Градежен факултет-Скопје, како единствена високообразовна установа со настава на 1, 2 и 3 циклус на студии од областа на градежништвото, геодезијата и геотехниката во нашата држава, има обврска да образува високостручен кадар кој со своите вештини и компетенции ќе биде способен да одговори на задачите и на развојните текови во струката. Исполнувањето на оваа обврска, меѓудругото, бара и соработка со градежните фирми и институциите на системот. Градежниот факултет секогаш бил и ќе остане отворен за соработка, отворен за сите позитивни идеи и развојни планови кои можат да придонесат во квалитетот на студиите, стручното обликување и насочување на идните дипломирани инженери.

Фондацијата за стипендирање студенти е една од формите и можностите за меѓусебна соработка со градежните фирми и институти во остварувањето на заедничките цели.

Фондацијата е основана со Одлука донесена на 309 седница на ННС на Градежниот факултет од 20.05.2004 година. Како основни цели и задачи на Фондацијата се:

 

– овозможување на подобри услови за студентите на Градежниот факултет,

– стипендиите да бидат дополнителен мотив за поуспешно студирање и обезбедување на квалитетен стручен кадар способен да одговори на предизвиците на современото градежништво,

– фондацијата да претставува форум преку кој фирмите од градежната индустрија ќе можат да ги изнесат своите видувања за образувањето на новите кадри согласно на нивните актуелни потреби.

 

Во недостиг на градежни фирми и институти, со цел најдобрите студенти да останат мотивирани, Градежен факултет-Скопје доделува стипендии од сопствени средства. Свеченото доделување на стипендиите секоја година се врши на 6 октомври, Денот на Градежен факултет.

 

Стипендии на прв циклус на студии

Стипендирањето на новозапишаните студенти во прва година се врши согласно поените остварени при упис на Градежен факултет. Првите 10 рангирани со најголем број поени при упис на Градежен факултет, независно на која студиската програма, добиваат стипендии од Универзитет „Св. Кирил и Методиј“. Студентите рангирани од 11 до 20 место при упис на Градежен факултет, независно на која студиската програма, добиваат стипендии од Фондацијата за стипендирање студенти на Градежен факултет.

Стипендирањето во втора и трета година се врши на најмногу 10 студенти од секоја година, и тоа на студентите кои оствариле просек од најмалку 9.00 и ги положиле сите предмети заклучно со сесијата август/септември.

Стипендии на втор циклус на студии

Стипендирањето на новозапишаните студенти на втор циклус на студии се врши според претходно остварениот успех во прв циклус на студии, при што се стипендираат најмногу 5 студенти кои во континуитет ја задржале стипендијата во прв циклус на студии и оствариле просек од најмалку 9.00.

Стипендирањето во втора година се врши на студентите кои оствариле просек од најмалку 9.00 и ги положиле сите предмети заклучно со сесијата август/септември.

Стипендисти на прв и втор циклус во академската 2017/2018