага имателот на информацијата согласно со неговите надлежности“.
Во конкретниот случај, барателот бара одговор на прашање а не информација од јавен карактер, па соодветно на Барањето, имателот одговорил согласно со своите надлежности во законски предвидениот рок и во дел од одговорот навел дека “секогаш постапува согласно важечките законски прописи на Република Македонија, вклучувајќи ги и одлуките на Уставниот суд на Република Македонија“. Со Одлуката на Уставниот суд како што се наведува во одговорот на Жалбата, “…се поништуваат одредби …. и почитувањето на Одлуката е во контекст на нечинење (неприменување на одредби од ЗЕК кои се поништени, а не во контекст на некое чинење“. Од наведеното произлегува дека имателот на информации (операторот) не е должен да презема никакви дејствија во врска со спроведување на оваа Одлука, туку напротив не треба да го применува членот 115 од Законот за електронски комуникации. Комисијата смета дека Одговорот на жалбата дека операторот “секогаш постапува согласно важечките законски прописи на Република Македонија, вклучувајќи ги и одлуките на Уставниот суд на Република Македонија“, претставува и одговор на Барањето.
Согласно член 24 став 4 од истиот Закон, “ако барателот смета дека информацијата со која се запознал, не е информација што ја навел во барањето, може да бара од имателот на информации да му овозможи запознавање со информацијата што ја навел во барањето најдоцна во рок од 10 дена по приемот на повторното барање кај имателот на информацијата“.
Ако имателот на информацијата не одговори на повторното барање на барателот на информацијата, по истекот на рокот утврден во ставот 4 на овој член, барателот на информацијата може да поднесе жалба до Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер.
Во конкретниот случај, имателот постапил по Барањето во законски предвидениот рок и доставил одговор до барателот. Барателот доколку сметал дека информацијата која му е доставена не е информација која ја навел во барањето можел да поднесе повторно барање и во него да наведе дека бара да му се овозможи запознавање со информацијата што ја навел во барањето (член 24 став 4 од Законот).
Иако Комисијата утврди дека во првостепената постапка има недостатоци, тие се такви што не можат да имаат влијание врз решавањето на работата, односно не можат тие недостатоци да бидат причина и основ за поинакво одлучување.
Од наведените причини одлучено е како во диспозитивот на ова Решение.
Ова Решение е конечно во управната постапка и против него нема место за жалба.
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против ова Решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.
* * * * *
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, постапувајќи по Жалбата изјавена од Н.Н. од Скопје, поднесена против Друштво за комуникациски услуги ВИП оператор ДООЕЛ Скопје, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008, 6/2010 и 42/2014), на седницата одржана на 3 јуни 2015 година, го донесе следното
Р Е Ш Е Н И Е
Жалбата изјавена од Н.Н. од Скопје, поднесена против Друштво за комуникациски услуги ВИП оператор ДООЕЛ Скопје по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер:
„Кои дејства ги презеде ВИП Оператор ДООЕЛ Скопје со цел спроведување на одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У. Број 139/2010-0-1 од 15.12.2010 г.?“ СЕ ОДБИВА.
О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, согласно член 28 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008, 6/2010 и 42/2014) ја разгледа Жалбата заведена во Комисијата под број 08-374 на 28.04.2015 година, изјавена од Н.Н. од Скопје, поднесена против Друштво за комуникациски услуги ВИП оператор ДООЕЛ Скопје, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер и другите списи во вска со предметот, и ја ОДБИ како неоснована.
По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот, Комисијата го констатира следното:
Како што се наведува во Жалбата, Н.Н. од Скопје на 09.03.2015 година поднел Барање за пристап до информации од јавен карактер до Друштвото за комуникациски услуги ВИП оператор ДООЕЛ Скопје, со кое побарал да му биде доставена следната информација:
„Кои дејства ги презеде ВИП Оператор ДООЕЛ Скопје со цел спроведување на одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У. Број 139/2010-0-1 од 15.12.2010 г.?“.
Постапувајќи по Барањето за слободен пристап до информации од Новица Наков од Скопје, Друштво за комуникациски услуги ВИП оператор ДООЕЛ Скопје, до барателот на информации доставил Одговор на барање бр. 03-1666/01 од 24.04.2015 година. Во Одговорот е наведено дека:“…со погоре наведената одлука Уставниот суд на РМ не ги поништил сите одредби од сферата на следење на комуникации кои биле имплементирани во тогашната верзија на Законот за електронски комуникации со измените на законот објавен во Службен весник на РМ бр.83/2010. Имено, со одлуката на Уставниот суд на РМ не беа опфатени одредбите на член 115-а и член 115-б каде се опишани мерките и активностите кои комуникациските оператори треба да ги преземат за овозможување на следење на комуникации како и обврската за чување заштита на податоците за опремата, интерфејсот и други податоци поврзани со следење на комуникации.
Согласно ваквата состојба, Вип оператор продолжи да ги применува и да постапува по релевантните одредби од Законот за електронски комуникации кои не беа поништени со Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У.бр. 139/2010-1 од 15.12.2010 година како и одредбите од други релевантни закони наведени погоре кои продолжија да се применуваат.“
Незадоволен од добиениот одговор, Н.Н. од Скопје поднесе Жалба до Комисијата.
Во Жалбата е наведено: “…Согласно фактот што прашањето кое го поставив во Барањето за пристап до информации од јавен карактер се однесува на друго прашање-имено кои дејства ги презел операторот согласно одлуката на уставниот суд и членовите кои се поништуваат, одговорот од имателот е копмлетно неоснован и се однесува на друго прашање кое не е предмет на моето барање.“
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, со допис бр.08-374 од 28.04.2015 година, ја препрати Жалбата до Друштво за комуникациски услуги ВИП оператор ДООЕЛ Скопје и побара во рок од 3 дена да се произнесе по истата и да ги достави до Комисијата сите списи во врска со предметот.
Друштво за комуникациски услуги ВИП оператор ДООЕЛ Скопје до Комисијата достави Одговор на жалба бр. 03-1666/2 од 08.05.2015 година, заведен во Комисијата под бр.08-374 на 11.05.2015 година. Во Одговорот на жалба е наведено: ….“Со оглед дека во своето правно дејство одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни и не им е потребна дополнителна поткрепа, ВИП оператор во доставениот рок се изјасни дека продолжи да ги применува и да постапува по релевантните одредби од Законот за електронски комуникации кои не беа поништени со Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.139/2010-0-1 од 15.12.2010 година како и одредбите на другите релевантни закони наведени погоре кои и понатаму продолжуваат да се применуваат..“
По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот, Комисијата утврди дека Друштво за комуникациски услуги ВИП оператор ДООЕЛ Скопје постапило по Барањето и согласно одредбите на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер до барателот доставил Одговор, но со задоцнување.
Во Одговорот имателот одговорил согласно своите надлежности утврдени во Законот за електронски комуникации но не ја спровел постапката до крај по Бараето согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, како „lex specialis” во областа на слободниот пристап до информации од јавен карактер. Во врска со наведеното Комисијата на имателот на информации му укажува на следното.
Доколку Барањето било непотполно или нејасно со оглед да истото е поставено во вид на прашање, имателот бил должен, согласно член 17 став 1 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, да побара од барателот на информацијата да го дополни Барањето, со укажување на последиците ако тоа не го направи. Барателот е должен да го дополни Барањето во рок од три дена од денот на приемот на известувањето за потребата од дополнување на барањето, односно во рок од три дена од денот на приемот на известувањето за потребата од дополнување на барањето.
Според став 2 од истиот член, службеното лице определено за посредување со информации е должно на барателот да му даде соодветна помош при дополнување на барањето.
Ако барателот не постапи согласно ставовите 1 и 2 на овој член, имателот на информацијата со заклучок ќе констатира дека барањето е повлечено(став 3 од истиот член.)
Ако Барањето и по дополнувањето не ги исполнува условите од член 16 на овој закон и поради тоа имателот на информацијата не може да го разгледува барањето, имателот на информации ќе донесе решение со кое ќе го отфрли барањето“
Доколку имателот на информации не располага со бараната информација, должен е, согласно член 26 став 2 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008, 6/2010 и 42/2014), да донесе Заклучок за прекинување на постапката.
Против наведениот Заклучок, барателот има право да поднесе Жалба до Комисијата.
Доколку имателот смета дека се работи за исклучок од член 6 став 1, алинеја 1од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008, 6/2010 и 42/2014), должен е да донесе Решение за одбивање на пристапот до бараната информација, со образложение во кое ќе ги наведе причините за одбивањето. Пред да го одбие пристапот должен е да го направи тестот на штетност, што согласно член 2 алинеја 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на Република Македонија“ бр. 6/2010)“е задолжителна постапка која ја спроведува имателот, со која ги проверува последиците врз интересот кој се заштитува, односно јавниот интерес што би се постигнал со објавувањето на информацијата“. Спроведениот тест на штетност се наведува во образложението на Решението за одбивање на пристапот до бараната информација.
Доколку, пак, Друштво за комуникациски услуги ВИП оператор ДООЕЛ Скопје, утврди дека документот, или негов дел, содржи информации од членот 6 став 1 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер што можат да се одвојат од документот, без притоа да се загрози неговата безбедност, треба да ги одвои тие информации од документот и да го извести барателот за содржината на останатиот дел од документот, односно на барателот да му овозможи делумен пристап до бараната информација.
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, на барателот му укажува за следното.
Согласно член 3 алинеја 2 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008, 6/2010 и 42/2014), “информација од јавен карактер е информација во која било форма што ја создал или со која располага имателот на информацијата согласно со неговите надлежности“.
Во конкретниот случај, барателот бара одговор на прашање а не информација од јавен карактер, па соодветно на Барањето, имателот одговорил согласно со своите надлежности во законски предвидениот рок и во дел од одговорот навел дека “ продолжи да ги применува и да постапува по релевантните одредби од Законот за електронски комуникации…. “. Од наведеното произлегува дека имателот на информации (операторот) доставил Одговор до барателот што претставува и одговор на Барањето, но со задоцнување.
Согласно член 24 став 4 од истиот Закон, “ако барателот смета дека информацијата со која се запознал, не е информација што ја навел во барањето, може да бара од имателот на информации да му овозможи запознавање со информацијата што ја навел во барањето најдоцна во рок од 10 дена по приемот на повторното барање кај имателот на информацијата“.
Ако имателот на информацијата не одговори на повторното барање на барателот на информацијата, по истекот на рокот утврден во ставот 4 на овој член, барателот на информацијата може да поднесе жалба до Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Во конкретниот случај, имателот постапил по Барањето и доставил одговор до барателот. Барателот доколку сметал дека информацијата која му е доставена не е информација која ја навел во барањето можел да поднесе повторно барање и во него да наведе дека бара да му се овозможи запознавање со информацијата што ја навел во барањето (член 24 став 4 од Законот).
Иако, Комисијата утврди дека во првостепената постапка има недостатоци, тие се такви што не можат да имаат влијание врз решавањето на работата, односно не можат тие недостатоци да бидат причина и основ за поинакво одлучување.
Од наведените причини одлучено е како во диспозитивот на ова Решение.
Ова Решение е конечно во управната постапка и против него нема место за жалба.
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против ова Решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.
* * * * *
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, постапувајќи по Жалбата изјавена од Н.Н. од Скопје, поднесена против Агенцијата за електронски комуникации, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008, 6/2010 и 42/2014), на седницата одржана на 3 јуни 2015 година, го донесе следното
Р Е Ш Е Н И Е
Жалбата изјавена од Н.Н. од Скопје, поднесена против Агенцијата за електронски комуникации, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер: „Кои дејствија ги презеде Агенцијата за електронски комуникации со цел утврдување на спроведувањето на Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.139/2010-0-1 од 15.12.2010 г. од страна на телекомуникациските оператори “, СЕ ОДБИВА.
О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, постапувајќи согласно член 28 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008, 6/2010 и 42/2014), ја разгледа Жалбата бр.08-370 од 23.04.2015 година, изјавена од Н.Н. од Скопје, поднесена против Агенцијата за електронски комуникации, по Барањето за пристап до информации од јавен карактер и ЈА ОДБИ како неоснована.
По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот, Комисијата го констатира следното:
Како што се наведува во Жалбата, Н.Н. од Скоје на 10.03.2015 година поднел Барање за пристап до информации од јавен карактер до Агенцијата за електронски комуникации со кое побарал по пошта да му биде доставена фотокопија од следната информација:
“Кои дејствија ги презеде Агенцијата за електронски комуникации со цел утврдување на спроведувањето на Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.139/2010-0-1 од 15.12.2010 г. од страна на телекомуникациските оператори “.
Агенцијата за електронски комуникации не постапила по Барањето на барателот во законски предвидениот рок, поради што барателот на 23.04.2015 година достави Жалба до Комисијата.
Комисијата, со допис бр.08-370 од 27.04.2015 година, ја препрати Жалбата до Агенцијата за електронски комуникации и побара во рок од три дена да се произнесе по истата и до Комисијата да ги достави сите списи во врска со предметот.
Агенцијата за електронски комуникации на 11.05.2015 година достави Одговор на жалба бр.0201-991/3 од 07.05.2015 година, заведен во Комисијата под бр. 08-370. Во Одговорот на жалба е наведено: “…Постапката за следење и снимање на телефонските и други електронски комуникации, начинот на постапување, чување и користење на податоците и доказите прибавени со следење на комуникациите и контролата на законитоста на следење на комуникациите се уредува со Законот за следење на комуникациите (“Службен весник на Република Македонија бр.121/06.110/08 и 116/12.)…..Надлежноста на Агенцијата за електронски комуникации е утврдена во членот 34 од Законот за електронски комуникации, според кој Агенцијата врши надзор над оператори и други правни и физички лица кои вршат активности на обезбедување на електронски комуникации, прописите донесени врз основа на него, обврските наметнати од нејзина страна, како и на усогласеноста со условите утврдени за користење на радиофреквенции и за користење на броеви и/или серии на броеви.
Од причина што со Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија донесена на 15 декември 2010 година беа поништени одредбите кои што се однесуваа на следење на комуникациите од Законот за електронски комуникации (Службен весник на Република Македонија бр.13/2005, 14/2007, 98/2008 и 83/2010) во периодот од 15.12.2010 година па се до 05.03.2014 година кога влезе во сила новиот Закон за електронски комуникации, не постоеше законски основ за спроведување на надзор на Агенцијата за електронските комуникации на работата на телекомуникациските оператори во врска со следењето на комуникациите…..“
Агенцијата за електронски комуникации на 26.05.2015 година до Комисијата достави меил со кој ја известува дека до барателот ја доставиле бараната информација.
Во прилог на Дописот доставен е одговор до барателот заведен под број 0201-991/4 од 26.05.2015 година.
По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот Комисијата утврди дека Агенцијата за електронски комуникации не постапила согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и до барателот во законски предвидениот рок не доставила одговор по бараната информација туку одговорот го доставила со задоцнување.
Во Одговорот имателот одговорил согласно своите надлежности утврдени во Законот за електронски комуникации но не постапил согласно роковите утврдени во Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, како „lex specialis” во областа на слободниот пристап до информации од јавен карактер.
Исто така, Комисијата укажува на следното:
Согласно член 3 алинеја 2 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008, 6/2010 и 42/2014), “информација од јавен карактер е информација во која било форма што ја создал или со која располага имателот на информацијата согласно со неговите надлежности“.
Во конкретниот случај, барателот бара одговор на прашање, а не информација од јавен карактер, па соодветно на Барањето, имателот одговорил согласно со своите надлежности но со задоцнување. Од наведеното произлегува дека имателот на информации (операторот) доставил Одговор до барателот што претставува и одговор на барањето.
Иако, Комисијата утврди дека во првостепената постапка има недостатоци, тие се такви што не можат да имаат влијание врз решавањето на работата, односно не можат тие недостатоци да бидат причина и основ за поинакво одлучување.
Поради ова, Комисијата одлучи како во диспозитивот на ова Решение.
Ова Решение е конечно во управната постапка и против него нема место за жалба.
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против ова Решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.
* * * *
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, постапувајќи по Жалбата изјавена од А.И. од Велес, поднесена против Агенцијата за катастар на недвижности-Одделение за катастар на недвижности-Велес, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006,86/2008, 6/2010 и 42/2014) на седницата одржана на 03 јуни 2015 година, го донесе следното
Р Е Ш Е Н И Е
Жалбата изјавена од А.И. од Велес, поднесена против Агенцијата за катастар на недвижности-Одделение за катастар на недвижности-Велес, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, “1.Барам да ми се издаде Уверение за движење на имотот на И.Л5174 за КО Велес
– Кој е основот за првиот упис, односно правниот акт кога е прибележано правото на имотниот лист
– Последователно сите списоци на промени на сопственоста, правниот акт со што се поткрепува промената на сопственоста, датумот кога е сторено тоа како и решението за извршената управна постапка на сите списи.“СЕ ОДБИВА.
Заклучокот на Агенцијата за катастар на недвижнсти број 1123-55-01; 1123-66-01 од 25.03.2015 година, СЕ ПОТВРДУВА.
О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, врз основа на член 28 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006,86/2008, 6/2010 и 42/2014), ја разгледа Жалбата бр.08-372 од 23.04.2015 година, изјавена од А.И. од Велес, поднесена против Заклучокот на Агенцијата за катастар на недвижности-Одделение за катастар на недвижности-Велес број.1123-55-01; 1123-66-01 од 25.03.2015 година за пристап до информации од јавен карактер ЈА ОДБИ како неоснована и утврди дека Заклучокот на првостепениот орган е правилен и врз закон заснован.
По разгледувањето на Жалбата и другите списи во врска со предметот, Комисијата го констатира следното.
А.И. од Велес на 04.03.2015 година поднел Барање за пристап до информации од јавен карактер до Агенцијата за катастар на недвижности-Одделение за катастар на недвижности-Велес, заведено под број.1123-55-01 и побарал во писмена форма да му ги достават следните информации:
“1. Барам да ми се издаде Уверение за движење на имотот на И.Л5174 за КО Велес
– Кој е основот за првиот упис, односно правниот акт кога е прибележано правото на имотниот лист
– Последователно сите списоци на промени на сопственоста, правниот акт со што се поткрепува промената на сопственоста, датумот кога е сторено тоа како и решението за извршената управна постапка на сите списи.“
Агенцијата за катастар на недвижности-Одделение за катастар на недвижности-Велес, на 09.03.2015 година му достави на А.И. од Велес, Известување бр.1123-55-01/2015 каде се наведува дека:“..Согласно важечкиот тарифник по кој АКН постапува е потребно да извршите уплата од 600,00 денари за историјат…а во врска со тоа доколку барате и увид во списи поврзани со имотот од ИЛ.бр.5174 КО Велес е потребен доказ за уплатен износ од 200,00 денари…..Од горенаведеното Ве информираме дека е потребно да го дополните со соодветна уплата и прецизирате Вашето барање во рок од 3 дена…“
Во врска со наведеното на 13.03.2015 година до Агенцијата за катастар на недвижности-Одделение за катастар на недвижности-Велес доставен е Поднесок од А.И. заведен под број.1123-66-01 каде се наведува: “1.Согласно чл.20 ст.1од законот, треба да изготвите записник како имател на информацијата во вид на уверение кое согласно закон е јавна исправа; 2.Во записникот треба да го прибележите основот за упис на ИЛ 5174 за КО Велес; 3.За препис од јавните книги за списокот за сите промени треба да го поткрепите со кој ПРАВЕН АКТ е направена промената односно кое е решението за извршената управна постапка; 4.За извршениот препис на сите информации на една страница од лист А-4 формат согласно одлуката за утврдување надоместок за материјалните трошоци на имателот на информации ви должам по 5(пет) денари кој дополнително ке ги утврдите при подигањето на уверението или доставата на посочената адреса.“
Барателот не постапил по доставеното известување, поради што Агенцијата за катастар на недвижности-Одделение за катастар на недвижности-Велес на 25.03.2015 година донесе Заклучок за повлекување на барањето.
Незадоволен од Заклучокот на Агенцијата за катастар на недвижности-Одделение за катастар на недвижности-Велес бр.11-23-55-01; 1123-66-01 од 25.03.2015 година, А.И. од Велес поднесе Жалба до Агенцијата за катастар на недвижности-Одделение за катастар на недвижности-Велес, заведен под број.1123-107-01 од 07.04.2015 година.
Агенцијата за катастар на недвижности-Одделение за катастар на недвижности-Велес, на 23.04.2015 година до Комисијата ја достави Жалбата бр.1123-107-01 од 07.04.2015 година со комплет списи, а во Комисијата заведена под бр.08-372 на 23.04.2015 година. Во прилог на Жалбата ги достави сите списи во врска со предметот.
По разгледувањето на Жалбите и другите списи во врска со предметот, Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер утврди дека Агенцијата за катастар на недвижности-Одделение за катастар на недвижности-Велес постапила согласно одредбите на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Но, во врска со наведеното Комисијата на барателот му укажува на следното.
Кога постои законски утврден Тарифник, како што е во конкретниов случај по кој имателот на информацијата дава фотокопија или препис од документи или овозможува вршење увид во предмет, се применува наведениот Тарифник место Одлуката за надомест на материјалните трошоци донесена од Владата на РМ врз основа на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Од досегашното работење, Комисијата има утврдено дека Агенцијата за катастар на недвижности, Централниот регистар на Р.Македонија и Судовите, имаат утврдено Тарифник по кој вршат надомест на трошоците (наплатуваат) за посредување со документи кои произлегуваат од вршење на нивната надлежност односно дејност.
Врз основа на горенаведеното, Комисијата утврди дека Агенцијата за катастар на недвижности-Одделение за катастар на недвижности-Велес постапила правилно и го известила барателот дека за да му овозможи пристап до бараните информации е должен да плати одреден надоместок. Со оглед на тоа што барателот не постапил по Известувањето и не доставил доказ за уплатен надоместок за фотокопии од бараните документи во определениот рок, Агенцијата за катастар на недвижности-Одделение за катастар на недвижности-Велес постапила согласно член 17 став 3 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008, 6/2010 и 42/2014) и донела Заклучок со кој констатирала дека Барањето е повлечено поради што постапката се запира.
Поради погоре изложеното, Комисијата одлучи како во диспозитивот на ова Решение.
Ова Решение е конечно во управната постапка и против него нема место за жалба.
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против ова Решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.
* * * * *
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер постапувајќи по Жалбата изјавена од Здружението на граѓани Центар за граѓански комуникации ЦГК-Скопје, поднесена против Агенцијата за вработување на Република Македонија, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер, врз основа на член 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008, 6/2010 и 42/2014), а во врска со член 223 од Законот за општата управна постапка, на седницата одржана на 03 јуни 2015 година, го донесе следниот
З А К Л У Ч О К
СЕ ЗАПИРА постапката по Жалбата изјавена од Здружението на граѓани Центар за граѓанки комуникации-ЦГК-Скопје, поднесена против Агенцијата за вработување на Република Македонија, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер:
“Ве молиме за постапката за јавна набавка на услуги број 2/2015 да ни ги доставите:
– дали е спроведено истражување на пазарот и по кој основ или е побарана согласност/и од Советот за јавни набавки
– извештајот за спроведената постапка за доделување на договор за јавна набавка
– одлуката за избор на најповолна понуда или поништување на постапката која одговорното лице ја донесе во врска со постапката
– извештај за спроведента е-аукција.“, поради тоа што барателот ја добил бараната информација.
О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, согласно член 28 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (“Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008, 6/2010 и 42/2014),“ ја разгледа Жалбата заведена во Комисијата под број 08-364 на 15.04.2015 година, изјавена од Здружението на граѓани Центар за граѓански комуникации ЦГК-Скопје, поднесена против Агенцијата за вработување на Република Македонија, по предметот Барање за пристап до информации од јавен карактер и другите списи во врска со предметот и го утврди следното:
Како што се наведува во Жалбата, Здружението на граѓани Центар за граѓанки комуникации-ЦГК-Скопје, на 17.03.2015 година поднело Барање за пристап до информации од јавен карактер број 0302-479/1 до Агенцијата за вработување на Република Македонија, со кое побарал по пошта и е-маил да му ја достават следната информација:
“Ве молиме за постапката за јавна набавка на услуги број 2/2015 да ни ги доставите:
-дали е спроведено истражување на пазарот и по кој основ или е побарана согласност/и од Советот за јавни набавки
-извештајот за спроведената постапка за доделување на договор за јавна набавка
– одлуката за избор на најповолна понуда или поништување на постапката која одговорното лице ја донесе во врска со постапката
– извештај за спроведенaта е-аукција.“,
Агенцијата за вработување на Република Македонија, како што е наведено во Жалбата, во врска со ова Барање до барателот доставила Одговор на барање за пристап до информации од јавен карактер бр.03-502/2 од 01.04.2015 година.
Незадоволно од наведениот Одговор, Здружението на граѓани-Центар за граѓански комуникации-ЦГК-Скопје, преку полномошникот С.Ф. од Скопје, поднесе Жалба до Комисијата.
Комисијата со допис бр.08-364 од 16.04.2015 година, ја препрати Жалбата до Агенцијата за вработување на Република Македонија и побара во рок од три дена да се произнесе по истата и до Комисијата да ги достави сите списи во врска со предметот.
Агенцијата за вработување на Република Македонија на 11.05.2015 година, до Комисијата достави Допис – Доставување списи бр.03-502/4 од 30.04.2015 година, а во Комисијата заведено под бр.08-364. Во Дописот ги достави сите списи во врска со предметот.
На 21.05.2015 година, Здружението на граѓани Центар за граѓански комуникации ЦГК-Скопје, преку е-маил ја извести Комисијата дека се задоволни од добиениот одговор.
Врз основа на наведеното Комисијата утврди дека Агенцијата за вработување на Република Македонија, постапила по Барањето, но со задоцнување. Комисијата констатира дека во конкретниот случај битно е дека имателот постапил по Барањето, а барателот добил одговор на Барањето.
Согласно член 44 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер „Глоба во износ од 300 до 500 евра во денарска противвредност за прекршок ќе му се изрече на службеното лице за посредување со информации кај имателот на информацијата доколку во предвидениот рок неосновано не ја посредува информацијата согласно со членот 21 од овој закон.“
Поради горенаведеното, Комисијата одлучи како во диспозитивот на овој Заклучок.
Овој Заклучок е конечен во управната постапка и против него нема место за жалба.
УПАТСТВО ЗА ПРАВНО СРЕДСТВО: Против овој Заклучок може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.